Ахмети: Уставните измени мора да се направат, неопходен е и ветинг

Уставните измени мора да се направат бидејќи ни го отвораат патот кон ЕУ, истакна лидерот на ДУИ Али Ахмети на средбите во Тетово со претставници на бизнис секторот, граѓанскиот и образовниот сектор, како и интелектуалци.

Ахмети очекува уставните измени да се направат за два-три месеци, но, како што нагласи, тие мора да се случат, бидејќи тоа е во интерес на граѓаните на оваа држава.

– Уставните измени отвораат можност за успешен почеток за отворањето на преговорите и првото поглавје за членство во ЕУ. И овој ден не е далеку бидејќи во ноември ќе се одржи средбата на двете влади, таа на Европа и нашата земја. Но, уставните измени мора да се направат бидејќи тоа е задолжителен респектабилен договор. Ова ќе се случи за два-три месеци, но мора да се случи, бидејќи тоа е во интерес на граѓаните на оваа држава. Тоа е заедничка мисија на сите нас бидејќи доброто што ќе дојде нема да дојде само за Албанците туку за сите граѓани, рече Ахмети.

Уште една работа која е неопходна, според лидерот на ДУИ, е ветингот.

– Мора да направиме ветинг, почнувајќи од политичарите, извршната власт, градоначалниците бидејќи тоа е за доброто на државата. Оваа проверка треба да ја направат странски специјалисти, бидејќи кредибилитетот може да се оспори. Потребно ни е проверено судство и политичар за да се има доверба во развојот на процесот, рече Ахмети.

За една земја, како што посочи, многу се важни два пата, да се тргне по патот на случувањата и политичките процеси, стабилноста и безбедноста.

– Кои беа параметрите што требаше да се имплементираат за да се има трајна безбедност и стабилност? Тоа беше Охридскиот рамковен договор. Без негова имплементација и довршување сигурно ќе недостигаше безбедноста или ќе беше повредена стабилноста. Но, за безбедност и стабилност мораше да се затвори проблемот со грчката страна. Решението на овој проблем ја направи земјата членка на НАТО, рече Ахмети, додавајќи оти со влегувањето во Алијансата и со членството во ЕУ ќе се зголемат и странските инвестиции.

Во Србија продолжува парламентарна расправа, се чека гласање за новата влада

Српскиот парламент претпладнево ќе ја продолжи првата вонредна седница на која единствена точка на дневен ред е избор на Влада и давање заклетва на претседателот и членовите. 

Се очекува дискусијата да продолжи, по што пратениците треба да гласаат, јавија српските медиуми.

Продолжението на првата вонредна седница на Националното собрание во актуелното свикување е закажано за девет часот. На седницата, која почна вчера, излагање поднесе претставникот за состав на новата Влада Милош Вучевиќ.

Во тричасовното обраќање пред пратениците, меѓу другото, тој истакна дека владата што ја предлага ќе биде влада на континуитет во најголема мера, како и дека полноправното членство во ЕУ останува стратешки приоритет на Србија. Тој наведе и дека најголемиот предизвик на новиот кабинет ќе биде одбраната на суверенитетот, ќе се предложи задолжителен воен рок од четири месеци. Вучевиќ порача дека членовите на Владата мора да бидат тим, дека секогаш мора да бидат подготвени да ги штитат националните и виталните интереси на Србија, а неговото прво и единствено барање е несомнената лојалност кон татковината. На Собранието му предложи 31 член на кабинетот, меѓу кои има осум нови личности. /МИА

Земјотрес од четири степени во поширокото подрачје на Лос Анџелес

Земјотрес со јачина од 4,1 степени според Рихтер синоќа го погоди поширокото подрачје на Лос Анџелес, соопшти Сеизмолошкиот институт на САД.

Земјотресот се случил во областа Корона, во близина на Лос Анџелес, објави Фокс.

Земјотресот бил почувствуван во пошироката област, западно до Лос Анџелес, Лонг Бич, округот Оринџ и Санта Кларита./МИА

Колумбија најави прекин на дипломатските односи со Израел поради војната во Газа

Колумбискиот претседател Густаво Петро изјави синоќа дека ќе ги прекине дипломатските односи со Израел поради војната во Појасот Газа. 

Петро претходно го критикуваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и повика Колумбија да се приклучи на тужбата за геноцид на Јужна Африка против Израел пред Меѓународниот суд на правдата.

„Овде пред вас, владата на промени, претседателот на републиката, најавува дека утре ќе ги прекине дипломатските односи со државата Израел, затоа што има влада, затоа што има геноциден претседател“, нагласи синоќа Петро во Богота на собир по повод Меѓународниот ден на трудот. Светот не може да биде слеп пред настаните во Газа, нагласи тој. /МИА

притисни ентер