Токму поради тоа, зголемен е бројот на стручни лица кои се вклучуваат во давањето психосоцијална поддршка за учениците, нивните родители и наставниците по трагедијата во Кочани.
Ранливата состојба кај најмладите е очекувана, велат психолозите, додавајќи дека секојдневно ќе работат со нив, со цел побрзо заздравување.
Освен во Кочани и Штип, психолози работат на терен и во Виница, Чешиново Облешево и Пробиштип и нивната бројка е зголемена од 100 на 130, истакна министерата за образование, Јаневска.
Дополнително, кажа Јаневска, МОН ќе се посвети заедно со локалните самоуправи на одржувањето на безбедносните стандарди во училиштата низ целата територија.
Исто така, на сајтот на МОН има листа со телефонски контакти на 40 психолози, членови на Комората на психолози на Македонија, кои се постојано достапни за разговор, односно за психолошко советување. На листата се наоѓаат и наменски телефонски линии за прва психолошка помош на Црвениот крст кои се во функција 24/7.
Помош може да се побара и во центрите на Црвениот крст во секое време, како и во Центарот за ментално здравје во Кочани каде има претставници на Универзитетска клиника за психијатрија.