Сиљановска Давкова: Доста беше! Нека го означи 21 април почетокот на нивниот крај

Пред да започне изборниот молк на полноќ, би сакала да ви се обратам уште еднаш, се наведува во писменото обраќање на кандидатот за претседател Гордана Сиљановска Давкова.

Минав илјадници километри низ нашата прекрасна татковина, сретнав многу луѓе, стиснав илјадници раце. Ве молам, простете ми што не успеав да стасам насекаде, но ветувам дека ќе ве посетам во вториот дел од кампањата. Исто така, ви ветувам и дека по победата моите патишта ќе водат секогаш кон вас.

Слушнав и видов многу. И арно и лошо. Видов сиромаштија, разочарување и тага, но видов и надеж и жар. Новото сонце на слободата веќе го видов во вашите очи. Ја видов и решителноста и желбата да се сплотиме, без оглед на политички, етнички, верски и какви било други разлики. Нашата единствена и заедничка партија е нашата татковина Македонија.

Македонија и нејзините граѓани страдаат од невладеење на правото и од авторитаризам, од полициски притисоци, од невработеност, неслободни медиуми, од бизниси поклопени со тешката рака на политиката, од разурнато здравство и образование, од загадена животна средина.

Свесна сум дека шират страв и вршат притисоци. Ги води бескрупулозна желба за гола власт и профит. Се колнат во НАТО и ЕУ додека нѐ оддалечуваат од сето она што значи живеење во пристојна држава. Но, нас нѐ води желбата за право и за правда за нашата Македонија.

Благодарение на вас, застанав на чело на оваа борба во која ќе се соочиме со нив, отфрлајќи ги стравот и пасивноста. На тоа нѐ обврзуваат предците, тоа од нас го бараат младите и идните генерации. Не сакаме да се срамат од нас. Дојде време да покажеме, и преку избори, дека ние немаме друга алтернатива ‒ или Македонија ќе биде слободна и демократска, или од неа ќе направат колонија, а децата ќе ни заминат разочарани.

Свесна сум за вашиот гнев и за разочарувањето од сето она што се случуваше во минатата година. Ги разбирам и оние што се двоумат и што мислат дека со изборите ги признаваме наметнатото име и октроираниот Устав. Ве уверувам, Република Македонија не може да се обезличи без наша дозвола. Нашата пасивност ќе ја злоупотребат, ќе ја толкуваат како согласување со нивните политики ‒ и најмногу од сѐ, пасивноста ќе им ги отвори вратите за изборните манипулации. Затоа, мораме да ја заштитиме татковината која се брани и со референдуми и со протести, ама и со избори на луѓе што ќе имаат доблест и храброст да им застанат на патот.

Јас верувам во нас, верувам дека в недела ќе си го поставиме вистинското прашање: кому му верувате дека ќе биде ваш глас, глас на непокор и борба за правдини. В недела на гласачкото место ќе се најдете само Вие, ливчето и пенкалото. Изборот е ваш! Изборот е едноставен: сакате лаги или вистина, неправда или правда, наведната или крената глава, корупција и неспособност или реформи и напредок.

Заокружете го бројот 2!

Нѐ пребројуваа, нѐ омаловажуваа, но нивната нервоза зборува дека се свесни дека нѐ има многу повеќе од она што можеше да се види. До мене допреа сите ваши зборови на поддршка, вашите барања, идеи и посветеност. Власта извира од народот: тој дава власт, ама и одзема. Нема да им успеат обидите за изборни манипулации кои веќе ги разоткривме. Нека не се ни осмелуваат да помислат да го кршат изборниот процес, бидејќи ќе бидеме будни и овој пат нема да бидеме тивки како по референдумот. Ќе се бориме со сите демократски и ненасилни средства.

Доста беше! Нека го означи 21 април почетокот на нивниот крај. За да успееме, би сакал уште еднаш да апелирам и да ве замолам да зборувате со вашите блиски, соседи, колеги или пријатели. Да ве замолам да размислите добро што ќе се случи ако победи нивниот кандидат, или ако не успеат изборите. Сега е моментот да ги збиеме редовите. Вие сте мојот глас, а јас ветувам дека ќе бидам вашиот глас, гласот на народот.

Македонија е земјата на која ѝ должам многу, и сега е ред, со ваша помош, да ѝ ги вратам гордоста и правдата. Време е да го направам вашиот глас и слушнат и испочитуван!

Ваша,

Гордана

#ПравдаЗаМакедонија #ТатковинатаПовикува

Ковачевски: Дигитализацијата останува еден од врвните приоритети СДСМ

Ги исполнуваме очекувањата на ИКТ индустријата

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, денеска одржа состанок со претседателката на Собранието на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ, Анета Антова Пешева и со членовите на комората. На средбата се разговараше за економската состојба, за идните мерки за развој на економијата од програмата на СДСМ и Коалицијата за европска иднина, со пособен фокус на мерките за дигитализација и поддршка на ИКТ компаниите и индустријата.

Ковачевски во изјавата за медиуми рече дека ИКТ индустријата е важна за економскиот развој на државата и и затоа поддршката за оваа индустрија и за дигитализацијата останува еден од приоритетите и во четиригодишната програма на СДСМ. При тоа Ковачевски, посочи дека мерките од програмата на СДСМ и Коалицијата за европска иднина се поколопуваат со очекувањата на МАСИТ како комора која ги обединува компаниите од телекомуникациските и технолошките компании.

Ковачевски рече дека во програмата е планирано формирање на Агенција за дигитализација, која ќе биде отворена и за сите предлози, искуства и знаење на ИКТ индустријата, а планирано е и дигитализирање на процесите во државата во кои што треба да бидат достапни на најбрз начин за граѓаните. На средбата како кажа Ковачевски, се разговарало и за измени на Законот за работни односи, за да може да се воведат новини кои ќе бидат согласно тековните случувања во областа на дигитализацијата, особено во делот на работењето од дома и достапноста на технологиите за работниците на различните места освен на работното место.

Во следните четири години како што посочи Ковачевски ќе се стави силен фокус на дигитализацијата и на информатичко – комуникациските услуги преку формирање на е-бизниси и форамирање на посебна комисија во Собранието на Република Северна Македонија, која ќе биде исклучиво за дигитализација и на која што ќе се разговара за теми за вештачка интелегенција, дигитализација, а во која освен политичките партии ќе учествуваат и претставници на МАСИТ и други стопански комори, како и компаниите кои се водечки во развојот на ИКТ индустријата.

„Ние како Влада во измиантиот мандат имавме одлична соработка со МАСИТ во делот на поддршката на компаниите ги изедначивме македонските и странските компании, бидејќи во минатото само странските компании беа тие кои што беа во можност да добијат државна помош. Сега сите компании се изедначени. Македонските компании ја искористија таа можност во делот на развојот на нови услуги и работни процеси и технолиогиии, преку користење на таква помош. Веќе има неколку од нив кои го зголемија своето работење и производите кои ги произведуваат, како и бројот на вработените и својот обрт.Сите политики во иднина ќе бидат токму во оваа насока“, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

Битиќи: Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените

„Осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените за задолжителна осигурителна полиса, а на граѓаните да им се компензираат средствата“

Заменик- претседателот на Владата на Република Македонија на својата официјална Фејсбук страница имаше реакција на едностраната одлука на осигурителните компании за менување на тарифата и зголемувањето на цените на задолжителната осигурителна полиса за регистрација на возила.

Во продолжение Ви ја праќаме неговата објава:

„Згрозен сум од зголемувањето на сумата за задолжителна осигурителна полиса од страна на осигурителните компании. Ова може да се толкува и како директен атак, или политичко мешање на компаниите за осигурување, бидејќи тарифникот со тие зголемувања два пати е доставен до Владата и два пати не е одобрен на Владина седница.

Ова е манипулативен начин со кој надвор од предвидената процедура осигурителните компании изнаоѓаат начин да ја зголемат цената на авто осигурувањето на грбот на граѓаните.

Ова е пример за длабоката држава која мора да се искорени.

Го повикувам ресорното министерство за финансии и комисијата за заштита на конкуренција да постапат и да покренат постапка за олигополско здружување и осигурителните компании да го повлечат зголемувањето на цените, а на граѓаните кои веќе платиле повисоки цени очекувам да им се компензираат средствата.“

На двојните избори на 8 мај граѓаните само еднаш ќе имаат право да влезат на избирачкото место

Дали ќе гласате само за претседателските, само парламентарните или и за двата вида избори, со вакво прашање ќе биде пречекан секој гласач на 8-ми мај од член на избирачките одбори, одлучи ДИК.

На тој начин, освен, како што соопшти Комисијата, потранспарентна работа на ИО, ќе се има и јасен увид за излезноста на двата паралелни процеса.

Членовите на избирачките одбори кои се задолжени за биометриска идентификација ќе имаат право да ги прашаат граѓаните за кој вид на избори сакаат да гласаат, соопштија од ДИК. Втора шанса да влезат на избирачакото место граѓаните нема да имаат.

-Едно лице од избирачкиот одбор кое ракува со уредот за биометриска документација најпрво задолжително да ги праша граѓаните за кој вид на избори сакаат да гласаат, дали за парламентарни, дали за претседателски, или за двата вида на избори и тоа на соодветен начин да го нотифицира во уредот за биометриска идентификација. После што по вторпат во текот на денот, бидејќи им е дадено првото на избор, граѓаните нема да можат повторно да доаѓаат на гласачкото место, образложи членот на ДИК, Борис Кондарко.

За да нема застој во гласањето на двојните избори, ДИК одлучи и бројот на членови на избирачки одбори да се зголеми од 5 на 7. По едно лице од избирачките одбори ќе биде задолжено за проверка на граѓаните во избирачките списоци, посебно за тој за гласачите за претседателските, посебно за парламентарните избори. Исто така по еден член од изборните комисии ќе биде задолжен за издавање само на гласачките ливчиња за граѓаните кои ќе гласаат за претседателските, друго за оние за гласачките ливчиња за парламентарните или и за двете. Седмото лице од гласачкиот одбор е одговорно за обезбедување на тајноста на гласањето зад параванот.

Инаку, до денеска до 19 часот истекува рокот за поднесување на приговори за постапката на гласање од првиот круг, а до полноќ рокот за приговори што се однесуваат на сумирањето на резултатите по што ДИК треба да донесе одлука во рок од 72 часа. Со оглед дека разликата меѓу вториот и третиот на изборите е повеќе 60.000 гласа, прегласување нема да има, дури и во случај евентуалните приговори да бидат прифатени.

притисни ентер