Мареј во последен момент го откажа учеството во Бризбејн

Поранешниот светски рекет број 1, Енди Мареј се откажа од учеството на турнир од сериите АТП 250 во Бризбејн, Австралија поради повреда.
Шкотланѓанецот беше втор носител на турнирот кој е во тек. Тој е третото звучно име кое го пропушта Бризбејн поради повреда, откако претходно настапите ги откажаа Кеј Нишикори и Рафаел Надал.

Медиумите на Островот велат дека засега нема промена во плановите на Мареј да учествува на Грен слемот „Австралија Опен“.

- Многу сум разочаран, бидејќи пристигнав тука со намера да направам силен старт на годината, но за жал не можам да учествувам. Се уште не можам да се натпреварувам на највисоко ниво. Секогаш сум уживал во играта пред навивачите во Квинсленд и со нетрпение чекам да се вратам во блиска иднина, изјави Мареј.

30-годишниот Британец нема официјален натпревар од јули месец и како резултат на тоа падна на 12. место на светската ранг-листа. /МИА

СП 2018: Се запали авионот на Саудиска Арабија

Авион во кој се наоѓаше експедицијата на фудбалската репрезентација на Саудиска Арабија се запали на нивното патување кон Ростов.

Пламен се појави на едно крило, но за среќа авионот слета безбедно во Ростов и трагедијата беше избегната. Огнот беше предизвикан од технички проблем со моторот на рускиот Ербас.

Од раководството на Фудбалскиот сојуз на Саудиска Арабија потврдија дека никој не е повреден и дека фудбалерите и стручниот штаб се безбедни.

- Фудбалската федерација на Саудиска Арабија сака да ве увери дека членовите на репрезентацијата се апсолутно безбедни по малиот дефект на моторот на авионот, се вели во соопштението.  /МИА

СП 2018: Кејн во финишот и донесе победа на Англија против Тунис

 Англија со гол во судиското надополнување го совлада Тунис со 2:1 во вториот натпревар од групата Г на Светското првенство во Русија.

Англичаните во првиот дел ја оправдаа фаворитската улога и доминираа на теренот, при тоа имаа неколку сериозни шанси за погодок.

Англија со голот на Хари Кејн во 18-та минута поведе со 1:0. Меѓутоа, Тунис иако потешко доаѓаше до контрола на топката успеа во 35 минута со гол од пенал, кој успешно го реализираше Ферјани Саси, да израмни на 1:1.

Англиската репрезентација и во вториот дел продолжи со притисокот врз голот на Тунис, но изостануваше реализација се до 91-та минута кога Кејн повторно беше прецизен и донесе победа од 2:1.

Во првиот натпревар од оваа група Белгија убедливо ја совлада Панама со 3:0. 

СП 2018: Белгија убедливо ја совлада Панама

Белгија убедливо ја совлада Панама со 3:0 во првиот натпревар од групата Г на Светското првенство во Русија.

Белгиската репрезентација доминираше на теренот во текот на целиот натпревар и без поголеми проблеми дојде до победа.

Првиот гол во 47 минута го постигна Дрис Мертенс, а потоа Ромелу Лукаку прво во 68 минута зголеми на 2:0, а седум минути подоцна беше прецизен за конечни 3:0.

Во вториот натпревар од оваа група во Волгоград ќе се соочат Англија и Тунис. /МИА

притисни ентер