Анкета: Американците ја доживуваат Харис како почесна и подисциплинирана од Трамп - Канал 5

Анкета: Американците ја доживуваат Харис како почесна и подисциплинирана од Трамп

Речиси половина од Американците велат дека „посветен на демократијата“ и „дисциплиниран“ се карактеристики што подобро ја опишуваат Харис. 

Анкета: Американците ја доживуваат Харис како почесна и подисциплинирана од Трамп

Американската потпретседателка Камала Харис има благо водство пред Доналд Трамп во неколку сојузни држави, покажува новата анкета на Асошиејтед прес и Националниот центар за истражување на јавното мислење, иако Американците сè уште малку повеќе му веруваат на поранешниот претседател во однос на економијата и имиграцијата, пренесе БТА.

Речиси половина од Американците велат дека „посветен на демократијата“ и „дисциплиниран“ се карактеристики што подобро ја опишуваат Харис.

Четири од десет гласачи рекоа дека Харис е таа што „се грижи за луѓето како тебе“, додека тројца од десет го кажаа истото за Трамп. Околу 40 отсто рекле дека квалитетот „чесна“ подобро ја опишува потпретседателката, а 24 отсто сметаат дека овој квалитет повеќе се однесува на нејзиниот противкандидат.

Трамп води изборна кампања во која сака да се гледа како силен лидер способен да се справи со страшните кризи со кои се соочува земјата.

Засега, сепак, тој нема предност во однос на противникот во овие карактеристики, покажува студијата. Четири од десет гласачи го гледаат Трамп како силен лидер. Сличен дел го тврдат истото за Харис. Ист број луѓе сметаат дека поранешниот претседател е способен да се справи со кризи, наспроти сличен процент за потпретседателката.

Американците се уште се поделени околу тоа кој според нив е способен да победи на изборите во ноември. Во јули, пред Бајден да се откаже од трката, само двајца од десет Американци мислеа дека тој може да победи, додека двојно повеќе го кажаа истото за Трамп.

Околу 45 отсто од гласачите сега велат дека повеќе му веруваат на претходниот американски претседател за економијата и имиграцијата, во споредба со 38 отсто кои повеќе и веруваат на сегашната потпретседателка.

Харис ужива поголем кредибилитет од Трамп кога станува збор за решавање на прашања поврзани со расната нееднаквост, политиката за абортус и здравствената заштита. Речиси половина од гласачите сметаат дека демократот ќе заврши подобра работа по овие прашања од републиканецот, кому три од десет гласачи му веруваат.

Околу двајца од 10 независни гласачи рекоа дека би сакале да ја видат Харис избрана на функцијата, додека сличен број независни гласачи го кажаа истото за Трамп.

ВЛЕН: Барањето на ДУИ за предвремени избори има ист ефект со “гурабиите и кексите“

​ДУИ едно зборува јавно, друго прави зад завесите. 

ВЛЕН: Барањето на ДУИ за предвремени избори има ист ефект со “гурабиите и кексите“

Така, Ахмети во кампањата во мачо стил делеше “гурабии и кекси”, за после, кога го виде резултатот, да се понуди со четири министерства, без претседател на Собрание, за да влезе во Влада наместо ВЛЕН. Јавно се закануваа со „чизми на таванот“, а по налог на СДСМ на улиците апсеа невини Албанци само затоа што се осмелија да ја бранат вистината за модуларната болница.

Ако некој директно работел против интересите на Албанците, тоа се Али Ахмети и кројачот на дворски игри, Бујар Османи - човекот што го донесе Лавров во Скопје, што делеше тендери за рента-кар како бакшиш за своите луѓе и раздаваше дипломатски пасоши на кого стигне, вклучувајќи ја и Татјана Димитровска, денес осомничена за оддавање службени тајни во случајот „Адитив“.

Само политички слепци не гледаат дека ако локалните и парламентарните избори се одржат заедно, ВМРО-ДПМНЕ ќе победи со над 60 пратеници. ДУИ не извлече никаква поука. Напротив, продолжува да ја зајакнува ВМРО-ДПМНЕ со лаги за наводна деалбанизација, плашејќи го сопствениот народ со празни приказни.

Но Албанците не се наивни! Знаат дека „Пржинска влада“ им треба на ДУИ само за едно нешто: за да го спасат криминалот на Али Ахмети и да ги сокријат досиејата што секој ден излегуваат на виделина!

ДУИ денес личи на уплашен ученик кој ја заборавил домашната задача, трча од еден на друг крај барајќи спас, затоа што знае дека без контрола врз МВР и државните институции, тие се ништо!

Но времето на уцени заврши!

На фер и демократски избори, ВЛЕН нема само да ја избрише ДУИ од политичката мапа, туку конечно ќе ја испрати таму каде што одамна ѝ е местото, во политичката историја!

ВЛЕН

ВМРО-ДПМНЕ: Мицкоски на дводневен Конгрес на Европската народна партија во Валенсија, Шпанија

Мицкоски ќе присуствува и на вечерата организирана за лидерите од Европската народна партија.

ВМРО-ДПМНЕ: Мицкоски на дводневен Конгрес на Европската народна партија во Валенсија, Шпанија

Ве известуваме дека на 29 и 30 април, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со партиска делегација составена од потпретседателите на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски и Тимчо Муцунски, меѓународниот секретар Стефан Андоновски, како и преставници на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ предводени од претседателката Жаклина Пешевска и преставници на Унијата на млади сили ќе присуствуваат на дводневниот Конгрес на Eвропската Народна Партија (ЕПП) во Валенсија, Шпанија.

На конгресот претседателот Мицкоски ќе има и свое обраќање на првата пленарна сесија. Претседателот Мицкоски ќе одржи и неколку билатерални средби, меѓу кои со Австрискиот премиер и претседател на сестринската партија ОВП, Стокер, како и со претседателот на Српската напредна странка и поранешен премиер на Србија, Вучевиќ, со претседателот на Демократската партија на Албанија и поранешен премиер и претседател на Албанија, Бериша и други европски лидери.

Исто така претседателот Христијан Мицкоски ќе присуствува и на вечерата организирана за лидерите од Европската народна партија.

ВМРО-ДПМНЕ

Сиљановска-Давкова: Уставниот суд е најнереформираниот државен орган

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на тркалезната маса насловена како: „Дали ни е потребен Закон за Уставниот суд?“, организирана од Уставниот суд и ЕУ. 

Сиљановска-Давкова: Уставниот суд е најнереформираниот државен орган

Во воведниот дел на тркалезната маса говореа претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, амбасадорот на ЕУ, Михаил Рокас, амбасадорката на Германија, Петра Дреклер и амбасадорката на САД, Анџела Агелер.

Наодите од анализата за тоа дали има или не потреба од донесување Закон за Уставен суд беа презентирани од проектниот тим, составен од Карстен Манке, раководител и Мартин Сопранов и Маргарита Цаца Николовска, правни експерти. Проектот е финансиран од Европската Унија.

Свои ставови презентираа судијките Татјана Васиќ-Бозаџиева и Ана Павлова Данева, како и универзитетските професори по уставно право: Рената Десковска- Тренеска, Тања Каракамишева-Јовановска, Јетон Шасивари и Денис Прешова.

Присутните го слушнаа и мислењето на невладиниот сектор, односно на претставниците на „Сите за правично судење" и „Млади правници".

Според претседателката, прашањето: „Дали е потребна реформа на македонското уставното судство?“ е вистинското прашање. Истакнувајќи дека Уставниот суд е најнереформираната институција, со оглед на неколкуте неуспешни обиди за уставни измени, претседателката укажа на неодржливоста на сегашното правно решение и упати на препораките на Венецијанската комисија за донесување Закон за Уставниот суд. Таа констатираше дека нашиот Уставен суд не успеа да прерасне во четврта власт, коректор на односите меѓу трите власти и заштитник на слободите и правата на граѓаните.

Сиљановска-Давкова укажа на важната улога во градењето уставна демократија на уставните судови на Германија, Франција, Шпанија, Португалија, Словенија и на Хрватска.

Таа се заложи за поширока надлежност на Уставниот суд: проширување на листата на заштитени слободи и права, оценка на меѓународните договори пред да бидат ратификувани од Собранието, давање финална оценка на изборите и референдумите, дислоцирање на автентичното толкување на законите од надлежност на Собранието во надлежност на Уставниот суд, воведување impeachment и за други носители на високи функции, конкретизирање на условите за „истакнат правник“ за да се оневозможи политизацијата и партизацијата, што доминирале во досегашното регрутирање на уставните судии.

Претседателката се вклучи во бурната дебата што следеше, застапувајќи и бранејќи го ставот за нужноста од уставни промени заради создавање уставен основ за донесување Закон за Уставен суд по примерот на најголемиот број развиени демократии, како и во духот на препораките на Венецијанската комисија и научната мисла.

Во продолжение е интегралниот говор на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова:

Добро ве најдов сите, пријатно се чувствувам особено што ги гледам моите колешки и колеги овде.

Ќе зборувам како професорка и веднаш ќе го проблематизирам насловот. Ни треба ли закон за Уставен суд? Езоповско е прашањето претпоставувам намерно. Инаку, можеби е нормативистичко, не велам Келзеновско иако ние секогаш кога предаваме за Уставниот суд се повикуваме на Ханс Келзен. Значи, за мене прашањето е одамна решено, уште во далечната 2005 година кога се постави прашањето дали заедно со судските реформи, уставни, треба да посегнеме и по реформа на уставното судство. И меѓу нас, на кои им е живот правото, па и уставното судство имаше неподелен став, ги гледам тука двете мои колешки кои беа оние кои ја изработија работната верзија на промените, сум разговарала со нив, знам дека и тогаш им беше ставот дека се потребни. Интересно, но мислам дека отпорот оттогаш, па низа потоа години доаѓаше од самата институција. И мене тоа ми беше неразбирливо бидејќи очекував иницијативата за промени да дојде од куќата на Уставниот суд, ама таа не доаѓаше. Значи, ако тргнеме од анализата на улогата на Уставниот суд во демократизацијата, ќе заклучиме дека имало светли мигови меѓутоа, факт е дека Уставниот суд не ја одигра можната улога каква што одиграа многу уставни судови и во земјите со развиена демократија, Уставниот суд на Германија или Уставниот совет на Франција, како власт што е надвор од редовното судство, како четврта власт, како своевиден креатор на уставната демократија и затоа потоа во многу трудови, докторати, расправи ние ја истакнувавме оваа дилема, па дури мислам дека и на ниво на Европската Унија тезата дека па не во сите земји има уставни судови, па во поглавјето 23 нема анализа или нема посветеност на уставното судство, исто така, не држи. Во земја која има долга традиција на уставно судство во далечната 63-та година, иако во еден сосема поинаков политички систем нели, во еден, во собраниски систем, а не во систем на поделба на власта, мислам дека Уставниот суд одамна требаше да се реформира. Второ, мило ми е што во домот на уставното судство се организира ваквата расправа, не мислам дека е случајно, туку е продолжение на неколкуте храбри одлуки и мене ме радува дека овој чекор покажува спремност, исто така, да се расправа критично и за најнереформираната институција, најнереформираниот државен орган како што го нарече во еден свој труд мојот колега Денис Прешова. И тоа е навистина така. Значи после неколкуте неуспешни обиди 2005, понатаму во Венецијанска комисија бев во 2014 година кога дојдоа амандманите и морам да кажам дека за разлика од критиката кон некои други амандмани, моите колеги, да не го бројам составот, тука имаше исто така излагање, гледам во материјалите, професорката Јасна Омејес, ја поддржаа реформата на уставното судство, особено кога се зборува за Actio Popularis, односно за потребата од поголема заштита на човековите права, зошто мене и денеска не ми е јасно по кој критериум е направен изборот на оние права што ќе имаат уставно-правна заштита. Веројатно била некоја правно политичка импровизација. Понатаму, и во стратегиите коишто ги гледавме и во онаа 2017 – 2022 година, исто така, беше многу жива дискусијата и заложбите за поголема заштита на слободите и правата односно за проширување на кругот, ама во финалната верзија некако, не знам, ја снема оваа дилема. Понатаму, во 2024-2028 година, исто така, во стратегијата се заговараше, па и акционен план беше предвиден, значи тогаш се заговараше и посебен закон за Уставен суд и еве, овде сме. Значи, ако ме прашате мене, јас ќе ви кажам дека сум за, и тоа сум го зборувала и пишувала, дека сум за поширока надлежност на Уставниот суд. Поширока надлежност не може да се регулира со закон бидејќи дури и да носиме ние закон за Уставен суд треба да интервенираме во Уставот бидејќи можеме ние да го читаме како сакаме членот 113, меѓутоа јасно е таму дека акт за Уставниот суд, не значи закон бидејќи Уставен суд не може да донесе закон, закони носи Парламентот. Впрочем, до 2024 година живеевме со деловник, тоа е за Уставниот суд. Значи, што мислам дека треба исто така да опфати една реформа по мене? Прво, да се прошири листата на заштитата на слободите и правата, не велам како Унгарија да одиме или како некои други држави да се повикуваме на Конвенцијата за човековите слободи и права, меѓутоа ни треба поширока заштита. Понатаму, да, треба да прецизираме дека од моментот на потпишувањето на меѓународните договори до ратификацијата на меѓународните договори Уставниот суд би можело да реагира, да има надлежност. Ние во целата историја сме имале засега само една интервенција помеѓу народен, по закон за меѓународен договор, не по самиот меѓународен договор и мислам дека, апсолутно тоа не е, не е релевантно. Понатаму, би сакала да се прошири надлежноста на, дури на финалниот збор да го има на изборите, на референдумите на пример, би сакала да го тргнеме од надлежноста на Собранието автентичното толкување на законите, бидејќи е остаток од комунизмот и доведува до директно кршење на уставноста и законитоста. Зошто? Со политички договор што се прави, се интерпретира, на нов начин, одредбата од законот, и така всушност ние правиме нешто што не смееме. Оваа надлежност треба да му припаѓа на Уставниот суд. Можеби треба да размислиме дали Импичментот каков што постои за шефот на државата, со право, треба да се прошири и на некои други високи носители на власта. Треба, исто така, наместо Уставниот суд само да кажува дека програмата на некоја партија, или на партијата е неуставна, исто така тоа да го спроведува, не тоа да го прави второстепен суд, редовен суд. Значи, ова се нешта што мене ми даваат за право, или ме водат кон заклучокот дека ни треба реформа на уставно судство. Е, сега тука можеме да го бираме моделот, некој ќе рече па Уставот ќе го смениме, ќе ги прошириме одредбите, да, ама ние имаме интересна историја со уставните измени, влегуваме со едни уставни измени, излегуваме со сосема други, што немаат понекогаш врска со предлогот за измена на Уставот. Затоа, велат Пандорина кутија е во прашање, повторно ќе се вратите на преамбулата, бидејќи нели, не она што е редок, редок, редок феномен во уставното право, да се менува преамбула, кај нас е чест феномен, па дури и за срам на уставното право и на правниците, тоа е направено на невозможен начин. Замислете преамбулата е сменета како да е дел од нормативниот текст, наместо целата промена да се напише бидејќи тоа е метафизичка приказна, таа е, се менува тоа и тоа, по зборот тој и тој, признавам не разбирам како гласи преамбулата. Ете тоа е парадоксот. И примерот со Индија, сега разговарав со еден индиски професор, примерот со Индија и со измената, па потоа одлуката на нивниот Врховен суд, мислам дека е релевантен да ме потсети. Понатаму, реков дека во годишните извештаи на ЕУ, тие што бев 4 години во Собрание, не видов никаков осврт на Уставниот суд, ама затоа видов, ќе речете дека сум цинична, да, затоа видов и во минатиот извештај 2024-та ама замислете и во 2025-та дека при инаугурацијата не сум го употребила уставното име. Значи јас не сум инаугурирана во 2025, во 2024. Е, тоа е важен елемент на извештајот многу интересен феномен, морам да кажам. Значи, реформите не ги правиме заради ЕУ, ова го зборувам заради коментар на една забелешка, реформите ги правиме заради ЕУ демократските стандарди и принципи, заради ЕУ филозофијата, ама најмногу заради македонската демократија. Значи, во функција на rule of law и затоа велам јас, мојот идол во уставното право, за жал почината, Lidija Basta Fleiner и Thomas ја напишаа брилијантната книга „Уставна демократија“ и ден денеска неверојатно инспиративна. Значи, од 63-та и во 63-та и во 74-та година, покрај уставните одредби имало и Закон за Уставен суд. Значи ние имаме една и ако сакате, правна традиција и мислам дека таа правна традиција нè охрабрува. При крајот сум, ме боли, тешко ми е, но денеска сум посреќна кога гледам дека, на некој начин пробива, не знам дали сè уште е така, општоприфатениот став во науката дека ни е потребен похрабар однос кон, активниот, кон Уставниот суд за да може тој да биде похрабар во односот кон трите власти, а исто така и похрабар во заштитата на човековите слободи и права. Toa е она што сакам да го потенцирам и сакам на крајот да кажам дека идеја имав да направам, првата работа да ми биде да составам една група од конституционалисти, зборувам од коституционалисти кои што ќе направат, ќе почнат да работат на нов Устав, меѓутоа ви кажувам зошто не го правам тоа, од стравот дека нема да се концентрираме на стандардните решенија, на пристојните, на досадните решенија, коишто ги среќаваме во сите европски устави, а не да градиме ние „Sui Generis“ решенија и оригинална демократија. Во демократија треба да се биде стандарден, не треба да се биде оригинерен и оригинален. Значи, ако сакаме темелна реформа на уставното судство, тогаш ни треба радикален пристап. Јас претпоставувам дека ова решение од 2024 година е обид да се надминат, или, како да се, привремено да се менаџираат проблемите со кои се соочил Уставниот суд, оти мене ми е јасно дека независноста не е уставна апстракција, не е, независноста треба да биде поткрепена со финансиска независност, со функционална независност, со можност за постапување токму во рамките на вака утврдените начела и дека затоа се посегнало, но знам дека ние ги учиме студентите - прашањата од материјален карактер може да се решат само со закон и со устав. Не може да се решаваат со подзаконски акти, тоа е нешто што сите знаеме. И заборавив, мораме да го конкретизираме статусот, квалификацијата истакнат правник. Ова што ни се случуваше во уставното судство сиве овие години не е толку резултат на недостиг на доволно одредби во Уставот, туку е резултат на партизацијата и политизацијата. Во Уставниот суд поминаа многу, многу фигури, кои не би можело да седат, и не би требало да седат, извинете ме, ама, како професорка зборувам, во Уставниот суд, чест на исклучоците. Тогаш ние ќе имаме уставно судство кое ќе служи на уставната демократија. Значи не можеме прашања како имунитет, дејство на закони Ex tunc - Ex nunc, финансиска независност, функционална, не можеме во подзаконски акт, јас знам дека вие сте морале тоа да го правите, меѓутоа мислам дека ни е потребно, ни е потребна похрабра одлука. Значи, прашањето дали треба закон е одамна решено. Се разбира, може тука да разговараме дали можеби стапицата да потргнеме со едни измени а добиеме со други, може да се реши со некаков Закон за Уставен суд, не знам иако досега ние во поновава историја имаме само закони за, уставните закони се закони за спроведување на уставните измени односно амандмани. За последната реченица ми е, нашиот Устав важи за цврст Устав, но јас кога се гледам со колегите особено со нашиот колега, не знам Рената дали го сретнала, значи англиски колега авторот на „The changing constitution”, Џефри Џоуел, велам Џефри, не е вашиот, англискиот устав во материјална смисла The changing constitution, нашиот е за 30 години 36 амандмани и морам да ги квалификувам најчесто тие амандмани се imposed значи наметнати амандмани, така што нема да се шокирам ако еден ден во преамбулата напишеме: ние граѓаните, ние граѓаните и ние граѓаните и меѓународната заедница.

Благодарам.

Гордана Сиљановска-Давкова

притисни ентер