Досега вакцинирани се 4,328 деца со МРП вакцина, родителите да ги почитуваат препораките

 Министерството за здравство соопшти дека денеска до 13:00 часот се вакцинирани 24 деца или досега вкупно 4.328 деца со МРП вакцини.

Моментно на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби има вкупно 18 пациенти со морбили (мали сипаници). Вчера е примен 19 годишен пациент, префрлен од Клиниката за детски болести, кој добил морбили и е во потешка здравствена состојба. Амбулантски се прегледани четири деца сомнителни за морбили, на возраст од седум месеци до две години. Сите се пуштени на домашно лекување. Постабилна е здравствената состојба на детето со церебрална парализа кое беше во потешка состојба. Исто така, подобрена е и постабилна состојбата и на осумгодишното девојче кое има астма и се заразило со морбили и варичела.

-Во врска со ширење на епидемијата на морбили (мали сипаници) во град Скопје им се укажува на сите универзитетски клиники во текот на денот да ги свикаат своите комисии за интрахоспитални инфекции и да донесат одука за ограничување на посета на пациентите, односно да се забрани посета на пациенти кои лежат на клиниките до крајот на траењето на епидемијата, наведува Министерството.

Апелира и родителите да ги почитуваат препораките.

-На трите пунктови во поликлиниките „Јане Сандански", „Бит-пазар" и „Ѓорче Петров" има дежурни лекари секој работен ден од 19.30 часот до 7.30 наутро, а за викендите се на располагање 24 часа во текот на денот. Во работните денови, родителите треба децата прво да ги однесат на матичен лекар. На овие три места ќе се вршат комплетни прегледи со лабораторија на децата чии родители ќе се посомневаат дека можеби се заболени од морбили (мали сипаници). Доколку лекарите утврдат дека е потребно, пациентите ќе ги упатуваат на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Апелираме до сите родители, кои ќе забележат или ќе се посомневаат на првите знаци на болеста, висока температура, децата прво да ги однесат на овие три пунктови, велат од Министерството за здравство.

Воедно потсетуваат дека сѐ уште е на сила наредбата дека децата, кои се невакцинирани нема да бидат примени во детските градинки, со цел да се спречи ширењето на епидемијата прогласена во Скопје.

-Децата од училишна возраст задолжително да се вакцинираат ако не се вакцинирани или примиле само една доза од вакцината МРП. Сите здравствени работници што од кои било причини не се вакцинирани или не се сигурни во својот вакцинален статус, да го направат тоа во најбрз можен рок. Напоменуваме сите превентивни мерки и препораки против ширењето на болеста да се сфатат сериозно и без отстапки. Апелираме до сите родители да ги вакцинираат своите деца со МРП вакцина, која е висококвалитетна и ефективна, а производител е GlaxoSmithKline од Белгија, наведува Министерството и уште еднаш потенцира дека вакцините кои се аплицираат во сите здравствени домови се со проверен квалитет, од европски производител и имаат добар рок на траење.

МТСП: Неработни денови

Министерството за труд и социјална политика, согласно со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ“ бр.21/98 и 18/07) соопштува .

Министерството за труд и социјална политика, согласно со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ“ бр.21/98 и 18/07) соопштува дека:

1 мај 2024 година (среда), Денот на трудот е неработен ден за сите граѓани на Република Македонија.

03 мај 2024 година (петок), Велики Петок, петок пред Велигден, е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед во Република Македонија.

06 мај 2024 година (понеделник), Велигден, вториот ден на Велигден според православниот календар, е неработен ден за сите граѓани на Република Македонија.

Министерството за труд и социјална политика на граѓаните им ги честита престојните празници.

Министерство за труд и социјална политика

Италијанскиот новинарски синдикат повика на штрајк на јавниот радиодифузен сервис Раи

Новинарскиот синдикат УСИГраи (USIGrai) повика на 24-часовен штрајк во италијанската јавна телевизија Раи на 6 и 7 мај, главно во знак на протест против мешањето на десничарската влада на премиерката Џорџа Мелони, јави ДПА.

Тие ја обвинија Мелони дека сака да го претвори радиодифузерот во „говорник на владата“.

Заднината на ова е откажување во последен момент на поканата на писателот Антонио Скурати, кој сакаше да прочита текст на денот на ослободувањето на Италија од германската окупација и фашизам на 25 април.

За време на настапот, тој сакаше да ја критикува партијата на Мелони за нејзиното постфашистичко потекло. Текстот на крајот беше прочитан од новинар на Раи.

Мелони е на чело на десничарската трипартиска коалиција од октомври 2022 година. Нејзината сопствена партија „Браќата на Италија“ потекнува од постфашистичкиот политички спектар. Поранешниот диктатор Бенито Мусолини (1883-1945) сè уште е почитуван од истакнати членови на партијата до ден-денес, наведува ДПА.

Потпишан договор за реализација на новата инвестиција на турската компанија Шахтерм во ТИРЗ

Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски и генералниот менаџер на компанијата „Шахтерм“, Фарук Шахин, потпишаа договор за реализација на новата турска инвестиција во Македонија.

Со договорот кој го потпишаа во Бурса, се предвидува закуп на земјиште во ТИРЗ Скопје 2 со површина од над 20.000 м2 и изградба на објект со површина од над 13.000 м2. Ова е прва од двете фази на реализација на инвестицијата.

Потпишувањето на договорот следи само 4 месеци по најавата за новата турска инвестиција во земјава. Турската компанија ја зголеми и првично планираната инвестиција од 70 милиони евра на 100 милиони евра. Според деловниот план компанијата во наредните 10 години предвидува отворање на 1000 нови работни места. Новата инвестиција ќе опфати и центар за истражување и развој, а ќе преставува прв производствен капацитет на „Шахтерм“ надвор од Република Турција.

Потпишувањето на договорот е во рамки на посетата на Турција на делегација на ТИРЗ предводена од Деспотовски во рамки на која е предвидена и презентација на инвестициските можности пред турски компании. На потпишувањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Турција, Јован Манасиевски и Џунејт Шенер, потпретседател на бордот на директори на Стопанската комора на Бурса.

Инаку компанијата “Шахтерм“ има повеќе од 40 години искуство во дизајн и производство на системи за греење за бела техника и апарати за домаќинство. Во моментот, „Шахтерм“ е дел од водечките пет компании во оваа дејност на глобално ниво, со повеќе од половина од годишното производство наменето за пазарите надвор од Турција.

Листата на клиенти е составена од познати светски производители на бела техника и апарати за домаќинство како „Вирпул“, „Амика“, „Горење“, „Беко“ и „Кенди“.

притисни ентер