Притвор за четворица вработени во УБК, осомничени за проневера на 800 000 евра државни пари

По сеопфатна истражна постапка отворена во март годинава, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, до Основниот кривичен суд – Скопје поднесе обвинителен акт против четири лица.

Македонски државјани, вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК).

Тројца се обвинети дека со извршените дејствија сториле по едно кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, а едно лице е обвинето за помагање во извршувањето на истото кривично дело.

Обвинетите, како што соопшти денеска Јавното обвинителство, како службени лица вработени во УБК при МВР во временскиот период од 25.01.2007 година до 30.05.2017 година, постапиле спротивно на чл.7 ст.1 и чл.12 од „Упатството за користење на средства за посебна намена на УБК".

Во наведениот временски период, во вкупно 172 наврати за потребите на касата за исплата на средствата за посебни намени на УБК, од Одделот за финансии при МВР подигнале парични средства за кои поднесувале барања и стални признаници за износите што ги подигнувале. Притоа, без да имаат посебно одобрение од директорот на Управата, без да биде формирана Комисија за ништење на материјална документација и без записници, ги уништиле евиденциите за потрошените средства заедно со документацијата за исплата – „Главните книги за евиденција".

– Со ваквите дејствија предизвикале штета на Буџетот на државата во вкупен износ од 50.670.000,00 денари. Поради постоење на основано сомневање дека доколку обвинетите се пуштат да се бранат од слобода може да се дадат во бегство, односно нема да бидат достапни на органите на прогон, особено ако се земе предвид кривичното дело што им се става на товар, надлежниот обвинител заедно со обвинителниот акт, достави и Посебен предлог мерката притвор определена од судија на претходна постапка да се продолжи против тројца обвинети, подвлекуваат од ЈО. /МИА

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ ќе го истреби криминалот и за истиот ќе има одговорност

Многу е важно да се земе активно учество во овие избори. Резултатот во првиот круг беше би рекол историски. 

Владата е делегитимирана и треба да оди во опозиција и СДСМ и ДУИ, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот митинг во Неготино.

Мицкоски посочи дека СДСМ денес се претвори во обичен измеќар на ДУИ, затоа ова што им се случува не е случајност.

„ДУИ и СДСМ мора да одат во опозиција.

Мора да престане праксата ДУИ ќе биде малку со ВМРО-ДПМНЕ, па со СДСМ. ДУИ сака да го понижи македонскиот народ и да ја клекне на колена Македонија. Ми пречи криминалот на ДУИ. Тие повеќе од 20 години крадат од сите вас. Тие повеќе од 20 години ја урнисуваат Македонија. СДСМ мислеа дека противник им е ВМРО-ДПМНЕ, а не гледаа што прават од ДУИ“, кажа Мицкоски.

Затоа, додаде Мицкоски, сакам да предупредам за нешто за што имам информации дека се случува.

„Банди од ДУИ обиколуваат граѓани. Ќе се обидат да го купат гласот, ќе се обидат ДУИ да има пратеник во изборните единици 3 и 4. Секој бандит кој ќе нуди пари, практично ви нуди ваши пари, украдени од вас. Предупредувам да не биде дека не сум кажал. Мои браќа и сестри се сите граѓани, но нема простор за криминалците. Тие знаат што ги чека. Јас нема да правам пакт со криминалот, туку ќе го истребам. Мора да има одговорност за криминалот“, вели Мицкоски.

Мицкоски посочи дека ќе тропне на секоја порта.

„Македонија е држава на лојални граѓани без разлика на етничка припадност. Ќе побараме поддршка, ќе замолиме, ќе предупредиме дека ова се клучни избори. Секој човек ќе го убедам дека секој мора да излезе да ставиме крај на ова уништување на државата“, кажа Мицкоски.

Мицкоски укажа дека ова е момент да се обединиме.

„Ги повикувам сите, поддржувачи на СДСМ, оние кои останаа дома, сите да излеземе против оваа власт. Вашата доверба нема да ја изневериме потребна е поддршка за Македонија“, рече Мицкоски, се наведува во партиското соопштение.

Стојаноска: Народот се обединува околу Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ

Во вечерашното гостување во емисијата „Само Вистина“ на Канал 5 телевизија гостуваше носителката на ИЕ 6 од ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска, истакна дека народот се обединува околу еден кандидат за претседател кој достоинствено ќе не претставува.

„Ние подаваме рака и повикуваме на обединување. Како ВМРО-ДПМНЕ сме обвинувани за антиевропска, за албанофобна партија. Од вчерашните анкети што се направени од изборните резултати докази за нас дека имаат гласано и другите националности што значи дека не е пречка припадноста на друга националност па и на друга политичка партија туку дека народот се обединува околу тоа да имаме еден кандидат за претседател, да имаме претседател на држава кој достоинствено ќе не претставува и чија што една од десетте постулати на нејзината програма е претседател на сите граѓани“, истакна Стојаноска.

Таа додаде дека се презадоволни од она што народот го искажа пред два дена.

„Презадоволни сме од она што народот го искажа пред два дена. Народот конечно се охрабри, на народот не влијаеа сите притисоци од актуелната власт и сите начини кои умешно знаат да ги користат. Овој пат навистина чашата е прелеана. Им се заблагодарувам и честитам на тие што уште во првиот круг излегоа го кажаа својот глас дека повеќе не сакаат да функционира како досега, туку сакаат промени, сакаат нешто што ќе значи слобода, вистинска демократија и вистински европски вредности бидејќи сето ова досега беа само лажни европски вредности, злоупотреба на европско знаме и злоупотреба на вистинските европски вредности“, вели Стојаноска.

Во однос на изборната програма Платформа 1198, Стојаноска истакна дека програмата е изработена врз основа на барањата и предлозите од страна на граѓаните.

„Нашата изборна програма Платформа 1198 нуди исто толку проекти кои се изработени врз основа на барања и предлози кои стигнале од граѓаните со кои сме биле во постојан контакт изминатиов период. Преточени се преку партиски експерти, соодветните делови од програмата и конечно пресметани од експертите по финансии. Сето тоа што е сочинето во програмата е побарано од нас, ние тоа што го имаме во програмата го ветуваме. Видоа граѓаните во изминатите седум години кои што ветуваше и кои што беше во можност дали истото го реализира“, рече Стојаноска.

Институтот за јавно здравје одбележа 100 години од постоењето

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) денеска свечено го одбележа неговото 100-годишно постоење. 

Меѓу другото, беа спомнати и заканите како Ковид-19 и дезинформациите околу безбедноста на вакцините. На настанот во Скопје беше промовирана и монографијата со наслов „100 години - Институт за јавно здравје на Македонија, 1924-2024 година - чувар на јавното здравје“.

Директорот, доктор Шабан Мемети зборуваше за превентивните активности што биле насочени кон закани како што се нови варијанти на инфлуенца вирусот, коронавирусот.

- Несомнено, еден од најголемите предизвици со што се соочивме во последната деценија е пандемијата со вирусот Ковид-19. Пандемијата ги тестираше нашите отпорност и способност како никогаш досега, подвлече Мемети.

Сепак, преку колективни напори, тие се движеле низ овие турбулентни времиња со издржливост и решителност.

- Денес одбележуваме 100 години посветеност на грижа на јавното здравје. Еден век витална мисија за превенција на заразните и незаразните болести, што претставуваат закана, не само за населението на Македонија, туку и глобално, додаде директорот на ИЈЗ.

Мемети се осврна и на дезинформации и скептицизам изминатите години околу безбедноста и ефикасноста на вакцините, поради што, како што рече тој, се соочуваме со епидемии на болести што се превентабилни.

Според министерот за здравство Илир Демири, пандемијата од Ковид-19 бил најдобар показател за значењето и улогата на Институтот за јавно здравје.

- Со што, се уверивме, колку е битен Институтот за јавно здравје и колку е битна специјалноста - епидемиолог, истакна Демири.

Тој, меѓу другото, рече и оти треба во многу блиска иднина да се формираат и други одделенија, сектори во склоп на Институтот за јавно здравје, во склоп на Министерството за здравство, со цел развој на програми што се во улога на превенција на здравјето и за да имаме поквалитетен здравствен систем.

Пред присутните, преку видео-обраќање, говореше и директорот на Регионалната канцеларија за Европа на СЗО, доктор Ханс Хенри Клуге.

- Ова патување почна во 1924 година, кога беше основан Институтот за тропски болести во Скопје и се разви од станица за бактериологија до лабораторија за тестирање заразни болести. Оттогаш, развојот на Македонија беше неверојатен, подвлече Клуге.

Тој рече дека тие ќе продолжат да бидат наш стабилен партнер во јавното здравје, „сега и засекогаш“.

Со видео-порака се обрати и директорката на Европскиот центар за превенција и контрола на болестите, доктор Андреа Амон.

- Во споредба со вашиот институт, нашиот, ЕЦДЦ, е многу млад. Многу сум задоволна што во изминативе 15 години, нашата соработка вроди во плодно и зрело партнерство, истакна Амон.

притисни ентер