ЕУ бара целосна либерализација на поштенскиот пазар во земјава - Канал 5

ЕУ бара целосна либерализација на поштенскиот пазар во земјава

-Либерализацијата на пазарот беше одложена во четири наврати. Последното одложување беше со законската измена и важи до 1 јануари 2020 година.

ЕУ бара целосна либерализација на поштенскиот пазар во земјава

Агенцијата за пошта повторно ќе препорача целосна либерализација на поштенскиот пазар во државава, што е една од забелешките во Извештајот на ЕК за оваа област, од каде препорачуваат регулаторното тело да продолжи со јакнење на административнте капацитети, а властите да ја почитуваат неговата независност.

-Либерализацијата на пазарот беше одложена во четири наврати. Последното одложување беше со законската измена и важи до 1 јануари 2020 година. Агенцијата за пошти во континуитет ќе остане на ставот дека либерализацијата мора да се случи, изјави денеска за МИА директорката на Агенцијата за пошти Билјана Аврамовска Ѓореска.

Според неа, Македонска пошта се подготвува за претстојниот процес на целосна либерализација.

-Имаме одлична соработка со Македонска пошта и ќе почнеме да работиме на усогласување за измени на Законот за поштенски услуги каде што ќе ги имаме во предвид сите недостатоци и потреби што произлегуваат од секојдневното работење. На добар пат сме да направиме добро и за пазарот и за сите даватели на поштенски услуги, рече директорката на АП.

Таа потенцираше дека Агенцијата за пошти работи и на забелешките од ЕК за потребата од зајакнување на административните капацитети, како и за усогласување на домашното со законодавството на ЕУ, активности што се спроведуваат преку тековниот твининг проект со ЕУ.

Никола Бертолини, раководител на Секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ во Скопје, претставувајќи ги предизвиците за поштенскиот сектор во државава од Извештајот на ЕУ потенцираше дека претстојат уште многу активности за целосно либерализирање на поштенскиот пазар.

-Препораките се дека пазарот треба да биде либерализиран до 1 јануари 2020 година, а тоа е датум што веќе тропа на вратата. Македонска пошта односно назначениот поштенски оператор за унвиерзална услуга мора да воведе посебно сметководство и пресметување на нето трошоците за воопшто пазарот да биде либерализиран. Истовремено властите мора да ја почитуваат независноста на Агенцијата за пошти и да се зајакнат административните и регулаторните капацитети на ова тело, изјави Бертолини.

Состојбите на поштенскиот пазар се дел од темите на пленарниот состанок на Европскиот комитет за поштенска регулација, што се одржува денеска и утре во Скопје, а чиј домаќин е Агенцијата за пошти.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Лепа Брена на концерт на Крк се појави во фустан со имиња на нејзините најголеми хитови (ФОТО)

Публиката во Diamond Club на хрватскиот остров Крк се собра за познатите песни на Лепа Брена, од „Да се ​​сакаме“ и „Влези слободно“ до „Миле воли диско“ и „Луда за тобом“.

Лепа Брена на концерт на Крк се појави во фустан со имиња на нејзините најголеми хитови (ФОТО)

Заедно со музиката, централниот настан на вечерта беше впечатливата тоалета во која пејачката ја претвори својата богата кариера во модно издание, објави Индекс.

Фустан со мотиви од најголемите хитови

За својот настап, Лепа Брена избра сценска комбинација инспирирана од сопствените успеси. Носеше бел фустан со рачно напишани црни мотиви, зборови и симболи поврзани со нејзините песни. Раскошната силуета на фустанот дополнително доаѓаше до израз со секое движење на сцената, што создаде силен визуелен ефект што го надополнуваше музичкиот настап.

Целокупниот изглед беше во согласност со препознатливиот сценски стил на Брена, кој е гламурозен и модерен, но не претерува. Таа избра едноставна фризура и шминка - висока опашка и минималистичка шминка, а комбинацијата ја надополни со светкави сандали. Притоа, таа се погрижи фустанот да биде во центарот на вниманието.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

УНЕСКО ја отстрани Виена од списокот на загрозено културно наследство- нема да се гради зграда од 73 метри

УНЕСКО денеска одлучи да го отстрани историскиот центар на Виена од листата на загрозено светско наследство откако беа променети плановите за контроверзниот проект за облакодер кој со години предизвикуваше загриженост кај организацијата.

УНЕСКО ја отстрани Виена од списокот на загрозено културно наследство- нема да се гради зграда од 73 метри

УНЕСКО денеска одлучи да го отстрани историскиот центар на Виена од листата на загрозено светско наследство откако беа променети плановите за контроверзниот проект за облакодер кој со години предизвикуваше загриженост кај организацијата, објави Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на состанокот во Бусан.

Во 2017 година, историскиот центар на Виена беше вклучен во листата на УНЕСКО на загрозено светско наследство поради планираната изградба на висока зграда во центарот на градот. Во тоа време, УНЕСКО предупреди дека проектот може негативно да влијае на препознатливиот историски лик на австриската престолнина и да го оштети неговиот урбан карактер.

Првичниот план предвидуваше изградба на зграда висока 73 метри, но проектот подоцна беше променет, а максималната висина беше намалена на нешто помалку од 50 метри. Изменетиот предлог сè уште треба да помине низ оценка на влијанието врз животната средина.

58 локалитети остануваат на листата

Историското јадро на Виена беше запишано на листата на светско наследство на УНЕСКО во 2001 година поради неговиот уникатен урбан пејзаж кој комбинира архитектура од различни периоди, од средниот век и барокот до згради од крајот на 19-ти и почетокот на 20-ти век.

По одлуката во Бусан, 58 локации остануваат на листата на УНЕСКО за загрозено светско наследство. Меѓу нив се бројни места загрозени од вооружени конфликти, природни катастрофи и последиците од климатските промени.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Британија воведува данок на километар поминат со електрично возило

Возачите на електрични автомобили во Велика Британија се соочуваат со дополнителни трошоци од 1 април 2028 година. 

Британија воведува данок на километар поминат со електрично возило

Владата воведува нова такса за користење на патиштата врз основа на поминатото растојание, а мерката ќе ги опфати возилата на електрични батерии, автомобилите на водород и хибридните возила со приклучоци.

Целта на новата такса е поголемо учество на возачите на електрифицирани возила во трошоците за одржување на патиштата и инфраструктурата. Досега, овој систем главно се финансираше од даноците за гориво, но овие приходи се намалуваат со зголемувањето на бројот на електрични автомобили на патиштата.

Различни тарифи за електрични и хибридни возила

Износот на таксата ќе зависи од видот на погонот. За целосно електрични автомобили, почетната тарифа ќе биде три пени по милја, што во моментов е околу 3,5 евро центи по милја, или 2,2 евро центи по километар.

Сопствениците на хибридни возила со приклучоци ќе плаќаат пониска стапка од 1,75 центи по километар, со оглед на тоа што сè уште делумно користат бензин или дизел. Износите ќе се прилагодат со инфлацијата во наредните години.

Новиот данок на електрични возила, наречен eVED, ќе се пресметува според состојбата на километражата. Сопствениците ќе мора да ја пријават својата очекувана годишна километража и ќе можат да го плаќаат данокот месечно или однапред. Конечната пресметка ќе се изврши на крајот од годината. Вистинската километража ќе се евидентира за време на редовниот технички преглед, а податоците ќе бидат испратени до надлежните служби.

Владата очекува милијарди во буџетот

Со оваа регулатива, британската влада планира да го надомести недостатокот на приходи од данок на гориво. Според проценките на Канцеларијата за буџетска одговорност, веќе во фискалната 2028/2029 година се очекуваат дополнителни буџетски приходи од 1,1 милијарда фунти, што е приближно 1,3 милијарди евра. До фискалната 2030/2031 година, таа сума би можела да се зголеми на околу 2,2 милијарди евра.

Првично, новата такса ќе опфати околу 5,6 милиони возила.

Можно забавување на пазарот

Британските власти проценуваат дека новиот данок би можел да го забави растот на пазарот на електрични возила. Во периодот од фискалната 2025/2026 година до 2030/2031 година, би можеле да се продадат околу 120.000 електрични автомобили помалку од планираното. Сепак, ова претставува само околу два проценти од вкупната очекувана продажба во наведениот период.

Исто така, постои можност некои возачи да ги задржат своите автомобили со мотори со внатрешно согорување подолго време поради новата такса. Таквиот развој на настаните би ги зголемил емисиите на CO2 и би го забавил преминот кон поеколошки возила.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер