Тевдовски: Стабилизиран јавниот долг, во пресметката се враќа и негарантираниот долг

 Владата го враќа негарантираниот долг во пресметката на јавниот долг.

Ова е предвидено во измените и дополнувањата на Законот за јавен долг што е во собраниска процедура. Министерот за финансии Драган Тевдовски во интервју за МИА вели дека измените на законот се во насока на поголема транспарентност и во согласност со препораките што ги даваат релевантните меѓународни институции, а ќе доведе до поголема кредибилност на податоците за јавниот долг и поголема доверба од страна на инвеститорите.

Истакнува дека јавниот долг во моментот е стабилизиран и на крајот на 2018 година изнесуваше 48,7 проценти од БДП, а на крајот на 2016 година изнесуваше 48,8 отсто.

– Јасно се гледа дека е стабилизиран. За споредба со периодот од 2008 до 2016 година, јавниот долг растеше со многу силно темпо. Тој е зголемен од 23,3 отсто на 48,8 отсто од БДП, истакнува министерот во интервјуто.

Во пресметката за јавен долг го враќате негарантираниот долг. Ова е предвидено со измените на Законот за јавен долг. Зошто се прават овие измени?

Измените на Законот за јавен долг се во насока на поголема транспарентност и се во согласност со препораките што ги даваат релевантни меѓународни институции како ММФ, Светска банка, но и Европска унија.

До 2014 година негарантираниот долг беше дел од пресметката на јавниот долг, што потоа беше изваден со измени на законот. На ова сериозни критики упатуваше ЕУ, меѓународните институции, но и тогашната опозиција, како и експертска јавност.

Сега во насока на препораките на меѓународните институции, но и за методологијата на јавниот долг во согласност со меѓународните стандарди се прави оваа измена ќе биде вклучен и негарантираниот долг. Тоа ќе доведе до поголема кредибилност на податоците за јавниот долг, поголема доверба од страна на инвеститорите, што е од особена важност кога се управува со јавниот долг.

Велите дека измените на Законот за јавен долг се усогласување со меѓународната пракса. Кои новини ги предвидува Законот и од кога ќе почне да се применува?

Новините ќе стапат на сила од кога законот ќе биде изгласан од страна на Собранието. На пленарна седница е ставен во понеделник, во редовна процедура во две читања.

Покрај оваа сериозна измена што се прави за вклучување на негарантираниот долг во пресметката на јавниот долг има и други измени. На пример, Министерството за финансии повторно ќе почне да изработува стратегија за управување со јавниот долг како одделен документ. Таа во 2011 година неоправдано беше вградена во Фискалната стратегија. Така, се помалку податоци се објавуваа за јавниот долг. Сега ние тоа го исправаме.

На овој закон работевме заедно со експерти од Светската банка и по нивни препораки, Министерството за финансии повторно ќе ја објавува Стратегијата за управување со јавниот долг, како посебна стратегија, а паралелно ќе ја објавуваме и Фискалната стратегија. На овој начин подобро ќе ја информираме јавноста за начинот и политиките при управување со јавниот долг.

Исто така, Министерството за финансии ќе врши кредитна анализа на носителите на јавниот долг според меѓународни правила и стандарди. Ова е едно од барањата на ЕУ и ММФ и е во насока на подобрување на управувањето со јавниот долг.

Опозицијата вели дека Владата се презадолжува и наведува милионски суми нов долг. Колку сме задолжени во моментот?

Би требало за ова да се кажат две бројки, што покажуваат дека јавниот долг е стабилизиран во овој период. На крајот на 2016 година јавниот долг изнесуваше 48,8 отсто од БДП, на крајот од 2018 година изнесува 48,7отсто од БДП, односно јасно се гледа дека е стабилизиран. За споредба во периодот од 2008 до 2016 година, јавниот долг растеше со многу силно темпо. Тој е зголемен од 23,3 отсто на 48,8 отсто од БДП.

За да го стабилизираме долгот преземавме различни мерки и активности за подобрување на кредибилноста, за поголема доверба на инвеститорите.

Ќе кажам дека бројот на аукции на државни хартии од вредност е од три до четири месечно на две месечно, последните година и пол. Поради добрата фискална политика, добрата насока во која се движи земјава, каматните стапки по кои Министерството за финансии издава хартии од вредност на домашниот пазар се исто така намалени. На пример, ако 12-месечни записи имаше каматна стапка од два отсто на почетокот на 2017 година, сега тие имаат каматна стапка од 0,8 отсто. Исто и на меѓународниот пазар. Веќе е познато дека еврообврзницата што е издадена минатата година е со историски најниска каматна стапка од 2,75 отсто, за споредба сите останати беа со каматна стапка во распон од четири до 10 отсто. Ова е помал трошок што го плаќаат граѓаните, помала каматна стапка и се должи на доброто и ефикасно управување со јавните финансии.

Законот за субвенциониран станбен кредит во понеделник е исо така на собраниска седница. Од кога очекувате да почнат да се применуваат новите услови?

Новите услови ќе почнат да се применуваат откако ќе бидат донесени од страна на Собранието, а бидејќи е во собраниска процедура очекуваме дека набрзо – најверојатно во текот на овој месец или на почетокот на следниот ќе биде изгласан од страна на Собранието.

Најважно е што значајно се намалени каматните стапки. Одлично е што во земјава имаме каматни стапки за станбени кредити кои се под три отсто, поточно во првите три години со измените камата ќе биде 2,9 отсто. Досега не сме имале толку ниски каматни стапки. Подобрени се условите и намалени се каматните стапки и за четвртата и петатта година од станбените кредити. Тоа ќе направи сериозни заштеди за граѓаните. Само од намалувањето на каматната стапка заштедите ќе изнесуваат околу 1.300 евра за кредит од 50.000 евра.

Со измените државата ја зголемува и поддршката за граѓаните за младите до 35 години. Поддршката порано беше 50 отсто од ратата, сега ја зголемуваме на 70 отсто. Правиме измени и кај моделот за субвенција на учеството. И таму се зголемува субвенцијата на 70 отсто од учеството.

Целта е граѓаните кои немаат свое живеалиште да можат на многу полесен и поевтин начин да дојдат до свое живеалиште.

Правите и измени на законот за готовински плаќања во начинот на издавање фискални сметки. Кои се промените што треба да ги очекуваат фирмите и трговците?

Се прават неколку измени што се прават во насока на намалување на даночната евазија. Фокусирани сме на еден дел што се однесува на сторнирање на сметките. Едно од решенијата на законот е при сторнирањето на сметките да се приложува и сметката што е сторнирана.

Друга измена, се доуредува и делот кај издавањето сторни сметки кај угостителите и обложувалниците, кај кои се пропишува временско ограничување за издавање на сторна сметка во рок од 15 минути од издавањето на фискална сметка, со цел да се спречат злоупотреби.

Двајца фаворити на изборите во Бугарија се на американската црна листа

Двајца носители на листа и фаворити на претстојните избори во Бугарија се наоѓаат на американската црна листа поради корупција.

Лидерот на Преродба, Дељан Певски е на американската црна листа од 2021 година.

Додека Васил Божков, носител на листа на партијата ЦЕНТАР е на црната листа на САД од 2021 година и се соочува со повеќе од 16 обвиненија, групирани во три големи кривични дела. Откако најави дека ќе биде носител на листата судот во Софија го ослободи со кауција од 130.000 лева (65.000 евра), со што му овозможи на бугарскиот бизнисмен, познат како Череп, активно да учествува во изборната кампања.

Според бугарските обвинители, Божков е обвинет дека не платил речиси 700 милиони лева (350 милиони евра) такси за коцкање, нелегално поседување антиквитети и поттикнување на убиство.

Божков тврди дека е жртва на репресија од страна на поранешниот премиер Бојко Борисов и вети дека ќе се бори против политичката статус кво состојба во Бугарија, тврдејќи дека неговата партија е единствената алтернатива.

Грузија ги обвини организаторите на протестите дека со сила сакаат да ја преземат власта

Службата за државна безбедност на Грузија денеска ги обвини организаторите на протестите против предложениот закон на владата за „странски агенти“ дека сакаат насилно да ја преземат власта и ги предупреди граѓаните да не им се придружуваат.

Веќе еден месец илјадници луѓе речиси секој ден протестираат против предложениот закон, кој го сметаат за авторитарен и инспириран од сличен закон во Русија кој се користи за сузбивање на неистомислениците.

Во објава на Фејсбук, агенцијата за внатрешна безбедност на Грузија предупреди дека организаторите на протестите имаат за цел „да ги соборат државните структури и владата со насилни средства“.

Агенцијата истакна дека организаторите на протестите биле финансирани однадвор и дека планирале насилство врз полицијата, заедно со кампања на граѓанска непослушност како „обоените револуции“, серија бунтови кои ги соборија владите во поранешните советски републики во раните 2000-ти.

„Ги повикуваме младите кои учествуваат во протестите да не следат провокации“, се наведува во соопштението.

Грузискиот парламент треба да го одржи третото и последно читање на законот на 13 мај. Опозицијата повика на нова серија масовни протести од 11 мај.

Западните земји го критикуваат предложениот закон, според кој организациите кои добиваат повеќе од 20 отсто пари од странство ќе мора да се регистрираат како агенти на странски служби. Европската унија, која на Грузија ѝ додели кандидатски статус во декември, предупреди дека законот може да го отежне пристапот во Унијата.

Предлог-законот предизвика конфликт меѓу владејачката партија Грузиски сон и коалицијата на опозициските партии, граѓанското општество и претседателот на земјата. Владата посочува дека законот е потребен за да се промовира транспарентноста и да се заштити грузискиот суверенитет.

Безбедносните сили често користат солзавец и водени топови против демонстрантите. Минатата недела полицајци го претепаа лидерот на најголемата опозициска партија во Грузија.

Претседателката на парламентот Шалова Папунашвили денеска најави дека владејачката партија ќе создаде јавна база на податоци „за сите лица вклучени во насилство, други незаконски дејствија, закани и уцени или секој кој јавно поттикнува такви дела“.

Шолц: Мирот на Западен Балкан не е нешто што се подразбира само по себе

Германија интензивно се залага за прием на земјите од Западен Балкан во Европската унија бидејќи членството е ветувано долго време, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц на средбата со Денис Беќировиќ, член на Претседателството на БиХ.

Кога станува збор за Босна и Херцеговина, таа не напредувала колку соседите, но Шолц потсети дека во март „заедно со колегите од Советот на ЕУ“ дал зелено светло за почеток на преговорите за полноправно членство со БиХ, пишува ДВ.

„Тоа беше важен чекор на кој работевме многу долго, но се надевам дека разбуди нова надеж во БиХ во Европа и дека е барем мал поттик да продолжиме со реформите“, рече Шолц и додаде дека тоа е „мал сигнал за силите ориентирани кон реформи“.

Германскиот канцелар потоа потсети дека членството во Европската Унија пред сѐ зависи од условите што земјата-членка мора да ги исполни на патот кон таа цел. Можеби тоа беше мал одговор на сите оние од Западен Балкан кои се чувствуваа заобиколени откако на крајот на минатата година им беше отворен патот на преговорите на Украина и Молдавија по скратена постапка. Сега Шолц уште еднаш јасно стави до знаење дека патот е долг, за некои многу, многу долг.

Некои веќе можат многу брзо да ја замислат Црна Гора во Европската унија, како што рече Антон Хофрајтер, политичар од владејачката партија Зелени и претседател на Комисијата за прашања на ЕУ во Бундестагот, минатата недела по посетата на Спајиќ на Берлин. На Босна и Херцеговина ѝ претстои долг пат. „Знам дека напорите се големи, но овие напори на крајот ќе се исплатат и тоа не само финансиски“, изјави Шолц.

Како дел од берлинскиот процес, германскиот канцелар сака да продолжи со зајакнување на регионалната соработка бидејќи, според него, придонесува за мир, што е особено важно во актуелните геополитички околности. „Нападот на Русија врз Украина ни покажа колку е важна соработката, а исто така покажа колку е важен мирот“, рече Шолц, кој го поздрави покажувањето на солидарност на БиХ со Украина и приклучувањето кон санкциите против Русија.

Германскиот канцелар се осврна и на безбедносната ситуација во регионот и рече дека мирот на Западен Балкан „не е нешто што се зема здраво за готово“. „Босна и Херцеговина игра важна улога овде и ќе се спротивставиме на секој обид за загрозување на територијалниот интегритет и суверенитет на Босна и Херцеговина“, рече Шолц и нагласи дека поради тоа Германија ќе истрае да учествува во воената мисија Еуфор и Алтеа.

Претседателот на Претседателството на БиХ, Беќировиќ, рече дека се заблагодарува „во име на огромното мнозинство граѓани на БиХ“ за поддршката што Германија со децении ѝ ја дава на неговата земја. „БиХ е земја со долга историја и има добра меморија и како таква не ги заборава своите пријатели, а Германија е голем пријател“, рече Беќировиќ, кој укажа и на подобрувањето на економските односи меѓу БиХ и Германија.

„Меѓу 75 и 80 отсто од жителите на БиХ сакаат што поскоро нашата земја да биде полноправна членка на ЕУ и НАТО. За жал, и за тоа го информирав канцеларот Шолц, имаме проруско малцинство во Босна и Херцеговина што ги загрозува основите на Дејтонскиот договор и уставниот поредок на Босна и Херцеговина. Тој рече дека треба да биде подготвен да одговори на „предизвиците“ околу ова прашање во наредниот период.

Тој, исто така, и се заблагодари на Германија за нејзината улога во однос на резолуцијата на ОН за „одржување на вистината за геноцидот во Сребреница“. Шолц, на прашањето на ДВ за односот на Германија кон оние кои се против резолуцијата, повеќе или помалку избегна директен одговор и рече дека Германија предводи „група пријатели“ кои се залагаат за усвојување на резолуција што е таму за да „сеќавањето не избледува за да останат предупредувањата за во иднина“.

И оваа посета на висок политичар од Западен Балкан покажа дека германските напори за приближување на земјите од овој регион кон Европската унија не стивнуваат. Она што владата на Олаф Шолц го започна веднаш по преземањето на власта со назначувањето на Мануел Саразин за специјален комесар на германската влада за Западен Балкан и интензивната дипломатска активност повторно се активира.

Оваа година самитот како дел од Берлинскиот процес ќе се одржи во Берлин на десетгодишнината во октомври, а Германија се уште важи за најсилна сила кога е во прашање задржувањето на Западен Балкан на листата на приоритети на Европската унија. И досегашните успеси во рамките на овој процес, т.е. зајакнувањето на регионалната соработка, како што е договорот за меѓусебно признавање на дипломите, Германија го доживува како успех на берлинската дипломатија.

Без Германија, Босна и Херцеговина веројатно немаше да добие зелено светло за почеток на преговорите во март. „Горд сум на фактот што развивме ново темпо во процесот на приближување на земјите од Западен Балкан до Европската унија. Сега Европската комисија предложи отворање на преговорите за Босна и Херцеговина. Ова е јасно сигнал дека ЕУ се прилагодува на новата ситуација, европскиот мировен проект ќе биде силен во светот, кој се менува“, рече Шолц за време на неговото владино соопштение во март, кое му претходеше на самитот во Брисел.

притисни ентер