АЛКАЛОИД со рекордни консолидирани продажби од 246,6 милиони евра - Канал 5

АЛКАЛОИД со рекордни консолидирани продажби од 246,6 милиони евра

АЛКАЛОИД со рекордни консолидирани продажби од 246,6 милиони евра, извоз од 160,4 милион евра и со инвестиции од 15 милиони евра во периодот јануари – септември 2025

АЛКАЛОИД со рекордни консолидирани продажби од 246,6 милиони евра

Приходи од продажби

Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – септември 2025 година продажбите достигнуваат 10.180.866.920 денари, што е за 2 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 15.191.149.664 денари, што е за 7 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година.

Во 2024 година остваривме импресивен раст од 14%, што ги надмина нашите првични проекции и претставуваше значително зголемување во однос на планираното за 2024 година. Ваквиот исклучителен резултат во 2024 година постави висока основа за тековната година, при што моменталниот раст е умерен, но е во согласност со предвидената динамика. Во споредба со планираните продажби за првата половина од 2025 година реализираните се поголеми за 2 %.

Продажби според региони

Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 17 % во споредба со првите девет месеци од минатата година. Како докажан партнер на јавното здравство, компанијата активно учествува во обезбедувањето на најсовремени ретки и специфични терапии преку застапување на производите на светски реномирани фармацевтски производители, обезбедувајќи значајна поддршка за здравствениот систем во земјава. Иако профитабилноста на овие програми е ограничена, тие значително го зголемуваат учеството на домашниот пазар во вкупните консолидирани продажби. Од вкупните консолидирани продажби 35 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 65 % се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 27 %, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР...) се остварени 19 %, а во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 18 % од вкупните консолидирани продажби.

Најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со минатата година, бележат продажбите остварени во Австрија, кои се зголемени 6-пати; потоа во Холандија, каде што се зголемени 5,5-пати, во Шведска, каде што се зголемени 4-пати, на Финска, каде што се зголемени 3,5-пати, како и во Малта и Јужна Африка каде што продажбите се зголемени 2 пати. Потоа следуваат оние во Исланд (раст од 83%), Португалија (раст од 59%), Ирска (раст од 45 %), во Грузија (раст од 40 %), Казахстан (раст од 29 %), Полска (раст од 23 %), во Германија (раст од 19 %), Босна и Херцеговина (раст од 14 %), Ерменија (раст од 13 %) итн. Во периодот што следува очекуваме кумулативните пласмани на странските пазари да ги надминат минатогодишните.

Продажби според групи производи

Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 91 %. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со 23 %, препаратите ОТЦ со 18 %, невролошките препарати со 13 %, кардиолошките препарати со 12 % од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 9 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 2 %, козметика со 6 %, а билкарство учествува со 1 %. Вкупните продажби бележат пораст кај сегментот фармација, додека во Сегментот хемија, козметика и билкарство се на исто ниво во споредба со остварените во истиот период од 2024 година. Сегментот фармација бележи раст од 7 %, хемија раст од 20 %, козметика пад од 2 %, а билкарство намалување од 14 %. Намалувањето на продажбите во сегментите козметика и билкарство во голема мера се должи на намалените и ограничени цени и маржи на речиси целото портфолио во Македонија, Србија и во Црна Гора кои беа на сила во одреден период од годината.

Инвестиции

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – септември 2025 година изнесуваат 929.289.935 денари.

Резултати од работењето

Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 2.546.860.903 денари, бележи зголемување од околу 8 %, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 1.531.839.773 денари и е зголемена за 7 %.

Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 2.771.616.825 денари и бележи раст од 11 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 1.487.454.694 денари е зголемена за 8 %.

При извршувањето на оперативните активности АЛКАЛОИД АД Скопје ангажираше повеќе од 1.000 домашни добавувачи.

Вработени

Во периодот јануари – септември 2025 година во АЛКАЛОИД АД Скопје се реализирани 46 нови вработувања во РС Македонија. Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во март 2025 година е одобрен и исплатен регрес во висина од 44.500 денари нето-износ за користење годишен одмор за вработените во компанијата. Групацијата АЛКАЛОИД брои 2.996 вработени, од кои 2.251 се во земјава, а 745 се вработени во капитално поврзаните друштва во странство.

Податоци за акциите

Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – септември 2025 година се движеше од 24.000,00 до 31.099,00 денари или просечно 27.334,92 денари за една акција, што претставува раст од 31,7 % во споредба со просечната цена на акцијата во истиот период од 2024 година. Движењето на цената на акцијата е во рамките на трендот на просечниот годишен раст и се должи на редовното и транспарентно објавување позитивни резултати од работењето на компанијата, позитивното јавно мислење, на довербата во нашите производи, управувањето со Друштвото и на генералниот тренд на движење на глобалните и на регионалните берзи. На 30.09.2025 година акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје беа во сопственост на 6.395 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 36,9 милијарди денари.

На 1 април 2025 година, на Годишното собрание на акционерите, е одобрена пресметка и исплата на бруто-дивиденда за 2024 година во износ од 901.752 илјади денари. Во согласност со дивидендниот календар, во мај 2025 година започна исплатата на дивидендата во износ од 630 денари бруто, односно 567 денари нето за една акција. Дивидендата од акција за 2024 година е поголема за 16,67 % во однос на исплатената дивиденда од акција за 2023 година.

Бизнис-план за 2025 година

Бизнис-планот за 2025 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на 27.12.2024 година, предвидува инвестирање на околу 8 % од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства, раст од 8 % на консолидираните продажби во однос на реализираните во 2024 година, како и раст од 7 % на консолидираниот профит пред оданочувањето во однос на 2024 година.

Бизнис-планот за 2025 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи достапни за компанијата во моментот на изготвување на Планот. Околностите и настаните во 2025 година, а со тоа и остварените резултати може да варираат во однос на прикажаните во Бизнис-планот.

Очекувања за претстојниот период

Трендот на работење во отежнати економски услови, кои беа актуелни во изминатите неколку години, продолжи и во 2025 година. Доминанти предизвици беа инфлацијата и порастот на каматните стапки, кои, сепак, според сите очекувања, би требало да влезат во зоната на стагнација, а можеби и на благо опаѓање. Секако, глобалните безбедносни кризи ги отежнуваат економскиот амбиент и предвидливоста, што секогаш може да повлијае и врз цените на енергенсите, да создаде тешкотии во синџирите на испораки, но и да повлијае врз достапноста на одредени материјали. Дополнително, потенцијалниот ризик од глобална трговска војна може да предизвика нови покачувања на цените на суровините и да доведе до зголемени трошоци во работењето. Внимателно го следиме развојот на настаните и преземаме мерки за ублажување на овие потенцијални ефекти.

Очекуваме во 2025 година да продолжиме по патеката на континуираниот раст базиран на можностите од нашите тековни инвестиции во нови производствени капацитети и опрема и од вложувањата во развојно-истражувачки проекти, на тој начин создавајќи конкурентно портфолио и можности за ширење на пазарите. За остварување на овие цели ќе продолжиме и со нови вработувања во земјава, но и на странските пазари, притоа континуирано вложувајќи во подигнувањето и во усовршувањето на нивото на знаења и на вештини на нашите вработени и во градењето таленти.

АЛКАЛОИД АД - СКОПЈЕ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Кинезите претставија хуманоидни роботи, кои имаат кожа на лицето и работат како презентери, асистенти, фитнес тренери (ВИДЕО)

На сцена во Пекинг, жена во елегантен костум се сврте кон публиката и рече: „Здраво“. Потоа продолжи да ги чита вестите. 

Кинезите претставија хуманоидни роботи, кои имаат кожа на лицето и работат како презентери, асистенти, фитнес тренери (ВИДЕО)

Нејзината кожа изгледаше речиси како човечка, а гласот ѝ имаше одмерен и смирен тон, карактеристичен за професионален водител на вести, објави Дејли Галакси.

Жената беше робот по име Синјан (Xinyan). Покрај неа стоеше нејзиниот машки пандан, наречен Синју (Xinyu). На 5 ноември 2026 година, кинеската државна новинска агенција „Синхуа“ (Xinhua) ги претстави овие двајца како првите бионички хуманоидни роботи во светот кои работат како водители на вести.

Ниту еден од нив не ги пишува вестите.

Читање, а не пишување вести

За функционирањето на двајцата водители е задолжен „Синхуа Јудијан“ (Xinhua Yudian) – систем за вештачка интелигенција наменет за актуелни настани и политички информации, кој агенцијата официјално го лансираше во јуни 2026 година. Користејќи ги податоците на „Синхуа“, системот обезбедува материјал што роботите го презентираат, а исто така им овозможува да одговараат на прашања од јавноста. Од „Синхуа“ велат дека овој пристап „овозможува содржината да биде следлива, безбедна и под контрола“.

Според Џоу Џијан, основач и претседател на компанијата „UBTECH“, роботите функционираат преку интегриран систем кој ги поврзува „мозокот“, изразите на лицето и контролните механизми. Системот во реално време презема проверени и веродостојни вести – процес за кој развивачите тврдат дека го намалува ризикот од дезинформации и „халуцинации“ на вештачката интелигенција.

Сепак, не постојат објавени податоци за стапката на грешки што би го поткрепиле ова тврдење.

Од „Синхуа“ не тврдат дека овие машини ќе ги заменат новинарите. Ќиен Тонг, генерален директор на Центарот за нови медиуми при агенцијата, објасни дека целта на овие водители е да преземат нови улоги во редакцијата, а не да станат нејзини централни фигури. Тие можат да презентираат информации, да емитуваат содржини на повеќе јазици и да комуницираат со публиката во реално време, но одлуките за тоа што ќе биде објавено остануваат во рацете на новинарите и уредниците.

Многу детали за хардверот сè уште се непознати. Ниту „Синхуа“, ниту „UBTECH“ не открија колку се високи или тешки роботите, кои јазици ги владеат, колку брзо одговараат на прашања, ниту пак дали е возможна интервенција од страна на човек-оператор. Исто така, не е објавена ниту цената, ниту пак има некакви информации за тоа колку вакви роботи се произведени.

Она што, се чини, го издвојува кинескиот проект е комбинацијата од систем за вештачка интелигенција наменет за актуелни вести и физичко тело што изгледа како вистинско, способно да пренесува информации преку директна интеракција „лице в лице“.

Друго прашање е дали традиционалните медиумски куќи ќе ја прифатат ваквата технологија.

Двата роботи се изработени во природна големина (размер 1:1) од компанијата „UBTECH Robotics“ со седиште во Шенжен. Компанијата ја обезбеди бионичката кожа, хардверот за вградена интелигенција, оперативниот систем и голем јазичен модел кој генерира емоции, а исто така беше задолжена и за самото производство на роботите.

Сепак, гледано од блиску, сличноста со човечки водител е помалку убедлива. Австралискиот Асошиејтед Прес објави дека нивните движења остануваат изразито механички: главите се навалуваат и вртат во редовни интервали, а нивните очи трепкаат и се движат.

Кинезите објавија и снимка од хуманоидни роботи, ангажирани како воспитувачи, фитнес тренери и лични асистенти.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

На париските аеродроми е најавен четиридневен штрајк пред Божиќ- се очекува огромен метеж

Два синдикати на вработени во „Аеродром де Париз“ (ADP), кои управуваат со главните аеродроми во парискиот регион, ги повикаа вработените на штрајк во првиот викенд од декемврискиот национален празник, барајќи зголемување на платите.

На париските аеродроми е најавен четиридневен штрајк пред Божиќ- се очекува огромен метеж

Синдикатите CGT Aeroports и FO Aeroports објавуваат дека ќе повикаат на прекин на работата од 5 часот наутро во четврток, 17 декември, до полноќ во недела, 20 декември, објави „Ле Фигаро“.

Двата синдикати бараат зголемување на надоместоците за превоз за работниците за 20%, бонус за гориво од 1.000 евра и вработување нови работници за пополнување на слободните работни места.

Штрајкот беше најавен откако преговорите со менаџментот не успеаја, при што синдикатите го осудија „тврдоглавото одбивање“ на менаџментот да „постигне каков било договор“ за членовите на синдикатот, „а во исто време да им доделат дополнителни 80 милиони евра на акционерите“.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Куче го украде шоуто на свадба, сите се смеат (ВИДЕО)

Венчавката на Марсела Мореира (41) и Мерилин Бергамо (44) во Сао Хозе до Рио Прето, Бразил, беше обележана со доаѓањето на неочекуван гостин. 

Куче го украде шоуто на свадба, сите се смеат (ВИДЕО)

За време на церемонијата на отворено, се појави куче кое го искина превезот од главата на една од невестите, а потоа вешто ги избегна сите што се обидоа да го фатат, пишува g1.

Церемонијата се одржа минатата сабота, 21 ноември. Сцената ги насмеа собраните гости, а еден од кумовите сними сè. Видеото е прегледано повеќе од 103 илјади пати на социјалните мрежи. Марсела изјави за порталот g1 дека кучето било во близина дури и пред почетокот на церемонијата, но гостите го забележале само кога младенците застанале пред матичарот.

Кучето веројатно се исплашило од толпата и го повлекло превезот на Марсела за време на церемонијата. Една од кумовите, која била задолжена и за фризурата, накратко ја прекина церемонијата бидејќи се грижела како ќе изгледа невестата на фотографиите.

Неочекуван гостин ја направи свадбата уште поспецијална

Марсела објаснува дека таа и нејзиниот сопруг намерно избрале порелаксирана прослава во природа бидејќи сакаат средина каде што се можни изненадувања. Го објавиле видеото на социјалните мрежи, но не очекувале да привлече толку многу внимание.

„Невозможно е да не се смееме секој пат кога ќе го погледнеме, а го гледаме најмалку 20 пати на ден“, се шегува Марсела. Таа вели дека овој неочекуван настан ја направил нивната свадба уште поспецијална, а кучето им помогнало да се ослободат од нервозата.

„Врискав малку од изненадување, но двајцата реагиравме природно и весело. На крајот, кучето стана главна ѕвезда. Драго ни е што атмосферата беше опуштена и дека типичната нервоза исчезна“, вели Марсела.

Неочекуваниот четириножен гостин не беше единственото куче на свадбата. Двојката има јазовичар, Нутела, кој имаше посебна улога - да ги донесе венчалните прстени.

Меден месец во духот на фудбалот

Младовен пар патува во Монтевидео, Уругвај, на меден месец, каде што се надеваат дека ќе го гледаат во живо финалето на Копа Либертадорес, јужноамериканскиот еквивалент на Лигата на шампионите. Двајцата се навивачи на бразилскиот тим Палмеирас, кој ќе се бори за титулата против аргентинскиот тим Естудијантес.

Билетите се распродадени, а препродавачите бараат до 1.600 евра за нив, што е премногу за двојката по свадбените трошоци. Сепак, тие се надеваат дека ќе успеат да добијат билети и да го одбележат медениот месец со уште едно незаборавно сеќавање.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер