Ангеловска-Бежоска: Соработката меѓу Народната банка и ММФ на високо ниво

 Народната банка постигна значајни резултати во унапредувањето на своето работење со поддршка на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Со спроведувањето низа проекти поддржани од ММФ, монетарната политика на земјата достигна ниво што е високо оценето од страна на меѓународните институции. Очигледно е дека соработката меѓу Народната банка и ММФ е успешна.

Ова, соопшти Народната банка, се дел од пораките од средбата на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерката за финансии, Нина Ангеловска, со заменик-директорот на ММФ, Тао Жанг, што се одржа во Скопје. На средбата учествуваше и вишата резидентна претставничка на ММФ за Западен Балкан, Штефани Ебле.

На состанокот, акцентот е ставен на Заклучокот на тимот на ММФ, што неодамна престојуваше во нашата земја заради спроведување на редовниот годишен преглед на македонската економија. Како што е истакнато, оцените дека монетарната политика е соодветна и дека банкарскиот систем е здрав, добро капитализиран и ликвиден се и конкретна потврда на успешното остварување на целите на Народната банка. Притоа, уште еднаш е нагласено дека Народната банка соодветно ги искористи поволните услови за зголемување на девизните резерви. При проследувањето на состојбите во банкарскиот систем, одделно беше посочено дека тековните активности за негово окрупнување ќе придонесат за негово натамошно консолидирање и за подобрување на неговата ефикасност.

Од Народната банка наведуваат дека внимание ѝ се посвети и на потребата за дополнителното зајакнување на рамката за финансиска стабилност, што според согледбите на ММФ и натаму е приоритет. Притоа е истакната оцената дека е мошне важно и позитивно што редовно се одвиваат активностите за зајакнување на супервизорската и регулаторната рамка и што се подготвува и регулатива со која ќе се зајакне макропрудентниот мандат на Народната банка и ќе се овозможи подобро утврдување на системските ризици во банкарскиот систем.

Во вториот дел на состанокот, е разговарано и за натамошното унапредување на соработката на Народната банка и Министерството за финансии со ММФ. Притоа, како што стои во соопштението, Тао, Ебле и Ангеловска-Бежоска разговараа и за можностите за поддршка од ММФ за дополнително унапредување на работата на Народната банка, преку техничка и советодавна соработка во неколку сфери на централнобанкарското работење, за што веќе се водеа разговори и на Годишните средби на ММФ и Групацијата на Светската банка во Вашингтон.

Хонда „се сели“ на друг континент- вложуваат милијарди во фабрика во Канада

Јапонскиот производител на автомобили Honda Motor денеска објави дека сака да изгради фабрика за електрични возила (EV) во Канада и е подготвен да инвестира 11 милијарди американски долари во овој проект.

Honda започнала преговори со канадските власти за добивање субвенции за проектот во Онтарио, пренесува агенцијата Kyodo.

Вистинската инвестиција на Honda во создавањето на синџир за снабдување со електрични возила во Канада се очекува да биде од 60 до 70 отсто од вкупната сума, бидејќи и добавувачите на материјали ќе ги поделат трошоците.

Хонда планира да започне со производство во новата фабрика за електрични возила, која ќе биде втора од ваков вид во Северна Америка, во 2028 година.

Јапонската компанија моментално ја реконструира својата постоечка фабрика во Охајо во Соединетите Американски Држави со цел таму да произведува исклучиво електрични автомобили од 2025 година.

Бебе загина во страшното торнадо, што ја опустоши Оклахома (ВИДЕО)

Според последните информации, најмалку пет лица, меѓу кои и едно дете (4), загинале во серијата разорни торнада што минатиот викенд ги погодија централните делови на САД.

Како што јави Би-Би-Си, четири лица загинале во Оклахома, додека едно го загубило животот во Ајова.

Силното невреме што започнало во петокот предизвикало значителна материјална штета, а десетици илјади луѓе останаа без струја. Вонредна состојба е прогласена во повеќе од 12 окрузи во Оклахома. Во сојузните држави Небраска и Ајова биле регистрирани дури 70 торнада.

Националната метеоролошка служба потврди дека прелиминарните податоци покажале дека некои од торнадата имале брзина на ветер до 136 милји на час (околу 218 километри на час). Невремето се проширило од Тексас до Мисури и за само неколку часа наврнале околу 18 сантиметри дожд на метар квадратен, пренесе АФП.

На социјалните мрежи се објавени бројни видеа од штетите на кои се гледаат уништени куќи и превртени автомобили. Службите за итни случаи во Оклахома регистрирале најмалку сто повредени лица на кои им била потребна медицинска помош.

„Ќе се вратиме, ќе ги исчистиме урнатините, ќе изградиме куќи и ќе продолжиме напред“, рече претседателот на Домот на Оклахома, Чарлс Мекол.

Гувернерот на Оклахома Кевин Сит изјави дека во неколку градови е предизвикана најголемата штета што ја видел во последните шест години откако е на чело на државата.

"Видов како доаѓа големо торнадо. Имав доволно време само да ги засолнам децата и сопругата. Сè беше уништено. Населбата не постои. Им помагавме на затрупаните да излезат од урнатините - рече Брент Ричардсон, еден од жителите на Омаха.

Американскиот претседател Џо Бајден разговараше со гувернерот на Оклахома и понуди федерална помош за најранливите области.

Пендаровски: Пред вас има две опции, едната што продолжува напред, другата да ве врати назад

Во овие пет години се трудев да бидам коректив на извршната власт и секој претседател на државата треба така да постапува, порача денеска од Желино, кандидатот за претседател Стево Пендаровски.

„Пред вас има два концепта кои никако не се приближуваат. Јас и мојата опција сме за ваква Македонија каква што ја имаме со разбирање со меѓусебна почит, без меѓуетнички конфликти, другата опција е ризик за поделби и тензии, опција со која сигурно нема да просперираме“ порача Пендаровски.

Пендаровски изрази уверување дека најголем дел од гласовите кои завршија кај кандидатите кои испаднаа во првиот круг, во вториот круг ќе завршат кај него затоа што граѓаните препознаваат кој работи во нивен интерес.

Пред граѓаните Пендаровски побара поддршка во вориот круг, за да продолжи државата по вистинскиот пат, по патот на заедништвото, слогата и прогресот кон Европската Унија,се наведува во соопштението од неговиот тим.

притисни ентер