33- годишен мултимилионер бил на забава во ноќен клуб и по неколку часа починал

Мултимилионерот Вивек Чада од Лондон починал само два месеци откако се оженил со својата партнерка Стути Чада на раскошната церемонија, пишува Дејли Меил. Имал 33 години.

Вивек наводно починал во станот во центарот на Лондон во раните утрински часови во неделата, само неколку часа откако бил забележан на забава во ексклузивен ноќен клуб во Лондон.

„Нема зборови да се опише она што се случи. Во шок сум и се уште се обидувам да сфатам што ќе правам сега. Се венчавме само пред осум недели и беше прекрасно. Сега морам да се справам со губењето на љубовта на мојот живот. Запрепастена сум и срцето ми е скршено “, рекла Стути.

„Во тотален шок сме и рано е да кажеме нешто за Вивек и неговите достигнувања. Ќе дојде време кога ќе му оддадеме почит, но во моментов е рано. “, рекла неговата мајка Јасбир.

На Чади најверојатно ќе му биде извршена обдукција за да се утврди причината за смртта, иако блиски извори велат дека милионерот доживеал срцев удар.

Тајкунот имал блиски врски со високи членови на конзервативната партија, како Дејвид Камерон и Тереза ​​Меј, а раководел со мултимилионската компанија Nine Group, која поседува неколку луксузни хотели и пабови. Неодамна потпишал договор и со ланецот ресторани „Pizza Hut“.

Арсовска распиша оглас за нов договор со приватните превозници, нема промени во условите

Градоначалничката Данела Арсовска ќе склучи нов договор во траење од две години со приватните превозници во Скопје.

Огласот за доделување пакет линии и за давање на дозволи е објавен денеска во дневните весници и на сајтот на Град Скопје.

Досегашниот договор, склучен од ексградоначалникот Коце Трајановски со кој приватните превозници добиваат дел од линиите во јавниот превоз и по 1 евро за секој изминат километар, истекува на 31 декември.

Од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска велат дека огласот кој сега е објавен е според важечките законски прописи за јавен превоз и не е ништо поразличен од претходните услови кои требало да ги исполнуваат приватните превозници. Од таму се согласуваат дека и приватните превозници треба да го модернизираат возниот парк, но велат не можат одеднаш тоа да го бараат од нив.

Блокади и протести во повеќе од 50 градови во Србија

Иницијативата „тргни-промени“  и за денес најави блокада на патишта и мостови на десетина локации во Белград и во повеќе од 50 градови во Србија.

Протестите се организираат со барање за ослободување на сите уапсени во претходните протести, повлекување на законот за експропријација и измени на законот за референдум и народната иницијатива.

Централното место за блокадата во Белград е мостот Газела, како и минатата сабота. Блокада ќе се организира и во шабац, каде пред седум дена се случи инцидент на протест кога багер тргна кон граѓаните кои го блокираа сообраќајот.

За денеска министерот за внатрешни работи Александар Вулин дал дозвола на полицијата да „употреби сила“, но според досегашните информации нема посериозни инициденти на блокадаите кои започнаа пред околу еден час..

Владата ја донесе ревидираната Фискална стратегија за 2022-2024

Владата денеска на 124-тата седница ја донесе ревидираната Фискална стратегија на Република Македонија за 2022-2024 (со изгледи до 2026), како клучен инструмент за среднорочно буџетско планирање и при креирањето на среднорочната фискална рамка.

Владината прес-служба соопшти дека ревидирањето на Фискалната стратегија на Република Македонија за 2022-2026 година е во согласност со праксата на развиените земји и е неопходнo заради промените настанати во тековната 2021 година во однос на макроекономските и фискалните параметри.

– Подобрувањето на управувањето со јавни финансии, а со тоа и на Фискалната стратегија како еден од најважните стратешки документи на една влада е поставено меѓу клучните приоритети на Владата, а се базира на определбата за постигнување на фискална консолидација и одржливост на јавните финансии; на забрзан економски раст, на зголемен обем на реализација на јавните инвестиции, на подобреното буџетско планирање согласно меѓународни пракси, на зголемувањето на фискалниот капацитет и дисциплина на општините, како и на подобрената фискална транспарентност, соопшти Прес-службата на Владата.

Среднорочната фискална стратегија, се посочува во соопштението, e во согласност со среднорочните фискални цели и стратешките приоритети на Владата, како и на утврдените стратешки приоритети за 2022 година, како што се обезбедување забрзан и одржлив економски раст, повисок животен стандард и квалитет на живот на граѓаните; справување со последиците предизвикани од светската пандемија предизвикана од пандемијата со КОВИД-19; успешно водење на пристапните преговори со Европската Унија; развивање на одбранбена политика во функција на развојот, независноста, територијалниот интегритет, безбедноста на граѓаните и колективната безбедност; владеење на правото, независност на правосудството, доследна и неселективна борба против криминалот и корупцијата со широка и обврзувачка транспарентност; квалитетно образование достапно за сите, согласно побарувачката на пазарот на трудот, развој и унапредување на културата и спортот; модерна и ефикасна јавна администрација, базирана на дигитализација која обезбедува квалитетни и брзи услуги за граѓаните и деловните субјекти; целосно спроведување на Охридскиот рамковен договор, градење на граѓанска држава со етничка и социјална кохезија, врз принципите на меѓусебна толеранција и почитување; и заштита на животната средина, зелен развој, намалување на аерозагадувањето и влијанието на климатските промени.

На денешната седница Владата ја донесе и Ревидираната стратегија за управување со јавниот долг на Република Македонија за 2022-2024, со проекција до 2026 година, со која се утврдува висината на јавниот долг на среден рок, максималниот износ на нето задолжување во првата година во која се однесува стратегијата, максималниот износ на ново издадени државни гаранции во првата година за која се однесува стратегијата и структурата на државниот долг.

– Ревидирана стратегија за управување со јавен долг ѝ дава рамка на Владата на Република Македонија за дејствување во насока на прудентно управување со јавниот долг на државата на среден рок и финансирање на потребите на државата со најнизок можен трошок, на среден и долг рок, и со одржливо ниво на ризик, информира прес-службата на Владата. /МИА

притисни ентер