Продолжуваат распитите за случајот „Рекет”, Агапи Дика и Зоран Азманов повикани во обвинителството

Со засилено темпо во Обвинителството за организиран криминал и корупција продолжува истрагата за случајот Рекет.

Претседателката на собранието на Меѓународниот сојуз на Боки 13, Агапи Дика два и пол часа сведочеше пред обвинителката Вилма Русковска. Се обиде да ги избегне новирските прашања излегувајќи од спореден излез на зградата на Апелација каде што се наоѓа канцеларијата на Русковска. Запрашана околу тоа на кои околности давала исказ рече дека истрагата ќе покаже, но и кратко рече дека не знае каде завршиле парите кои бизнисмените ги уплаќале на Меѓународниот Сојуз.

Работниот ден Русковска сепак го почна со продавачка во салон за мебел каде Бојан Јовановски купувал. А последен исказ даваше бизнисменот Зоран Азманов. Потврди дека Јовановски му се заканувал со објавување на документи од СЈО и Финансиската полиција. Рекет го нарече несреќен случај во кој Боки 13 искористувајќи ја моќта на медиумот се обидел да изнуди пари.

Засега Јовановски, Зоран Милески Кичеец и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева се осомничени во случајот Рекет. Јанева точно еден месец е во притвор, но во притворското одделение во Шуто Оризари ќе остане и во следните 30 дена откако судот денеска и го отфрли барањето да и се определат поблаги мерки а како гаранција понуди имот, барање за кое негативно мислење даде и обвинителката Вилма Русковска.

притисни ентер