АХВ: Ќебапи и плескавици со пилешко се продавале како свински и говедски

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во маркети низ Македонија открила мелено месо за ќебапи и плескавици со пилешко кое било декларирано како свинско, говедско или мешано (говедско и свинско). 

Месото е повлечено од продажба, а операторите со храна се парично казнети - со по 5.000 евра како правен субјект, односно со по 1.700 евра одговорните лица во компанијата.

Како што изјави за МИА директорот на АХВ Зоран Атанасов, контролите биле спроведени во мај годинава, но продолжуваат за да се заштитат потрошувачите и да се задржи квалитетот на производите.

- Кај пет оператори со храна утврдивме дека не ја декларираат употребата на живинско месо, а го ставаат во ќебапи или плескавици. Сега тоа го стопиравме. Направивме контроли директно во продажба кога првпат го утврдивме ваквиот пропуст. Земавме мостри од месото во маркетите, а резултатите што ги добивме од ДНК анализата за потеклото, од кој вид животно е, беа позитивни. Се потврди дека во тие производи е употребено живинско месо, рече Атанасов.

Операторите не знаеле дека се земени мостри за анализа. Испитувањето е повторено уште еднаш, директно од производствената линија. Резултатите тогаш се потврдиле уште еднаш.

- Првите контроли ги направивме во маркетите и поголемите продажни места зашто се со повисок степен на ризик поради масовната продажба. Сега одиме понатаму, кон операторите. Но, веќе сите знаат дека вршиме контроли. Тоа го покажаа и последните анализи во кои нема никакви показатели за вакви малверзации, објасни директорот.

Тој напомена дека е сменет начинот на земање мостри. Прво, како што рече, се прават проверки во продажба, а потоа кај операторот.

- Порано се земаа производи директно од кај операторот и се носеа во лабораторија, а сега, може да произведувате во Скопје ама производот да го провериме во маркет во Гевгелија, потенцира Атанасов.

Осврнувајќи се на она што Агенцијата го сработи изминатиов период во делот контроли, Атанасов информира дека е утврдена и спречена и друга манипулација - продавање механички обработено пилешко месо декларирано како мелено. Месото било увезено од Грција.

- Пред една година, кога дојдов на фунцкијата, затекнав, иако не беше дозволено, како по маркетите слободно се продава, со декларација, живинско мелено месо кое всушност кај нас е забрането, а и во Правилникот воопшто не постои таква категорија - „живинско мелено месо“. Всушност, стануваше збор за механички обработеното месо познато како МОМ кое спаѓа во најризичната категорија доколку термички не се обработи и е најевтино. Практично, се вршела злоупотреба. На етикетата, наместо да стои МОМ, пишуваше „живинско мелено месо“, вели директорот и додава дека ваквата малверзација е веќе стопирана.

Исто така, откриени се и производи во кои има масти од растително потекло, а не се декларирани. Тие призводи се повлечени од продажба, а операторот е соодветно санкциониран.

- Ригорозни контроли правиме и во овој дел. Ако граѓаните забележат такво нешто, слободно нека ја известат Агенцијата за храна, напоменува Атанасов. /МИА

Тиктокерка тврди дека не ја вработиле во продавница поради тетоважите (ВИДЕО)

Тиктокерка под корисничко име @ashxobrien објави видео на таа социјална мрежа во кое раскажува како се пријавила за работа во продавница, но била одбиена. Потоа побарала од нив објаснување.

„Не можеа ни да ми се јават, само ми испратија мејл. Отидов кај нив и прашав зошто ме одбија. Жената со која разговарав ми рече дека немам доволно искуство во споредба со другите кои аплицирале“, рече таа. Сепак, смета дека тоа не била причината, туку дека има многу видливи тетоважи.

"Прашав дали моите тетоважи им пречат затоа што знам дека тоа е често проблем. Таа ми рече дека тоа не е причината. Мислам дека лажеше, но што и да е. Тоа не значи дека не сум добар работник ако имам тетоважи. “, додаде таа во видеото, прегледано 8,5 милиони пати. Таа се прашува како младите без искуство би можеле да се вработат, ако во нејзиниот случај тоа е причината за одбивањето.

@ashxobrien I want to know who is also having a hard time finding a job right now! #jobs #jobmarket ♬ original sound - Ash🖤

Видеото на крајот предизвика многу коментари.

„Работам во HR и можам да ви кажам дека ниту еден работодавец не би ви дозволил да работите со луѓе со толку многу тетоважи“, „Мислам дека мора да е поради тетоважите“, „Проблемот не е во тоа што имате тетоважи, туку што тие се навистина на места што не можеш да ги скриеш“, „Не знам што не разбираш“, „Не се чуди“, „Вака не можеш да работиш во продавница“, напишаа нејзините следбеници.

Сиљановска Давкова од Крушево: Крушевчани имаат на што да бидат горди!

Денеска, 26 април, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова во рамките на кампањата за вториот изборен круг од претседателските избори беше во Крушево.

Во своето обраќање пред граѓаните на Крушево, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова порача:

Морам да кажам дека тука во Крушево има куќи кои се бисер на македонската архитектура, доказ за нашата историја, тие сведочат дека во нив илинденците мислеле, правеле планови за Македонија. Крушево треба да биде метропола на културата.

Вие Крушевчани има на што да сте горди и вие заслужувате самопочит! Не заборавјате, ако не се самопочитуваме никој нема да не почитува. Мора да го вратиме животот во Крушево, тука има шанси за опстанок.

Ви ветувам дека ќе се опкружам со луѓе од знаење. Но и ви ветувам дека секогаш ќе бидам блиску до вас. Како? Преку народните канцеларии. Народните канцеларии за првпат ги примени поранешниот претседател, господинот Иванов. Мислам дека требаше да останат. Токму преку народните канцеларии јас ќе имам можност честопати да доаѓам овде, да ве видам и да видам на што сте се покажлиле, што сте предложиле. Понатаму, во зависност од тоа дали сметаат граѓаните дека треба нешто да се промени ќе правам список на приоритети кои ќе ги реализирам. Ќе покажам и ќе докажам дека сум тука поради вас, не поради себе.

Крушево е жив културен споменик. Искористете ги луѓето кои уште во меморијата го имаат она што ние го забораваме. Кога ќе се грижиме за споменот на Тоше, кога ќе им оддаваме почит на партизаните, кога нема да ги заборавиме Карев, Питу и останатите, тогаш ќе бидеме горди на Македонија!

Во рамките на денешните активности, професорката Гордана Сиљановска-Давкова на Гумење оддаде почит на гробовите на Питу Гули и партизаните, како и на гробот Тоше Проески, а исто така ја посети и Спомен куќата посветена на него и споменикот Македониум. Во текот на денот, професорката имаше можност и да ги види изложените ракотворби изработени од здруженијата на жени на Крушево, а исто така и да оствари повеќе средби со граѓаните, се наведува во соопштението од нејзиниот тим.

Стотици бомби од Втората светска војна се пронајдени на аеродром во Атина,избегната е трагедија

Стотици бомби од Втората светска војна се откриени при работа на местото на поранешниот аеродром Хелиникон во Атина.

Градоначалникот на регионот Елинико-Аргируполи, Јанис Константатос, изјави дека 314 бомби, кои биле складирани од германски војници за време на Втората светска војна, биле уништени во контролирани експлозии.

Тој наведе дека бомбите се наоѓаат два метри под поранешните објекти на Понтичка лига, градинка и спортски објекти во внатрешноста на поранешниот аеродром, како и соседните објекти за Олимписките игри, односно на места каде секојдневно поминувале илјадници луѓе, објави грчкиот јавен сервис ЕРТ.

Според него, бомбите биле пропуштени при реконструкцијата на стариот аеродром во Атина.

Аеродромот Елинико се наоѓа на само неколку километри од центарот на Атина, работеше до 2001 година, а беше затворен по изградбата на меѓународниот аеродром Елефтериос Венизелос (АТХ) за Олимписките игри во 2004 година.

На местото на поранешниот аеродром е предвидена изградба на станбен комплекс, комплекс за забава, казино, хотел и парк, како и облакодер висок речиси 200 метри.

притисни ентер