Арапски, муслимански и европски држави го поздравија планот на Трамп за Газа - Канал 5

Арапски, муслимански и европски држави го поздравија планот на Трамп за Газа

 Голем број држави, пред сè арапски и муслимански, го поздравија мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп за запирање на војната во Појасот Газа.

Арапски, муслимански и европски држави го поздравија планот на Трамп за Газа

Египет, Јордан, Саудиска Арабија, Катар, Обединетите Арапски Емирати, Турција, Индонезија и Пакистан во заедничко соопштение изразија благодарност за „улогата на американскиот претседател и неговите искрени напори за запирање на војната во Газа“. Тие потврдија подготвеност „позитивно и конструктивно да соработуваат со САД и сите засегнати страни за финализирање и спроведување на договорот“.

Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта нагласи дека „сега е моментот да се даде вистинска шанса на мирот“. „Ситуацијата во Газа е неподнослива. Борбите мора да запрат, а сите заложници мора веднаш да бидат ослободени“, порача тој.

Францускиот претседател Емануел Макрон, исто така, го поздрави настојувањето на Трамп „да стави крај на војната во Газа и да обезбеди ослободување на сите заложници“. „Очекувам Израел решително да се ангажира врз оваа основа. Хамас нема друг избор освен веднаш да ги ослободи сите заложници и да го следи планот, нагласи Макрон во објава на Икс

Канцеларијата на италијанската премиерка Џорџа Мелони, исто така, го поздрави предлогот, нагласувајќи дека Италија е подготвена да соработува со САД, европските партнери и регионалните сили. „Овој план може да биде пресвртница – да донесе траен прекин на непријателствата, ослободување на сите заложници и целосен хуманитарен пристап до населението во Газа“, се наведува во соопштението.

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул изјави дека Израелците и Палестинците конечно можат да се надеваат дека војната ќе заврши. - Оваа можност не смее да се пропушти. Хамас мора да ја искористи“, додаде тој.

Британскиот премиер Кир Стармер порача дека Лондон „цврсто го поддржува“ мировниот план, кој ќе стави крај на борбите, ќе ги ослободи заложниците и ќе обезбеди итна хуманитарна помош.

Поранешниот британски премиер Тони Блер, кој треба да има улога во комисијата за транзиција во Газа, го поздрави планот како „храбар и интелигентен“, оценувајќи дека тоа е најдобрата можност за крај на двегодишната војна.

Палестинската власт изрази поддршка за „искрените и решителни напори“ на Трамп, верувајќи во неговата способност да најде пат до мирот.

ОН, преку портпарол во Њујорк, исто така потврдија поддршка за мировниот предлог на Трамп. - Ги поздравуваме сите посреднички напори и ОН се подготвени да дадат поддршка, вклучително и со хуманитарна помош, изјави портпаролот, нагласувајќи дека организацијата е во контакт со сите посредници – од САД до Катар и Египет.

Изјавата на ОН беше дадена пред Трамп и Нетанјаху да ја завршат својата прес-конференција. На истата, Трамп порача дека САД ќе го поддржат Израел доколку Хамас го одбие планот.

Од друга страна, „Исламски џихад“ го осуди планот, нарекувајќи го „рецепт за агресија против Палестинците“. Според движењето, документот претставува „американско-израелско спогодба и продолжение на агресијата врз палестинскиот народ“.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Жерновски: Aлиби на Мицкоски за избори спремаат руски и српски служби - Ново сценарио за етнички тензии

Мицкоски очајно бара алиби за избори. 

Жерновски: Aлиби на Мицкоски за избори спремаат руски и српски служби - Ново сценарио за етнички тензии

Ние, на денешната прес-конференција сакаме да го објасниме сценариото коешто е во режија на Мицкоски, поточно кажано во режија на српските и руските служби, а коешто за жал ќе го гледаме во наредниот период.

Нас како СДСМ ни е должност ова сценарио да го презентираме пред граѓаните за да предупредиме што ќе се случува.

Не бевме на почетокот разбрани кога објаснувавме за српски свет, за Орбан, за Вучиќ, подоцна беше јасно дека тоа што кажувавме беше вистина.

Така да не треба да се има никакво сомневање дека ова што ќе го објавиме во овој период е вистина, затоа што тоа се информации до коишто доаѓаме и тоа од луѓе од кругови коишто многу добро знаат што ќе се случува кај нас како последица на она што се случува во регионот.

Мицкоски очајно бара алиби за избори. Внимавајте, самиот кажува дека не сака предвремени избори, но истовремено моли да му биде фрлена ракавица или веројатно поточен е изразот да му биде фрлена гума за спасување од страна на опозицијата. Тоа е неверојатно спротивно на она што самиот го кажува.

Уште еднаш на почетокот да му порачам дека СДСМ нема да биде алиби за ова сценарио во коешто тој има само улога, макар и главна, но не е режисер. Тој не сака да признае дека главниот проблем и главната причина зошто бара предвремени избори е празниот буџет.

Негов главен проблем се бројките. Тој има полни бројки во Собранието, има мнозинство и затоа му е тешко да објасни зошто воопшто и му требаат предвремени избори. Но, нема полни бројки кај резултатите од неговото работење и нема полни бројки кај буџетот.

Резултатите се нула, буџетот е нула. Испразнет. Поточно кажано, украдени се парите. Секоја недела имаме нови и нови задолжувања, меѓутоа тоа сценарио веќе не може да оди до недоглед и затоа се потребни вонредни избори.

Сето тоа се работи, сценариото е работење на лична материјална корист, но истовремено исполнување на руската и српската анти-ЕУ агенда, бидејќи единствено ним им одговара Македонија да остане надвор од Европската унија како некоја тампон-зона.

Ова, се разбира, му одговара и на Мицкоски лично затоа што со отворање на преговорите кај нас треба да почне да функционира европското законодавство или, што е уште поголем проблем за него, европско обвинителство.

Ако дојде европското обвинителство, тогаш се работи за испитување за криминалите. Се разбира, не сака да има истрага за аферите, за криминалите итн.

Внимавајте кој паралелно најавува избори? Нормално Вучиќ. Мицкоски мора да распише избори во исто време затоа што не може да си дозволи да му се повтори сценариото со Орбан.

Очекуваше од таму да дојде позитивен бран.

Видовме што му направија Унгарците на Орбан. Сега се плаши дека ако почека прво да има избори во Србија, а Вучиќ да заврши како Орбан, тогаш се знае дека следниот на дневен ред да заврши така е токму Мицкоски.

Затоа покрај 40% Орбанови медиуми во Македонија, тоа не беше доволно, па сега сведочиме за тешка српска медиумска артилерија којашто токму тој ја овозможува преку АЛО групата и лиценцата на Еуроњуз.

Сега сакам да дојдеме до основата, суштината на оваа прес-конференција, всушност до основата, суштината на сценариото коешто ќе го гледаме од Мицкоски, неговата партија.

Бугарите требаше да служат како главно оружје врз основа на што тој ќе добие политички поени и коешто ќе служи како алиби за изборите.

И тие, Бугарите требаше да служат како алиби до крајот на мандатот. Меѓутоа, тоа сценарио пропадна прво поради лагите коишто самите ги кажаа и второ затоа што тој проект се искомпромитира.

Зошто? Затоа што јавноста дозна за безброј бугарски пасоши во редовите на неговите пратеници и неговите министри. И не само што имаа бугарски пасоши, туку, внимавајте, излезе дека имаат еден куп бугарски фирми.

Откако пропадна тоа сценарио, сега јавноста, сакаме на ова да предупредиме, ќе биде сведок на ново сценарио.

Сега нема да бидат главен аргумент противник наш, односно алиби за избори, Бугарите, туку ќе бидат, внимавајте, Албанците.

Тоа сценарио не е само потребно на или за националистичката кампања на ВМРО, туку му е потребно и на Вучиќ. Вучиќ започнува со истите обвинувања, со истото сценарио, со истиот терк.

Ова алиби, мораме и тоа да го кажеме отворено, не е како сценарио смислено во главата на Мицкоски. Тоа е алиби којшто му го даваат руско-српските служби. Сценариото, се разбира, на сето она што се случува денеска, за жал, на политичката сцена од страна на владата е на Вучиќ, а Мицкоски има само главна улога.

Затоа сакавме денеска да зборуваме за и да предупредиме за тоа што допрва ќе се случува. Се разбира, ќе слушнеме повторно за некакви шарени револуции, ќе слушаме од страна на Мицкоски за некаква поделба, иако токму тој ја прави поделбата со тоа што ги нарекува граѓаните или опозицијата талог. А сите оние што не се согласуваат со него, сите оние што прочитаа дека е неспособен, дека се работи за криминалец, сите тие ги нарекува талог. Се разбира, тие што го поддржуваат само тие не се талог.

Наместо на најсветлиот државен празник Илинден да зборува за единство, да го искористи тој празник и да повика на единство, бидејќи премиер каков би бил инаку премиер ако не обединува, тој говори за поделби и оттаму ја интензивираше кампањата Талог.

Така и против претседателот на СДСМ, доктор Венко Филипче, со којшто пет години водеа морбидна кампања за модуларните болници, го нарекуваат убиец, го нарекуваат дури и доктор Менгеле. Не водејќи сметка дека доктор Филипче излегува пред своите пациенти како доктор и пред своите студенти како професор.

Значи, токму тие се користеа со трагичната судбина на оние што ги загубија животите во модуларната болница за да добијат политички поени со тоа што го напаѓаа лидерот на опозицијата.

Нас ни беше навистина важно да ова сценарио кое што претстои кај нас го обелодениме, затоа што сакаме со тоа да спречиме тоа сценарио да успее колку што можеме како опозиција.

Внимателно треба да следиме сите како граѓани и како општество што се случува во регионот.

Европската унија посочи дека работи интензивно, поинтензивно и ја забрзува интеграцијата на Црна Гора во ЕУ, затоа што увиде хибриден напад врз Црна Гора од страна на Вучиќ.

Зошто го кажуваме ова? Затоа што целта не е само Црна Гора, целта е и Македонија.

Но, во Македонија токму Мицкоски овозможува и широко ја отвора вратата за тие хибридни напади коишто доаѓаат од Вучиќ.

Како што со Орбан се спроведуваше акција за купување на медиуми во Црна Гора, во Хрватска, во Словенија, во Босна и во Македонија, денеска тоа интензивно го следиме и од Вучиќ.

Сето тоа го работи преку својот соработник Стоилковиќ и неговите исто така соработници коишто се всушност соработници на српската служба на БИА.

Повторно сето тоа се случува по моделот на Гебелс, а тоа е следниот: Обвинувај ги другите за она што сам го правиш.

Се разбира, позади оваа кампања на Мицкоски стои кој друг ако не Латас. Еднаш му служи на Груевски, потоа му служи на Мицкоски, но секогаш е посочуван како човек којшто им служи на српските служби.

Почитувани граѓани, бидете уверени дека СДСМ до крај ќе се бори да го разобличи ова сценарио.

Сакам да заклучиме заедно дека, за жал, ќе го гледаме повторно сценариото од 90-тите, дека, за жал, ќе гледаме вештачко предизвикување на судири и тоа во она што сè уште е кревко, а тоа е меѓуетничките и меѓунационалните тензии.

Македонија не смее ова да го дозволи. Сакам да порачам на крај дека СДСМ нема да учествува во ова сценарио.

СДСМ нема да биде дел од ова сценарио и нема да послужи како алиби за тоа што Мицкоски, односно Русите и Србите го смислија.

Граѓаните не заслужуваат режирана претстава. Граѓаните заслужуваат вистина, а СДСМ тоа ќе го овозможи.

YouTube video

Прес конференција на Андреј Жерновски, член на Извршниот одбор и Секретар за меѓународна соработка

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Лефков: Грижата на талогот од СДС и Филипче за граѓаните во случајот со модуларните заврши со 14 мртви пациенти, но сега има власт која се грижи за секој еден граѓанин

​Венко Филипче како прв човек на СДС, а поставен на тоа место од неговиот другар Зоран Заев, кога станува збор посебно за здравството треба да молчи.

Лефков: Грижата на талогот од СДС и Филипче за граѓаните во случајот со модуларните заврши со 14 мртви пациенти, но сега има власт која се грижи за секој еден граѓанин

Неговите кажувања дека обвинителството не покренало обвинение против него, покажуваат само дека обвинителот Ислам Абази е слеп пред доказите.

Непокренувањето на обвинение е се, само не е доказ дека Филипче е невин.

Зошто? Бидејќи од предметот за модуларната во Тетово, се гледа дека Филипче воопшто не го интересирало мислењето на вработените во Министерството за здравство и стручните лица. На вработените им било јасно дека Филипче сторил криминал во случајот со 19 модуларни болници.

Поточно, ова било видливо од фактот што ниту едно стручно лице не сакало да се потпише на анексот на Филипче, изготвен по пожарот во модуларната болница во Тетово, а со цел тој да се спаси од одговорност.

Почитувани, сведочиме на низа на пропусти при процедурата и самото поставување на модуларните болници.

Воедно, факт е само тоа што Филипче не отстапувал од своја идеја. А сите знаеме дека резултат од тоа се изгорени 14 пациенти во модуларната во Тетово.

Затоа талогот од СДС, заедно со првиот човек Филипче можеби е најдобро да не кажуваат дека се грижат за здравјето на граѓаните, бидејќи сите сведочиме како завршува нивната грижа, со мртви пациенти.

YouTube video

Миле Лефков, член на ИК и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

МФ: За првпат национален испит и сертификација на внатрешните ревизори во јавниот сектор

За првпат во земјава, преку Министерството за финансии, ќе се спроведе национален испит за стекнување уверение за овластен внатрешен ревизор во јавниот сектор.

МФ: За првпат национален испит и сертификација на внатрешните ревизори во јавниот сектор

Ова претставува значаен исчекор во унапредувањето на системот на внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор и е дел од континуираните активности на Министерството за финансии насочени кон поодговорно, потранспарентно и законско работење на институциите.

Со организирањето на националниот испит, за првпат преку Министерството за финансии се воспоставува национална сертификација на внатрешните ревизори во јавниот сектор, со што се создаваат услови за натамошно професионализирање и зајакнување на оваа значајна функција во институциите.

Спроведувањето на испитот и сертификацијата на внатрешните ревизори ќе значат директно зајакнување на капацитетите на единиците за внатрешна ревизија кај субјектите од јавниот сектор. Истовремено, ова претставува уште една конкретна потврда на заложбите на Министерството за финансии за зајакнување на механизмите за борба против корупцијата и обезбедување законско и одговорно работење на субјектите од јавниот сектор.

Воспоставувањето на националниот испит е значајно и од аспект на европскиот интегративен процес. Со неговото организирање се прави чекор кон целосна реализација на препораките на Европската Унија во овој сегмент од Поглавјето 32 – Финансиска контрола, а воедно се придонесува и кон успешна реализација на следните чекори од Реформската агенда во оваа област.

Материјалите за подготовка и прашањата за испитот веќе се објавени на веб-страницата на Министерството за финансии.

Испитните материјали се подготвени со техничка и експертска поддршка од Европската Унија за Министерството за финансии – Централната единица за хармонизација. Министерството ја изразува својата благодарност до Европската Унија за поддршката во реализацијата на овој значаен процес.

Министерството за финансии во периодот што следи навремено ќе ја информира јавноста за следните чекори во процесот на организирање и спроведување на испитот за стекнување уверение за овластен внатрешен ревизор во јавниот сектор.

За сите дополнителни информации и прашања поврзани со процесот, заинтересираните може да се обратат до Централната единица за хармонизација при Министерството за финансии.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер