Заев ја почнува посетата на Софија, во фокусот средбата со Ципрас

„Демократија што испорачува: Десет години после откочувањето на потенцијалите на Западен Балкан“ е темата на која премиерот Зоран Заев ќе говори денеска на конференција во Софија, со што ќе ја почне својата посета на главниот град на Бугарија, кој у

Конференцијата на која ќе говори премиерот е во организација на Фондацијата Конрад Аденауер и на тинк-тенк организациите Центар за демократски студии и Балканскиот европски фонд, како и на Самитот на лидери и шефови на влади на Партијата на европските социјалисти (ПЕС), а е дел од активностите на Заев во Софија, кој ја предводи владината делегација на самитот.

Поврзаност во транспортот, енергијата и дигиталната инфраструктура, образованието и други аспекти се теми на Самитот на ЕУ за Западен Балкан, а кој се одржува во организација на бугарското претседателство со ЕУ. На самитот ќе присуствуваат лидерите на државите-членки на Унијата и од регионот. Со самитот ќе претседава претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, кој ќе ја претставува ЕУ, заедно со претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер.

Премиерот Заев во придружба на вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров ќе учествуваат во активностите на официјалната агенда на Самитот на 17 мај.

Во фокусот на вниманието е најавената средба меѓу премиерите на Македонија и на Грција, Заев и Алексис Ципрас, која треба да се одржи утре на маргините на самитот и која иако беше најавувана како клучна во процесот на решавање на спорот за името, сепак, последните изјави и од македонската и од грчката страна се проткаени со воздржаност дека токму оваа средба ќе вроди со конечен договор за името.

- Сакам договор за мојата земја, оптимист сум и еден од првите луѓе кој го сака тоа, но неможам да кажам дека имаме договор за прашањето за името, изјави вчера Заев и изрази надеж дека двете страни ќе постигнат договор.

- Се надевам дека ќе имаме договор. Успехот што досега го постигнаа министрите за надворешни работи е за почит. Се надевам дека токму на маргините на Самитот на ЕУ и Западен Балкан и на средбата што ќе ја имам со грчкиот премиер Ципрас ќе можеме да ги потврдиме досегашните успеси и ако не друго да проговориме за начините за изнаоѓање на решение, рече Заев.

Во контекст на тоа додаде дека сака уште еднаш граѓаните да знаат дека Самитот во Софија не е „дедлајн“, туку пред се Самитот на Советот на ЕУ кога се одлучува од страна на премиерите или на претходниот состанок на Советот на ЕУ кога се очекуваат првите правно-формални одлуки кои се однесуваат на Македонија, а тоа е добивање датум за преговори.

Ципрас, пак, вчера имаше телефонски разговор со претседателот на Европскиот совет Туск околу напорите за изнаоѓање решение, како и за подготовките за претстојниот Самит на ЕУ- Западен Балкан.

- За време на разговорот, претседателот Туск ги поздрави напорите што ги прави грчката Влада за решавање на разликите со нејзините соседни земји, што исто така е предуслов за нивна интегративна перспектива. Премиерот потенцираше дека Грција секогаш ќе има конструктивна улога за стабилноста и развојната перспектива на Балканот, соопшти кабинетот на Ципрас.

Портпаролот на грчката Влада и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос вчера изјави дека во преговорите е направен значителен напредок, „но сѐ уште не сме блиску до исходот од преговорите и постигнување договор“. Претстојната средба на двајцата премиери ја оцени како исклучително корисна и важна.

- Но, во никој случај не можеме да предвидиме дека ќе се постигне договор и многу веројатно дека ќе биде потребна и следната рунда со цел да се покрие дистанцата што ги дели двете страни, рече и додаде дека грчката Влада продолжува „стабилно и одлучно да ја брани националната линија за сложено име, што ќе важи за сите, нешто за што предуслов, по дефиниција е ревизија на Уставот”.

Во однос на евентуалниот меѓународен договор меѓу двете земји, што би содржел и како би се имплементирал, Ѕанакопулос вели дека „останува уште доста пат да се изоди за да се стигне до онаа точка кога ќе се разговара за правно-техничките детали на еден можен меѓународен договор меѓу двете страни”.

Грчкиот весник „Катимерини“ вчера објави дека врз основа на три различни текстови, два од министрите за надворешни работи, и еден од медијаторот, Скопје и Атина продолжуваат да бараат решение. Според весникот, ниту еден од овие текстови не е конечен и дефинитивен. Во изминатите денови со брз ритам се пишуваат, се бришат, се разменуваат, сè со цел да има напредок пред средбата на премиерите на двете земји во Софија, а главната разлика во разговорите и понатаму е ерга омнес.

- Според информациите, врз база на подготовката што беше направена, основно сценарио за разговорите на двајцата лидери ќе биде она за склучување меѓународен договор, што ќе треба да биде одобрен од парламентите на двете земји. Во овој текст, според информациите, ќе постои условеност, интеграцијата на ПЈРМ во НАТО да „се отклучи“ кога ќе се направи ревизија на Уставот на соседната земја и на овој начин ќе се гарантира ерга омнес. Постои сериозна веројатност двајцата премиери да се сретнат два пати, во среда вечер и во четврток наутро, објави „Катмерини“.

Од Брисел, пак оптимизам дека Грција и Македонија ќе постигнат договор во јуни. - Сѐ уште нема среќен крај и нема да има оваа недела, но има добар напредок. Она што е важно е да има решение за грчко-македонскиот спор на почетокот на јуни, тоа би можело да е клучно за позитивна одлука на Европскиот Совет во јуни, изјави висок дипломат во Брисел.

Премиерот Заев на Самитот во Софија утре ќе учествува во работната пленарна сесија на тема „Поврзување“ (Conectivity), а за време на работниот ручек на шефовите на држави и влади со највисоките претставници на телата на ЕУ ќе има свое обраќање на тема „Заедничко справување со заканите“.

На маргините на самитот, освен со Ципрас, како што соопшти владината прес-служба, планирани се билатерални средби со претседателот на Франција Емануел Макрон, со германската канцеларка Ангела Меркел, како и со премиерот на Холандија Марк Руте. Во агендата на премиерот Заев се испланирани и билатералните средби со премиерите на Австрија, Шведска и Естонија, Себастијан Курц, Стефан Лофвен и Јури Ратас.

За време на престојот на Заев во Софија е организирана и средба со Кристалина Георгиева, извршна директорка на Светска банка.

Заев со вицепремиерот задолжен за координација со економските ресори Кочо Анѓушев на 18 мај ќе учествува и ќе има свое обраќање на Виенскиот економски форум, кој ќе се одржи на маргините на Самитот на ЕУ за Западен Балкан во Софија. /МИА

Поплава на токсикологија, пукнала цевка од парно на третиот кат

Поплава на Клиниката за токсикологија. Од пукната цевка од радијатор час и половина течело вода. 

Дефектот се случил од една во лекарските соби на вториот кат на клиниката. Дежурен доктор повикал помош од вработен од клиниката кој ја успеал да го среди дефектот. Поплавата стигнала и до вториот кат, во сите лекарски соби каде има ламинат, водата поплавила и болнички соби од првиот кат, водата стигнала и до подрумските соби, раскажуваат извори од клиниката за Канал 5. Од министерството за здравство велат дека контактирале со клиниката и им било кажано дека дефектот е поправен.

Извори од клиниката за Канал 5 велат дека ова не е прав ваков дефект и затоа на прес конференција вработени до клиниката бараа да се регагира до економската директорка Бесија Иљази која освен што не ставила потпис за вработување на потребните биолози на клиниката таа не ставила потпис ниту за одлуката каде се барало да се осигура клиниката.

Штета од поплавата има и треба да допрва се калкулира колку ќе ја чини клиниката синоќешната поплава.

По најавата од министерот Илир Демири дека ќе го разреши медицинскиот директор Данил Петровски засега нема таква одлука зошто станува збор за изборен период и нема разрешување. Според министерот, Петровски не сакал да потпише продолжување на работните договори за 18 хонораци.

Поскапе осигурувањето за регистрација на возилата за 15 отсто

Дали граѓаните сепак ќе се спасат од поскапување од 15 отсто на осигурувањето за регистрација на возилата?

Ова прашање се отвори откако Националното биро за осигурување првично донесе ваква одлука, но ја оспори Агенцијата за супервизија на осигурување, која ја смета за неоправдана. По нивно барање, денеска итно се состанала Комисијата за осигурување во Министерството за финансии која го има последниот збор.

Од финансии соопштија дека веќе побарале објаснување од Националното биро, а нивните аргументи ќе ги разгледуваат на седница во понеделник, а во меѓувреме се обратиле и до Комисијата за зашита на конкуренцијата со цел да испита дали се прекршеници правилата за фер и конкуренто однесување.

Новите цените на осигурувањето што ги опфаќат возилатаа со моќност на моторото над 44 киловати, стапија на сила од вчера, а денеска Агенцијата за супервизија на осигурувањето соопти дека по извршените актуарски пресметки, утврдиле дека зголемувањето на цената, со дадените образложенија, не е оправдано.

-Го информиравме и доставивме предлог до Министерството за финансии, во рамки на неговите законски надлежности, да иницира изготвување и донесување нова тарифа на премии за задолжително осигурување од автомобилска одговорност – соопштија од таму.

Граѓаните, што ги анкетиравме велат дека одлуката да поскапи осигурителната полиса е неправедна.

Доколку останат цените што ги одредило Националното биро, сопствениците на возила со моќност на моторот од 44 до 55 киловати наместо 5.453 денари, сега за осигурување ќе треба да платат 839 денари повеќе, односно 6.292 денари.

Од 6.166 на 7.116 денари се зголемува цената за возила со моќност од 55 до 65 киловати, додека пак 1.100 денари повеќе ќе платат оние кои имаат возила со моќ од 66 до 84 киловати.

Најголемо зголемување на цената на осигурителната полиса ќе почувствуваат сопствениците на возила со помоќен мотор. Над 1300 денари повеќе ќе платат возачите чии коли се со моќност од 84 до 110 кв, додека пак над 1500 денари повеќе ќе ги чини осигурувањето тие кои поседуваат автомобил со моќност на моторот од над 110 киловати.

– НОВА ЦЕНА ЗА ОСИГУРУВАЊЕ ЗА РЕГИСТРАЦИЈА НА ВОЗИЛО

СТАРА ЦЕНА НОВА ЦЕНА

ВОЗИЛА СО МОЌНОСТ ОД 44 ДО 55 КВ 5.453 ДЕН. 6.292 ДЕН.

ВОЗИЛА СО МОЌНОСТ ОД 55 ДО 65 КВ 6.166 ДЕН. 7.116 ДЕН.

ВОЗИЛА СО МОЌНОСТ ОД 66 ДО 84 КВ 7.133 ДЕН. 8.233 ДЕН.

ВОЗИЛА СО МОЌНОСТ ОД 84 ДО 110 КВ 8.510 ДЕН. 9.821 ДЕН.

ВОЗИЛА СО МОЌНОСТ НАД 110 КВ 10.294 ДЕН. 11.879 ДЕН.

Судскиот совет наскоро ќе отпочне со усвојување на препораките на оценската мисија на ЕУ

Судскиот совет наскоро ќе отпочне со промена на деловникот за работа како дел од акцискиот план за усвојување на препораките на оценската мисија на ЕУ.

Дел од промените предвидуваат при именувањето и унапредувањето на судиите во повисоките судови, членовите на советот да го образложат својот став, особено во случај кога прворангираните судии не се избрани.

Ќе претрпи измени и правилникот што е дел од методологијата за оценување на судиите, а ќе се скратат и роковите за дисциплинските постапки.

Ова беше посочено на брифингот со новинарите кој денеска го одржа претседателката на Судскиот совет весна дамева и дел од членовите. Оценската мисија на ЕУ даде 40 препораки од кои 17 се во доменот на судскиот совет од каде велат дека временската рамка за нивно имплементирање е посебно важна за нив а се предвидува до крајот на годинава да се имплементираат сите препораки.

притисни ентер