Во Хургада со нож убиени двајца Украинци, ранети 4 странски туристи

Двајца туристи се убиени а четири ранети во напад со нож на плажа во познатото египетско одмаралиште Хургада.
Министерството за внатрешни работи на Египет денеска соопшти дека во познатото летувалиште Хургада  на Црвеното море денеска со нож се прободени и убиени двајца туристи од Украина, а во нападот се ранети уште четири странски туристи.

Според египетското МВР напаѓачот до познатата плажа на хотелскиот комплекс допливал од блиската јавна плажа.
Според пишувањето на локалните медиуми сите жртви во нападот се жени.

Агенцијата АП соопшти дека напаѓачот е уапсен и е на сослушување за да се утврдат причините за нападот.
Повредените туристи во нападот се пренесени во локалните болници. 

Индустријата најмногу користи изворска вода, а ја испушта во јавна канализација

 Од испуштените отпадни води од индустријата скоро целата количина или 92 проценти оди во јавна канализација, пет проценти во земјата и три проценти во акумулации, објави Државниот завод за статистика.

Според објавените податоци од вкупно испуштените води, пречистени се 0,34 проценти.

Вкупното количество користена вода во 2016 година изнесува 3.699 милиони метри кубни.

Според потеклото на водата за снабдување на претпријатијата, најголемото количество е од изворски води 71,86  отсто.

Вкупното количество зафатена вода од индустриските претпријатија во 2016 година изнесува вкупно 3.709 милиони меетри кубни, при што секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација има најголемо учество од 98,96 отсто.

НФФ бара откупната цена на пченицата да биде 12 денари

 Националната федерација на фармери (НФФ) бара минималната откупна цена на пченицата да биде 12 денари по килограм.

И договорите во кои ќе биде пишана и цената и рокот на плаќање да се склучат пред жетвата, согласно Законот за земјоделство и рурален развој, како и државата да спроведе интервентен откуп на пченицата на 1 јули кога започнува жетвата.

Како што посочуваат од НФФ, нивната анализа покажала дека производната цена на пченицата за 2018 година изнесува околу 12 денари по килограм, а врз неа големо влијание имало поскапувањето на нафтата што, како што велат, повлече поскапување на сите репроматеријали.

- Во моментов земјоделците укажуваат дека квалитетот на пченицата е добар, а пролетните дождови позитивно влијаат врз родот и квлитетот. Од друга страна, загрижува информацијата дадена од млинарите дека нема да спроведат откуп на пченица доколку не се врати стариот Правилник за маркици за увозно брашно. Според земјоделците, ова е можна манипулација за повторно да се откупи пченицата по пониска цена од седум до 10 денари по килограм, како во минатите години, иако производната цена расте и се движи од девет до 12 денари по килограм, велат од НФФ.

Нагласуваат дека интервентниот откуп на пченица од домашно производство е законска одредба за пченицата која е стратешки производ во државата.

- Според Законот за земјоделство и рурален развој минималната количина која може да биде понудена од еден откупувач е 10.000 килограми, а максималната 50.000 килограми пченица, велат од НФФ.

Потсетуваат дека лани Владата на Србија донесе одлука на 27 јуни да започне интервентен откуп на пченица за државни стоковни резеврви со одредена цена и со рок на плаќање за 15 дена и инсистираат ваква пракса да се спроведе и во Македонија.

Според информациите на НФФ од терен, површините со пченица се намалуваат, бидејќи трошоците за производство се зголемуваат, а откупните цени се намалуваат. Годинава се очекува родот на пченица да биде над 200.000 тони.

Националната федерација на фармери преку допис од пред еден месец побара од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да ја свика Потсекторската група за жито и на заедничка маса да се разговара за откупот на пченицата. 

Манчевски: Со дигитализација транспарентност и отчетност кон граѓаните

 Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на завршниот настан по повод 25 години од формирањето на Фондацијата Отворено општество во Македонија.

 Порачал дека дигитализацијата овозможува транспарентност  и  отчетност кон граѓаните за што во иднина најавува новини во отворање на податоците од институциите.

- Транспарентноста е инструмент во рацете на граѓаните кој им овозможува да ја оценат релевантноста на процесите и одлуките донесени од институциите, навел Манчевски на денешната јавна дискусија  на тема „Транспарентни и отчетни институции-императив за одговорна власт“.

Како што истакнал, дигитализацијата и новите технологии овозможуваат брза и редовна комуникација, полесно од кога било, секојдневна консултација со граѓаните и граѓанскиот сектор.

Министерот се осврнал на дел од мерките кои Владата ги презеде во контекст на зголемување на отчетноста и транспарентноста и потенцираше дека за наредниот период се работи на отворање на податоците кои произлегуваат од работата на институциите од јавниот сектор, соопшти Кабинетот на министерот.

Се подготвува стратегија и акциски план за отворени податоци, се работи на пуштање во употреба на нов портал за отворени податоци во август годинава, на измени за Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, информирал Манчевски и најавил дека и во иднина ќе се продолжи со пракса на отвореност, транспарентност, отчетност, и водење инклузивни процеси со партнерството со граѓанските организации, бизнисите и академската заедница.

притисни ентер