Одбележани 145 години од раѓањето на Гоце Делчев

Со положување цвеќиња на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ и пред неговиот споменик на плоштадот „Македонија“ во Скопје денеска се одбележа 145-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев.


На гробот на Гоце Делчев цвеќе положија премиерот Емил Димитриев, министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, министерот за финансии Кирил Миновски и министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими, делегација на Кабинетот на Претседателот на Македонија, делегација на Собранието на Република Македонија во состав Драган Данев, Петар Атанасов и Владанка Авировиќ, скопскиот градоначалник Коце Трајановски и претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева.

Цвеќиња положија и претставници од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, како и делегации на повеќе здруженија на граѓани, општини и установи.

Гоце Делчев, визионерот кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар меѓу народите, роден е на денешен ден во 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола.

Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија. Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија. Делчев е убиен од турска војска, на 4 мај 1903 година во селото Баница.

Рамасвами и Маск со план за укинување на ФБИ и масовно отпуштање владини службеници

Американското Федерално истражно биро (ФБИ) треба да биде укинато, а 1,5 милиони вработени во владата да бидат отпуштени како дел од новото Одделение за намалување на трошоците (DOGE), предложено од новоизбраниот претседател Доналд Трамп. 

Ова е ставот на Вивек Рамасвами, кој е назначен да го води новото одделение заедно со најбогатиот човек во светот, Илон Маск.

Рамасвами, чиј слоган „згасни го!” стана препознатлив, за време на кампањата истакна дека планира да започне крстоносен поход против големата администрација во Министерството за образование, Даночната служба и странската помош за Украина, Израел и Тајван.

Меѓутоа, за затворање на цела федерална агенција би било потребно одобрение од Конгресот. Сепак, Рамасвами ќе има моќ да ги обликува приоритетите на новото одделение, создадено од нула за да ја намали бирократијата за само две години.

Новата агенција ќе функционира надвор од владата и ќе ѝ дава препораки на Белата куќа за намалување на регулативата и буџетските трошоци, кои изнесуваат скоро седум трилиони долари.

Ова е идеја на Маск, технолошки милијардер кој стана еден од најблиските советници на Трамп, предложувајќи комисија за намалување на трошоците. Новоизбраниот претседател, на оваа специјална двојка, која ја опиша како „два одлични Американци,” ѝ даде рок до 4 јули 2026 година, 250-годишнината од Денот на независноста, да поднесат извештај.

Трамп во своето обраќање истакна дека ова тело ќе воведе „драстични промени“ со давање на предлози за „структурни реформи на големо“. Препораките би го поттикнале федералниот апарат кон „подобрено претприемачко управување“ со фокус на федералните агенции и намалување на бирократијата и трошоците.

Трамп веќе истакна дека сака да го укине Министерството за образование и да им ја препушти контролата над училиштата на сојузните држави и да ја елиминира „длабоката држава,” како што ги нарекува кариерните федерални службеници и за кои вели дека тајно ги следат сопствените цели.

Големите буџетски промени генерално се под јурисдикција на Конгресот, кој може да ги прифати советите од надворешни панели, како што е предложениот панел за ефикасност, или да ги игнорира. Ова може да биде спротивно на тврдењата на Рамасвами дека може да укине одделенија со извршни наредби преку Трамп.

Во насока на транспарентност, Маск рече дека DOGE ќе ги објавува своите „акции“ за јавен коментар. Спомена и листа на „глупави“ трошоци, за која кажа дека би била „крајно забавна“.

Според сегашниот буџет, одделенијата со најголема потрошувачка се Здравство и човечки услуги, Администрација за социјално осигурување и Трезор.

Социјалното осигурување изнесува 1,46 трилиони долари, здравството 912 милијарди долари, додека Medicare троши 874 милијарди долари државна потрошувачка годишно.

Целосниот обем и механизми на DOGE се уште се во изработка, а се уште не е јасно како ќе се финансира комисијата, што отвора дополнителни прашања. Законот за федерални советодавни комитети не бара од советодавните тела да плаќаат на своите членови.

Некои веќе сугерираат дека е иронично тоа што во одделение за ефикасност има кое двајца луѓе, Маск и Рамасвами, кои работат иста работа.

Рамасвами, милијардер, фармацевтски претприемач и поранешен кандидат за претседател, ја водеше кампањата со платформа за намалување на големината на американската влада.

Тој рече дека ќе користи извршни наредби за затворање на агенции, а во случајот со ФБИ, сака дел од буџетот од 11,4 милијарди долари да го прераспредели во Тајната служба и Одбранбената разузнавачка агенција.

Слоганот „згасни го!” стана клучна фраза за бизнисменот кој стана конзервативен инфлуенсер, а кој се повлече од републиканските предизбори за да му даде поддршка на Трамп.

Предлогот на Рамасвами за укинување на ФБИ веројатно ќе наиде на поддршка од неговиот шеф.

Според планот на Маск, американската влада ќе го намали бројот на околу 400 агенции и бирократии на само 99.

Технолошкиот могул има историја на драстични отпуштања, откако отпушти околу 3.700 од 7.500 вработени на Твитер кога ја презеде социјалната мрежа во 2022 година, велејќи дека тоа било најефикасниот начин за намалување на трошоците.

Лари Самерс, поранешен министер за финансии, рече дека би биле среќни да најдат само една десетина од заштедите што ги бараат бидејќи можностите се ограничени.

Намалувањето на помошта за Украина би заштедило околу 175 милијарди долари, што е сума одобрена од Конгресот од почетокот на руската инвазија пред речиси три години.

Агенциите што се соочуваат со проблеми, вклучувајќи го Министерството за образование (238 милијарди долари) и ИРС (12 милијарди долари), исто така нема да претрпат сериозен удар во буџетот.

Секоја голема заштеда, исто така, најверојатно ќе треба да се канализира во други владини агенции или одделенија кои ќе ја преземат работата.

-Едноставно е математички невозможно да се најдат два трилиони долари - рече Глен Хабард, поранешен претседател на Советот за економски советници.

Марк Голдвајн, висок политички директор на Комитетот за одговорен федерален буџет, рече за Си-ен-ен дека DOGE ќе мора да се насочи кон клучните области на трошење, како што се социјалното осигурување, Medicare и одбраната, доколку се покаже успешен.

Тој додаде дека ваквите шеми често служат како изговор „да не се прави ништо“ од страна на републиканците кои ветуваат заштеди за време на кампањата.

Филков: Измените во Судскиот совет и Советот на јавни обвинители се клучни за патот кон ЕУ

 Министерот за правда, Игор Филков, на дебатата „Платформа: 100% посветени за тебе“ на тема „Фокус на правдата, безбедноста и одбраната“ истакна дека Извештајот на Европската Комисија претставува силен поттик за потребните реформи. 

Тој нагласи дека измените во Судскиот совет и Советот на јавни обвинители ќе бидат клучни за напредокот на патот кон ЕУ, за што од утре почнуваат јавни дебати. Министерот информираше и за формирањето на Комората на вештаци, која, според него, ќе игра важна улога во подобрувањето на правниот систем.

- Да бидеме искрени, нас не ни треба никаков извештај за да ни каже какви се состојбите, ниту го чекавме истиот за да пристапиме кон реформските чекори кои ги ветивме на граѓаните и за кои ја добивме довербата. Ние како Министерство за правда, уште од прв ден пристапивме кон реформскиот процес и кон донесување одлуки и измени како сето ова да го придвижиме во вистински правец, рече Филков.

Нагласи дека реформите во правосудството се одвиваат во согласност со развојната секторска стратегија за правосудство за 2024-2028 година.

-Она што е најбитно за нас во периодот се реформите во правосудството и тие секако ќе се одвиваат во согласност со развојната секторска стратегија за правосудство за 2024-2028 година, посочи тој.

Дополни дека една од најголемите предизвици и најзначајна реформа се измените во Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, што, според него, ќе биде клучно за напредокот на патот кон ЕУ.

- Буквално од утре почнуваме со стручните дебати за нацрт измените и дополнувањата на Законот за судскиот совет подготвен од страна на работната група, формирана од страна на Министерството за правда. Ова ќе биде еден од неколкуте настани кои што ќе следат периодов. Планирано е некаде до крајот на декември да го завршиме процесот, што значи дека ќе имаме една дебата неделно. Очекувањата се големи. Заклучоците и препораките од тркалезната маса ќе бидат основа за понатамошно подобрување на текстот на измените и дополнувањата на законот за судскиот совет, рече министерот.

Во врска со прашањето за Комората на вештаци, министерот информираше дека таа е формирана после осум години.

- Од 25 октомври 2024 година е направен упис на комората во централниот регистар и таа е функционална. Ова е голем исчекор за комората која што предолго беше во мирување и го лиши правниот систем од експертиза. Но, она што е важно е дека сега таа е функционална и е ставена во функција, рече тој.

Дополни дека една од новините на Законот за вештачење е формирање на професионалните одделенија на Комората.

- Има 16 професионални одделенија, назначени се нивни раководители и заменици, така што, на седницата на основачкото собрание беа избрани органите на комората и донесени се основачките акти на истата. Ова претставува клучен чекор во подобрување на правниот систем и создавање на силен механизам за контрола и поддршка на вештаците од Македонија. Истата Комора ќе биде одговорна за лиценцирањето, едукација и вршење надзор на вештаците и нивната работа, дополни министерот.

Димитриеска-Кочоска: Предлог-буџетот е развоен со социјална компонента

Предлог-буџетот е развоен со социјална компонента, зад бројките стои нов концепт.

Предлог-буџетот за 2025 година се базира на реални макроекономски претпоставки и фискални проекции и обезбедува непречено функционирање на институциите на државата и редовно сервисирање на обврските, нагласи министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во нејзиното обраќање пред пратениците на првиот ден од комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година.

Според Димитриеска-Кочоска, Предлог-буџетот е развоен со социјална компонента, во кој дополнителна карактеристика е тоа што трендот на раст на расходите е понизок од трендот на раст на приходите, односно приходите се зголемени за 13 проценти, а расходите за 10 проценти во однос на 2024 година, што придонесува кон консолидација и намалување на буџетскиот дефицит за околу 3,3 милијарди денари.

- Ова е прв буџет којшто го предлагам како министер за финансии и прв буџет на оваа Влада. Зад бројките стои нов концепт. Бројки кои покажуваат борба со сивата економија, борба со криминалот, бројки кои ќе донесат повисоки стапки на економски раст и одржливост на долг рок. Фискалната политика за 2025 година е во функција на натамошна консолидација, реструктуирање и оптимизирање на јавните приходи и расходи со намалување на нивото на буџетскиот дефицит и јавниот долг, како и поттикнување на економската активност преку реализирани инфраструктурните расходи. Очекуваните резултати се во остварување повисоки стапки на економски раст, повисоки плати, подобар стандард за пензионерите, подобри услови за живот преку реализација на општинските проекти и инфрструктурните проекти, а сето тоа ќе биде поттикнато и од спроведување на реформите со поддршка на Планот за раст за Западен Балкан, рече Димитриеска-Кочоска.

Во креирањето на Буџетот, како што посочи, е тргнато од определбата за намалување на буџетскиот дефицит и ефикасно прибирање на приходите, преку борба со сивата економија и ефикасност во користењето на сите средства. Во таа насока се поттикнати институциите коишто имаат сопствени средства да ги ефектуираат и да ги користат. Износот на средствата заклучно со 12 ноември во буџетските корисници е над 14 милијарди денари.

Инфлацијата се очекува да се намали на ниво од 2,2 проценти, како резултат на стабилизирањето на цените на основните прехранбени производи и на енергенсите на меѓународниот пазар, забавувањето на странската ефективна инфлација, како и поумерениот притисок од базичната инфлација.

Извозот се очекува да има раст од 4,2 проценти, а увозот од 4,4 проценти како резултат на очекувањата за постепено стабилизирање на меѓународното опкружување и зголемување на надворешната побарувачка.

Очекувањата се дека позитивните макроекономски движења ќе продолжат и во 2025 година и економскиот раст ќе забрза на 3,7 проценти како резултат на позначителениот раст на инвестициите, солидното зголемување на потрошувачката и закрепнувањето на надворешната побарувачка. Најголем придонес кон растот во 2025 година се очекува да имаат бруто-инвестициите со раст од 8,1 проценти преку интензивирање на реализацијата на големите инфраструктурни проекти финансирани од државата, како и проектите во енергетиката, земјоделството, образованието и здравството. Дополнително, растот ќе биде поддржан преку поддршката на општините за реализација на капитални инвестиции. Значителен придонес се очекува и од инвестициската активност на домашните компании, како резултат на финансиските средства обезбедени преку заемот од Унгарија.

- Ваквото основно макроекономско сценарио сепак е придружено со ризици, коишто се оценуваат како надолни во однос на проектираниот економски раст. Ризиците во однос на надворешното окружување и понатаму се поврзани со геополитичките тензии. Војната во Украина има негативно влијание врз европската економија, особено врз Германија, којашто е наш најзначаен извозен пазар, и заедно со конфликтот на Блискиот Исток влијае врз глобалната перцепција за мир, нагласи Димитриеска-Кочоска.

Вкупните приходи во Предлог-буџетот се планирани на ниво од 358,8 милијарди денари, а расходите на ниво од 400,2 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 41.350 милиoни денари или на ниво од 4 проценти од планираниот БДП.

Вкупните даночни приходи се проектирани на ниво од 202,2 милијарди денари, што претставува раст од 12,8 проценти во однос на планираните даночни приходи за 2024 година, со удел од 19,8 проценти во планираниот БДП за 2025 година. Кај приходите од данокот на личен доход се очекува раст од 13,1 проценти, кај приходите од данокот на добивка за 10,3 проценти, а пораст се очекува и кај приходите од ДДВ кои ќе учествуваат со 42,9 проценти во вкупните даночни приходи, додека приходите од акцизи е предвидено да забележат раст од 18,6 проценти.

Кај расходите, делот на плати е проектиран на ниво од околу 48,1 милијарди денари и споредено со 2024 година е на повисоко ниво за околу 8 проценти. Тука е вкучено усогласување на платите согласно колективните договори во повеќе дејности, додека новите вработувања ќе се реализираат првенствено преку мобилност и преземање на вработени од други институции од јавниот сектор. Во делот на платите се имплементирани донесените владини мерки и препораки за рационализација и оптимизација на вработените во јавниот сектор врз основа на функционална анализа, а со цел зголемување на мотивот за професионално и квалитетно исполнување на работните задачи.

За исплата на пензиите планирани се 105,5 милијарди денари каде се вклучени и ветените 2.500 денари што пензионерите треба да ги добијат со мартовската пензија.

Министерката за финансии се надева дека во наредните 10 дена во Собранието ќе има конструктивна дебата за овој најзначен економски документ.

Опизицијата, според која Предлог-буџетот е неразвоен, најави поднесување на околу 200 амандмани.

Комисиската расправа, според новиот Деловник, би можела да трае до 30 ноември по што Предлог-буџетот треба да биде донесен на пленарна седница. Претседателот на Собранието Африм Гаши во интервју за МИА соопшти дека во втората половина на декември се очекува Предлог-буџетот да се најде на пленарна седница.

притисни ентер