Актуелизирање на предложениот закон за легализација на дивоградби, најавува Бочварски

Законот е веќе во собраниска процедура, односно тоа е истиот закон што е поднесен.

Повторно актуелизирање и промени на предложениот закон за легализација на дивоградби што е во собраниска процедура низ разговори со пратеничките групи и сите заинтересирани страни, најавува новиот министер за транспорт и врски Благој Бочварски во интервју за МИА.

-Законот е веќе во собраниска процедура, односно тоа е истиот закон што е поднесен. Во моментот кога Собранието ќе го актуелизира Министерството ќе биде подготвено да разговара со сите пратенички групи и сите заинтересирани страни секако на крајот на денот во оваа парламентарна демократија да се донесе закон којшто ќе го регулира делот на бесправо изградените објекти. Се она што е изградено во заштитени зони на Охридското крајбрежје и станбените згради со намена А2 нема да биде предмет на легализација со овој закон. Ова е една заштита за да се запрат таквиот тип на злоупотреби. Законот е далеку порестрикивен од претходниот и има момент на казнивост од повеќе аспекти, вели Бочварски.

Аспектот на дивоградбите, укажува, не треба да се гледа единствено од оваа страна според законот за третман на бесправно изградени објкети, туку и со инспекцискиот надзор.

Според Бочварски, новиот Закон за урбанистичко планирање што почнува со примена се регулираат состојбите за да не се дозволи, како што вели, главното урбанистичко биро да биде на Илинденска, во министерствата или општините, туку онаму каде што треба – кај архитектите и планерите, да помине и низ каналите на локалната самоуправа и јавноста.

Апелира секогаш да се внимава на законитоста бидејќи, укажува, многу често заглавените предмети имаат и одредени пропусти и проблеми што апсолутно не смееме да дозволиме да се случат.

-Објектите од втора категорија што во најголем дел се градат во државата се во ингеренции на општините, а за тие од прва категорија Министерството за транспорт и врски и овој аспект секако е многу важен за мене за надградба на Министерството со капацитет и кадар бидејќи и тука недостасува квалитетен кадар за кој веќе разговарав и со службите и разговарам со луѓе кои се подготвени тука да дадат своја поддршка. Се работи за инженери и архитекти кои се подготвени да бидат од помош и да дадат свој придонес во Министерството, вели Бочварски.

Во интервјуто што МИА утре ќе го објави во целот Бочварски зборува и за реализацијата на капиталните проекти, ветува фокус на изградбата на автопатот Кичево -Охрид, каде иако има работи на терен не е според посакуваната и планираната динамика со оглед на тоа што по препроектирањата треба да се одобрат инфаструктурни проекти и експропријацијата на земјиштето. Зборува и за плановите за откочување на изградбата на железничката делница Куманово-Бељаковце, а најавува и преселба во новиот објект на Министерството за транспорт откако ќе заврши техничкиот прием за што веќе е формиран тим од овој ресор./МИА

Крводарителска акција во Уставниот суд по повод 60 години од своето постоење

Под мотото „Биди хуман - спаси живот” Уставниот суд организира крводарителска акција што ќе се одржи на 30 април, во периодот од 9 до 14 часот, во просториите на Судот. 

-Акцијата за дарување на крв се реализира во соработка со Црвен крст на Република Северна Македонија, на иницијатива на Уставниот суд, по повод 60 години од своето постоење. Организирањето на оваа хумана активност е иницијатива на вработените од Судот и досега се пријавени околу 30 дарители од Уставниот суд, соопштија од Судот.

Преку оваа крводарителска акција Уставниот суд, како што е наведено во соопштението, изразува солидарност и хуманост и истовремено се придружува на апелите на Црвен крст за подигнување на свеста за донирањето на крв и мотивирање на поголем број на луѓе за доброволно дарување.

Во Велика Британија се тестира персонализирана mRNA вакцина против меланом

Во Велика Британија се тестира персонализирана mRNA вакцина против меланом, која може да спречи и рак на белите дробови, мочниот меур и бубрезите.

Првата персонализирана mRNK вакцина против меланом, која може да спречи и рак на белите дробови, мочниот меур и бубрезите, се тестира врз пациенти во Велика Британија.

Таа вакцина функционира така што го поттикнува телото да ги бара и уништува клетките на ракот за да спречи враќање на смртоносната болест, а може да се прилагоди на секој човек за само неколку недели, пишува „Индипендент“.

Според весникот, втората фаза од испитувањето на вакцината, во чие производство учествувале фармацевтските гиганти „Модерна“ и „МСД“, покажала значително намалување на ризикот од повторување на ракот кај пациентите со меланом.

Сега е покрената финалната фаза на трите испитувања, кои ги предводи Универзитетската колеџ болница во Лондон (UCLH).

Д-р Хедер Шо, координатор на испитувањето, рече дека вакцината има потенцијал да излечи луѓе со меланом и дека се тестира за други видови на рак.

Новата вакцина има за цел да го поттикне имунолошкиот систем да се бори со специфичен тип на рак.

МАСИТ: Компаниите од ИКТ секторот треба да имаат стратегии и механизми за заштита

Компаниите од ИКТ секторот треба да имаат стратегии и механизми за заштита на интелектуалните права.

Поради брзото напредување на технологијата и глобализацијата, заштитата на правата од индустриска сопственост станува сè повеќе предизвикувачка. Затоа, компаниите во ИКТ секторот треба да имаат стратегии и механизми за заштита на своите интелектуални права, вклучувајќи ги патентите, заштитните знаци, авторските права и други форми на заштита, порачува Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) по повод 26 април, Светскиот ден на заштита на правата од индустриска сопственост.

МАСИТ потсетува дека индустриската сопственост вклучува различни аспекти како патенти, заштитни знаци, авторски права и заштита на индустриски дизајни. Овие права, нагласува, им овозможуваат на иноваторите и креаторите да заштитат своите идеи, иновации и креативни дела од нелегална употреба и присвојување.

Според Комората, заштитата на интелектуалните права им нуди на компаниите многу предности, вклучувајќи конкурентска предност, вредност на брендот, можност за заработка, поттикнување на иновации и сигурност на инвестициите. На овој начин, не само што директно се заштитуваат компаниите, туку и се поддржуваат иновацијата и креативноста во ИКТ секторот, што придонесува за позитивни ефекти врз целиот еко-систем.

-Светскиот ден на првата од индустриска сопственост на глобално ниво се одбележува секоја година на 26 април. Македонските ИКТ компаниите јасно ја гледаат користа и големото значење токму во овој сектор, каде иновацијата и креативноста се клуч за успехот. Со поддршка од Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост - ИМЕ, активно ги спроведуваме проектните активности во рамки на проектот за „Подигнување на свеста за потребата од заштита на правата од индустриска сопственост и воспоставување на иницијална правна помош во комората“. Во рамки на проектот, компаниите имаа прилика да се запознаат со суштинското значење и придобивките од спроведување на заштита на индустриската сопственост, при што краен исход е новата услуга во Комората кон компаниите членки на МАСИТ за постојана правна помош за заштита на интелектуалната и индустриската сопственост, информира Комората.

Со цел соодветна едукација на своите членови, на ова претходеле неколку едукативни работилници со македонски и регионални експерти во областа.

-Оваа иницијатива им овозможи на компаниите да се запознаат со значењето и придобивките од заштита на правата од индустриска сопственост, при што беа презентирани успешни искуства и добри практики. Во рамки на проектот, пет компании веќе поминаа низ процесот со поддршка на МАСИТ и Швајцарската Програма ИМЕ. На една од едукативните работилници присуствуваа и претставници на Formula Student Macedonia - македонските студенти кои конструираат F1 болид за меѓународниот натпревар на конструктори, со цел соодветно да се информираат, истакнува МАСИТ.

притисни ентер