Се распушта канадскиот Парламент , Трудо распиша избори

Досегашниот канадски премиер Жастин Трудо објави денеска дека го распуштил Парламентот и објавил почеток на изборната кампања за изборите што ќе се одржат на 21 . октомври.

Либералниот лидер, кој бара втор мандат, се состана со генералниот гувернер на Канада, Џули Пајет, за да ја замоли да го распушти долниот дом на парламентот, во согласност со нејзината улога како претставник на кралицата Елизабета Втора.

„Се сретнав со нејзината екселенција, генералниот гувернер, која го прифати моето барање за распуштање на парламентот“, рече Трудо пред новинарите.

Според анкетите, либералниот лидер (47) ја почна кампањата со мал предност пред конзервативецот Ендру Шеер.

Трудо има тешка задача бидејќи неговата популарност опадна минатата година и пол по катастрофалното патување во Индија и политичкиот скандал на почетокот од оваа година. Либералниот премиер тогаш беше обвинет од поранешниот министер за правда Jоди Вилсон-Рејболд за закана од владини службеници и под притисок за корупција од страна на СНЦ-Лавалин.

Во средата, дневниот весник Глобус и Меил објавија дека федералната полиција го испитува евентуалното попречување на правдата во случајот.

Конзервативецот Ендру Шеер не ја пропушти можноста да го обвини Трудо за „лажење на Канаѓаните“ и дека веќе нема „морален авторитет“ да владее.

Според неодамнешната анкета, аферата би можела да го придружува Трудо за време на 40-дневната кампања со главни теми за климатските промени, како и економијата , еден од приоритетите на Канаѓаните.

Има вкупно четворица сериозни претенденти за премиерската фотелја.

Најголем фаворит е Трудо. Тој е син на поранешниот премиер Пјер Елиот Трудо и татко на три деца со сопругата Софи Грегоар, поранешна ТВ презентерка.

Негов главен противник е Шеер, лидерот на Прогресивните конзервативци од 2017 година, на кого ова му е прва изборна кампања. Шеер има 40 години и има пет деца. Тој беше пратеник во округот Саскатчан 15 години и во 2011 година стана најмладиот спикер на Претставничкиот дом.

Тој се спротивставува на данокот на јаглерод , воведен од владата на Трудо и сака да воведе данок на најзагадувачките производители и да ги вложи тие пари во научни истражувања во нови технологии.

Третиот кандидат е Џагмит Синг (40), лидер на Новите демократи и е првиот лидер на партијата од етничко или верско малцинство , кој привлече внимание со тоа што носи турбан. Овој Сик е роден во Канада и е по потекло од индиската провинција Пенџаб. Тој е посветен на толерантна, отворена, праведна и еколошка Канада.

Четвртата е Елизабет Меј, која во 2011 година стана првата зелена пратеничка во канадската историја. Таа како адвокат ја водеше големата еколошка организација Канадскиот клуб Сиера 17 години и потоа го презеде раководството на Зелената партија во 2016 година.

Автобус удрил во брдо, 22 загинати

Најмалку 22 лица загинале, а 15 се повредени во сообраќајна несреќа на автобус во Пакистан. 

Автобусот на кого му откажале сопирачките додека се движел по планински пат на северозападот на Пакистан удрил во брдо, соопштила полицијата.

Според полицискиот извештај несреќата се случила во областа Чилас на патот меѓу градовите Скарду и Равалпиниди.

Непристапниот терен и недостатокот на опрема ги отежнуваат напорите на спасувачките екипи при извлекување на повредените.

Со автомобил се забил во џамија

Француската полиција уапсила маж кој со својот автомобил удрил во џамија во местото Колмар на североистокот на Франција, пренесе локалната управа на префектурата О-Ран.

Уапсениот возач на себе имал повредни нанесени со нож, но не е познато дали самиот се повредил или го нападнало друго лице.

Според изјавите на очевидци на несреќата , на кои се повикуваат локалните медиуми , возачот на автомобилот  извикувал „Алах акбар“.

Веднаш по инцидентот полицијата го затворила целиот реон околу џамијата.

Засега не е познато дали нападот е дело на терорист или е обид за самоубиство, наведува „Спутник“.

Зајакнати капацитетите на Работниот комитет за интеграција во НАТО

Работниот комитет за интеграција во НАТО имаше тренинг семинар во  Европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ Ц. Маршал" во Гармишпартенкирхен.

Работниот комитет за интеграција во НАТО имаше тренинг семинар во  Европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ Ц. Маршал" во Гармишпартенкирхен каде членовите на комитетот детално се запознаа со начинот на кој функционира НАТО во однос на внатрешните постапки и процедури на земјите членки.

Членовите на комитетот добија информации и искуства и од некои од поновите земји членки на Алијансата како што се Словенија, Словачка и Хрватска во однос на нивниот процес на интегрирање во НАТОи функционирањето како полноправна членка на НАТО.

– Оваа размена на искуства и добри практики ќе биде корисна бидејќи доаѓа во финалната фаза на интеграција во НАТО на нашата земја. Република Северна Македонија ќе биде 30-та земја членка на НАТО и тоа е неповратен процес. Процесот на ратификација на Пристапниот протокол за членство во НАТО веќе е завршен во 22 земји членки на НАТО. Преостанатите седум земји членки ќе ја завршат ратификацијата согласно нивните домашни политички процеси, велат од владината прес- служба од каде вечерва информираа за овој треминг семинар.

Оттаму велат дека прашањето на полноправно членство е техничко, односно не се очекуваат никакви проблеми со ратификацијата во која била од земјите, единствено е прашање на време кога тоа ќе се случи, зависно од процедурите на институциите во земјите.

Полноправното членство ќе се заокружи кога ќе се заврши ратификацијата на протоколот во сите земји членки, и финално кога ќе биде ратификуван во нашиот Парламент. Процесите на интеграција на последните земји членки траеле од година до година ипол.

Работниот комитет за НАТО интеграција е интер-институционална работна група која е задолжена за изработка и имплементација на Програмата за континуирани реформи за членство во НАТО. Тоа е оперативното работно тело што ги има обврските за подготвува на Република Северна Македонија за членство во НАТО. /МИА

притисни ентер