Изложба на сликарот Кашавелски во Кина

Академскиот сликар, Синиша Кашавелски од Куманово, за време на својот едномесечен престој во Кина имаше можност со свои ликовни дела да се претстави пред публиката во Кина во престижен изложбен простор „798 Арт Зоне во Пекинг“.

Изложбата е реализирана како проект на Министерството за Култура на Република Кина во соработка со светски познатиот куратор Кси Донг Ченг. Делата на Кашавелски во Пекинг ќе бидат изложени до крајот на февруари. Паралелно со оваа изложба, Кашавелски ги презентираше своите дела на интернационалната изложба во Хуангченг и на саемот за уметност во Шангај.

- Учествував на три престижни ликовни настани во Кина за време на едномесечниот престој во октомври. Првин на Интернационалната групна изложба во Хуанченг. Паралелно, моите дела беа презентирани во Шангај на саемот на уметнички дела „Арто 21“ („Аrto21 Сhanghai Contemporary Art Fair") за да на крајот се претставам во ексклузивниот уметнички кварт „798“ („798 Art District“) во Пекинг“, изјави академискиот сликар.

Тој додава дека како претставник на земјите од Источна и Централна Европа изложувал и во просторот за современа уметност „Хин Донг Ченг“ („Хin dong cheng space for contemporary art") .Овој простор се смета за елитен изложбен постор во светски рамки, а неговиот сопственик Хин Донг Ченг е познат куратор и колекционер, кој истовремено работи и консалтинг услуги за кинеското Министерство за култура.

„798“ уметничката зона во Пекинг, каде еден од основачите е токму господинот Ченг, во моментов е најатрактивниот изложбен простор во Кина и предизвик за излагање за многу уметници од светот. Лично сум изненаден од одличниот прием и интересот што го предизвикаа неколкуте нови слики од циклусот „Богатството на таинствениот“, посочува Кашавелски.

Познатиот академски сликар од Куманово, идната година ќе учествува на арт саемите за уметноста во Токио и Хонг Конг, кои се мошне популарни настани во земјите од Далечниот Исток.

Во ноември и декември, академскиот сликар ќе изложува дела во Париз, каде како член на Друштвото на ликовните уметници на Франција ќе учествува на групна изложба во Лувр, а подоцна и на есенскиот салон во Павиљон на Елисејските полиња и на Зимскиот салон во Гранд Пале. Есенва, Kашавелски доби две меѓународни награди од биеналето во Мантова Италија, каде ја доби наградата „Андера Мантења“ (Interantional Prize Andrea Mantegna“) и „Киц награда“ ("Kitz Award") од Тирол, Австрија.

Запленета голема количина фалсификувани производи во Нови Сад и Белград

Запленета голема количина фалсификувани производи во Нови Сад и Белград, меѓу кои има бисквити, детергенти и шампони.

Пазарните инспектори на српското Министерство за трговија открија нелегално производство на фалсификувани хемикалии за домаќинство, детергенти и шампони од марката „Проктер&Гембл“, како и фалсификувани бисквити Плазма.

„Ова е откриено во акцијата за сузбивање на продажбата на фалсификувани производи на српскиот пазар“, изјави денеска министерот за трговија Томислав Момировиќ.

Тој рече дека на овој начин е спречена употребата на фалсификувани производи и избегната е потенцијална опасност по здравјето на граѓаните.

Момировиќ истакна дека во акција со припадници на Министерството за внатрешни работи и Основното обвинителство од Нови Сад, извршен е инспекциски надзор на повеќе локации во Нови Сад и Белград и запленета е поголема количина фалсификувани производи.

„Меѓу тие производи се 2.021 кондиторски производи, 205 хемиски производи за домаќинството, вклучувајќи детергенти за садови, детергенти за перење и средства за лична хигиена, над 11.000 пакувања за кондиторски производи и хемикалии за домаќинство, 26 буриња од по 120 литри суровини за правење течен детергент за садови и алишта, огромен број на декларации, налепници и бар кодови подготвени за лепење на амбалажата и пуштање во оптек“, рече Момировиќ.

Маск сака од „X“ да напраци „YouTube“

Откако Илон Маск го презеде „Twitter“ (сега „X“), видеата станаа многу важна ставка кога станува збор за оваа социјална мрежа. Сега, „X“ лансира апликација која ќе работи на сите уреди.

Извршната директорка на „X“, Линда Јакарино, најави дека се воведува „содржина што можете да ја гледате на паметни телевизори“, односно апликација која ќе содржи алгоритам за видеа, заедно со трендови и теми, а ќе се напојува со вештачка интелигенција .

Оваа апликација ќе биде достапна за телефони и паметни телевизори, а компанијата сака да биде нешто слично на „YouTube“. Ќе работи слично - двете платформи, кога сугерираат што да гледате, ја земаат предвид вашата историја на пребарување, што гледаат другите, како и содржината на самите клипови.

„X“, како што рековме, ќе користи вештачка интелигенција за да предложи видеа што е најсигурно дека ќе ви се допаднат. Друга сличност помеѓу „X“ и апликацијата „YouTube“ е тоа што ќе можете да се префрлите од вашиот телевизор на вашиот телефон и да продолжите да гледате.

Ќе поддржува и „кастинг“ од мобилни телефони, но се уште не е кажано кога точно ќе се најде на пазарот „X“апликацијата за видео.

Извор: Б92

Столе Попов добитник на годинашниот „Златен објектив“

Столе Попов, режисер, сценарист, продуцент и автор, е добитник на годинашниот „Златен објектив“, традиционално признание што го доделува Кинотеката на Македонија по повод нејзиниот роденден.

Попов, како што наведува Кинотека, ја задолжи националната кинематографија не само со својот наградуван филмски опус, туку и со својот педагошки и менаџерски ангажман на полето на филмската уметност и филмското образование.

Столе Попов е роден 1950 година во Скопје, а во 1973 година дипломира на Академијата за театар, филм и телевизија во Белград. Снима уште како студент, а со првите документарни филмови како филмски професионалец – ОГАН (1974) и АВСТРАЛИЈА, АВСТРАЛИЈА (1977), тој веќе се етаблира како талентиран филмски творец со препознатлив стилски и естетски сензибилитет. Од 1978 година, се вработува во „Вардар филм“ – и веќе следната, 1979 година, со ДАЕ, документарецот за ромското население во Скопје – станува прв македонски автор кој е номиниран за престижниот американски „Оскар“, тогаш како претставник не само на македонскта, туку и на југословенската кинематографија во тоа време. Потоа, снима бројни рекламни филмови – за Алкалоид, ГП Маврово и ХЕК Југохром, а првиот негов игран филм – ЦРВЕНИОТ КОЊ, го реализира во 1981 година. По тоа следуваат долгометражните филмови СРЕЌНА НОВА ‘49 (1986), ТЕТОВИРАЊЕ (1991), ЏИПСКИ МЕЏИК (1997) и ДО БАЛЧАК (2014), поголем број негови менторски и продуцентски проекти, како и неговиот професорски ангажман на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Член е на Европската филмска академија, а еден период беше и директор на државната продуцентска куќа „Вардар филм“ во тоа време.

Во 2011 година неговите филмови (три документарни и четири играни дела) беа дигитално реставрирани и објавени во форма на ДВД-издание – што воедно беше и првиот проект за дигитална реставрација реализиран од страна на Кинотеката.

Речиси сите негови филмови – и документарните и играните – се наградувани на бројни регионални и на светски фестивали, а некои од нив – како на пример ТЕТОВИРАЊЕ и СРЕЌНА НОВА ’49 – се здобиваат и со култуен статус кај различни генерации од тогашната домашна македонска и југословенска публика, и тој статус само се зголемува и продлабочува со минувањето на времето...! Тоа е и еден од најголемите и вистински показатели за неговата авторска оригиналност и специфична филмска естетика и квалитет – заедно со неговата филмска оставштина и залог помеѓу поновите генерации на филмски автори и промислувачи на филмот кои дошле и доаѓаат по него – поттикнати, окуражени и инспирирани од неговиот длабок естетски и специфичен филмски опус, и од неговиот високо значаен стилски авторски белег кој тој го остава во македонската кинематографија...

По повод Денот на Кинотеката, 29 Април, сите кинотечни печатени и електронски изданија досега (значајниот број издадени книги од областите на кинотечната и филмска наука, историја и уметност, сите изданија на кинотечното списание КИНОПИС и сите ДВД-изданија на Кинотеката) ќе се продаваат со „роденденски“ попуст од 50 отсто во просториите на Кинотеката.

Кинотеката го одбележува својот роденден на датумот кога во „Службен весник“ е објавен Законот за формирање на Кинотеката - 29 април 1974 година. Иако Кинотеката формално почнува да работи со полн капацитет и со полна организациска структура дури две години потоа, во 1976 година, кога ги добива своите први канцеларии и депо и почнува да собира архивски материјали, формирајќи ги првите аудиовизуелни збирки и организирајќи ги првите кинотечни филмски проекции, сепак го одбележува како свој роденден 29 април. Последните две децении, по тој повод и околу тој датум, Кинотеката го објавува годишните добитници на сега веќе традиционалното признание „Златен објектив“, кое им се доделува на филмски автори и работници кои преку својот професионален ангажман придонеле во создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија. Досегашни добитници на ова признание, досега биле режисерите Бранко Гапо, Трајче Попов и Кирил Ценевски, актерот и режисер Коле Ангелов, аниматорите Дарко Марковиќ и Тонкица Митровска, монтажерите Димитар Грбевски, Олга Луковска-Дончиќ и Спасе Тасевски, директорите на фотографија Драган Салковски, Љубе Петковски и Благоја Дрнков, продуцентот Панта Мижимаков, филсмките критичари Илинденка Петрушева и Благоја Куновски Доре, композиторот Љупчо Константинов, костимографите Елена Дончева и Зорица Тодорова-Младеновиќ, тон-мајсторот Глигор Паковски, сликарот Коле Манев и филмскиот работник Коста Крпач.

Свеченото доделување на „Златниот објектив“ на Столе Попов ќе се одржи кон крајот на мај оваа година, во просториите на Кинотеката на Македонија.

притисни ентер