Андоновски: Европската комисија го потврди одличниот напредок во дигиталната трансформација на државата - Канал 5

Андоновски: Европската комисија го потврди одличниот напредок во дигиталната трансформација на државата

Македонија бележи „добар напредок“ во Поглавјето 10 – Дигитална трансформација и медиуми, а нивото на подготвеност е подигнато на „меѓу умерено и добро ниво на подготвеност“. 

Андоновски: Европската комисија го потврди одличниот напредок во дигиталната трансформација на државата

Ова го истакна министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на денешната прес-конференција, на која ги претстави клучните наоди од Извештајот на Европската комисија за 2026 година и резултатите во пет области од дигиталната трансформација.

Министерот посочи дека по оценката „ограничен напредок“ во периодот од 2021 до 2024 година и „одреден напредок“ во 2025 година, годинашната оценка претставува потврда за спроведените реформи.

„Зад ова поместување стојат донесени закони, воспоставени системи и услуги што граѓаните сè повеќе ги користат. Стојат и луѓе што секојдневно работат овие промени да станат функционални“, истакна Андоновски.

Електронски услуги – повеќе обврски да се завршуваат целосно електронски

Во делот на електронските услуги за граѓаните и компаниите, Андоновски посочи дека, според Извештајот, до крајот на август на Националниот портал биле достапни 338 услуги. Следниот приоритет е постапките да можат да се завршуваат целосно електронски, без дополнително одење во институциите.

„Знаеме што значи одењето по документи. Излегување од работа, патување до друга општина, чекање и дополнителни трошоци. Понекогаш цел ден потрошен за една административна постапка. Секоја услуга што успешно ја префрламе во електронска форма треба да реши дел од тој проблем“, нагласи министерот.

Тој додаде дека критериумот за следниот период е јасен: „Повеќе услуги што можат да се завршат целосно електронски, од поднесувањето на барањето до добивањето на документот“.

Интероперабилност – институциите да разменуваат податоци, наместо граѓаните да носат документи

Како втора клучна област, министерот ја издвои размената на податоци меѓу институциите. Тој посочи дека месечните трансакции на платформата за интероперабилност се зголемиле од 700 илјади во 2024 година, на 1,4 милиони во 2025 година и 5,2 милиони во 2026 година.

„Институциите мора да разменуваат податоци, не граѓаните документи. Од граѓанинот не треба да бараме да биде посредник меѓу две државни институции“, порача Андоновски.

Министерот нагласи дека поврзувањето на регистрите мора да биде проследено со квалитетни податоци, јасни правила и приспособување на административните постапки.

„Нашата обврска е да го поставиме системот. Од секоја институција очекуваме активно да учествува и да ги приспособува своите постапки. Само така поврзувањето ќе значи побрза услуга за граѓанинот“, истакна тој.

Електронско управување со документи – нови 20 институции ќе се приклучат на еДМС

Европската комисија нотира дека до крајот на јуни 2026 година, централниот систем за електронско управување со документи и електронска архива – еДМС го користеле 44 институции. Неговото воведување е препознаено и во делот за реформата на јавната администрација.

„Барањето може да пристигне електронски, но ако потоа се печати, се носи од канцеларија до канцеларија и се чека физички потпис, постапката останува бавна. Со еДМС работиме на целиот тек на предметот: приемот, распределувањето, постапувањето, потпишувањето и архивирањето“, објасни Андоновски.

Тој нагласи дека системот треба да обезбеди јасен увид во движењето на предметите, поорганизирана работа и поголема одговорност на администрацијата, најавувајќи негово дополнително проширување.

„Нашата цел е електронското работење да стане секојдневна практика во администрацијата. Затоа проширувањето на еДМС останува меѓу нашите приоритети. Оттука, можам да најавам нови 20 институции на платформата во наредните месеци“, изјави министерот.

Сајбер-безбедност – воспоставен владин тим (MKD-GOV-CSIRT) и вложувања во одговор на инциденти

Во областа на сајбер-безбедноста, Комисијата го нотира воспоставувањето на владиниот тим за одговор на компјутерски инциденти, како и вложувањата во платформа за одговор и во стручни капацитети. Андоновски посочи дека усвоената законска и стратешка рамка поставува основа за поорганизирано постапување и зајакнување на подготвеноста на институциите.

„Секоја нова електронска услуга носи и одговорност за нејзината сигурност. Граѓаните со право очекуваат нивните податоци да бидат заштитени, а системите да бидат достапни кога им се потребни“, истакна тој.

Министерот најави продолжување на вложувањата во кадри и капацитети за навремено препознавање на заканите и координирана реакција.

„Во оваа област резултатот бара континуитет. Затоа ќе продолжиме да вложуваме во тимовите и во способноста на институциите да ги заштитат своите системи“, порача Андоновски.

Вештачка интелигенција – над 90 милиони денари за „Везилка“ и нови можности за истражувачите и компаниите

Како петта област, министерот ги издвои вештачката интелигенција и проектот „Везилка“, координиран од ФИНКИ. Извештајот ја препознава националната антена за вештачка интелигенција, а во Поглавјето 25 ја издвојува „Везилка“ како проект што ја поврзува Македонија со европскиот екосистем преку партнерството со „Фарос“.

Андоновски посочи дека Владата и Министерството вложуваат повеќе од 90 милиони денари во проектот, како и капацитети и поврзувања што треба да овозможат практична примена на вештачката интелигенција.

„Сакаме македонските истражувачи, студентите и компаниите да добијат повеќе можности да развиваат и да применуваат решенија со вештачка интелигенција. Сакаме и малите компании да можат да ја користат технологијата за подобри производи, поголема продуктивност и пристап до нови пазари“, истакна министерот.

„Талент имаме. Нашата задача е да создадеме услови тој талент да работи, да истражува и да создава тука, во Македонија“, додаде Андоновски.

Министерот се осврна и на апликацијата „м.Услуги“, промовирана по периодот опфатен со Извештајот, нагласувајќи дека продолжуваат подобрувањата врз основа на забелешките на корисниците и развојот на дигиталниот паричник. Преостанатите препораки на Европската комисија, како што посочи, се прифаќаат како работни обврски, со фокус на поедноставување на постапките, проширување на заедничките системи и подобрување на пристапноста на услугите.

„Европската оценка е важна потврда. Секојдневното искуство на граѓаните е нашата трајна мисија по која сакаме да нè оценуваат. Помалку одење по шалтери. Побрзи постапки. Побезбедни услуги. Повеќе можности за нашите компании и млади луѓе“, порача Андоновски, се наведува во соопштението.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Мурињо не го дава Диаз- денеска потпиша нов петгодишен договор

Мароканскиот фудбалер Брахим Диаз ја продолжува кариерата на стадионот „Сантијаго Бернабеу“, откако официјално ја продолжи соработката со Реал Мадрид до 30 јуни 2031 година.

Мурињо не го дава Диаз- денеска потпиша нов петгодишен договор

Шпанскиот гигант го потврди договорот со 27-годишниот напаѓач по шест сезони од неговото прво доаѓање во клубот, со што Диаз им се придружува на Гулер, Чуамени и Куртоа кои исто така неодамна потпишаа нови договори.

„Реал Мадрид и Брахим Диаз постигнаа договор за продолжување на договорот на нашиот играч, кој останува врзан за клубот до 30 јуни 2031 година“, пишува на почетокот од официјалното соопштение од мадридскиот клуб.

Од позајмица до седум трофеи во белиот дрес

Фудбалерот роден во 1999 година во Малага пристигна во редовите на „кралскиот клуб“ како 19-годишник. По две сезони во кои не играше значајна улога, тој беше позајмен во Милан, каде што се прослави од 2020 до 2023 година.

По враќањето во Мадрид, тој стана важен адут во ротацијата, а во дресот на тимот што сега го води од клупата Жозе Мурињо, одигра вкупно 173 натпревари. Во тој период, тој освои седум трофеи, еден во Лигата на шампионите, еден во Светското клупско првенство и еден во Суперкупот на Европа, заедно со по два трофеи во Ла Лига и во Суперкупот на Шпанија.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Сиљановска- Давкова на заедничката прес конференција со Мусар и Милановиќ: Нешто се менува во ЕУ во однос на Западниот Балкан

Изјава на претседателката Сиљановска-Давкова на заедничката прес-конференција со словенечката претседателка, Пирц Мусар и хрватскиот претседател, Милановиќ.

Сиљановска- Давкова на заедничката прес конференција со Мусар и Милановиќ: Нешто се менува во ЕУ во однос на Западниот Балкан

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по завршувањето на Состанокот на лидерите од Процесот Брдо-Бриони во Охрид, одржа заедничка прес-конференција со претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар и претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, соопштуваат од Кабинетот.

Во продолжение е интегралната изјава на претседателката Сиљановска-Давкова:

Најпрво, уште еднаш сакам да им се заблагодарам на претседателката Наташа Пирц Мусар и на претседателот Зоран Милановиќ за укажаната доверба да бидам домаќинка односно да бидеме домаќини на состанокот на лидерите на Процесот Брдо-Бриони. Уште една благодарност до обајцата за иницијативата Брдо-Бриони оти Словенија и Хрватска можеше да речат дека стигнале во Брисел и може да нѐ охрабрат на нашиот пат кон Брисел. Не го сторија тоа, туку понудија заедно да патуваме, да бидат нашиот глас, да нѐ поддржуваат, научените лекции да ни ги презентираат и јас никогаш нема да го заборавам ова. Не само јас, мислам дека сите ние им должиме почит.

Исто така, сакам да кажам дека Црна Гора, како што реков јас, денеска е пред портите на Брисел и Албанија бележат напредок. Напредокот го сметам за важен, бидејќи по 2013 година речиси немаше отворена порта за нас, ова значи исчекор и мислам дека нивното напредување е и наше напредување. Исто така, уште еднаш сакам да го потенцирам фактот дека нешто се менува и во Европската унија во однос на Западниот Балкан.

Многупати сум рекла дека од 2003 година, односно од Солунскиот самит, не гледав јасна стратегија, ниту чекори за нашето напредување, меѓутоа во моментот кога ја имаме пред себе комуникацијата на Европската Комисија за проширувањето, гледаме голем исчекор. Не мислам да повторувам за постепеното членство, не го сметам за замена за полноправното членство, меѓутоа има чекори кои навистина се инспиративни. Низ македонска призма или од македонски агол, да, ние имаме сериозен проблем со билатералните прашања и тоа со билатерални прашања што не се поврзани со Копенхашките критериуми, коишто значи се однесуваат на нешта што не значат европеизација, туку напротив, не се во согласност со принципите и вредностите утврдени во Европските конститутивни акти.

За самата денешна средба, за самиот процес Брдо-Бриони, една од најдобрите иницијативи, една од најинспиративните иницијативи, една од иницијативите што говорат за важноста на тоа да се сослуша соседот, да се обидете да го разберете, па и да го поддржите. Зошто? Бидејќи географијата сакала да живееме едни до други и регионалниот напредок е многу важен, не само за регионот, тука и за самата Европска Унија. Нема да должам со нашиот проблем, познат ви е на сите, се разбира, ние сме спремни да разговараме со аргументи така како што денеска разговаравме, но сите заклучивме денеска дека се работеше за, јас така ја нареков, Артурова маса на којашто немаше мажи Ланселоти и жени профил на Гвиневир, туку замислете, пет жени и пет мажи, тоа беше вистинска инспирација за разбирање на другиот и, се разбира, енергијата набрзо дојде до израз. Кога велам дека го сметам за исклучително важен денешниот состанок во рамките на Брдо-Бриони, мислам на следниве нешта.

Прво, само ќе повторам, проширувањето не е само прашање на проширување, ларпурлартистички кажано, туку е безбедностен императив и нам ни е јасно, а мислам дека и на Европската унија, дека ако стане, ако сака да биде фактор на глобалната комплицирана политичка сцена, мора да сфати дека треба да биде и геополитичка унија, односно дека без така наречениот Западен Балкан, ќе остави геополитички вакуум, а во политиката никогаш не постои вакуум. Второ, дека мораме да си помогнеме преку воспоставување на врски, транспортни, енергетски, дигитални, тие се важните коридори за нас, бидејќи тогаш сме ние посилни и на крајот, мојот предлог беше дека наместо иднината да им ја оставаме на младите, треба да ги вклучиме во решавањето на проблемите, дека тие можат да донесат нова енергија во рамките на Брдо-Бриони процесот. Повторно, подобро е во регионот да ги решаваме овие прашања и затоа мислам дека едно од моите најголеми задоволства беше денеска тоа што овој мој предлог, оваа моја идеја наиде на разбирање.

Гласот на младите, се разбира, е глас којшто на поинаков начин ќе ги реши проблемите и ќе отвори простор за нова енергија и нови видувања. Само на крајот, не знам колку сте запознаени, меѓутоа ние решивме денеска да им подариме на нашите соседи, на нашите пријатели, традиционална македонска резба во дрво со фениксот, митската птица, можеби сум наивна или тие од мојот тим, но верувавме дека асоцијацијата може да биде дека има шанси за овој регион, дека овој регион бил не само географски, туку и историски, културно, секогаш дел од Европа и дека допрва може да придонесе за квалитетот на Европската Унија и се разбира, реков дека јас не верувам во мотото in vino veritas, меѓутоа дека автохтоната македонска винова лоза или подарок од садница Станушина е потсетник дека секогаш ние на Европската Унија можевме, ама и можеме да ѝ подариме или да додадеме вредност врзана за културата, за етничкото и за верското богатство, бидејќи тоа во рамките на европскиот мозаик или филигран има посебно значење. Значи бевме толерантни денеска, се слушавме, се надополнувавме, се обидовме да се разбереме и кога изразувавме различни ставови, а мислам дека е тоа најважното.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Кинезите тврдат дека наскоро ќе има роботи, кои ќе ги извршуваат домашните работи- претходно работат нешто поинакво

Миењето садови, средувањето на куќата и другите секојдневни задачи наскоро би можеле да бидат преземени од хуманоидни роботи. 

Кинезите тврдат дека наскоро ќе има роботи, кои ќе ги извршуваат домашните работи- претходно работат нешто поинакво

Барем така верува кинеската компанија Xpeng, позната по своите електрични автомобили, која сега сериозно влегува во бизнисот со роботи. Според нивните проценки, хуманоидните роботи би можеле да почнат да работат во домаќинствата за само неколку години.

Потпретседателот на компанијата, Брајан Гу, изјави за CNBC дека роботите би можеле да пристигнат во домовите една или две години по успешното комерцијално лансирање. Сепак, Xpeng сè уште не дал конкретен датум за почеток на продажбата на домашни роботи.

На 25 ноември, компанијата претстави нова генерација хуманоиден робот Iron, чие масовно производство треба да започне во јануари 2027 година.

Неговата прва работа нема да биде правосмукалка или миење садови, туку работа во салони за автомобили. Xpeng планира да започне со обука на роботи за да дејствуваат како продажни асистенти во првиот квартал од 2027 година. Комерцијалната продажба е закажана да започне во вториот квартал, додека првите испораки се очекуваат подоцна оваа година.

Но, преселбата од изложбен салон во нечија дневна соба е многу поголем предизвик. Робот кој работи со деца, домашни миленици и постари лица мора да биде исклучително сигурен и безбеден. Исто така, треба да ги реши проблемите со траењето на батеријата, прецизноста на движењето и способноста за навигација во непредвидливи средини.

Xpeng го користи своето искуство во автономното возење за да ги развие своите роботи. Компанијата, исто така, ја претстави својата технолошка платформа Turing Physical AI Architecture, дизајнирана за системи кои користат вештачка интелигенција за донесување одлуки и контрола на физички уреди.

Роботиката би можела да стане значаен дел од бизнисот на Xpeng во следните две до три години. Неговиот оддел за роботика веќе привлече 900 милиони долари инвестиции, со проценета вредност на бизнисот од 6,3 милијарди долари.

Сепак, Iron сè уште не докажал дека може сигурно да извршува задачи надвор од контролирани демонстрации. Засега, пристигнувањето на роботот во домаќинствата е амбициозна проценка од страна на компанијата, а не потврден рок.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер