Освен за Алијансата, ќе се пополнат испразнетите амбасадорски места во најголем дел од земјите од регионот. Нов амбасадор ќе има во Атина, Белград, Тирана, Приштина и Загреб. Во Европа, нови амбасадори ќе има во Чешка, Италија, Ватикан, Белгија, Холандија, Данска и Русија. Освен таму, Македонија ќе има нов амбасадор во уште една земја членка на Советот за безбедност – Кина. Во Азија се пополнуваат местата и во Индија, Израел, Катар. Освен во билатерала, Македонија свои претставници ќе добие и во Советот на Европа во Стразбур и Обединетите нации во Женева.
Владата не ги открива имињата додека не го поминат последниот филтер кај шефот на државата Пендаровски. Колку од нив се професионалци а колку се политички именувани останува непознато. Ова веројатно ќе биде последната група именувања во која предност се дава на политичките предлози.
Новиот Закон за надворешни работи, кој денеска беше ставен на јавна расправа, предвидува најмалку 80 отсто од амбасадорите да бидат дипломати по кариера.
За Македонскиот дипломатски синдикат една четвртина од предлог-законот е спорен. Оттаму велат дека е катастрофално нестручен, неефикасен и содржи несоодветни временски рокови за обука и стекнување дипломатско звање.
По најавите дека ќе се укинуваат повеќе дипломатско-конзуларни претставништва, се уште не се открива кои ќе бидат тие и кога ќе се затворат.
Според надлежните, целта е да останат амбасадите кои се од круцијално значење за трговската и економската соработка со земјава.