Заев ќе оди во Рим на средба со Конте, проширувањето ќе биде тема и во ноември

Премиерот Зоран Заев на 29 октомври ќе оди во Рим на средба со претседателот на италијанската Влада, Џузепе Конте, по најавите на Италија дека ќе побара повторно отворање на прашањето за проширување на ЕУ во ноември.

Заев во интервју за „360 степени" потврди дека на покана на италијанскиот премиер ќе го посети Рим, како и дека проширувањето треба да биде тема на Советот за општи работи на ЕУ (ГАК), што ќе се одржи на 19 ноември. Сепак, вели дека веќе не е толкав оптимист.

– Сега јас малку ќе закочам со мојата надеж и оптимизам, нели, бев најголемиот оптимист. Ние да си работиме, а тие, дај Боже, побрзо да одлучат да ги отворат поглавјата за нас, односно да ја донесат одлуката за почеток на преговорите. Јас ја поздравувам секоја иницијатива. Италијанскиот премиер Конте е многу гласен, тој ги дава изјавите. Ме покани. Јас сум во вторник на 29 октомври во 13:30 часот кај него. Ќе се видиме, ќе имаме изјави, ќе имаме заеднички ручек и од таму заминувам на последната вечера на Федерика Могерини со нас премиерите на Западен Балкан. Конте ме кани токму за таа тема, ми кажуваат дека во ноември треба да се одржи ГАК, кадешто треба да се врати темата на проширувањето, а тоа е добро за мојата земја. Веќе работат и други премиери, да не зборувам од АЛДЕ груп, се вклучени доста премиери. Работи ЕПП, работат моите социјалисти и социјалдемократите на ова прашање. Но, тоа е дебата којашто треба внатре да ја решат, изјави Заев.

На прашањето како го коментира размислувањето на претседателот на Франција, Емануел Макрон дека на некои од земјите кандидати за членство во ЕУ, наместо тоа може да им се понуди стратешко партнерство, Заев истакна дека за Северна Македонија нема друга алтернатива освен полноправно членство во ЕУ.

Премиерот на Италија, Џузепе Конте, по состанокот на лидерите на ЕУ во Брисел на кој не беше донесена одлука за старт на преговрите со Скопје и Тирана, оцени дека тоа е историска грешка. Најави дека ќе побара да се поправи грешката и повторно да разговара за датумот за преговори со Северна Македонија и за Албанија веќе во ноември. /МИА

Најмалку 93 лица загинаа во поплавите во Кенија

Кенија го одложи отворањето на училиштата за една недела поради последиците од големите поплави предизвикани од обилните дождови кои ја погодија оваа источноафриканска земја од средината на март и досега однесоа речиси 100 животи.

Се проценува дека 93 лица загинаа во поплавите, а се очекува бројот да се зголеми откако синоќа се преврте брод во северниот округ Гариса.

Кенискиот Црвен крст соопшти дека 23 лица биле спасени од чамецот, но десетици се уште се водат како исчезнати.

Во соопштението на Министерството за образование се наведува дека во поплавите тешко се оштетени некои училишта. Локалните медиуми објавија дека повеќе од 100 училишта се поплавени, а на многу од нив им се урнати ѕидови и покриви.

Сите училишта кои денеска требаше да бидат отворени, го одложија тоа за 6 мај.

Обилни дождови ја погодија Кенија од средината на март, а Одделот за метеорологија на земјата предупредува на опасност од нови врнежи.

Најголем број жртви се евидентирани во главниот град на Кенија, Најроби, каде во вчера беше поплавен и аеродромот. Снимките на социјалните мрежи покажуваат дека се поплавени пистата, терминалот и товарниот дел на аеродромот.

Повеќе од 200.000 луѓе низ земјата се погодени од поплавите, а куќите беа потопени во областите подложни на поплави додека луѓето бараа засолниште во училиштата.

Кенискиот претседател Вилијам Руто побара од Националната служба за млади да обезбеди земјиште за привремени кампови за погодените од поплавите.

Во источноафриканскиот регион се соочуваат со поплави поради обилните дождови, а во Танзанија се пријавени 155 загинати, додека повеќе од 200.000 се погодени во соседен Бурунди. /МИА

Гвардиола: Арсенал повеќе нема да губи бодови, ние ако ремизираме нема да ја освоиме титулата

Тренерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола изјави дека неговиот тим треба да победи на сите преостанати натпревари доколку сака да ја освои шампионската титула во Англиското фудбалско првенство.

- Мислам дека Арсенал повеќе нема да губи бодови. Ова е слично на ситуацијата со Ливерпул во минатото. Нас ни остануваат уште четири натпревари, пат тежок како да се искачиме на висока планина. Ако негде ремизираме, нема да го освоиме шампионатот, изјави Гвардиола.

Манчестер сити е втор на табелата во Премиер лигата со 79 бодови од 34 натпревари. Лидер е Арсенал со 80 бода по 35 кола.

До крајот на првенството, Арсенал ќе игра дома со Борнмут и со Евертон, а ќе му гостува на Манчестер јунајтед.

Сити ќе го пречека тимот на Вулвс и на Вест Хем, а ќе гостува кај Фулам и на Тотенхем. /МИА

Над 157.000 Грци се пријавиле за поштенско гласање на евроизборите

Пријавувањето за поштенското гласање започна на средината на февруари, а завршува вечерва на полноќ.

За гласање преку пошта на претстојните европски избори на 9 јуни се пријавиле над 157.000 грчки граѓани, од кои мнозинството, односно 116.000 живеат во Грција, а останатите се од дијаспората, објави грчката новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина.

Пријавувањето за поштенското гласање започна на средината на февруари, а завршува вечерва на полноќ.

Гласањето преку пошта за првпат ќе се спроведе на претстојните евроизбори, а имаат право да се пријават сите грчки граѓани без разлика дали живеат во земјата или во странство.

Според податоците што ги објави АНА-МПА, интересот за новиот начин на гласање е висок кај сите старосни групи, додека пак од дијаспората се пријавиле граѓани кои живеат во 115 земји,

Грците кои живеат во странство ќе гласаат исклучиво преку поштенско гласање, додека гласачите во внатрешноста на земјата ќе можат да одберат како ќе го остварат правото на глас или на избирачките места како досега или со гласање по пошта.

Избирачкиот материјал, по пошта ќе биде испратен до гласачите на нивната адреса, кои откако ќе гласаат, ќе треба гласачките ливчиња да ги испратат најдоцна до сабота 8 јуни, односно денот пред изборите.

Ковертот со гласачкиот материјал од Министерството за внатрешни работи ќе биде испратен до гласачите најдоцна до 15 дена пред изборите и ќе содржи коверт, гласачко ливче, упатства и сл. /МИА

притисни ентер