Командирот на Територијаланата противпожарна единица Свети Николе Кирил Колев за МИА вели дека во населбата Бел Камен, место викано Крушки, во близина на Свети Николе изгоре викендичка, а на површина од 20 хектари изгореа и нискостеблеста шума и багрем.
– Пожарот е предизвикан од запалено стрниште, додека да пристигнеме викендичката веќе беше зафатена. Во моментов пожари има и над селата Милино и Кадрифаково, каде гори сува трева и шума. Сите пожарникари се на терен. Во моментов ни се расипаа и противпожарните возила. Едното е на поправка и чекаме да го ставиме во функција. Помош имаме од вработените во „Македонски шуми", изјави Колев.
Тој забележува дека трите пожари почнале во исто време, точно на пладне, а во моментов се бараат и трактори што ќе направат бразди на земјиштето кое гори во близината на селата Милино и Кадрифаково со цел да не се шират пожарите.
Колев истакна дека земјоделците од февруари па се до денеска намерно ги палат стрништата со што предизвикуваат големи штети и на останатите земјоделски култури, а тие како Противпожарна единица постојано се на терен со старата опрема и возила.