АЛКАЛОИД со рекордни консолидирани продажби од 339,3 милиони евра, извоз од 221,6 милион евра и со консолидирана нето-добивка од 29,2 милиони евра во периодот јануари – декември 2025 - Канал 5

АЛКАЛОИД со рекордни консолидирани продажби од 339,3 милиони евра, извоз од 221,6 милион евра и со консолидирана нето-добивка од 29,2 милиони евра во периодот јануари – декември 2025

Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – декември 2025 година продажбите достигнуваат 13.837.976.447 денари, што е за 3 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година. 

АЛКАЛОИД со рекордни консолидирани продажби од 339,3 милиони евра, извоз од 221,6 милион евра и со консолидирана нето-добивка од 29,2 милиони евра во периодот јануари – декември 2025

Приходи од продажби

Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – декември 2025 година продажбите достигнуваат 13.837.976.447 денари, што е за 3 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 20.899.116.085 денари, што е за 10 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година.

Продажби според региони

Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 20 % во споредба со минатата година. Како докажан партнер на јавното здравство, компанијата активно учествува во обезбедувањето на најсовремени ретки и специфични терапии преку застапување на производите на светски реномирани фармацевтски производители, обезбедувајќи значајна поддршка за здравствениот систем во земјава. Иако профитабилноста на овие програми е ограничена, тие значително го зголемуваат учеството на домашниот пазар во вкупните консолидирани продажби. Од вкупните консолидирани продажби 35 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 65 % се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 27 %, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР...) се остварени 19 %, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 18 %, а на другите пазари е остварен 1 % од вкупните консолидирани продажби.

Најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со минатата година, бележат продажбите остварени во Шведска и Австрија, каде што се зголемени 4-пати, потоа во Холандија, каде што се зголемени 3-пати, како и во Јужна Африка и Казахстан каде што продажбите се зголемени 2 пати. Потоа следуваат оние во Финска (раст од 53%), Ирска (раст од 35 %), во Португалија (раст од 32 %), Грција (раст од 23%), Ерменија (раст од 22 %), Полска (раст од 18 %), во Германија (раст од 14 %), итн.

Продажби според групи производи

Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 91 %. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со 23 %, препаратите ОТЦ со 18 %, невролошките препарати со 12 %, кардиолошките препарати со 11 % од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 9 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 2 %, козметика со 6 %, а билкарство учествува со 1 %. Вкупните продажби бележат пораст од 11 % кај сегментот фармација, додека во Сегментот хемија, козметика и билкарство се на исто ниво во споредба со остварените во истиот период од 2024 година.

Инвестиции

Во согласност со долгорочната развојна стратегија, односно со 20-годишниот инвестициски развоен план, во последните неколку години се изградени нов погон за производство на полуцврсти фармацевтски форми, нов погон за пакување лекови, нов магацински простор за складирање суровини, како и нов погон за производство на цврсти форми (фармацевтски препарати), најзначајната инвестициска активност. Во таа насока, а со цел соодветно зголемување на капацитетите и во Контрола на квалитет – фармација, во 2025 беше пуштена во употреба новата микробиолошка лабораторија за контрола на квалитет која има капацитет да изведува околу 20.000 различни микробиолошки анализи годишно, a во неа работи 21 високостручно лице.

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – декември 2025 година изнесуваат 1.112.882 илјади денари.

Резултати од работењето

Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 3.393.013.158 денари, бележи зголемување од околу 18 %, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 1.984.231.174 денари и е зголемена за 17 %.

Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 3.594.356.875 денари и бележи раст од 20 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 1.795.766.435 денари е зголемена за 7 %.

Одговорност кон локалната заедницата

Во рамки на својот континуиран придонес кон заедницата, АЛКАЛОИД АД Скопје заедно со капитално поврзаните друштва лоцирани во земјата во 2025 година оствари значајни економски влијанија преку редовна исплата на даноци и други давачки кон државата во износ од 1.965.720 илјади денари, вложувања во своите вработени во износ од 2.119.678 илјади денари, исплата на дивиденда во износ од 784.441 илјади денари, поддршка преку донации, спонзорства и стипендирање во износ над 226.953 илјади денари како и соработки со над 1.950 домашни добавувачи со остварен промет од 3.231.879 илјади денари. Овие показатели ја потврдуваат долгогодишната ориентација на компанијата кон одговорно работење, стабилен развој и силна поддршка на домашната економија и пошироката заедница.

Вработени

Во периодот јануари – декември 2025 година во АЛКАЛОИД АД Скопје се реализирани 54 нови вработувања во РС Македонија. Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во март 2025 година е одобрен и исплатен регрес во висина од 44.500 денари нето-износ за користење годишен одмор за вработените во компанијата. Групацијата АЛКАЛОИД брои 3.018 вработени, од кои 2.234 се во земјава, а 784 се вработени во капитално поврзаните друштва во странство.

Податоци за акциите

Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – декември 2025 година се движеше од 24.000,00 до 31.099,00 денари или просечно 27.468,23 денари за една акција, што претставува раст од 22,76 % во споредба со просечната цена на акцијата во истиот период од 2024 година. Движењето на цената на акцијата е во рамките на трендот на просечниот годишен раст и се должи на редовното и транспарентно објавување позитивни резултати од работењето на компанијата, позитивното јавно мислење, на довербата во нашите производи, управувањето со Друштвото и на генералниот тренд на движење на глобалните и на регионалните берзи. На 31.12.2025 година акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје беа во сопственост на 6.464 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 35,8 милијарди денари.

На 1 април 2025 година, на Годишното собрание на акционерите, е одобрена пресметка и исплата на бруто-дивиденда за 2024 година во износ од 901.752 илјади денари. Во согласност со дивидендниот календар, во мај 2025 година започна исплатата на дивидендата во износ од 630 денари бруто, односно 567 денари нето за една акција. Дивидендата од акција за 2024 година е поголема за 16,67 % во однос на исплатената дивиденда од акција за 2023 година.

Бизнис-план за 2026 година

Бизнис-планот за 2026 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на 29.12.2025 година, предвидува инвестирање на околу 8 % од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства, раст од 7 % на консолидираните продажби во однос на реализираните во 2025 година, како и раст од 7 % на консолидираниот профит во однос на 2025 година.

Бизнис-планот за 2026 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2026 година, а со тоа и остварените резултати може да варираат во однос на прикажаните во Бизнис-планот.

Очекувања за претстојниот период

Трендот на работење во отежнати економски услови, кои беа актуелни во изминатите неколку години, продолжи и во 2025 година. Доминанти предизвици беа инфлацијата и порастот на каматните стапки, кои, сепак, според сите очекувања, би требало да влезат во зоната на стагнација, а можеби и на благо опаѓање. Секако, глобалните безбедносни кризи ги отежнуваат економскиот амбиент и предвидливоста, што секогаш може да повлијае и врз цените на енергенсите, да создаде тешкотии во синџирите на испораки, но и да повлијае врз достапноста на одредени материјали. Дополнително, потенцијалниот ризик од глобална трговска војна може да предизвика нови покачувања на цените на суровините и да доведе до зголемени трошоци во работењето. Внимателно го следиме развојот на настаните и преземаме мерки за ублажување на овие потенцијални ефекти.

Очекуваме во 2026 година да продолжиме по патеката на континуираниот раст базиран на можностите од нашите тековни инвестиции во нови производствени капацитети и опрема и од вложувањата во развојно-истражувачки проекти, на тој начин создавајќи конкурентно портфолио и можности за ширење на пазарите. За остварување на овие цели ќе продолжиме и со нови вработувања во земјава, но и на странските пазари, притоа континуирано вложувајќи во подигнувањето и во усовршувањето на нивото на знаења и на вештини на нашите вработени и во градењето таленти.

АЛКАЛОИД АД Скопје

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Тинејџерка среде погреб стана од мртовечкиот ковчег пред шокираното семејство (ВИДЕО)

Во Гватемала, 15-годишно девојче за кое се верува дека е мртво ги шокираше семејството и пријателите кога се разбуди во ковчегот на сопствениот погреб. 

Тинејџерка среде погреб стана од мртовечкиот ковчег пред шокираното семејство (ВИДЕО)

Видеото од тој момент стана вирално, а „Њујорк пост“ пишува за неверојатниот настан.

Таа беше прогласена за мртва од нејзиниот татко

Сè започна минатата сабота наутро, кога тинејџерката Јулеиди Икскотоак се онесвести додека нејзиниот татко Абрахам ја возел во медицинскиот центар. Таткото, евангелистички пастор, го запре автомобилот и го провери нејзиниот пулс и дишење. Бидејќи не почувствува витални знаци, ја прогласи за мртва на самото место.

„Таа едноставно престана да постои, почина на пат“, изјави Икскотоак за локалните медиуми. „Видов дека повеќе не дише и не можев да го почувствувам нејзиниот пулс на зглобовите. Ситуацијата беше многу тешка за мене. Не стигна до болницата.“

Будење среде погребот

Смртта никогаш не беше официјално потврдена од лекар, ниту беше издадена смртна потврда. Семејството, следејќи го локалниот обичај за брз погреб, веднаш купило ковчег. Погребот се одржа во семејниот дом во руралното село Ел Џокот само осум часа откако девојчето се онесвестило.

Видеото од погребот покажува луѓе собрани околу дрвен ковчег. Мајката на Јулеиди, Лесвија Риос, се наведна над ковчегот и ја забележа нејзината ќерка како се движи. „Постојано велев дека е жива, не е мртва“, рече мајката. „Додека плачев над нејзиниот ковчег, го отворивме малото прозорче и таа се движеше. Се будеше и одеднаш седна.“

На чудење на присутните, тинејџерката се исправи во ковчегот и почна да зборува. Семејството ѝ помогна да излезе и ѝ даде чаша вода, а тагата се претвори во прослава со извици „алелуја“.

Закрепнување и поделени реакции

Јулејди се сети на моментите пред да ја изгуби свеста. „Срцето почна многу да ме боли, се чувствував тешко, а потоа паднав, како да сум се онесвестила“, рече таа. 15-годишната девојка сега се опоравува дома, е свесна и вели дека „му благодари на Бога“ што е жива.

Видеото од настанот се прошири на социјалните мрежи и предизвика стотици коментари. Додека многумина зборуваат за „чудо“, други изразуваат загриженост дека девојката веројатно е трауматизирана.

Некои се обидоа да направат шега од целата ситуација. „Потсетник за иднината - не паѓајте во несвест во Гватемала“, напиша еден корисник. Други беа изненадени од брзината со која беше организиран погребот: „Колку брзо успеаја да ја стават во ковчегот?!“. Имаше и коментари како: „Затоа сакам кремација, за секој случај да не се разбудам под земја“ и „Моментот кога ирационалните стравови повеќе не се ирационални“.

Здравствените власти во Гватемала сè уште не го коментираа инцидентот.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Му ги запалиле роговите и му ги пресекле гласните жици за да не испушта крици- Полворин го преживеал „toro embolado“ (ВИДЕО)

Спасен бик, одгледуван исклучиво за борба со бикови, е жив доказ дека секое животно заслужува сочувство, а не суровост. 

Му ги запалиле роговите и му ги пресекле гласните жици за да не испушта крици- Полворин го преживеал „toro embolado“ (ВИДЕО)

Приказната, која ја сподели Лук Барит, директор на кампањата во Network for Animals, е за бик кој одамна требало да биде мртов. Бикот се вика Полворин и е „toro embolado ', шпанска раса за борба со бикови одгледувана за индустријата во која биковите се провоцираат, исцрпуваат, рануваат и убиваат пред разбеснетата толпа. Најмалку 7.000 бикови се убиваат во Шпанија секоја година за време на традиционалните борби со бикови и фестивали. Полворин речиси стана еден од биковите што не ја преживеале традицијата. На локалниот фестивал „торо емболадо“ (бик со оган) во Мединасели, Шпанија, роговите на бикот се палат: топки од запалив материјал се прицврстуваат на роговите.

Со пламен што пламти само на неколку сантиметри од нивните очи и жешки парчиња што паѓаат врз нивните тела, биковите трчаат во паника, гонети од толпа што вреска и се смее на нивниот страв. Полворин беше предодреден за истата судбина: беше принуден да трча сè додека не се сруши од исцрпеност. Доби тешки изгореници на грбот и го изгуби видот на едното око. Неговите мачители му ги пресекоа гласните жици за никој да не може да ги чуе неговите вресоци, а кога заврши фестивалот, тој не беше поштеден, туку беше предодреден за колење.

Но, приказната на Полворин не заврши трагично. Бикот беше спасен и однесен во засолништето „Ла Кандела“ во Андалузија, со кое соработува Мрежата за животни. И за прв пат во неговиот живот, никој не се обиде да му наштети на Полворин. Кога волонтерите го посетија Полворин, тие стоеја само неколку метри од неговото огромно тело од 850 килограми. Никој не чувствуваше страв, дури ни Барит, директорот на кампањата, кој го гледаше бикот како полека оди низ оградениот простор - смирен и љубопитен, повеќе заинтересиран за храна отколку за луѓе. Полворин беше она што навистина е: нежен џин, жив, безбеден и конечно слободен да ужива во сонцето, тревата и мирот што суровоста и колењето се обидоа да му ги одземат.

На Полворин му беше дадена втора шанса за живот, шанса што многу малку бикови ја добиваат во индустријата за борби со бикови. Но, спасувањето не е само момент, туку ветување што мора да се одржува секој ден. Организацијата „Мрежа за животни“ сака Полворин да ја добие потребната грижа до крајот на животот: големи количини храна, специјализирана ветеринарна грижа и цврста и добро одржувана безбедносна ограда.

Поради овие трошоци, линијата никогаш не се повлекува и помошта во форма на донации од сите добротвори, и организации и богати поединци, е секогаш добредојдена.

Полворин веќе заборави дека бил жртва на индустријата за борби со бикови. Никогаш не смееме да го заборавиме ова: затоа организацијата Мрежа за животни одлучи да стави крај на тортурата врз биковите, а на 14 ноември, од 18:00 часот, Плаза Мајор во Мединасели, во шпанската покраина Сорија, ќе стане почетна точка на борбата и ќе започне меѓународна кампања на социјалните мрежи за да се стави крај на страдањето на биковите што горат поради оваа сурова традиција.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Не се намалува поддршката за крајната десница во Франција- Марин ле Пен во голема предност во првиот круг претседателски избори

Лидерката на француската крајнодесничарска партија Национален митинг, Марин Ле Пен и натаму има убедлива предност во првиот круг од претседателските избори што ќе се одржат следната година.

Не се намалува поддршката за крајната десница во Франција- Марин ле Пен во голема предност во првиот круг претседателски избори

Лидерката на француската крајнодесничарска партија Национален митинг, Марин Ле Пен и натаму има убедлива предност во првиот круг од претседателските избори што ќе се одржат следната година, а во вториот круг би ѝ се придружил и лидерот на левицата Жан-Лук Меланшон, според најновата анкета, пренесува денеска Bfmtv.

Антисемитските изјави што му се припишуваат на Жордан Бардела, сепак, не ја запреа динамиката на партијата Национален собир, покажува истражувањето на агенцијата „Толуна Харис интерактив“ за М6 и РТЛ.

Според резултатите од истражувањето, меѓу 35 и 37 отсто од француските гласачи би гласале за кандидатот на Националното собрание, според пет сценарија тестирани од агенцијата за испитување на јавното мислење.

Во сите варијанти, лидерот на Неосвоена Франција, Жан-Лук Меланшон, би ѝ се придружил во вториот круг од изборите, освојувајќи меѓу 18 и 19 отсто од гласовите.

Тој на тој начин би го надминал Едуард Филип од централно-десничарската партија Хоризонти, кој би добил меѓу 13 отсто, доколку Габриел Атал исто така бил кандидат, и 17 отсто од гласовите, доколку центристичкиот блок има само еден кандидат.

Атал, лидерот на партијата Ренесанса, би освоил меѓу 5 и 12 отсто од гласовите.

Рафаел Глуксман, неодамна назначениот социјалдемократски кандидат, се предвидува дека ќе освои меѓу 10 и 11 отсто од гласовите. Од друга страна, се проценува дека лидерот на централно-десничарската Републиканска партија Бруно Ретахо би освоил меѓу 7 и 10 отсто од гласовите.

Ова истражување, исто така, покажува дека откритијата на Медиапарт во врска со антисемитските изјави кои му се припишуваат на Жордан Бардела од неговата младост не му наштетиле на Националното собрание, но донекаде го нарушиле неговиот имиџ во споредба со оној на Марин Ле Пен.

Додека претходните истражувања покажаа дека нема разлика во перцепцијата на јавноста кога станува збор за овие двајца партиски лидери, се чини дека Жордан Бардела сега изгуби дел од довербата, па Марин Ле Пен изгледа поубедлива отколку што беше минатиот јули.

Имено, 51 отсто од Французите сметаат дека Марин Ле Пен би била добар претседател, што е зголемување за 6 процентни поени во однос на почетокот на летото, додека 47 отсто од нив имаат исто мислење за Жордан Бардела.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер