Албанија: Македонците, Власите, Ромите и Египќаните бараат гарантирани пратенички места

Македонците, заедно со Власите, Ромите и Египќаните бараат гарантирани пратенички места во албанскиот парламент.

Единствената партија на Македонците во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, продолжува со напорите во новиот изборен законик во оваа земја, да се предвидат гарантирани пратенички места за малцинствата.

Во овие заложби им се придружија и партиите на други малцинства во земјата и заедно доставија барање до надлежните албански инститции но и претставниците на меѓународните организации и странски амбасади.

-Нашата партија, МАЕИ, како и партиите на Власите, Ромите и Египќаните, обединети во заедничкиот стремеж за подобрување на демократијата и заштита на правата на малцинствата, поднесовме барање до групата за дијалог при албанското Собрание, која е надлежна за подготвување на новиот изборен законик, информираше Васил Стерјовски, претседател на МАЕИ.

Барањето, како што посочува, е да се вклучат гаранции за загарантирани места на малцинствата во парламентот во новиот изборен законик.

-Сметаме дека малцинствата се богатство на една земја и заслужуваат почит и заштита на нивните права. Истото барање го поднесовме и до меѓународниот фактор во Албанија, бидејќи сметаме дека поддршката на малцинствата е важен дел од изградбата на посилна и поинклузивна заедница. Заедно се бориме за посилна и поинклузивна Албанија, вели Стерјовски.

Според него, загарантирани пратенички места за малцинствата има во повеќе држави, меѓу кои и во Хрватска, Косово, Романија.

Путин: Русија создава тампон зона крај Харков, не планира освојување на градот

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека целта на руската офанзива во регионот Харков во Украина е да се создаде тампон зона, но не и да се освои главниот град на регионот, пренесе Бета.

Путин во кинескиот град Харбин, каде што се наоѓа во официјална посета, изјави дека нападот на руските сили врз регионот Харков е одговор на украинското гаѓање на рускиот пограничен регион Белгород.

-Јавно кажав дека доколку така продолжат ние ќе бидеме принудени да создадеме безбедносна, санитарна зона, рече рускиот претседател.

Путин оцени дека руската армија „секојдневно постигнува резултати“ во битките во областа Харков, дека „напредува според планот“ и дека засега Русија не планира да го окупира Харков.

На 9 мај Москва започна ненадејна офанзива во регионот Харков и веќе освои најмногу територија во последните година и пол. /МИА

ЕУ ги додаде на „црната листа“ Гласот на Европа, РИА Новости, Известија и Росискаја газета

Советот на Европската унија (ЕУ) денеска одлучи да го прекине емитувањето во ЕУ на уште четири медиуми кои ја шират и поддржуваат руската пропаганда и агресорската војна против Украина: Гласот на Европа, РИА Новости, Известија и Росискаја газета.

ЕУ претходно ги санкционираше руските државни медиуми Раша Тудеј и Спутник.

Советот на ЕУ објави дека овие медиуми се под постојана директна или индиректна контрола на раководството на Русија и дека се од суштинско и инструментално значење за започнување и поддршка на руската војна против Украина, како и за дестабилизација на земјите соседи со Русија.

Мерките договорени денеска нема да ги спречат таргетираните медиуми и нивниот персонал да вршат други активности во ЕУ - истражување и интервјуа.

„Русија се вклучи во систематска меѓународна кампања на манипулации со медиумите и информациите, мешање и сериозно искривување на фактите со цел да ја оправда и поддржи својата целосна агресија против Украина и да ја унапреди својата стратегија за дестабилизација на соседните земји и ЕУ и нејзините земји-членки“, се наведува во соопштението.

Мицкоски на средба со „Македонија 2025“: Следува забрзан економски развој

Денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, оствари средба со раководството на Македонија 2025.

Денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, заедно со потпретседателот Гордана Кочоска Димитриеска, членовите на ИК Сања Божиновска и Трајко Славески, меѓународниот секретар Стефан Андоновски и Зоран Ставрески, оствари средба со раководството на Македонија 2025.

На средбата беше потенцирана потребата од забрзан економски развој на Македонија и трансформација на државата, за што претседателот Мицкоски кажа дека е еден од приоритетите на ВМРО-ДПМНЕ како идна влада.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе овозможи регулативна предвидливост за компаниите, поволен и ефикасен даночен систем и даночна администрација.

Воедно потенцирано е дека владата ќе работи на целосна дигитализација и на институциите и на услугите.

За да се подобри животниот стандард на граѓаните, потребно е да се подобри бизнис климата, што е еден од главните приоритети на ВМРО-ДПМНЕ, се наведува во партиското соопштение.

притисни ентер