Андоновски од Политичкото собрание на ЕПП во Виена: Дигиталната трансформација е чекор кон ЕУ, но проширувањето мора да остане процес заснован на заслуги - Канал 5

Андоновски од Политичкото собрание на ЕПП во Виена: Дигиталната трансформација е чекор кон ЕУ, но проширувањето мора да остане процес заснован на заслуги

Министерот за дигитална трансформација и меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски заедно со пратеничката Иванка Василевска се учесници на Политичкото собрание на Европската народна партија (ЕПП) во Виена.

Андоновски од Политичкото собрание на ЕПП во Виена: Дигиталната трансформација е чекор кон ЕУ, но проширувањето мора да остане процес заснован на заслуги

Андоновски денеска учествуваше на панел-дискусијата „Проширувањето на Европската Унија: Од посветеност до подготвеност на земјите кандидати“. Во своето обраќање ја поздрави стратешката определба на Европската народна партија за продолжување на политиката на проширување, оценувајќи дека актуелните геополитички случувања уште еднаш потврдуваат дека проширувањето не е само една од политиките на Европската Унија, туку стратешка инвестиција во иднината, безбедноста и конкурентноста на Европа.

„Прашањето денес не е дали проширувањето е потребно. Прашањето е дали Европа е подготвена своите стратешки амбиции да ги претвори во политички одлуки“, истакна Андоновски.

Тој нагласи дека подготвеноста за членство има две страни – обврската на земјите кандидати да ги спроведуваат реформите и подготвеноста на Европската Унија да ги прифати оние држави кои ги исполнуваат критериумите.

Говорејќи за реформите во Македонија, министерот истакна дека дигиталната трансформација претставува еден од клучните двигатели на европската интеграција.

„Дигиталната трансформација не е само технологија. Таа го менува начинот на функционирање на државата. Кога институциите електронски разменуваат податоци, се намалува бирократијата. Кога услугите се дигитални, се намалува корупцијата. Кога секоја службена постапка остава дигитална трага, се зголемува отчетноста. Тоа не се ИТ проекти, туку суштински реформи за владеење на правото и поефикасна јавна администрација“, рече Андоновски.

Тој потсети дека преку националниот портал денес се достапни повеќе од 300 електронски услуги, дека платформата за интероперабилност поврзува речиси 100 институции, а државата воведува SMART лиценци, електронско управување со документи, дигитален идентитет и дигитален паричник.

Андоновски посочи дека токму реформите во областа на дигитализацијата имаат значаен придонес во успешната имплементација на Реформската агенда, при што речиси една четвртина од досега обезбедените средства преку Инструментот за реформи и раст се поврзани со исполнувањето на реформите во дигиталниот сектор.

Осврнувајќи се на Планот за раст, СЕПА и иницијативата „Роаминг како дома“, Андоновски нагласи дека тие се важни придобивки за граѓаните, но не смеат да станат замена за полноправното членство.

„Овие иницијативи треба да бидат мост кон членството, а не негова замена. Најголемата сила на процесот на проширување отсекогаш била неговата кредибилност – кога една држава ги исполнува критериумите и ги спроведува реформите, таа треба да напредува“, истакна Андоновски.

Во завршницата од своето обраќање, тој порача дека процесот на проширување мора да остане заснован на заслуги и исполнување на Копенхашките критериуми, а не да биде заложник на билатерални прашања.

„Доколку реформите станат споредни во однос на билатералните спорови, се доведува во прашање кредибилноста на целата методологија на проширување. Ако сите се согласуваме дека Европа се протега од Украина до Ирска и од Кипар до Финска, тогаш треба да разговараме како европските компании, научници и иноватори заеднички ќе победуваат во глобалната трка за вештачка интелигенција, квантни технологии и нови индустрии. Политиките на блокади не ги запираат нашите глобални конкуренти – тие само ги ограничуваат европските партнерства и европскиот потенцијал“, порача Андоновски.

Во рамки на вториот ден од Политичкото собрание, свое обраќање на работниот појадок на експертите за проширување ќе има и пратеничката Иванка Василевска.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Врховен детектирал пропусти во случајот„Ласкарци“, побара супервештачење и наложи ослободување на еден од осудените

Врховниот суд утврди дека Апелација не докажала како конкретно секој од осудените придонел за трагедијата кај Ласкарци. 

Врховен детектирал пропусти во случајот„Ласкарци“, побара супервештачење и наложи ослободување на еден од осудените

Не е доволно утврдено како постапките на секој од осудените придонеле за автобуската несреќа кај Ласкарци – ова е една од клучните забелешки на Врховниот суд во образложението за укинување на пресудата на Апелација. Врховен посочува дека вештачењата како причина за несреќата го наведуваат пропустот на возачот, а ја нотираат и техничката неисправност на автобусот. Но, останало неразјаснето во која мера таа неисправност придонела за несреќата и како конкретно дејствијата на останатите осудени се поврзани со трагичниот исход. Според вештачењата, немало траги од кочење, а откако автобусот бил насочен налево и ја напуштил средната сообраќајна лента, возачот веќе немал техничка можност со сопирање да го избегне ударот во оградата.

„Останува нејасно, врз основа на кои факти и докази второстепениот суд заклучува дека неспорно произлегува дека во дејствијата на останатите осудени се содржани елементите на кривичните дела кои им се ставаат на товар. За конкретните кривични дела потребно е постоење на субјективна одговорност на сторителот за конкретната сообраќајна незгода, но не и објективна одговорност.“

Забелешки има и за здравствената состојба на возачот Маноил Трифуновски. Поради спротивставените вештачења, според Врховен требало да се утврди дали е неопходно дополнително супервештачење. Највисокиот суд оценува и дека во првостепената пресуда преовладувал дескриптивен пристап со извадоци од доказите, без доволно образложение за заклучоците, а Апелација не ги отстранила овие недостатоци и дала воопштени одговори на прашања од суштинско значење за утврдување на кривичната одговорност.

„Второстепениот суд недоволно ги ценел и наводите кои се однесуваат на начинот на водењето на кривичната постапка, како што е наводот на осудениот М.Т. за неспроведување на супервештачењето за неговата здравствена состојба, и други наводи истакнати во жалбите на осудените. При испитување на ваквите жалбени наводи потребно било да се утврди неопходноста од спроведување на супервештачење, ценејќи го фактот дали станува збор за спротивставени вештачења поднесени од спротивните странки.“

Со веќе укинатата пресуда, возачот Маноил Трифуновски беше осуден на 14 години затвор, сопственикот на „Дурмо турс“ Дурмиш Белули и одговорниот за транспорт Ремзи Мифтари на по 10, Игор Ѓорѓиевски и Горан Дуковски од станицата за технички преглед на по 7, а Јане Боварски на 5 години затвор. Од Кривичниот суд денеска соопштија и дека Боварски се ослободува од понатамошно издржување на казната до донесување нова судска одлука, со објаснување дека станува збор за единствениот осуденик од предметот чија казна се извршувала преку упатен акт издаден од скопскиот суд.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Бајрами спроведен во суд: Не се чувствувам виновен за скандалот во Лотарија

Поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, за првпат беше спроведен во Кривичниот суд. 

Бајрами спроведен во суд: Не се чувствувам виновен за скандалот во Лотарија

Ексдиректорот на државна лотарија Перпарим Бајрами не призна вина на денешното судско рочиште како првоосомничен за проневера на 9,7 милиони евра во оваа државна Институција. Бајрами за првпат седна на обвинителната клупа, откако по речиси две години бегство на 9 септември на граничниот премин Блаце самиот и предаде на полицијата. Неговиот адвокат Еленко Миланов по денешното судење рече дека листата на докази е веќе подготвена – не сакаше да открие на кои аргументи точно ќе се темели одбраната, но рече дека меѓу материјалните докази е и добиено позитивно мислење од Министерството за финансии во однос на набавката на терминали за државна лотарија.

– Станува збор за материјални докази со коишто ќе докажуваме одредени факти за оспорување на овао бвинение. Денеска во суштина и не се случуваше многу во судницата, со тоа што можам да кажам дека постоеше коректно однесување и од судот и од обвинителството во делот на начинот на изведување на доказите. Во однос на сите овие постапки, на сите барања, дури и за правото да може да се приредува самостојно постпјат мислења од министерството за финансии, коишто се позитивни.

Покрај Перпарим Бајрами, на денешното рочиште вина негираше и последноообвинетиот Башким Авдиу, кој на претходното рочиште бараше превод на обвинителниот предлог од македонски на албански јазик. Ова сега значи дека сите осуммина обвинети се чувствуваат за невини и во наредниот дел до постапката најавија дека тоа и ќе го докажуваат. Покрај Перпарим Бајрами, за злоупотреба на службена положба и проневера на нешто помалку од 10 милиони евра во државна лотарија обвинети се уште седум лица, меѓуу кои и поранешнииот прв вицепремиер Артан Груби, како и поранешниот генерален секретар на владата Методија Димовски. Случајот ќе продолжи во среда на 23 септември со изведување на материјалните докази на обвинителството.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Средба на Министерството за финансии, УЈП и Царинската управа – буџетските приходи за 8% повисоки од лани

Буџетските приходи заклучно со август изнесуваат околу 3,75 милијарди и се за 8 проценти повисоки во однос на истиот период лани, додека даночните приходи бележат раст од 8,2 проценти.

Средба на Министерството за финансии, УЈП и Царинската управа – буџетските приходи за 8% повисоки од лани

Овие податоци биле разгледани на средба на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска со директорите на УЈП и Царинската управа, Елена Петрова и Бобан Николовски.

Од Министерството оценуваат дека буџетот засега се реализира согласно планираната динамика, без позначајни отстапувања.

Средбата доаѓа само неколку дена откако Димитриеска-Кочоска не ја исклучи можноста за нов ребаланс или прераспределба на средства поради случувањата на глобалните пазари и влијанието на кризата врз цените на енергентите.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер