Околу 200 првачиња не следат настава зашто се невакцинирани

Според податоците што Министерството за образование и наука до петокот ги добило од терен од просветните инспектори и кои се досега обработени, околу 200 првачиња од целата држава не се запишани во учебната 2019/2020 година затоа што не се вакцинирани

– Можеби ќе биде и поголем бројот, но поентата не е тоа. И за едно дете да се работи, ние треба да делуваме како институции, но треба да го почитуваме Уставот, законите и решението на Уставниот суд, кој за ова прашање се огласил и го третирал со конкретни насоки. Се разгледуваат сите можни опции – и околу законскиот аспект, и околу бројот на незапишани на национално ниво. Податоците на кои се повикуваат родителите во врска со вакцинацијата, како и оние за досега незапишани првачиња ќе ги отворам на посебна седница на Владата, изјави министерот за образование и наука Арбер Адеми, одговарајќи на новинарски прашања пред состанокот на работната група за концептот за инклузивно образование.

Истакна дека имал неколку средби со родители на невакцинирани деца, во присуство и на други надлежни министри и на премиерот, и на тие средби ги разгледувале сите законски аспекти.

На прашање дали во меѓувреме, до конечната одлука, ќе се дозволи овие деца да посетуваат настава, Адеми одговори дека МОН е во постојана комуникација со Министерство за здравство и ја следат ситуацијата. Повтори дека за да се зголеми достапноста и опфатот на вакцинирани, овозможена беше и теренска вакцинација на децата.

Откако минатата зима се рашири заразата со мали сипаници, а во април беше прогласена и епидемија од морбили на национално ниво, беше одлучено градинките и училиштата да ги примаат само децата за кои ќе се приложи вакцинален картон. /МИА

Анкета: Поддршката за членството на Полска во ЕУ - најмала во последнава декада

Поддршката за членството на Полска во Европската Унија падна на најниско ниво во повеќе од една деценија, според анкетата објавена денеска.

Според најновата анкета на институтот ЦБОС, и покрај победата на про-ЕУ коалицијата, поддршката за членството на земјата во Унијата падна на 77 отсто, што е најниско ниво од 2013 година.

Поддршката лани беше 85 отсто, а најголема беше во 2022 година, кога изнесуваше 92 проценти.

Про-ЕУ коалицијата дојде на власт во Полска на изборите во октомври по осум години владеење на партијата Право и правда (ПиС), ветувајќи дека ќе ги поништи законите воведени од десницата.

ПиС често беше во судир со западните сојузници на Полска и институциите на ЕУ во Брисел поради нивната загриженост за владеењето на правото во оваа земја. /МИА

Претставник на ОН тврди дека ќе бидат потребни 14 години да се отстранат урнатините во Газа

Претставникот на Обединетите нации, Пјер Лодамар денеска изјави дека ќе бидат потребни 14 години да се расчисти огромното количество урнатини, вклучително и неексплодирани експлозивни направи, што ги остави Израел за време на војната во Појасот Газа.

Лодамар, висок офицер во Службата за мини на ОН (УНМАС), на брифинг во Женева рече дека војната оставила околу 37 милиони тони отпад во широко урбанизирана, густо населена област.

Тој истакна дека иако не е можно да се одреди точниот број на неексплодирани убојни средства се смета дека под одредени услови, би можеле да бидат потребни 14 години да се расчистат остатоците, вклучувајќи ги и урнатините од уништените згради.

„Знаеме дека вообичаено има стапка од 10 проценти за неуспех, односно неактивирање на муницијата. Станува збор за 14 години работа со 100 камиони“, рече Лодамар. /МИА

Руски новинар на „Форбс“ е приведен поради наводно ширење лажни информации за армијата

Новинарот на магазинот „Форбс Русија“, Сергеј Мингазов е приведен под сомнение дека ширел лажни информации за руската армија, објави денеска магазинот.

„Форбс Русија“ додава дека досега не успеале да стапат во контакт со Мингазов. Неговиот адвокат Константин Бубон на Фејсбук објави дека новинарот е во притвор во источниот руски град Хабаровск, каде што живее.

Адвокатот рече дека Мингазов бил приведен поради преобјавување публикации за наводни руски воени злосторства во украинскиот град Буча, каде што убиствата на украинските цивили во првите недели од војната беа пријавени од Ројтерс и други новински организации.

Профилот на Мингазов на платформата Телеграм содржи бројни објави за Буча, а засега не е јасно за која од нив новинарот е приведен. /МИА

притисни ентер