По 3.500 денари за секое прваче во Општина Аеродром

Општина Аеродром за првпат оваа година доделува по 3.500 денари за секој првоодделенец. За оваа цел, општината има издвоено 2.800.000 денари од сопствениот Буџет. 

- Целта на овој проект е да се олеснат трошоците на родителите за новиот ученик во семејството. На овој начин ги враќаме парите назад кај граѓаните, овозможуваме пријатен почеток на првата учебна година и подобри услови во образовниот процес за секое дете, вели градоначалникот на Општина Аеродром Златко Марин.

Од денеска родителите на сите првачиња запишани во едно од училиштата на територијата на Општината можат да поднесат барање за еднократната парична помош најдоцна до 31.08.2018 година.

Образецот за барањето за доделување еднократна парична помош на семејствата со прваче во учебната 2018/2019 година на подрачјето на Општина Аеродром може да се подигне во Општината или да се симне од општинската интернет страница ((www.aerodrom.gov.mk) во менито за формулари или директно на линкот (http://aerodrom.gov.mk/dokumenti/formulari).

Од Општината информираат дека во прилог на барањето потребно е да се достават потврда за запишан ученик во прво одделение во учебната 2018/2019 година заверена од основно училиште од територијата на Општина Аеродром, оригинал извод од матичната книга на венчаните (за родителите/старателите на првачето), оригинал извод од матичната книга на родените (за првачето), важечки лични карти од двајцата родители, за идентификација од која се видни податоците за живеалиштето во Општина Аеродром и трансакциска сметка од примателот на паричната помош (на еден од родителите/старателите), кои треба да се оригинал, на увид, а не копија.

Барањата можат да се поднесат во Општина Аеродром секој работен ден од 9:00 до 15:00 часот во канцеларија број 19, а исплатата на паричните средства е предвидена околу почетокот на учебната година.

Анкета: Поддршката за членството на Полска во ЕУ - најмала во последнава декада

Поддршката за членството на Полска во Европската Унија падна на најниско ниво во повеќе од една деценија, според анкетата објавена денеска.

Според најновата анкета на институтот ЦБОС, и покрај победата на про-ЕУ коалицијата, поддршката за членството на земјата во Унијата падна на 77 отсто, што е најниско ниво од 2013 година.

Поддршката лани беше 85 отсто, а најголема беше во 2022 година, кога изнесуваше 92 проценти.

Про-ЕУ коалицијата дојде на власт во Полска на изборите во октомври по осум години владеење на партијата Право и правда (ПиС), ветувајќи дека ќе ги поништи законите воведени од десницата.

ПиС често беше во судир со западните сојузници на Полска и институциите на ЕУ во Брисел поради нивната загриженост за владеењето на правото во оваа земја. /МИА

Претставник на ОН тврди дека ќе бидат потребни 14 години да се отстранат урнатините во Газа

Претставникот на Обединетите нации, Пјер Лодамар денеска изјави дека ќе бидат потребни 14 години да се расчисти огромното количество урнатини, вклучително и неексплодирани експлозивни направи, што ги остави Израел за време на војната во Појасот Газа.

Лодамар, висок офицер во Службата за мини на ОН (УНМАС), на брифинг во Женева рече дека војната оставила околу 37 милиони тони отпад во широко урбанизирана, густо населена област.

Тој истакна дека иако не е можно да се одреди точниот број на неексплодирани убојни средства се смета дека под одредени услови, би можеле да бидат потребни 14 години да се расчистат остатоците, вклучувајќи ги и урнатините од уништените згради.

„Знаеме дека вообичаено има стапка од 10 проценти за неуспех, односно неактивирање на муницијата. Станува збор за 14 години работа со 100 камиони“, рече Лодамар. /МИА

Руски новинар на „Форбс“ е приведен поради наводно ширење лажни информации за армијата

Новинарот на магазинот „Форбс Русија“, Сергеј Мингазов е приведен под сомнение дека ширел лажни информации за руската армија, објави денеска магазинот.

„Форбс Русија“ додава дека досега не успеале да стапат во контакт со Мингазов. Неговиот адвокат Константин Бубон на Фејсбук објави дека новинарот е во притвор во источниот руски град Хабаровск, каде што живее.

Адвокатот рече дека Мингазов бил приведен поради преобјавување публикации за наводни руски воени злосторства во украинскиот град Буча, каде што убиствата на украинските цивили во првите недели од војната беа пријавени од Ројтерс и други новински организации.

Профилот на Мингазов на платформата Телеграм содржи бројни објави за Буча, а засега не е јасно за која од нив новинарот е приведен. /МИА

притисни ентер