Ангеловска: Парите на граѓаните онаму каде ќе дадат најдобар ефект

Предлог буџетот за 2020 година, е реален, ги лоцира приоритетите и ги алоцира парите на граѓаните онаму каде што ќе дадат најдобар ефект и резултати.

Тоа го истакна ресорната министерка Нина Ангеловска денеска пред матичната собраниска Комисија која ја почна расправата за буџетската каса на државата за 2020.

Буџетот за наредната година ќе изнесува 3,615 милијарди евра. Капиталните инвестиции се проектирани на ниво од 23 милијарди денари, а 56 отсто од вкупните буџетски расходи се за области врз кои се потпира човечкиот капитал. Буџетските проекции се врз основа на предвиден раст за следната година од 3,8 отсто од БДП и дефицит од 2,3 отсто.

Како што потенцираше Ангеловска, Предлог буџетот за следната година е фокусиран на инвестиции во човечки капитал, ќе обезбеди поддршка на домашната економија, продолжување на инфраструктурните проекти, поттикнување нови инвестиции и работни места, зголемен доход за домаќинствата со раст на платите и пензиите….

Индексот на човечки капитал во нашата земја изнесува 0,53. Тоа, укажа министерката, значи дека денешните деца кога ќе пораснат, ќе користат само 53 проценти од својот потенцијал, согласно со условите кои што им се обезбедуваат, рече Ангеловска истакнувајќи дека инвестициите во столбовите на човечкиот капитал не само што се оправдани, туку се и неопходни. За таа намена во Предлог буџетот за 2020 година се издвоени 154 милијарди денари за функциите на здравството, образованието и социјалната заштита.

Ангеловска потенцираше дека проектираниот економски раст за следната година од 3,8 проценти, е согласно со очекувањата за движењето на домашната побарувачка, како и предвидувањата за меѓународното економско окружување, како и дека е на линија со најновите проекции на ММФ и на Народната банка. Тоа е уште еден доказ дека во Буџетот тргнуваме од реални претпоставки како најсоодветен инпут за реални фискални проекции и одговорна фискална политика, нагласи Ангеловска.

Во домашната економија се очекува да продолжи силниот позитивен ефект на приватниот сектор, при дополнителен позитивен ефект од владините политики и мерки.

Растот на приватната потрошувачка е проектиран на 3,3 проценти, придвижена од очекуваното зголемување на доходот на домаќинствата, што е одраз на предвидениот раст на платите и вработеноста во економијата, поттикнат од владините мерки за зголемување на нивото на платите, мерките за намалување на невработеноста, како и активација и зајакнување на социјалната заштита на ранливите категории на население. Проекцијата за раст на јавната потрошувачка за следната година изнесува два процента.

Бруто-инвестициите во 2020 година е предвидено да се зголемат за осум проценти на реална основа. Позитивен придонес врз растот на инвестициите се очекува да имаат планираните инвестиции на јавниот сектор, посебно тие во патната инфраструктура, странските инвестиции во технолошко индустриските развојни зони, како и постојаната поддршка на инвестициската активност на домашните и странските претпријатија, поддршката на иновативната дејност и технолошкиот развој.

Растот на извозот се очекува да продолжи во 2020 година, но со нешто послаба динамика во однос на 2019 година. Проекцијата за реалниот раст на извозот на стоки и услуги изнесува 8,3 проценти придвижен од извозот на новите индустриски капацитети ориентирани кон извоз, поддржан и од мерките за поттикнување на извозот и освојувањето на нови пазари. Проектираниот раст на домашната побарувачка и извозната активност условуваат пораст на увозот на стоки и услуги, којшто во 2020 година се очекува да изнесува 8,7 проценти.

Според Предлог буџетот, стапката на инфлација во 2020 година се очекува да остане ниска, односно 1,7 проценти, проекцијата за раст на бројот на вработени изнесува 2,1 процент, а на просечната нето-плата 6,3 проценти на номинална основа. Дефицитот на тековната сметка на платниот биланс се очекува да остане низок во износ од 1,2 процента од БДП.

Вкупните приходи на Буџетот на Република Македонија за 2020 година се планираат на ниво од 222,3 милијарди денари, а расходите 239,7 милијарди денари. Планираните приходи и расходи резултираат со намалување на буџетскиот дефицит на ниво од 2,3 проценти од БДП или 17.385 милиони денари во апсолутен износ.

Даночните приходи за 2020 година се планирани во износ од 130,1 милијарди денари. Најголемо учество во даночните приходи има данокот на додадена вредност и тоа 42,8 проценти, додека на акцизите отпаѓаат 22,2 процента. За социјални придонеси се одвојуваат 67 милијарди денари.

Според Ангеловска, планираните вкупните расходи се во функција на редовно и навремено исполнување на сите законски обврски, како и за поддршка на домашната економија, силна поддршка на приватниот сектор и граѓаните, инвестиции во човечките потенцијали, забрзана реализација на инфраструктурните проекти, поттикнуваање странски инвестиции и иновативност на домашните компании, поддршка на политиките за пораст на економијата и на животниот стандард на населението, за обврските од членството во НАТО, за која намена е обезбеден досега највисокиот буџет од 10 милијарди денари за Министерството за одбрана, а обебзедени се пари и за парламентарни избори во 2020 година.

Во Буџетот за следната година за исплата на плати ќе се потрошат 30,6 милијарди денари, а во тие средства е планиран ефектот од веќе реализираното покачување на платите за пет проценти за вработените кај буџетските корисници во последниот квартал од годинава, како и ефектот од новото зголемување на платите на вработените во образовните институции на централно ниво за 10 проценти.

Следната година за тековните трансфери и субвенции ќе се трошат 156,4 милијарди денари. За социјални трансфери се планирани 116 милијарди денари, а 60,7 милијарди денари се наменети за исплата на зголемени пензии . Пензиите се покачуваат за околу 700 денари почнувајќи од јануари. Тоа зголемување е предвидено како дополнително, над редовната индексација со трошоците на живот, со цел да се овозможи соодветно ниво на пораст на животниот стандард и кај повозрасните лица, следејќи го подобрениот животен стандард на вработените, како и економските параметри (посебно порастот на просечната плата и минималната плата), појасни Ангеловска.

За спроведување на активните политики и мерки за вработување, пак,се планирани 1,3 милијарди денари и тоа, укажа Ангеловска, е највисок износ на буџетски средства досега по тој основ.

Во областа здравствена заштита се планирани 33,7 милијарди денари, односно за 2,8 милијарди денари повеќе во однос на годинава. Најголем дел од тие пари се наменети за финансирање на здравствените услуги и превземените мерки во оваа област како зголемување на капитацијата, достапност на лековите во текот на целиот месец, зголемување на надоместоците на специјалистите, како и за зголемување на платите на медицинскиот кадар во јавните здравствени установи. Со буџетот за 2020 година, најави министерката за финансии, е предвидено покачување на платите од февруари кај специјалистите за 25 проценти, кај општите лекари за 15 проценти, кај сестрите за 10 проценти, додека кај здравствените соработници за 5 проценти.

– За зголемување на конкурентноста на приватниот сектор, преку мерки за нови инвестициски вложувања, мерки за поддршка на извозот и освојување на нови пазари, поддршка за создавање нови вработувања, поддршката на малите и средните претпријатија, иновативната дејност, технолошки развој и истражување и странските инвестиции во технолошко индустриските развојни зони планирани се средства во износ од околу три милијарди денари, најави Ангеловска.

Од вкупно планираните 23,6 милијарди денари за капитални инвестиции, 36 проценти отпаѓаат на патната и железничка инфраструктура, комунална и енергетска инфраструктура. Меѓу останатото, треба да продолжи реализацијата на првата и втората фаза од пругата кон Бугарија, реконструкцијата на железничката пруга на Коридор X, а следната година со заем од Светска банка ќе се реализира проект за локални патишта, преку ИПА средства продлжува изградбата на патната делница Градско- Дреново, Куманово- Страцин… Ќе се троши и за изградбата на првата фаза од националниот гасоводен систем, делница Штип – Неготино – Битола и делница Скопје – Тетово – Гостивар, а со интензивирана динамика ќе продолжи изградбата на водоводните и канализационите системи во општините финансирани од сопствени извори и со средства од кредитни линии од ЕИБ и КФВ банката.

Проектираниот буџетски дефицит за 2020 година изнесува 17,4 милијарди денари, односно 2,3 проценти од БДП, согласно определбата за постепена фискална консолидација, која ќе допринесе за одговорно располагање со парите на граѓаните. Покрај за покривање на дефицитот, како што рече Ангеловска, ќе бидат потребни и 43,2 милијарди денари за отплати на долгови, со што вкупните потреби за финансирање во 2020 година изнесуваат 60,6 милијарди денари. Тие средства ќе се обезбедат преку комбинација на задолжување во странство и на домашниот пазар.

Разликата меѓу новото задолжување и отплатата на стари долгови во 2020 година ќе изнесува 19,7 милијарди денари (12,3 милијарди денари нето-домашно задолжување преку државни хартии од вредност и 7,4 милијарди денари нето-надворешно задолжување). Со тие средства, ќе се покрие буџетскиот дефицит од 17,4 милијарди денари, а на сметка ќе се акумулираат 1,1 милијарди денари како депозит (и дополнително ќе се отплатат 1,5 милијарди денари структурни обврзници за денационализација и обврзници за надоместување на селективни кредити на НБРСМ).

-Стабилноста на долг рок подразбира државата да биде подготвена за навремено враќање на големите и скапи кредити кои беа земени во минатото, а кои треба да се вратат со буџетот за 2020 година и како и во наредните буџетски години. Во овој контекст треба да се имаат во предвид 2020 и 2021 година кога за враќање доспеваат околу 835 милиони евра само по основ на само три големи претходни задолжувања (втора рата од PBG заем од 2013 година во износ од 155 милиони евра, евро-обврзница од 500 милиони евра издадена во 2014 година и остаток од еврообврзница од 180 милиони евра издадена во 2015 година). На овој износ треба да се додадат и останатите отплати на долгови на домашен и странски пазар, образложи Ангеловска.

Таа во експозето потенцираше и дека реализацијата на приходите и приливите од почетокот на годинава е генерално во рамки на очекувањата, плаќањата на расходите се реализираат редовно и навремено, а растот на економската активност во првото полугодие достигна 3,6 проценти. Вработеноста во второто тримесечје е зголемена за 5,2 проценти, просечната нето-плата е зголемена за 3,7 проценти (894 денари) во првите девет месеци од годинава. Дефицитот е за 606 милиони денари понизок од остварениот дефицит во истиот период минатата година. Долгот во текот на оваа година, како што рече ресорната министерка, остана стабилен, без поголеми промени, а споредено со крајот на 2018 година, државниот долг бележи намалување и е понизок за 1,4 процентни поени од БДП, a јавниот долг е понизок за 0,9 процентни поени. /МИА

Газпром прва пат по 20 години работи во минус- загубиле 6,9 милијарди долари

Рускиот гасен гигант Газпром денеска објави дека забележал нето загуба од 629 милијарди рубљи (6,9 милијарди долари) во 2023 година, завршувајќи ја годината во црвено за прв пат по повеќе од 20 години.

Рускиот гасен гигант Газпром денеска објави дека забележал нето загуба од 629 милијарди рубљи (6,9 милијарди долари) во 2023 година, завршувајќи ја годината во црвено за прв пат по повеќе од 20 години, при што продажбата на гас во Европа е приближно преполовена, според Ројтерс.

Веќе во 2022 година, нето добивката на Гаспром потона, според Меѓународните сметководствени стандарди (МСФИ), за 41,4 отсто, на 1.226 трилиони рубљи (15,77 милијарди долари).

Заработката пред камати, даноци, амортизација (EBITDA) е приближно преполовена, на 1,76 трилиони рубљи, откако стагнираше во 2022 година.

Вкупниот приход на Гаспром паднал во 2023 година за 27,4 отсто, на 8,5 милијарди рубљи. Приходите од продажбата на гас биле „двојно помали отколку во 2022 година и изнесувале 3,1 трилиони рубљи“, според извештајот на новинската агенција Тас.

Приходите од продажба на нафта, гасен кондензат и „преработени гасни производи“ се зголемени за 4,3 отсто, на 4,1 трилиони рубљи.

Компанијата не објавува податоци за извозот од почетокот на 2023 година. На почетокот на годината, Ројтерс пресметале, врз основа на податоците од европската групација за транспорт на гас Ентсог и дневните извештаи на Гаспром за транзитот на гас преку Украина, дека извозот на гас во Европа во 2023 година бил приближно преполовен на 28,3 милијарди кубни метри.

Според податоците на Гаспром и пресметките на Ројтерс, Русија во 2022 година испорачала околу 63,8 милијарди кубни метри гас во Европа преку различни рути. Вкупниот обем на извоз на гас таа година бил речиси преполовен, на 101 милијарда кубни метри.

Извозот на руски гас во Европа, некогаш примарен извозен пазар, опаднал поради политичките последици од конфликтот во Украина, а Гаспром денес е највидливата жртва на западните санкции, забележува Ројтерс.

„Газпром“ моментално испорачува гас за Европа преку гасовод што ја минува границата со Украина само во една точка. Уште една транзитна точка е блокирана од Украина поради, како што наведоа, пренасочување на гас во област под руска контрола.

Гасоводите Северен тек 1 и 2 беа сериозно оштетени во експлозија во септември 2022 година, чија причина се уште не е разјаснета. Европските влади се сомневаа дека зад саботажата стои „државен актер“. Шведска, Данска и Германија покренаа истрага, а во февруари Стокхолм и Копенхаген објавија дека истрагата е затворена и наодите ги проследија до Германија.

Германија одбива да ги објави резултатите од истрагата, повикувајќи се на националната безбедност.

Сопственик на оштетените гасоводи е конзорциумот „Северен тек“ со седиште во Швајцарија, во кој покрај „Газпром“ со сопственички удел од 51 отсто се и германските енергетски компании „Винтершал Деа“ и „Е.ОН“, француската „Енџи“ и холандската „Гасуние“.

Конзорциумот бара од своите осигурителни повеќе од 400 милиони евра поради експлозиите кои сериозно ги оштетија гасоводите и спречија испорака на руски гас во Германија, според судските поднесоци.

Во тужбата поднесена во февруари до Високиот суд во Лондон, Nord Stream AG ги именуваше Lloyd's Insurance Company и Arch Insurance, кои го сервисираа офшор проектот, како обвинети. Лојд го ​​тужеше во свое име, но и како претставници на други осигуреници издадени од осигурителни компании, вклучително и Минхен Ре.

Осигурениците се расправаат пред Високиот суд во Лондон дека нивните полиси не покриваат штета што е „директна или индиректна последица“ на војната, се вели во писмен документ од 8 април.

ЦУК: Куче паднато во шахта ги остави без интернет „Филип Втори“ и „Букурешт“

Куче кое паднало во шахта, изгризало оптички кабли на „Македонски телеком“ и без интернет денеска околу 8 часот останале дел од ПЗУ „Филип Втори“ и поликлиниката „Букурешт“ во Скопје, информираа вечерва од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

- По пријава дека нема интернет во тој реон, вработените од „Телеком“, откако го лоцирале и пронашле проблемот за прекин на оптичкиот интернет, не се осмелувале да слезат во шахтата, каде што било и кучето. Околу 15 часот се јавиле на единствениот број за итни случаи - 112 во ЦУК. Дежурните од секторот Е-112 и секторот СОК во ЦУК, бидејќи бил неработен ден, не можеле да стапат во контакт со Јавното претпријатие „Лајка“ од Скопје, па, покрај предвидените оперативни процедури, го премостиле проблемот. Тие ги поврзале активистите на граѓанската иницијатива „Кане корзо“ со вработените од „Телеком“ за понатамошна заедничка постапка, соопштија од ЦУК.

Кога го извадиле кучето од шахтата, вработените од „Телеком“ го отстраниле дефектот.

Ковачевски: На 8-ми мај да го спречиме ВМРО повторно да го донесе режимот

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски ги повика граѓаните масовно да излезат на гласањето на 8-ми мај и да ги поддржат кандидатските листи на Коалицијата за европска иднина.

Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски ги повика граѓаните масовно да излезат на гласањето на 8-ми мај и да ги поддржат кандидатските листи на Коалицијата за европска иднина, бидејќи тоа е единствен начин да се спречи ВМРО ДПМНЕ повторно да го донесе режимот.

„Немајте дилема дека ништо во оваа земја нема да се помести ни милиметар напред со ВМРО. Ги знаеме дека се добри глумци. Ќе глумат дека работат, а во реалноста нема ништо да се смени. Го гледавме тоа со Груевски 11 години, знаеме како изгледа. Последно нешто што сакаме е лоша и евтина реприза на неговото владеење“, рече Ковачевски за време на својот говор на вечерашниот митинг во Кочани.

Тој истакна дека СДСМ е единствената политичка партија која без оглед на сѐ, никогаш нема да се откаже од инклузијата, карактеристика која константно придонесува мултиетничкиот карактер на Македонија да биде наша предност и адут, а не камен на сопнување. Ги повика Мицкоски, Силјановска – Дафкова и Ахмети да престанат со опасните наративи, кои лесно може да предизвикаат етничка нетрпеливост.

„Граѓаните знаат дека на сите нѝ треба европска иднина, а не враќање 20 години во закопаното минато. Престанете со препукувањата, со скандирањата и заканите. Тие никому не носат добро. Имаме морална должност кон себе си, кон нашите деца и идните генерации, да се „препукуваме“ со идеи и проекти, а не со закани и заплашувања. Нашите гласачи очекуваат издржани решенија и активности, не скандирања, навреди и недостоинствен однос“, порача Ковачевски.

На вечерашниот митинг во Кочани, претседателот на Социјалдемократскиот Сојуз, Димитар Ковачевски, порача дека СДСМ мора да биде силна во собранието, со добри пратеници, затоа што во спротивно, доколку ВМРО-ДПМНЕ добие преголема институционална моќ, тоа ќе значи крај на нашите ЕУ перспективи.

„Ги знаеме какви се. Тие ќе ја одложуваат евроинтеграцијата во недоглед. ВМРО немаат ниту план, ниту издржана програма, ниту пак се доследни во остварувањето на стратешките цели на државата. Така правеше и Груевски, а тие само ќе продолжат кај што застана тој. Немајте дилема дека ништо во оваа земја нема да се помести ни милиметар напред со ВМРО. Ги знаеме дека се добри глумци. Ќе глумат дека работат, а во реалноста нема ништо да се смени. Го гледавме тоа со Груевски 11 години, знаеме како изгледа. Последно нешто што сакаме е лоша и евтина реприза на неговото владеење“, вели Ковачевски.

Тој посочува дека големата излезност на 8-ми мај и поддршката за СДСМ и коалицијата е од исклучителна важност, заоа што нема друг начин да се спречи режимот на ВМРО-ДПМНЕ повторно да се врати на власт.

Ковачевски додава и дека СДСМ е единствената поличка партија која никогаш нема да се откаже од инклузивноста, како главна карактеристика на партијата која придонесва за градењето на мултиетничкиот карактер на државата како предност и адут, а не камен на сопнување.

„Но, деновиве, за жал, се изнаслушавме опасни наративи кои може лесно да го разгорат огнот на меѓуетничката нетрпеливост. Лидерите на ВМРО и на ДУИ, но и претседателскиот кандидат Давкова се однесуваат во најмала рака неодговорно и кон државата и кон граѓаните. Таа нивна неодговорност, ако не направиме нешто за да ја спречиме, еден ден сите заедно ќе ја платиме, на еден или на друг начин. Користам прилика да им порачам и на Мицкоски и на Ахмети и на Давкова – граѓаните се свесни за вредноста на мирот и стабилноста што ги гради СДСМ. Граѓаните знаат дека на сите нѝ треба европска иднина, а не враќање 20 години во закопаното минато. Престанете со препукувањата, со скандирањата и заканите. Тие никому не му носат добро. Имаме морална должност кон вас, кон себе си, кон нашите деца и идни генерации, да се ‘препукуваме’ со идеи и проекти, не со закани и заплашувања. Нашите гласачи очекуваат издржани решенија и активности, не скандирања, навреди и недостоинствен однос“, им порача Ковачевски на своите политички ривали.

Ковачевски посочува и дека СДСМ, но и граѓаните, нема да им дозволат да си играат со европската иднина на нашите деца, и ги повика гласачите убаво да размислат кој заслужува да ја води државата во европската иднина.

Лидерот на СДСМ ги повика граѓаните, пред да гласаат в среда, добро да размислат кој заслужува да ја води државата. Порача дека единствено СДСМ и коалицијата имаат јасен план за подобра европска иднина за сите, се наведува во партиското соопштение.

притисни ентер