МакедонијаАлиу: Научените лекции од настанот во Кочани ги преточивме во конкретни мерки за поуспешен и координиран одговор на здравствените предизвициМинистерот за здравство, Азир Алиу одржа завршно обраќање на денешната Меѓународна конференција посветена на „Институционалните и клинички аспекти и решенија по пожарот во Кочани – една година потоа“.Оваа конференција ни покажа дека заедничката интерсекторска соработка е двигател на промените во системот. Имавме можност да слушнеме различни аспекти и механизми на справување со настани од ваков тип, а ги споделивме и лекциите кои нашата држава ги научи од овој траорен настан. Трагедијата во Кочани уште еднаш потврди дека при настани со масовни жртви не е доволна само брза реакција, потребен е и однапред подготвен, прецизно структуриран и институционално усогласен систем на постапување. Токму затоа, наш приоритет беше научените лекции да ги преточиме во конкретни, одржливи и применливи механизми, рече министерот Алиу. Тој истакна дека на минатата владина седница е усвоен национален план за справување со масовни жртви, кој првпат е подготвен во нашата држава. Усвојувањето на овој план е во согласност со препораките на Светската здравствена организација, Европскиот механизам за цивилна заштита, стандардите на НАТО и меѓународните здравствени регулативи, а со неговото имплементирање ќе се овозможи намалување на смртноста и зголемување на преживувањето при масовни инциденти, унапредување на координацијата меѓу институциите и побрз одговор. Националниот план за справување со масовни жртви е институционална оперативна алатка што треба да овозможи рационално користење и распределба на ограничените човечки и материјални ресурси, подобра комуникација меѓу институциите и побрз и поефикасен одговор во ситуации со масовни жртви. Овој документ е основа врз која ќе продолжиме да градиме систем на редовни обуки, симулациски вежби, проверка на капацитетите и континуирано унапредување на подготвеноста. Затоа, Националниот план за справување со масовни жртви треба да се гледа како почеток на нова фаза во јакнењето на здравствената безбедност и институционалната отпорност на државата, истакна Алиу. Во рамки на завршното обраќање, министерот Алиу се осврна и на подготвениот прв национален протокол за изгореници, кој претставува клучен чекор во стандардизирањето и унапредувањето на третманот на пациентите со изгореници на национално ниво. Примената на националниот протокол за изгореници има за цел да воспостави јасни стандарди за проценка, тријажа, транспорт, интензивно лекување, хируршки третман и рехабилитација, на сите нивоа – од примарната здравствена заштита до терцијарните клинички центри. Особено сакам да ја истакнам улогата на работната група за подготовка на овој документ. Во неа учествуваа експерти од различни специјалности и институции, кои посветено ги анализираа водечките европски и американски водичи, ги споредуваа препораките и ги усогласија со нашите национални услови и потреби. Благодарение на нивната стручност и тимска работа, денес имаме протокол кој обезбедува современ, структуриран и практичен алгоритам за постапување кај пациенти со изгореници, заклучи министерот Алиу. Воедно, тој информираше дека е започнат и поширок процес на суштинско јакнење на системот за здравствен одговор во кризни состојби, преку модернизација на итната медицинска помош и воведување на профилот парамедик, лиценцирање на EMT Type 1 тим согласно меѓународните стандарди, со што државата создава нова оперативна способност за брз и структуриран медицински одговор при кризни состојби. За оваа година, Владата донесе одлука да се обезбедат 100 нови возила за Итната медицинска помош, со проектна вредност околу 7,5 милиони евра, што ќе значи сериозно зајакнување на капацитетите на оваа служба. Тагови: Азир Алиу Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter
МакедонијаДелегација на МЕРМС во Женева58% од инсталираниот капацитет е од обновливи извори – следен чекор модерна мрежа и складирање.Делегација од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини учествуваше на UNECE Sustainable Energy Week која се одржа во Палатата на нациите во Женева, со фокус на прашањата поврзани со енергетската транзиција, енергетската безбедност, достапноста на енергијата и одржливиот развој. Во рамки на настанот се одржаа состаноци на Групата експерти за енергетска ефикасност (GEEE), Групата експерти за почисти електроенергетски системи (GECES) и Групата експерти за обновлива енергија (GERE), како и 35-тата сесија на Комитетот за одржлива енергија на UNECE (CSE). Во рамки на 13-тата сесија на Групата експерти за обновлива енергија (GERE-13), на панел-дискусијата Exchange of experiences on how to increase the uptake of renewable energy, Марко Минов од Секторот за обновливи извори на енергија, го претстави напредокот во спроведувањето на регулаторната рамка од Законот за енергетика и новиот Закон за користење на енергијата од обновливи извори, со кои се унапредува интеграцијата на енергетскиот пазар и се создаваат предвидливи услови за развој и инвестиции во обновливите извори. Како клучни реформи беа опфатени прекуграничната распределба на капацитети, балансирањето, оперативната сигурност, гаранциите за потекло, активните потрошувачи, енергетските заедници и конкурентните механизми за поддршка на производството од обновливи извори на енергија. Во излагањето, Минов го истакна и значителниот раст на капацитетите од обновливи извори на енергија во Македонија, особено на фотонапонските електроцентрали, а ги претстави и Годишните планови за изградба на енергетски објекти како инструмент за предвидлив и координиран развој на енергетскиот сектор и систематско планирање на нови производни капацитети и системи за складирање на енергија. Во рамки на дискусијата, меѓу другото беше нагласено и дека: „зголемувањето на капацитетите од обновливи извори е само дел од енергетската транзиција. Следниот предизвик е електроенергетскиот систем да стане пофлексибилен, поотпорен и способен да интегрира сè поголеми количини на варијабилни обновливи извори. Интеграцијата на нови капацитети од обновливи извори, модернизацијата на мрежна инфраструктура, пазарните механизми и складирањето на енергија ќе биде важен дел од идниот развој на енергетскиот систем“. Во рамки на 35 сесија на Комитетот за одржлива енергија (CSE-35) на тема Strengthening Energy Security, Affordability and Sustainability in an Uncertain World, меѓу другото беше одржана и дискусија на високо ниво, посветена на приоритетите, предизвиците и можностите за зајакнување на енергетската безбедност, достапноста и одржливоста. Во рамки на сесијата, Елена Ивановска, кабинетски службеник задолжен за следење на стратешките приоритети на Владата, која воедно претседаваше и со сесијата System-wide Solutions to Strengthen Energy Security, Affordability and Sustainability, се обрати во име на Македонија, претставувајќи ги приоритетите на земјата и конкретните активности за унапредување на сигурноста, достапноста и одржливоста на енергетскиот систем. Во своето обраќање, Ивановска истакна дека за Македонија, трите цели (енергетската сигурност, достапноста и одржливоста) се тесно поврзани и дека забрзувањето на развојот на обновливите извори, намалувањето на зависноста од увоз на електрична енергија и обезбедувањето сигурно снабдување бараат модерна, отпорна и регионално поврзана електроенергетска мрежа. Посебен акцент беше ставен на потребата развојот на мрежната инфраструктура да го следи брзиот раст на обновливите извори. Во таа насока, беше посочено дека Македонија од 2021 година, кога обновливите извори сочинувале околу 38% од инсталираниот производен капацитет, до 2025 година достигнала учество од околу 58%, со повеќе од 1.750 MW инсталирани капацитети од обновливи извори. Брзиот развој на сончевата енергија носи и нови барања за преносниот систем, особено поради децентрализираното варијабилно производство, двонасочните текови на електрична енергија и потребата од балансирање на системот. Ивановска посочи и на потребата од значителни инвестиции во преносната мрежа, унапредување на регионалната соработка и развој на механизми за флексибилност, батериски системи за складирање енергија и управување со потрошувачката. Учеството на претставниците од Министерството: Елена Ивановска, Билјана Матевска, Марко Минов, Сара Кочева, Ангела Алексова, Ненад Стојковски и Љубица Трајковска Лешоска претставуваше можност за размена на искуства со земјите членки на UNECE, претставници на меѓународни организации и експерти од областа на енергетиката, особено во делот на забрзувањето на енергетската транзиција и создавањето пофлексибилни, сигурни и одржливи енергетски системи, но и можност за претставување на реформите и искуствата на нашата земја. Државата останува посветена на сигурна, достапна и одржлива енергетска транзиција, со фокус на понатамошно зголемување на производството од обновливи извори, модернизација и проширување на мрежната инфраструктура, развој на складирањето на енергија, унапредување на пазарната интеграција и создавање предвидлива регулаторна рамка за нови инвестиции. Пораката од Женева е јасна: амбициозниот развој на обновливите извори мора да биде проследен со инвестиции во мрежата, флексибилност, складирање, регионална поврзаност и институционален капацитет. Само преку интегриран пристап може да се изгради енергетски систем кој истовремено ќе биде сигурен, отпорен и одржлив. Со почит, Министерство за енергетика, рударство и минерални суровиниТагови: МЕРМС Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Претплатете се на нашиот newsletter
МакедонијаЛишени од слобода се 12 возачи поради сторено кривично дело „безобѕирно управување возило“Во текот на изминатото деноноќие, на различни локации во државата, лишени од слобода се 12 возачи поради сторено кривично дело „безобѕирно управување возило“.Од нив, осуммина управувале возило без положен возачки испит и тоа: М.Љ.(40), А.Ш.(22) и Ј.Б.(30) сите од Скопје, И.Р.(24) од с.Света Петка, скопско, А.Р.(23) од с.Беловиште, гостиварско, С.А.(35) од с.Мелница, велешко и Н.М.(28) од с.Зрновци, кочанско и 17-годишник од село во Општина Градско. Под дејство на алкохол управувале две лица и тоа: Н.П.(29) од Куманово и М.Н.(19) од Скопје. Додека пак, со забрана за управување со моторно возило управувале С.Н. (37) од Кичево и Р.Х.(37) од с.Рашче, скопско. По целосно документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.Тагови: безобѕирно управување Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Бидете информирани следете не на Facebook
МакедонијаЛишен од слобода бугарски државјанин на Граничниот премин Богородица поради фалсификувана исправаНа 02.10.2026 во 09:50 часот на Граничен премин Богородица, полициски службеници го лишија од слобода И.А.И.(58) од Бугарија поради основано сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“ по член 378 од Кривичниот законик.Известен е јавен обвинител, по што лицето е предадено во полициска станица Гевгелија и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.Тагови: бугарски државјанин Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.Бидете информирани следете не на Facebook