Букмејкерите му даваат на оркестарот Калуш неверојатни 60% шанси за победа, а коефициентот за украинските претставници моментално е 1,33. За споредба, коефициентот на вториот фаворит, Обединетото Кралство е 7, а за, да речеме, Србија, коефициентот е 67.
Атмосферата околу војната во Украина навистина може да му помогне на оркестарот Калуш да победи на Евровизија, а многумина се прашуваат што ќе се случи со натпреварот следната година со оглед на тоа што Киев, според обичаите на Евровизија, треба да биде домаќин. Со оваа проблематика утрово се занимаваат и многу медиуми.
Ако Украина победи на Евровизија вечерва, тешко дека земјата ќе биде во позиција да биде домаќин следната година, со оглед на прашањата за финансиите, безбедноста и расположливата инфраструктура по актуелниот конфликт.
Доколку земјата победник не може да го организира Изборот за песна на Евровизија од финансиски или други причини, услугата домаќин обично се доделува на една од поголемите европски земји.
Ова се случи и во 1980 година, кога Израел одби да биде домаќин по втор пат по ред. Израел победи во 1978 година и беше домаќин на Евровизија следната година, но државата немаше средства за второто издание. Натпреварот се одржа во 1980 година во Холандија.
Организаторот на Евровизија, Европската радиодифузна унија, не коментира што би можело да се случи следната година доколку Украина победи. Сепак, Швеѓаните понудија да бидат домаќини на Евровизија во 2023 година, доколку Украина победи оваа година.
„Секако дека се надеваме дека Шведска ќе победи во сабота, но забележавме и дека Украина е фаворит и дека постои голема веројатност да победи“, изјави министерката за финансии во Стокхолм, Ана Кениг Јерлмир.
Таа рече дека веќе стапиле во контакт со украинскиот амбасадор и понудиле да го организираат изборот за песна на Евровизија доколку Украина победи.
Инаку, оваа задача би можела да ѝ се допадне на една од „големите пет“ земји: Обединетото Кралство, Италија, Франција, Шпанија и Германија, кои секоја година автоматски се квалификуваат во финалето.