Пожарот наречен „Кинкejд“ ја зафати винарската област во округот Сонома, во близина на Сан Франциско, од средата вечерта. Повеќе од 2.000 пожарникари, со помош на дваесетина канадери и сто противпожарни возила, се обидоа вчера да го стават пожарот под контрола.
Околу 10.300 хектари биле зафатени од пожарот во саботата наутро и само 10 проценти од пожарите биле под контрола. Пожарот проголта најмалку 49 куќи и се заканува на уште 23.500 куќи и други објекти, се наведува во најновиот извештај на противпожарната служба.
„Наредивме евакуација на околу 50.000 луѓе“, изјави шерифот на округот Сонома, Марк Есик, на прес-конференција во саботата наутро. Властите ги замолија жителите на кои им се заканува пожарот да ги напуштат своите домови во областа, во која спаѓаат и градовите Хелдбург и Виндзор, кои се на околу час и половина возење од Сан Франциско.
Пожарникарите во Калифорнија се борат во исто време со неколку други пожари. Стотици милји јужно, пожарот ,,Тик” е 25 проценти под контрола и се прошири на повеќе од 1.800 хектари, соопштија пожарникарите.