Базените – можност за разладување за скопјани

Жителите на главниот град кои летово нема да заминат на одмор ќе можат да се разладуваат во Олимпискиот базен „Центар", Аквапаркот, базенот во СЦ „Борис Трајковски", Воениот базен во Аеродром и базенот „Расадник".

Надлежните од базените велат дека водата е најчиста, најквалитетна и најбезбедна по сите светски стандарди и оти има интерес од посетителите. Во ниеден од базените не е дозволено внесување храна, вода, пијалаци, затоа граѓаните треба со себе да си понесат дополнително повеќе пари. Во некои базени задолжитечно е носење капа за пливање.

Олимписки базен „Центар"

Раководителот на Олимпискиот базен „Центар", Мартин Маневски, за МИА изјави дека овој базен е со најдолго искуство во пливачките спортови во нашата држава.

– Базенот работи преку целата година со константна температура на водата согласно правилниците на Светската пливачка федерација и Европската пливачка федерација за да овозможиме најдобри услови за нашите посетители. Работното време преку целата година е секој ден освен понеделник. Во летниот период работиме од 7:00 до 17:00 за рекреација (утринска и дневна), од 17:00 до 20:30 со школи за пливање и пливачки клубови и од 20:30 до 23:00 рекреација – ноќно капење, изјави Маневски.

За време на дневната рекреација, која е популарна опција за граѓаните да се разладат во овие жешки скопски денови, работи и терасата, каде што имаме бесплатни лежалки и чадори за посетителите, а работи и шанкот со ладни пијалаци, сокови и храна.

Маневски посочи дека ноќната рекреација е традиција за Олимпискиот базен „Центар" и е еден од ретките можеби и единствен што ја има оваа опција со одлични услови за нашите посетители.

– Во летниот период работат и школите за пливање во нашите клубови со најдолго искуство во државата (Вардар, Работнички, Орион, Младост, Студент, Пингвин, Звезда, Лириа, Ноти, Вардар 2018, Делфин…) и се посетени најмногу од најмалите кои сакаат да научат правилно да пливаат и да почнат да градат здрави навики преку спортот, да се дружат, да развиваат натпреварувачки дух и правилно да се развиваат од најрана возраст, но имаме и групи за возрасни. Целата листа на клубови е достапна на www.olimpiskibazen.com.mk/skoli.html, додава Маневски.

Тој нагласи дека квалитетот на водата е на највисоко можно ниво и таа е филтрирана електронски 24/7. Квалитетот се проверува секоја недела од страна на Центарот за јавно здравје „Скопје", а подовите на базенот се чистат со подводни роботи специјализирани за таа намена.

– Хигиената се држи на највисок степен и претставува приоритет за нас, потенцира Маневски.

Цената за дневна рекреативна влезница е 250 денари, а има и месечни припејд-картички, на пример пет влеза – 1.000 денари, осум влеза – 1.300 денари, 12 влеза – 1.600 денари и слично.

Сите цени се достапни на www.olimpiskibazen.com.mk/info.html

Аквапарк

Аквапаркот оваа година повторно нуди интересни содржини за сите возрасти: десет атрактивни тобогани, базен со бранови, бумеранг, детски базен, како и ново детско катче за забава во песок.

Тина Мицковска, одговорна за односи со јавност во Спортскиот центар „Борис Трајковски", за МИА изјави дека новитет е и полудневната карта, која ќе може да ја користат сите кои во текот на денот се на работа, а сакаат да се релаксираат во попладневните часови.

– Водата во сите базени е збогатена со калциум хипохлорит, што ја прави најчиста, најквалитетна и најбезбедна по сите светски стандарди и е единствена од таков тип во нашата држава. Првпат годинава има и детско катче – базенче исполнето со песок и реквизити за играње и забавување на плажа. Полудневните билети важат само преку недела, од понеделник до петок, додека, пак, за викенди картата е 300 денари, изјави Мицковска.

Покрај стандардните содржини за капење и уживање, во текот на вечерните часови ќе се организираат и забави, а просторот ќе може да се изнајмува и за родендени, момински и ергенски вечери. Во рамки на Аквапаркот има и неколку шанкови, каде што посетителите можат да се освежат со пијалаци или, пак, да ручаат или да вечераат во ресторанот над Аквапаркот.

Базен „Карпош"

На базенот „Карпош" рекреативниот период е од 07:00 до 17:00 и од 21:00 до 23:00 часот од понеделник до петок. Во сабота и недела, пак, базените за рекреација работат од 07:00 до 23:00 часот. Во детскиот базен може да се прослави и спортско-рекреативен роденден за деца, со тренер и аниматори.

Дневниот билет чини 200 денари, а месечниот 1.200 денари за период од 07:00 до 12:00. Пакетите за базен може да се комбинираат и со сауна, вежбалница и аеробик. Во рамки на базенот и тениските терени има кафуле, каде што посетителите можат да се освежуваат.

Базенот „Карпош" поради големиот интерес летово ќе може да се користи секојдневно за рекреативно пливање од 8:00 до 23:00 часот. Задолжително е носење капа за пливање.

Базен „Аеродром"

Скопјани можат да се разладуваат и во базенот „Аеродром", односно во малиот и големиот базен. Посетителите можат да купат кафе или други пијалаци на барот покрај базенот или да одиграат партија одбојка на песок…

На веб-страницата на базенот се наведува дека целиот комплекс е комплетно реновиран пред почетокот на летото во 2013 година. Воведен е систем за прецизно филтрирање на водата, а во рамки на базенот работи и стручен спасувач, кој се грижи за безбедноста на сите посетители… Базенот работи секој ден од 10 до 18 часот. На фејсбук-страницата на базенот е најавено дека поради високите температури се продолжува работното време до 19:30 часот.

Ќе се градат 14 пливачки базени

Граѓаните очекуваат изградба на 14 пливачки базени. Одлуката за градба на базените беше донесена на владина седница во април годинава, за што се обезбедени средства во износ од 30.000.000 денари.

Базени ќе се градат во Чаир, Карпош, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Штип, Струмица, Велес, Неготино, Прилеп, Битола, Гостивар, Тетово, Кичево, а општините треба да предложат локација и да обезбедат одобрение за градба.

Повеќе можности за разладување

Граѓаните исто така имаат можност да посетат повеќе скопски населби и села каде што се лоцирани угостителски објекти што имаат базени и нудат разладување за своите гости. Оние што можат да си дозволат, можат да набават базени за своите дворови со различни димензии.

Во центарот на градот, спасот од горештините децата Ромчиња често го гледат во градските фонтани. Оваа слика за нас станува секојдневие, додека туристите застануваат и гледаат со неверување.

Оние што сакаат природа можат да уживаат во сенките на Градскиот парк, да ја посетат Матка, езерото „Треска", парк-шумата „Гази Баба", да одат на Водно. Што и да изберат граѓаните, неопходно е да ги почитуваат препораките од надлежните за заштита од топлото време./МИА

Во Велика Британија се тестира персонализирана mRNA вакцина против меланом

Во Велика Британија се тестира персонализирана mRNA вакцина против меланом, која може да спречи и рак на белите дробови, мочниот меур и бубрезите.

Првата персонализирана mRNK вакцина против меланом, која може да спречи и рак на белите дробови, мочниот меур и бубрезите, се тестира врз пациенти во Велика Британија.

Таа вакцина функционира така што го поттикнува телото да ги бара и уништува клетките на ракот за да спречи враќање на смртоносната болест, а може да се прилагоди на секој човек за само неколку недели, пишува „Индипендент“.

Според весникот, втората фаза од испитувањето на вакцината, во чие производство учествувале фармацевтските гиганти „Модерна“ и „МСД“, покажала значително намалување на ризикот од повторување на ракот кај пациентите со меланом.

Сега е покрената финалната фаза на трите испитувања, кои ги предводи Универзитетската колеџ болница во Лондон (UCLH).

Д-р Хедер Шо, координатор на испитувањето, рече дека вакцината има потенцијал да излечи луѓе со меланом и дека се тестира за други видови на рак.

Новата вакцина има за цел да го поттикне имунолошкиот систем да се бори со специфичен тип на рак.

МАСИТ: Компаниите од ИКТ секторот треба да имаат стратегии и механизми за заштита

Компаниите од ИКТ секторот треба да имаат стратегии и механизми за заштита на интелектуалните права.

Поради брзото напредување на технологијата и глобализацијата, заштитата на правата од индустриска сопственост станува сè повеќе предизвикувачка. Затоа, компаниите во ИКТ секторот треба да имаат стратегии и механизми за заштита на своите интелектуални права, вклучувајќи ги патентите, заштитните знаци, авторските права и други форми на заштита, порачува Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) по повод 26 април, Светскиот ден на заштита на правата од индустриска сопственост.

МАСИТ потсетува дека индустриската сопственост вклучува различни аспекти како патенти, заштитни знаци, авторски права и заштита на индустриски дизајни. Овие права, нагласува, им овозможуваат на иноваторите и креаторите да заштитат своите идеи, иновации и креативни дела од нелегална употреба и присвојување.

Според Комората, заштитата на интелектуалните права им нуди на компаниите многу предности, вклучувајќи конкурентска предност, вредност на брендот, можност за заработка, поттикнување на иновации и сигурност на инвестициите. На овој начин, не само што директно се заштитуваат компаниите, туку и се поддржуваат иновацијата и креативноста во ИКТ секторот, што придонесува за позитивни ефекти врз целиот еко-систем.

-Светскиот ден на првата од индустриска сопственост на глобално ниво се одбележува секоја година на 26 април. Македонските ИКТ компаниите јасно ја гледаат користа и големото значење токму во овој сектор, каде иновацијата и креативноста се клуч за успехот. Со поддршка од Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост - ИМЕ, активно ги спроведуваме проектните активности во рамки на проектот за „Подигнување на свеста за потребата од заштита на правата од индустриска сопственост и воспоставување на иницијална правна помош во комората“. Во рамки на проектот, компаниите имаа прилика да се запознаат со суштинското значење и придобивките од спроведување на заштита на индустриската сопственост, при што краен исход е новата услуга во Комората кон компаниите членки на МАСИТ за постојана правна помош за заштита на интелектуалната и индустриската сопственост, информира Комората.

Со цел соодветна едукација на своите членови, на ова претходеле неколку едукативни работилници со македонски и регионални експерти во областа.

-Оваа иницијатива им овозможи на компаниите да се запознаат со значењето и придобивките од заштита на правата од индустриска сопственост, при што беа презентирани успешни искуства и добри практики. Во рамки на проектот, пет компании веќе поминаа низ процесот со поддршка на МАСИТ и Швајцарската Програма ИМЕ. На една од едукативните работилници присуствуваа и претставници на Formula Student Macedonia - македонските студенти кои конструираат F1 болид за меѓународниот натпревар на конструктори, со цел соодветно да се информираат, истакнува МАСИТ.

Запленета голема количина фалсификувани производи во Нови Сад и Белград

Запленета голема количина фалсификувани производи во Нови Сад и Белград, меѓу кои има бисквити, детергенти и шампони.

Пазарните инспектори на српското Министерство за трговија открија нелегално производство на фалсификувани хемикалии за домаќинство, детергенти и шампони од марката „Проктер&Гембл“, како и фалсификувани бисквити Плазма.

„Ова е откриено во акцијата за сузбивање на продажбата на фалсификувани производи на српскиот пазар“, изјави денеска министерот за трговија Томислав Момировиќ.

Тој рече дека на овој начин е спречена употребата на фалсификувани производи и избегната е потенцијална опасност по здравјето на граѓаните.

Момировиќ истакна дека во акција со припадници на Министерството за внатрешни работи и Основното обвинителство од Нови Сад, извршен е инспекциски надзор на повеќе локации во Нови Сад и Белград и запленета е поголема количина фалсификувани производи.

„Меѓу тие производи се 2.021 кондиторски производи, 205 хемиски производи за домаќинството, вклучувајќи детергенти за садови, детергенти за перење и средства за лична хигиена, над 11.000 пакувања за кондиторски производи и хемикалии за домаќинство, 26 буриња од по 120 литри суровини за правење течен детергент за садови и алишта, огромен број на декларации, налепници и бар кодови подготвени за лепење на амбалажата и пуштање во оптек“, рече Момировиќ.

притисни ентер