Традиции за „Тримир" и голема хуманост

 Богата и долга традиција на чествување на денешниот празник Тримир на почетокот на Велигденските пости во Прилеп.

 Прилепското здружение „Преродба" долго ги негува и ги одржува традициите и обичаите што се пренесуваат од генерација на генерација. Здружението го одбележува Тримир, денот посебен за младите невести, девојките, мајките и за свекрвите, но денеска продолжува и голема хумана акција на дарување за семејството на прилепскиот бранител Драган Спасоски.

Објаснувајќи ја традицијата, Љубица Трајкоска од здружението „Преродба" вели дека ова е посебен ден за младите невести и девојки кои одат на посна трпеза кај мајките.

– Овој ден е посебен за жените, невестите, за мајките, за свекрвите. Традицијата продолжува од генерација со генерација. Некои си држат Тримир што трае три дена. Денеска се оди в црква каде од свештениците се добива благослов, крстена вода, нафора. Потоа младите невести, ќерките одат кај своите мајки. Постите си продолжуваат до Велигден. Тримирот значи духовно и телесно испостување. Духовното постење е посебно. Потребно е да си чист во душата за да почнеш да постиш, објаснува Трајкоска.

Прилепчанката Цвета Рунеска објаснува дека мајките ги наградуваат ќерките за постењето.

– Младите невести одат кај мајките. Мајката, како награда што ќерката го издржала тримирот-постењето и приготвува посна трпеза, како зелник, грав, сарма, пченица, овошје. За да биде поголема свеченоста, мајката ја поканува свекрвата која во придружба на неколку жени оди на гости. Носи подароци: боза, кравајче и баклава. И се знае – со убава трпеза е и весела дружбата, вели Рунеска.

Менче Пејоска објаснува дека Прилеп има посебен и единствен специјалитет- бела пченица. Се прави од памтивек.

– Кога бевме деца, мајка ми почнуваше со подготовките, прво накиснувајќи ја пченицата одвечер. Изутрината се цеди, потоа се толчи и пченицата се става да се исуши. Лушпите се отстрануваат, а другото се вари. Се толчат и конопните зрна, се цедат детално додека не бидат бели. Сѐ се меша и ова е специјалитет само во Прилеп, објаснува Пејоска.

Годинава посната трпеза на здружението „Преродба" е поскромна, но со богата хуманост.  Му даруваа пари, а вторпат сега и храна на семејството на прилепскиот бранител Драган Спасоски кој живее во крајно лоши услови. Поради влошената здравствена состојба, деновиве му е ампутирана и ногата.

– Годинава тримирската трпеза е поскромна. Одлучивме да му донираме пари на семејството на прилепскиот бранител Драган Спасески на кого пред два дена му беше ампутирана ногата. По овој настан, ќе одиме кај семејството Спасески за да донираме храна, што беше направено и минатата недела. А многу му треба на семејството. Живее во мизерни услови без вода, без можност да набави храна. Многу е тешка ситуацијата, вели Лиле Ацеска од прилепското здружение „Преродба".

Филипче и Храповиќ потпишаа Меморандум за разбирање, се зајакнува соработката со Црна Гора во областа на здравството

Министерот за здравство Венко Филипче денеска во Подгорица во рамки на официјалната посета и заедничка седница на Владата на Република Северна Македонија и Владата на Црна Гора, се сретна со црногорскиот министер за здравство, Ќенан Храповиќ.

На средбата, соопшти Министерството за здравство, станало збор за продлабочување на соработката меѓу двете министерства во повеќе области, како што се имунизација и воведување на нови вакцини, развој на програми за скрининг и рано откривање на малигни заболувања, развивање на патронажни сервиси и здравствена заштита во рурални подрачја, регионализација на давање здравствени услуги, надминување на предизвиците со кои се соочуваат двете земји како што е одлив на медицински кадар и можности за размена на искуства, знаења и експертиза меѓу двете земји.

На заедничката владина седница министерот Филипче се заблагодарил за досегашната одлична соработка и најавил соработка со Министерство за здравство на Црна Гора во повеќе области, почнувајќи од делот на медицински туризам, односно користење на ресурсите и капацитетите на детската кардиохирургија за пациенти од Црна Гора кои имаат потреба од тоа и користење на центарот за рехабилитација во Игало за македонските државјани.

Со ова, на пациентите ќе им се понуди можност и пристап за користење на најдобрата експертиза и добивање поквалитетна здравствена услуга во овие области.

Министерот Храповиќ ја поздравил претстојната соработка и нагласил дека преку активностите кои ќе се одвиваат меѓу двете земји, како што е размената на кадри, воведување на телемедицина меѓу клиничките центри во Скопје и Подгорица, развојот на медицинскиот туризам и споделувања на искуства, најголем бенефит ќе почуствуваат граѓаните на двете земји.

На крајот од заедничката седница меѓу Владите, министрите Филипче и Храповиќ потпишале Меморандум за разбирање во областа на здравството и медицинските науки при што се согласиле да ја развијат и зајакнат соработката во областа на здравството во следните приоритетни области: реформи во системот на здравствена заштита и во системот на здравствено осигурување, законодавство во областа на здравството, промоција на здравје и превенција на хронични незаразни болести, развој на интегрирани служби за итна медицинска помош, едукација на медицински персонал за размена на практични искуства и знаења, електронски услуги во здравството, директна соработка меѓу медицинските факултети и здравствените установи, како и соработка во други области од заеднички интерес.

Најмалку 19 ученици загинаа додека скокаа од запалена зграда на интернат (Вознемирувачко видео)

Најмалку 19 ученици на возраст од 14 до 17 години загинаа при обид да се спасат од големиот оган во интернатот во индискиот град Сурат, во државата Гуџарат.

Најмалку 19 ученици загинаа додека се обидуваа да скокнат и да се спасат од петкатнииот објект во пламен , додека десетици се повредени. Од полицијата наведуваат дека црниот биланс би можел да се зголеми.

Од владата на Индија најавија финансиска помош за семејствата на настраданите момчиња. Премиерот Нарендра Моди нареди итна истрага за страшната несреќа и вети помош од владата.

Пожарот го гаснат 19 возила , како и локалното население.

Новиот граничен премин со Косово ќе се отвори во август

Новиот граничен премин меѓу Косово и Северна Македонија „Белановце-Станчиќ" ќе биде пуштен во употреба во август годинава, објави денеска порталот „Газета експрес".

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, информацијата за порталот ја потврдил официјален извор од косовското Министерство за внатрешни работи, наведувајќи дека досегашните одлагања за отворање на преминот биле поради тоа што Северна Македонија првпат отвора заедничка гранична точка.

– Ова е првпат во Република Северна Македонија да се отвора заедничка гранична точка, затоа што во тој правец македонската страна имаше недостиг на легислатива за реализација на проектот и беше потребно доста време за донесување на законската инфраструктура, поради што доцнеше имплементацијата, вели изворот на „Газета експрес".

Иницијативата за отворање на граничниот премин потекнува од 2011 година, а неговата изградба, со финансиска помош од Европската Унија (ЕУ), почна во јуни минатата година, кога беше поставен камен-темелникот од страна на вицепремиерите на двете земји, Бујар Османи и Енвер Хоџај и амбасадорот на ЕУ во Скопје, Самуел Жбогар.

Приштинскиот портал наведува дека жителите на кумановскиот регион во Северна Македонија и гњиланскиот во Косово постојано се жалеле поради не реализацијата на проектот, затоа што биле принудувани да патуваат и по сто километри за, преку граничниот премин Блаце, да стасаат до местата на другата страна на границата, кои се инаку многу блиску едно до друго.

Отворањето на оваа гранична точка, пишува „Газета експрес", има стратешко значење поради географската позиција која ги поврзува трите држави, Косово, Северна Македонија и Србија, од аспект на развојот на економијата и трговија, движењето на луѓе и стоки и друго. 

притисни ентер