Амстердам воведува ограничување на брзината од 30 km/h на повеќето градски улици

Амстердам од денеска ќе стане првиот град во Холандија што ќе воведе ограничување на брзината од 30 километри на час на повеќето улици, во обид градот да биде побезбеден и потивок, јави ДПА.

Ова ограничување на брзината е неопходно поради зголемениот број на пешаци во градот, изјави Мелани ван дер Хорст, градска советничка задолжена за сообраќај. „Како резултат на тоа, има сè поопасни сообраќајни ситуации“, истакна Ван дер Хорст.

Минатата година биле регистрирани околу 4.800 несреќи во кои била повикана брза помош, а најмалку 15 лица загинале.

Ограничувањето на брзината се однесува на 80 отсто од улиците во градот, додека ограничувањето од 50 километри на час ќе биде дозволено на некои главни сообраќајници.

Исклучок ќе биде направен за градските автобуси, трамваи и такси – но само доколку има дополнителна лента за нив.

Расте бројот на жители на Амстердам, кој моментално има околу 800.000, а годишно градот го посетуваат најмалку 20 милиони туристи.

Синоќа беа официјализирани 4.500 улични знаци кои претходно беа поставени низ градот и беа санирани оштетените табли со помош на налепници.

Амстердам сака да му даде приоритет на велосипедизмот и пешачењето. Многу улици во центарот на градот се затворени за сообраќај на возила и претворени во пешачки и велосипедски зони.

Сè повеќе има и таканаречени фитстратен, велосипедски патеки, каде што автомобилите се само гости, а предимство имаат велосипедистите. /МИА

Конте е на потесниот список на Баерн, но не и приоритет, Антонио би сакал да работи во Серија А

Актуелниот германски фудбалски шампион Баерн Минхен го прифаќа назначувањето на Антонио Конте на крајот од сезоната.

Според инсајдерот Матео Морето, италијанскиот тренер е на потесниот список на минхенскиот клуб, но не е меѓу приоритетните опции. Актуелниот германски шампион е насочен кон потписот на Чаби Алонсо од Баер Леверкузен.

Самиот Конте би сакал да ја продолжи кариерата во Италија и чека можност да води тим од Серија А, но сепак не исклучува преселба во Баерн.

Педесет и четиригодишникот е без ангажман откако го напушти Тотенхем во март 2023 година. /МИА

Украина потпиша билатерални безбедносни договори со Италија и Канада

Претседателот на Украина Володимир Зеленски соопшти дека потпишал билатерални безбедносни договори со италијанската премиерка Џорџа Мелони и канадскиот премиер Џастин Трудо.

Договорите имаат за цел да ја зајакнат безбедноста на Украина додека таа не ја постигне својата цел да стане членка на НАТО.

Во објава на социјалните мрежи, Зеленски рече дека документот „поставува силна основа за долгорочно безбедносно партнерство меѓу Украина и Италија“.

Лидерите на Италија и Канада во моментов се во Киев за да ја одбележат втората годишнина од инвазијата на Русија врз Украина. /МИА

Израелски медиуми: Делегацијата се враќа од Париз со умерен оптимизам

Функционерот, чија изјава ја пренесуваат повеќе портали, вели дека е постигнат „нацрт-договор“ со Хамас за привремен прекин на огнот во Газа, објави „Тајмс оф Израел“.

Израелска делегација се враќа од разговорите во Париз за примирје со умерен оптимизам дека може да се постигне договор за привремено прекинување на борбите со Хамас во Појасот Газа и ослободување на израелски и странски заложници, јавија израелските медиуми, повикувајќи се на неименуван функционер.

Функционерот, чија изјава ја пренесуваат повеќе портали, вели дека е постигнат „нацрт-договор“ со Хамас за привремен прекин на огнот во Газа, објави „Тајмс оф Израел“.

- Имаше добри разговори, има значителен напредок. Имаме основа за да изградиме план и преговори, ја цитира Канал 12 изјавата на функционерот.

Изворот вели дека нацртот прво ќе биде претставен на одобрување до воениот кабинет, а потоа и до остатокот од владата. Весникот „Марив“ објави дека воениот кабинет ќе се состане вечерва за да слушне вести од Париз.

Следната фаза од разговорите, според изворот, ќе се фокусира на централното прашање за тоа кои заложници ги држат милитантните групи во Газа и кои палестински затвореници ќе бидат ослободени како дел од прекинот на огнот, како и деталите на времетраењето на прекинот на огнот.

„Џерусалем Пост“, повикувајќи се на два извори запознаени со содржината на преговорите за примирје, претходно јави дека за време на состанокот во Париз меѓу претставниците на САД, Израел, Египет и Катар, е договорен нов и ажуриран нацрт-договор за ослободување на израелските заложници кои ги држи Хамас во Појасот Газа.

Изворите објасниле дека постигнатиот напредок би можел да овозможи премин на преговори за деталите од договорот, како што се бројот и идентитетот на затворениците кои ќе бидат ослободени.

Тие исто така рекле дека воениот кабинет на Израел сега очекува да добие информации од преговарачкиот тим и да одлучи за понатамошните чекори, што би можело да се случи уште вечерва./МИА

притисни ентер