Работниците во „Еурокомпозит" на протест за плата

Шеесетината вработени кои останаа во прилепската фабрика „Еурокомпозит", по прогласувањето на технолошки вишок на 154 работници, денеска излегоа на протест пред фирмата барајќи плата, зашто, велат, не зеле три месеца. 

Добиваат само по околу 3 500 денари, но плата нема.

Според Роберт Богданоски, претседател на синдикатот при „Еурокомпозит" изразуваат благодарност до Владата што го реши со закон проблемот со заостанатите придонеси, но целосно ситуацијата не е разрешена. Нема плата, ниту работа во фабриката.

-Најпрво, благодарност до Владата што го реши прашањето со придонесите преку законско решение. Разбравме дека се платени, има потврда во Службен весник. Но, проблемот во нашава фирма не е решен. Од јануари со претходниот директор земавме плата, дури беше и зголемена, од 15 000 до 18 000 денари. Имавме работа, но со неговото разрешување и со новиот директор Милан Тоцев, ние не земаме плата. Во овие три месеци добиваме преку „Композитна опрема" во просек по 3.500 денари. Затоа, за жал, излеговме на протест повторно да бараме начин како ние да продолжиме да земаме плата и дали е можно тоа. Сите договори досега што ги имавме се завршени, во моментов немаме работа и ситуацијата е многу лоша. На работа останавме 64-ица работници, другите 154 се прогласените технолошки вишок. Ни беше ветувано дека ќе земаме плата редовно, но сега не се случува. Три месеци добиваме по 3.500 денари, а со тоа не се живее. Имаме сознанија, и потврда од директорот, дека Управниот одбор редовно зема плата. Денеска е протест и решени сме да го активираме штрајкот и повторно на улица и пред Владата, за жал, да си ги бараме правата, изјави Богданоски.

Здравственото осигурување се плаќа, а нови придонесе не се плаќаат зашто треба да дојде инвеститор, а досега нема најава за тоа. Работниците велат дека недостасува стручна работна рака за работа со нови договори, зашто најголемиот број се прогласени технолошки вишок.

– Има недостиг од работници кои ќе работат на машините. Тие заминаа технолошки вишок. Сега не знаеме како и дали ќе се работи, вели Илија Талески.

– Не гледаме иднина зашто ни се вели дека ќе ни дава по 2000 до 3000 денари месечно, но сето тоа е многу неизвесно, вели работникот Горан Велески./МИА

Ибрахимовиќ: Тешко ми беше да се откажам од фудбалот поради моето его

Поранешниот напаѓач Златан Ибрахимовиќ зборуваше за подкастот на „АБТалкс“ каде што разговараше за неговото пензионирање од фудбалот, неговото враќање во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Раиола.

-Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од осум месеци, така што мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешка работа поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сè уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а пред тоа не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот, вели популарниот Ибра.

Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „РедБрд“ што го купи Милан.

-Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот три-четири месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Раиола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сè уште не е исчезнато чувството, бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум затоа што многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам би му напишал: „Ми недостигаш“, сподели Ибрахимовиќ. /МИА

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

 Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“. /МИА

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

притисни ентер