Армијата го празнува 27-от роденден

Со пригодна свеченост во Центарот за обука на вода во Охрид денеска беше одбележан 18 август – Денот на Армијата.

Во обраќањето пред бројните гости на централната свеченост претседателот и врховен командант на Армијата Стево Пендаровски потсети на историските зачетоци на современата македонска армија, од 18 август 1943 година кога на Славеј Планина беше формирана првата голема воена формација, Првиот баталјон именуван во чест на паднатиот борец и народен херој, член на Главниот штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди – Мирче Ацев.

– На самите свои почетоци Армијата започна скромно и во крајно неповолни услови. Меѓутоа за кратко време се консолидираше, а веќе во средината на 1990-те години отпочна со структурни реформи, со цел да се трансформира во армија на идна земја членка на НАТО…До денес ова стратешка цел претставува еден од најголемите кохезиони фактори во нашето општество, поддржан од широк национален консензус зад кој стојат сите релевантни политички партии, огромното мнозинство граѓани од сите етнички заедници, а силна поддршка даваат и невладиниот сектор и бизнис заедницата, рече меѓу другото Пендаровски.

Претседателот потсети дека по повеќе од две децении реформи и решавање на долгогодишниот спор околу името со Грција, земјата е на чекор од полноправно членство во НАТО.

– Ние многу одамна решивме да ги прифатиме вредностите на Северноатлантскиот договор кој не обврзува да ги чуваме „слободата, заедничкото наследство и цивилизацијата на народите засновани на принципите на демократијата, индивидуалната слобода и владеењето на правото", како основа на системот на колективна одбрана и заштита на мирот и безбедноста…Владеењето на правото е наопходен услов за функционирање на демократијата и за развојот на слободното општество. Затоа, наш апсолутен приоритет е да го издигнеме владеењето на правото во наша врвна вредност и да ја вратиме довербата на граѓаните во институциите и во државата, рече Пендаровски.

Тој даде ветување дека како врховен командант ќе инсистира на подобрување на животниот и професионалниот стандард на војниците, како и поддршка на реформите во одбраната.

– Еден од приоритетите во реформските процеси ќе биде насочен кон декларираните НАТО-единици, а во тој контекст целосно ги поддржувам заложбите на Владата како идна членка на НАТО да издвојува два проценти од БДП за инвестирање во одбраната, за што согласно моите надлежности ќе направам се да биде реализирано најдоцна до 2024 година, рече претседателот Пендаровски.

Свое обраќање пред присутните имаше и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која истакна дека Армијата својот 27. роденден го празнува во година за која забележа дека е година на успех, година во која се заокружува патот на државата кон членството во НАТО.

Потсетувајќи на секојдневниот ангажман на Армијата во изминатиот период, од сите редовни активности, учеството во мировни мисии во странство, но и акции во вонредни ситуации, па се до крводарителски и акции за спасување, Шекеринска ја истакна обврската на државата и системот да обезбеди најдобар тренинг, најдобра опрема, како и постојано инвестирање во обука на војниците и старешините.

– И тоа го правиме. Затоа две години по ред го зголемуваме буџетот на одбраната, затоа две години по ред ги зголемуваме платите, затоа ги исплаќаме редовно и јубилејните награди и дежурствата. Затоа започнавме со обезбедување на спортска и алпинистичка опрема за припадниците на Армијата. Набавивме нови инженериски машини по цели 16 години. Ја подмладивме Армијата со 500 нови професионални војници. Затоа обезбедивме парични награди за повеќе припадници кои покажаа вонредна подготвеност, хуманост и пожртвуваност кон цивилното население. Хуманоста е невидлива еполета на нивните рамења, рече таа потсетувајќи и на новиот Правилник според кој сите учесници во мировни и хуманитарни операции ќе продолжат да ги примаат своите основни армиски плати, а вкупната месечна заработка (заедно со сите надоместоци) ќе биде повисока за 500-700 евра за сите војници и подофицери.

Министерката за одбрана истакна дека таквите заложби за натамошните заложби за опремување и модернизација на вооружените сили се дел од Долгорочниот план 2019-2028, што предвидува измена на клучните закони и воведување на НАТО правилата, а насочени кон мореднизација на Армијата и подобрување на нејзините оперативни способности.

– Поголема грижа, поголем домашен буџет, поголема сигурност, поголема мотивација. Сето тоа го правиме и ќе го правиме затоа што – за да бидеме силни надвор, мораме прво да бидеме силни дома. Единствено со инвестирање во нашата безбедност и во нашите капацитети, можеме да стекнеме сигурност во себе и во нашите планови, рече министерката за одбрана Шекеринска.

Во рамки на свеченоста во Охрид беше одржана и церемонија на која претседателот на државата Стево Пендаровски ги врачи ордените за воени заслуги доделени на Канцеларијата на НАТО за врски во Скопје, како и Сквадронот на транспортни хеликоптери од воздухопловната бригада на Здружената оперативна команда при Армијата.

Италија активира воен авион за да спаси бебе во Британија

Италијанската влада испрати медицински тим со воен авион да го собере новороденчето од болницата во Бристол и да го донесе на лекување во Италија.

Необичниот потег дојде откако родителите на момчето изјавија дека лекарите во Британија не можат ништо да направат за нивното дете.

Бебето, кое има неполн месец, имало сериозно оштетување на срцето и итно е пренесено во Италија на понатамошно лекување. SkyNews наведува дека родителите се по потекло од Италија и Нигерија, но живеат во Британија.

Италијанската влада објави дека „детето има многу сериозни срцеви малформации“ и дека интервенирале затоа што Кралската детска болница во Бристол повеќе не можела да направи ништо за момчето.

Италијанскиот адвокат и поранешен сенатор Симоне Пилон рече дека болницата била на работ на правна постапка со родителите поради прекинот на лекувањето, но тоа било прекинато пред да започне сослушувањето во Високиот суд, во корист на соработката со италијанската влада.

Пилон, кој претходно интервенираше за да им помогне и на другите родители да ги однесат своите деца на лекување во Италија, го нарече ова значаен случај во педијатриската грижа.

Тој рече дека со тоа се отвора патот на децата да им се понуди лекување во странство, без родителите да бидат изведени на суд.

„Верувам дека ако најдеме начин да соработуваме во најдобар интерес на децата, сите ќе победиме - нема губитници“, рече тој.

Пилон им се заблагодари на болницата и на британските лекари и во негово име и во име на семејството на момчето.

Од болницата во Бристол соопштија дека соработувале со детската болница Бамбино Гесу за да се обезбеди безбедно префрлање на бебето во Рим.

Електричниот Lotus Evija X го направи третиот најбрз круг на Нирбургринг (ВИДЕО)

Lotus Evija X, мошне модифициран и уникатен електричен хиперавтомобил, го помина германскиот Нирбургринг за само 6 минути и 24.047 секунди, а Lotus верува дека тоа може да го направи уште побрзо.

Овој пат го прави третото најбрзо возило досега што ја покривало патеката, зад само наменските тркачки автомобили.

Lotus објави многу малку технички информации за Evia X, кој е наведен како прототип во официјалната табела за рекорди во Нирбургринг.

Измените вклучуваат екстремни аеродинамични надградби и соголена внатрешност, фокусирана на перформанси.

Автомобилот наводно ги има истите батерии и електрични мотори како и патничката верзија, што значи 1500 kW/2039 КС и 1704 Nm вртежен момент.

Единствените автомобили побрзи од Evia X се Volkswagen ID.R (6:05.336 минути) и Porsche 919 Hybrid Evo (5:19.546 минути), и двата произведени од основата како тркачки автомобили.

Лотус верува дека Evija X може да постигне подобро време на Нирбургринг. Производителот известува дека возењето било забележано на влажен ден, па очекувањата биле мали. Сепак, кругот беше доволно добар, што Лотус сакаше да го сподели.

Во моментов не е јасно што планира производителот да направи следно со Evia X. Довербата на Lotus сугерира дека може да се обиде да ги подобри времињата на круговите или да се обиде да постави рекорди на кругови на различни патеки. Исто така, може да претвори уникатен автомобил во специјално издание.

Пендаровски: Во Крушево дојдов за да ви кажам дека и тука и во цела Македонија ќе победиме

Кандидатот за претседател Стево Пендаровски денеска ја продолжи кампањата со средба со жителите на Крушево.

„Борбата почнува од нула, како да немало прв круг“, рече Пендаровски пред крушевчани негирајќи ги обвинувањата на опозицијата дека ќе го бојкотира вториот круг од претседателските избори.

„Дали е логично да дојдам јас во Крушево, ако мислам да бојкотирам? Јас мислам со сите вас да победам! Кој сака нека бојкотира, ниту сум бојкотирал 2014-та, ни 2019-та, ни 2016-та, ни оваа 2024-та нема да бојкотирам. Тие нека му ја мислат за крајниот резултат. Ние сите го знаеме и наместо бојкот ние ќе прославуваме’, истакна Пендаровски денеска во Крушево,соопшти неговиот тим.

притисни ентер