Алиу: Здравството влегува во најважната фаза - поставување на системот на нови основи - Канал 5

Алиу: Здравството влегува во најважната фаза - поставување на системот на нови основи

Пред една година ја презедов одговорноста да го водам Министерството за здравство. Не беше лесен период, ниту систем во кој проблемите можат да се решат преку ноќ. 

Алиу: Здравството влегува во најважната фаза - поставување на системот на нови основи
- Пред една година ја презедов одговорноста да го водам Министерството за здравство. Не беше лесен период, ниту систем во кој проблемите можат да се решат преку ноќ. Здравството е еден од најсложените и најчувствителните системи во државата, систем во кој секоја слабост ја чувствува пациентот, секоја одлука има човечка тежина, а секое одложување значи изгубено време за некого кому му е потребна грижа, истакна министерот за здравство, Азир Алиу во видео обраќањето по повод една година од преземањето на функцијата министер за здравство.
Министерот Алиу нагласува дека изминатата година целта не беше да се создаде впечаток дека сè е решено, напротив, се тргна од вистината.
- Здравството има наследени слабости, недоволна организација, нерамномерна достапност на услуги, недостиг на кадар, застарена инфраструктура и систем кој премногу долго функционирал со хартија, фрагментирани податоци и недоволна предвидливост. Затоа целта ми беше да не ги прикриваме проблемите, туку да почнеме да ги решаваме системски, вели министерот Алиу.
Тој појаснува дека во изминатата година поставена е нова насока - здравствен систем што планира, мери, дигитализира и одговара.
-Започнавме процес на дигитална трансформација. Пациентот не треба да се движи со папки, извештаи и ЦД-а од една институција до друга. Податоците треба да го следат пациентот, а системот треба да му помага на лекарот да донесе побрза и побезбедна одлука, вели министерот Алиу, притоа потсетувајќи дека беа воведени транспарентни листи на чекање, затоа што фер пристапот до здравствена услуга е основа на довербата.
Министерот Алиу зборувајќи за проектот со телемедицина во Дебер и Делчево, порачува дека специјалистичкото знаење мора да стигне поблиску до граѓаните, особено во регионите каде што пациентите најмногу го чувствуваат товарот на патувањето до Скопје.
- Паралелно работевме на инфраструктурата. Здравството не може да биде силно ако целата тежина е концентрирана во главниот град. Затоа регионализацијата е една од нашите најважни политики. Инвестициите во Штип, Тетово, Кичево, Струмица, Битола и другите здравствени центри се начин пациентите да добијат услуга поблиску до местото каде што живеат. Набавката на 100 нови амбулантни возила, реконструкциите на операционите сали и зајакнувањето на регионалните болници се дел од истиот пристап кој води кон здравствен систем што е побрз, подостапен и порамномерно развиен, потенцира министерот Алиу.
Тој исто така, вели дека посебно внимание е посветено и на здравствените работници.
-Ниту еден апарат, ниту една сала, ниту една дигитална платформа не вреди без луѓето што секој ден го носат системот, затоа се работи на подобро кадровско планирање, нови програми за специјализации и супспецијализации, зајакната практична обука и подобро вреднување на трудот. Здравствениот систем мора да ги задржи, мотивира и поддржи своите луѓе, порачува министерот Алиу.
Осврнувајќи се на важните јавноздравствени политики, тој потсетува и на предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун или сродни производи, кој е чекор кон поздрав јавен простор, заштита на децата, непушачите и вработените. Притоа нагласувајќи дека не станува збор за законско решение кое е против некого, туку за закон за здравјето на граѓаните.
- Работевме и на чувствителни теми, како што се онкологија, органодарителство, трансплантација, третман на дебелина кај децата, кризни протоколи. Теми кои бараат човечност, институционална одговорност и континуитет, вели министерот Алиу.
Тој порачува дека здравството мора да биде систем што не реагира само кога ќе настане криза, туку систем што учи, се подготвува и превенира.
-По една година, мојата оценка е дека не сме на крајот на реформата. Ние сме во нејзината најважна фаза во која системот почнува да се поставува на нови основи. Имаме уште многу работа. Но денес знаеме појасно каде одиме, а тоа е кон здравство што е дигитално поврзано, кадровски планирано, инфраструктурно зајакнато, регионално порамномерно и насочено кон пациентот. Здравството се развива со одлуки, со работа, со податоци, со луѓе и со лична одговорност, заклучува Алиу.
YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Шпанија на историски избори- можен е пресврт и за цела Европа

Шпанците денеска одат на предвремени парламентарни избори.

Шпанија на историски избори- можен е пресврт и за цела Европа

Шпанците денес одат на предвремени парламентарни избори, каде што ќе одлучат дали да му го доверат на социјалистичкиот премиер Педро Санчез, еден од последните левичарски лидери во Европа, уште еден мандат или да ја предадат власта на конзервативната опозиција, на која можеби ќе ѝ треба поддршка од крајната десница за да формира влада.

Поразот на Санчез би можел да ја донесе крајната десница во националната влада на Шпанија за прв пат од враќањето на демократијата по смртта на диктаторот Франциско Франко во 1975 година. Таквиот исход во исто време би го одразил поширокиот тренд на зајакнување на екстремната десница низ цела Европа.

Избирачките места се отвораат во девет часот и се затвораат во 20 часот, кога ќе бидат објавени анкетите спроведени во последната недела од кампањата. Првите резултати се очекуваат приближно еден час подоцна. За мнозинство во парламентот, кој има 350 претставници, потребно е да се освојат 176 мандати.

Што покажуваат анкетите?

Санчез, кој е на власт од 2018 година и се потпира на тесно парламентарно мнозинство, распиша предвремени избори на почетокот на октомври откако парламентот отфрли два декрети што неговата влада ги донесе за справување со влошената криза со домувањето.

Според најновите анкети, конзервативната Народна партија (ПП) има поддршка од околу 31 процент од гласачите, Социјалистичката партија на Санчез (ПСОЕ) околу 29 проценти, а крајно десничарската Вокс околу 18 проценти.

Санчез во петокот изјави дека внатрешните анкети покажуваат дека може да обезбеди мнозинство со поддршка на помалите левичарски партии, иако повеќето јавно достапни анкети сугерираат дека ПП и Вокс би можеле заедно да освојат мнозинство.

Некои анкети покажуваат дека социјалистите се приближуваат кон ПП, но на сметка на помалите левичарски партии, чија поддршка на Санчез повторно би му била потребна за да формира влада.

Дали крајно десничарската партија ќе влезе во владата?

Формирањето коалиција меѓу ПП и Вокс би можело да вклучува тешки преговори за распределба на министерските портфолија. Аналитичарите веруваат дека Вокс, во зависност од бројот на освоени мандати, би можел да одлучи да ја поддржи ПП без формално да влезе во владата.

Нема формален рок за коалициски преговори пред првото гласање за доверба на кандидатот за премиер. Меѓутоа, ако ниту еден кандидат не добие доверба од парламентот во рок од два месеци од првото гласање, автоматски се распишуваат нови избори.

Санчез ја опиша можноста за коалиција меѓу Народната партија и Вокс како „чекор назад“. Двете партии веќе владеат заедно во четири шпански региони.

Вокс се залага за построга контрола на имиграцијата, рецентрализација на владините овластувања, пониски даноци и укинување на голем број прогресивни социјални политики.

Економијата расте, но за Шпанците е сè потешко да најдат домување

Изборната кампања беше обележана со дискусија за разни предлози за решавање на проблемите со зголемувањето на кириите и иселувањата. Високите трошоци за домување предизвикаа протести низ целата земја оваа година.

Санчез истакнува дека под негово водство, Шпанија стана една од најбрзо растечките економии во Европската унија. Неговата влада ја зголеми минималната плата и спроведе реформи на пазарот на трудот, а стапката на невработеност падна на најниско ниво за речиси две децении.

Шпанската економија порасна за 2,6 проценти минатата година, речиси двојно повеќе од просекот во еврозоната.

Сепак, некои Шпанци тврдат дека не ги чувствуваат придобивките од економскиот раст поради сè повисоките цени на домувањето, енергијата и стоките за широка потрошувачка.

Големи разлики во миграциската политика

Економскиот раст на Шпанија делумно е поттикнат од имиграцијата, а економистите стравуваат дека порестриктивните имиграциски политики на потенцијалната десничарска влада би можеле да го забават растот.

Санчез се спротивстави на преовладувачкиот европски тренд истакнувајќи ги економските придобивки од имиграцијата во време кога повеќето европски земји се обидуваат да ги заострат граничните контроли. Оваа година, неговата влада започна програма за регулирање на статусот на престој на мигрантите што веќе живеат во Шпанија. Примени се повеќе од милион барања.

Народната партија најавува забрана за масовно легализација на статусот на мигрантите, овозможувајќи нивно враќање во трети земји и воведување систем на поени за легална имиграција.

Вокс сака да ги депортира странците осудени за кривични дела и да им даде приоритет на шпанските граѓани во распределбата на субвенционирани станови.

Скандалите со корупција и серијата кризи го оштетија угледот на Санчез

Угледот на Санчез е нарушен од серијата корупциски скандали во кои се вклучени неговите блиски соработници и членови на семејството, како и серијата кризи, вклучувајќи две фатални железнички несреќи, мигрантската криза во северноафриканската енклава Сеути и прекините на електричната енергија низ целата земја.

Санчез и неговата сопруга ги негираа обвиненијата за корупција.

Додека Санчез се соочува со обвинувања за лошо управување, неговиот главен ривал, лидерот на Народната партија, Алберто Нуњез Фејхо, се обидува да се прикаже како технократ фокусиран на конкретни прашања.

Санчез е исто така критикуван за тоа што им дал амнестија на лидерите на сецесионистичките напори на Каталонија во замена за нивната поддршка за неговиот избор за премиер по изборите во 2023 година. На тие избори, Народната партија освои најмногу гласови, но не успеа да обезбеди парламентарно мнозинство.

Зошто овие избори се важни за цела Европа?

Шпанија е најголемата членка на Европската Унија предводена од социјалдемократ, а евентуалната промена на владата во Мадрид би можела да има последици врз европската политика кон миграцијата, НАТО, САД и Израел.

Санчез се издвои меѓу европските лидери поради неговата подготвеност да се спротивстави на американскиот претседател Доналд Трамп, неговата силна поддршка за Палестинците и неговото противење на новата цел на НАТО за издвојување на пет проценти од БДП за одбрана и безбедност.

И Народната партија и Вокс поддржуваат зголемување на трошоците за одбрана, додека аналитичарите интервјуирани од Дојче Веле очекуваат конзервативната влада во Мадрид да биде помалку гласна во поддршката на Палестинците.

Во случај на пораз на Санчез, само три земји од Европската Унија, Данска, Литванија и Малта, би имале лидери од левиот центар. Европските социјалдемократи би го изгубиле своето најважно упориште меѓу големите членки на Унијата.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Црвен метео аларм во Грција поради снежното невреме „Аргос“ (ВИДЕО)

Моќната бура наречена „Аргос“ денеска влегува во својата најопасна фаза, што предизвика црвено предупредување за времето за неколку региони во Грција, вклучувајќи го и поширокото подрачје на Атина.

Црвен метео аларм во Грција поради снежното невреме „Аргос“ (ВИДЕО)

Бурата веќе предизвика поплави, лизгање на земјиштето и материјална штета на десетици домови и бизниси на западот од земјата, додека фокусот на врнежите сега се префрла кон источните и јужните делови на Грција, објави порталот „Прототема“.

Црвено предупредување за времето е прогласено во регионите Атика, Тесалија, источна централна Грција, Евија и делови од Пелопонез, а се очекува ветровите во Егејското Море да достигнат сила од 10 степени.

Метеоролозите предупредуваат дека во Атика, помеѓу 13:00 и 19:00 часот, количината на дожд може да биде еднаква на просекот за целиот ноември.

Почнувајќи од сабота навечер, граѓаните во пет области ќе добиваат предупредувања за итни случаи преку системот 112, додека во четири региони се воведени итни мерки, кои вклучуваат прекин на работата на отворено.

Силните дождови почнаа да паѓаат во Атина синоќа, предизвикувајќи насобирање вода на некои патишта и привремено прекинување на сообраќајот во крајбрежното предградие Вула. Во исто време, бурата „Аргос“ донесе снежни врнежи и на северот од земјата, каде што градот Лерин и околината на Костур беа покриени со снег.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Наоми Кембел застана зад ди-џеј пулт и ја отвори ски сезоната на Јахорина во БиХ

Познатата британска манекенка и модна икона Наоми Кембел настапи како диџеј на Јахорина во саботата навечер, отворајќи ја новата зимска туристичка сезона. 

Наоми Кембел застана зад ди-џеј пулт и ја отвори ски сезоната на Јахорина во БиХ

Нејзиниот сет беше централниот настан на отворањето на скијачкиот турнир.

Пристигнување и прес-конференција

Кембел слета на аеродромот во Сараево попладнето, по што се упати кон Јахорина, каде што се одржа прес-конференција пред настапот. Претседателот на Надзорниот одбор на Олимпискиот центар Јахорина, Недељко Елек, во таа пригода рече дека нејзиното пристигнување е голема чест и потврда дека Јахорина станала светска дестинација. Тој на шега додаде дека со неа пристигнал и снег на планината.

Елек, исто така, му подари на познатиот гостин посебен подарок - традиционална рачно изработена облека од регионот Сараево-Романија, која во минатото ја носеле жените од таа област. Кембел истакна дека тоа е нејзин прв пат на Јахорина и им се заблагодари за топлото добредојде.

„Многу сум среќна што сум тука. Ви посакувам на сите одличен почеток на скијачката сезона. Големо задоволство ми е и со нетрпение очекувам да ви пуштам музика вечерва. Се надевам дека сите ќе танцувате“, рече таа.

Музички сет и нова кариера

Таа застана на диџејската маса по настапот на Никола Роквиќ, кој ја отвори вечерта. За време на нејзиниот настап, публиката го слушна репертоарот што таа вообичаено го изведува, а листата на песни вклучуваше, меѓу другите, „Remembering“, „63 Mean Street“, „Empty Trainload of Sky“, „Naturally“, „Poncho Leftie“, „The Cottage“, „Tuesday's News“, „Your House“, како и преработка на класиката „Knockin' on Heaven's Door“.

Иако стекна светска слава на модните писти како дел од генерацијата супермодели што ја одбележаа историјата на модата, Кемпбел во последните години гради и музичка кариера. По години свирење музика приватно за пријатели, таа го имаше своето јавно деби како диџеј во март 2025 година со поддршка и менторство на диџејот Чарлс Принс. Оттогаш, таа редовно настапува на ексклузивни настани и модни недели во Дубаи, Париз, Минхен, Азербејџан и Милано.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер