Пентагон се подготвува за одговор од севернокорејски напад

Америка ќе возврати одлучно и ефективно на секоја провокација на Северна Кореја – порача американскиот потпретседател Мајк Пенс.
Предупредувањето го испрати од американскиот  носач на авиони  Роналд Реган лоциран во Јапонија.

Пенс е на турнеја во азискиот регионот за да ги убеди американските сојузници дека нема да се толерира ракетната програма на Северна Кореја и најавите за нови нуклеарни проби за развивање на атомско оружје.

,,Северна Кореја е најопасната закана на мирот и безбедноста во азиско пацифичкиот регион рече Пенс.

Тој додаде дека ќе се спротивстават на секој напад и употреба на неконвенционално оружје . Севернокорејските власти одговорија дека немаат намера да запрат со нуклеарната програма.

„Времето кога наредбите ги диктираше Америка заврши. Ако забележиме било каков напад врз нашиот суверенитет нашата армија ќе изврши воени напади против американските агресори каде и да се наоѓаат на американско тло, на американската база на корејскиот полуостров и оние во Јапонија или било каде“, вели Сунг Хол заменик министер за надворешни работи на Северна Кореја.

За одбрана од евентуален напад од Северна Кореја Пентагон најави дека во мај ќе изврши ракетен тест за да се утврди дали се способни  да ги соборат ракетите  од Северна Кореја. Новите американски ракети се надоградени и се со поголема моќ и со поголем дострел -  објавија американските медиуми.

Во служба на воената пропаганда – властите пак на Северна  Кореја објавија и видео во чест на 105-тиот роденден на основачот на земјата Кин Сунг на кое  е прикажано како  ракети ги напаѓаат и уништуваат Соединетите американски држави.

На крај од видеото американското знаме е во пламен, а зад него се гледаат низа крстови на гробиштата.



Изложба на дигитални фотографии на Кервин Вилијамсон и Горан Димов

Изложба на дигитални фотографии „ПРЕНОС: Дигитални соништа“/“Transference: Digital Dreams“ ќе биде отворена вечер, во 20:30 часот во Олд Скул кафе, во Скопје.

Куратор и еден од двајцата автори е Кервин Кендел Вилиамсон, визуелен уметник од Њујорк, кој со оваа изложба се претставува по шести пат пред македонската публика, а со свој придонес учествува и домашниот артист Горан Димов од Скопје.

- Во урбан свет, којшто потојано се менува, во зголемени варијации на моментите кои се акумулираат, ние сме задлабочени во дигитален тек, преку очите и објективот. Преку визуелни концепции кои настануваат од временската магла, секој си го тера сопствениот пат. Ние можеме да ги поврземе непредвидените аспекти од урбаните промени кои се корисни, но и деструктивни. И покрај сѐ поголемиот марш на дигиталниот тек, нашиот медиум се смета за практичен, иако не секогаш како уметност. Осознавајќи го ова, се просветлуваме, посочуваат авторите.

Цел на изложбата е понатамошно промовирање на дигиталната фотографија на чисти концептуални и визуелни приказни од урбаната средина. Заробениот миг раскажува приказна толкувана од оној што ја гледа, а сепак нема приказна.

Вилиамсон во Скопје во периодот од октомври 2014 до денес има изложувано самостојно и групно, во Отвореното графичко студио (Музеј на град Скопје), две изложби во Младинскиот културен центар (Скопје), во Галерија 8 и во Коцепт 37. /МИА

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ продолжува со политичкиот прогон во Македонија

Државата се презадолжува, граѓаните осиромашуваат, а Зоран Заев се обидува да ја покрие катастрофата со нарачани судски пресуди.

Националните интереси се распродаваат, се тргува со Уставот и со нашето потекло, а поткопувањето на идентитетот Зоран Заев се обидува да го покрие со политички процеси и казни преку заробеното судство.

СДСМ продолжува со политичкиот прогон во Македонија. Правната држава е укината, а политичките пресуди станаа секојдневие. 

Додека Зоран Заев и СДСМ ја пустошат Република Македонија судот слепо извршува политички нарачки.

Судот стана партиска експозитура на Заев и СДСМ. Правосудството не го интересираат ниту аргументи, ниту докази ниту факти туку слепо извршување на партиската задача на Заев.

Додека политичките неистомисленици на Заев секојдневно се малтретираат и им се изрекуваат драконски затворски казни, самиот Зоран Заев беше ослободен од барањето за поткуп каде сведок беше целата македонска јавност. Беше ослободен како што беа ослободени и обвининетите од Монструм и Сопот.

Судот и Зоран Заев го прават целиот македонски народ слеп и глув за криминалите на овој човек.

Барање поткуп беше евидентирано со судска наредба, но видео во кое бара едно евро за Вице и евро за црквата беше отфрлен од судот како доказ.

Сите овие процеси се прават се со цел јавноста да се дефокусира од штетните и катастрофални антидржавни политики што ги спроведува СДСМ и Зоран Заев.

Треба да се заборават и 500 евра просечна плата, 100 илјади денари за докторите, 500 километри автопат и ред други нереални ветувања од страна на Зоран Заев и СДСМ

Картелот на власт сака граѓаните да останат слепи пред грабежот кој и се случува на Македонија, невиден од времето на криминалната транзиција. Ова зло мора да си оди, оваа елементарна непогода олицетворена во криминалниот картел на Зоран Заев мора да си замине. Правдата ќе се врати во Македонија со заминувањето на картелот од власт, а сите оние кои во правосудниот систем сега работат по нарачка на Заев ќе сносат одговорност.

Оваа ненародна власт, мора да си оди. Политичката злоупотреба на институциите мора да запре. Економијата не смее дополнително да паѓа. Државата заслужува подобро. Граѓаните заслужуваат подобро. Затоа ајде сите заедно да излеземе и на 2 јуни во 20 часот пред владата на Република Македонија, да и кажеме не на оваа недемократска власт. /МИА

Почнуваат чествувањата по повод 1000 години Охридска архиепископија

Со бројни културни, научни, академски, образовни и спортски настани, организирани на локално, но и на највисоко државно ниво, годинава ќе се одбележува еден милениум од постоењето на Охридската архиепископија.

Со бројни културни, научни, академски, образовни и спортски настани, организирани на локално, но и на највисоко државно ниво, годинава ќе се одбележува еден милениум од постоењето на Охридската архиепископија, како еден од најзначајните јубилеи за македонската држава и народ.

Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи Даријан Сотировски, најавувајќи ја програмата посветена на значајниот јубилеј, истакна дека се работи за извонредно значаен настан – одбележување еден милениум од постоењето на една важна црковна и духовна организација, која го обединувала народот и му помогнала да премости многу тешкотии од најразлични временски епохи.

Највиските државни инстутиции заедно со локалните власти и МПЦ имаат изготвено пригодна програма со цел достојно да се одбележи јубилејот, а истовремено да побуди интерес кај сите возрасни категории. Активностите се распределени да се одржуваат од денеска па се до крајот на календарската година, во чии рамки се предвидени ликовни колонии, промоција на научни дела, поштенски марки, монети, училишни конкурси, издавање значајни публикации, организирање научни академски собири, па и спортски активности осмислени да го привлечат вниманието на пошироката јавност.

Градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски истакна дека Охридската архиепископија има посебно место во нашата богата духовна историја, која освен на македонско тло се простирала и на српска, бугарска и албанска територија, придонесувајќи Охрид како нејзино седиште да се развива во центар на православието и културата.

- На овие простори, според научни сознанија, имало континуиран живот седум илјади години, а траги оставале речиси сите цивилизации. Тие траги видливи се и сега и се сведоци за богатата историја на Охрид. Тука секој може да ги види наслагите на минатото, да ги види ранохристијанските базилики, прекрасните мозаици и  бројните цркви со  ретките фрески и икони. Врз цврстите темели на Охридската архиепископија е изградена и нашата Македонска православна црква, нашиот духовен светилник и неизбришлив белег на нашиот духовен идентитет. Делото на светиот Апостол Павле кој на овие простори почнал да го шири христијанството, подоцна го продолжуваатсСветите Климент и Наум Охридски, учениците и следбениците на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј. Тие продолжуваат со мисијата на ширењето на сесловенската писменост и култура, а свети Климент го отвора, според многумина најстариот Универзитет во Европа, со околу 3500 ученици. Испреплетеноста на важни културни и историски настани, го прават Охрид крстопат на цивилизациите, духовен и центар на сесловенската писменост и култура. Токму поради тоа, одбележувањето на 1000-годишнината од формирањето на Охридската архиепископија е голем настан за нас, но и за сите земји од православието, рече Стојаноски.

Првата содржина од програмата посветена на јубилејот е големиот концерт на хорот „Света Злата Мегленска“ закажан за вечер на Градскиот плоштад во Охрид.

Централната свеченост ќе се одржи утревечер од 18.30 часот во катедралната црква Света Софија во Охрид, со Свечена академија во присуство на членовите на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија предводени од поглаварот на МПЦ г.г. Стефан, како и претставници на највисоките државни институции во присуство на претседателот Ѓорѓе Иванов и премиерот Зоран Заев. Свеченоста ќе биде збогатена со пригоден концерт на Камерниот оркестар на Филхармонијата во чии рамки ќе настапат и хоровите од братствата на манстирите „Рајчица“ и „Свети Јован Бигорски“, под дирегентска управа на маестро Борјан Цанев. На програмата се преработки и аранжмани на композиции со тематика од македонските тропари.

Во галеријата на Света Софија ќе биде отворена и изложба на уметнички портети на македонските архиепископи.

Одбележувањето на значајниот јубилеј продолжува веќе утредента, со литургиско чествување што ќе се одржи во Света Софија од 9 часот, на кое е најавено присуство на највисока државна делегација.

Организаторите на манифистациите упатија отворен повик до сите братски балкански народи да го посетат Охрид и заедно со македонскиот да го прослават значајниот јубилеј. /МИА

притисни ентер