Во Велес почнуваат 55. Рацинови средби

Во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес вечер свечено ќе бидат отворени 55. Рацинови средби. 

На отворањето на манифестацијата ќе има меѓународен поетски митинг, обраќање на градоначалникот Аце Коцевски, настап на Камерниот црковен хор „Св. Пантелејмон“ и концерт на Влатко Стефановски. Беседа за Рацин ќе одржи проф. д-р Кристина Николовска.

Пред официјалното отворање, попладне ќе биде положено цвеќе на Спомен-костурницата, ќе биде оддадена почит пред споменикот на поетот Кочо Рацин на плоштадот во Велес, ќе биде промовирана поштенска марка со ликот на Рацин и ќе има изложба со портрети од поетот на сликарот Ангел Петров.

Манифестацијата ќе заврши утре кога ќе опфати уште неколку настани - меѓународна конференција на тема „Унапредување на статусот и корпусот на македонскиот стандарден јазик - Рацин и македонскиот јазик“ во организација на Советот на македонскиот јазик.

Учесниците утре ќе ја посетат Спомен-куќата на Рацин каде што ќе биде промовирана книгата „Влогот на Конески во Рацин“ од проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ.

Средбите ќе завршат утревечер во Велешкиот театар со врачување на наградите на годинашните добитници: Игор Станојоски доби Рациново признание за романот „Диссомнии“, Почесно Рациново признание добија авторките на Хрватско-македонскиот речник - Дијана Влатковиќ и Борјана Прошев-Оливер од Хрватска, а наградата „Антологија на болката“ за електронска објава ќе ја добие Емилија Каранфиловска за „Изградив дом во твојот поглед“.

Годинава се одбележуваат три годишнини - 110 години од раѓањето на Кочо Рацин, 75 години од неговата трагична смрт и 55 години од манифестацијата „Рацинови средби“. Манифестацијата почна вчера со посета на Спомен-обележјето на Лопушник каде што Рацин загинал во 1943 година.

Претседателот на Организацискиот одбор и градоначалникот на Велес Аце Коцевски на прес-конференција по повод новото фестивалско издание рече дека целта им е да ги вратат „Рациновите средби“ на пиедесталот и да бидат еднакво важна манифестација како Струшките вечери на поезијата и Охридско лето. Според него, во изминатите неколку години оваа манифестација го немала заслуженото место. /МИА

Инфлацијата во април зголемена за 0,7 проценти во однос на март

Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во април во однос на март изнесува 0,7 проценти, а цените на мало се зголемени за 1,1 процент, објави денеска Државниот завод за статистика.

Зголемувањето на инфлацијата е резултат на зголемувањето на трошоците на животот во транспортот за 2,8 проценти, комуникации за 1,6 проценти, храна и безалкохолни пијалаци, облека и обувки за 0,9 проценти, рекреација и култура, ресторани и хотели за 0,6 проценти, разновидни стоки и услуги за 0,4 проценти и здравје за 0,2 проценти.

Намалување на трошоците на животот е забележано во групите мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 0,5 проценти и домување, вода, електрика, гас и други горива за 0,2 проценти.

На исто ниво останале трошоците на животот во групите алкохолни пијалаци, тутун и наркотици и образование.

Цените на мало во април во однос на март се зголемени за 1,1 процент.

Во однос на април лани, трошоците на живот се зголемени за четири проценти, а цените на мало за 3,5 проценти.

Барселона не може да го купи Феликс од Атлетико Мадрид

Напаѓачот на Барселона, Жоао Феликс може да го напушти каталонскиот клуб, пренесува „Cadena SER“. Правата над фудбалерот му припаѓаат на Атлетико Мадрид.

Раководството на каталонскиот тим поради финансиски проблеми не може да си дозволи да купи играч за 60-70 милиони евра.

Инаку, самиот Феликс сака да остане во Барселона.

Дваесет и четиригодишниот Феликс оваа сезона во Ла Лига постигна седум гола и три асистенции.

Феликс кариерата ја почна во Бенфика од каде направи трансфер во Атлетико Мадрид. Во 2023 најпрво замина на позајмица во Челзи, па во Барселона. /МИА

Борел: Офанзива во Рафа ќе предизвика цивилни жртви, без разлика што вели Израел

- Се плашам дека ова повторно ќе предизвика многу жртви, цивилни жртви. Без разлика што велат тие. Нема безбедни зони во Газа, додаде тој. 

Офанзивата на Израел врз Рафа, најверојатно, ќе убие повеќе цивили и се спроведува и покрај експлицитните предупредувања против неа од земјите-членки на Европската унија и САД, изјави високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.

- Офанзивата на Рафа повторно почна, и покрај сите барања на меѓународната заедница, САД, земјите членки на Европската унија, сите бараат од Нетанјаху да не напаѓа, изјави Борел, пренесува Тајмс оф Израел.

- Се плашам дека ова повторно ќе предизвика многу жртви, цивилни жртви. Без разлика што велат тие. Нема безбедни зони во Газа, додаде тој. /МИА

притисни ентер