„Волстрит џурнал“: Трамп размислува за ограничен удар врз Иран поради нуклеарниот договор - Канал 5

„Волстрит џурнал“: Трамп размислува за ограничен удар врз Иран поради нуклеарниот договор

Доколку Иран не ги исполни барањата за прекин на нуклеарното збогатување, САД би можеле да почнат поширока кампања насочена кон објектите на режимот.

„Волстрит џурнал“: Трамп размислува за ограничен удар врз Иран поради нуклеарниот договор

Американскиот претседател Доналд Трамп размислува за ограничен воен удар врз Иран за да изврши притисок врз Техеран да ги прифати барањата на Вашингтон во врска со нуклеарниот договор, но нагласи дека сè уште претпочита дипломатско решение, објави „Волстрит џурнал“ повикувајќи се на извори.

Според извори запознаени со ова прашање, потенцијалниот почетен удар би бил насочен кон неколку воени или владини објекти и би можел да биде извршен во рок од неколку дена.

Доколку Иран не ги исполни барањата за прекин на нуклеарното збогатување, САД би можеле да почнат поширока кампања насочена кон објектите на режимот.

Трамп рече дека одлуката за понатамошни дејства би можела да се донесе „веројатно во следните 10 дена“, а подоцна им кажа на новинарите дека рокот е најмногу две недели велејќи дека САД „ќе склучат договор или ќе го добијат на еден или друг начин“.

Официјалните лица велат дека Трамп сè уште не одлучил за некаков вид напад и му се претставени опции, кои се движат од ограничен бран напади до поширока воена кампања.

Некои американски официјални лица и аналитичари предупредија дека ваквите потези би можеле да предизвикаат иранска одмазда и да ги вовлечат САД во поширок конфликт на Блискиот Исток.

Дипломатски, американските и иранските претставници се состанаа оваа недела на разговори.

САД бараат крај на нуклеарната програма на Техеран, ограничувања на неговата програма за балистички ракети и крај на поддршката на регионалните милитантни групи, а Иран негира дека се стреми кон нуклеарно оружје и отфрла сеопфатен договор.

Врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, се закани дека Техеран ќе одговори со максимална сила на секој напад на САД.

Во меѓувреме, САД продолжија да распоредуваат воени сили во регионот вклучувајќи борбени авиони „Ф-35“ и „Ф-22“, дополнителен носач на авиони, авиони за електронско војување, авиони за команда и контрола и системи за воздушна одбрана.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

МФ: Усвоена нова Стратегија за борба против измами и заштита на финансиските интереси на ЕУ во земјава

Усвоена нова Стратегија за борба против измами и заштита на финансиските интереси  на ЕУ во земјава – се зајакнува законската, институционалната и оперативната рамка за откривање и борба против измами во користењето на ЕУ фондовите.

МФ: Усвоена нова Стратегија за борба против измами и заштита на финансиските интереси  на ЕУ во земјава

Владата на последната седница ја усвои Стратегијата за борба против измами и заштита на финансиските интереси на ЕУ во земјава за период 2026-2030 година.

Стратегијата е подготвена согласно преземените обврски во однос на Националната програма за усвојување на правото на ЕУ (НПАА) во рамки на Поглавјето 32 - Финансиска контрола, кое опфаќа: јавна внатрешна финансиска контрола, надворешна ревизија, заштита на финансиските интереси на ЕУ и заштита на еврото од фалсификување и има за цел да придонесе за подобрување на дисциплината и транспарентноста во користењето на јавните средства (национални средства и средства од ЕУ), но и за обезбедување заштита на финансиските интереси на ЕУ во РСМ.

Стратегијата е подготвена по партиципативен пристап на Oдделение за координација на борба против измами на ЕУ средствата (АФКОС одделението) при Министерството за финансии со вклучување на сите засегнати страни и меѓусекторска координација и соработка со институциите кои се дел од Институционална мрежа за заштита на финансиските интереси на ЕУ во земјата (АФКОС мрежата), органите и структурите во системот за управување и контрола со средствата од Европската Унија и Европска канцеларија за борба против измами (ОЛАФ).

Стратегијата за борба против измами и заштита на финансиските интереси на Европската унија во РС Македонија 2026-2030 година значи спроведување реформа во приоритетните области кои се однесуваат на превенција од неправилности и измами, откривање на неправилности и случаи на сомнежи за измами, истрага и гонење на измами и поврат на средства и санкции. Преку спроведување на Стратегијата се очекува зајакнување на превенцијата од неправилности и измами и воспоставување ефективни и сразмерни мерки против измами, подобрување на алатките и техниките за откривање на неправилности и измами, обезбедување навремена истрага и соодветен третман на пријавените случаи на сомнежи за измами, како и зајакнување на капацитетот за обезбедување сразмерни и одвраќачки казни, соодветни финансиски корекции и дестимулирање во случај на неправилности и измами.

Националната стратегија за борба против измами го промовира мотото „нулта толеранција за измама“ при спроведување на програмите на ЕУ. Националната стратегија за борба против измама првпат е донесена во 2019 година со цел подобрување на законската, институционалната и оперативната рамка во превенцијата, откривањето и борбата против неправилностите и измамите при имплементацијата на ЕУ фондовите.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Бугарија ја напушти коалицијата за помош на Украина

Бугарија се повлекува од коалицијата на земји кои ѝ даваат поддршка на Украина во одбрана од руската агресија, објави претседателот Румен Радев.

Бугарија ја напушти коалицијата за помош на Украина

Иако учествуваше на претходните состаноци, Бугарија вчера не испрати свој претставник на состанокот на коалицијата во Париз.

„Ние не учествуваме во коалиција која инсистира на продолжување на финансиската и воената помош за Украина“, изјави Радев денес за новинарите. „Решението за овој конфликт не лежи во неговото продолжување со воени средства, туку во силна дипломатска мисија која конечно ќе ја запре ескалацијата“, додаде тој.

Радев уште минатата година изјави дека Европската унија нема своја визија за крај на војната во Украина, нагласувајќи ја неможноста на Европа да издејствува дипломатски мир во Украина, туку уништувањето на земјата продолжува со уште поголем број жртви.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Еко свест: Граѓанските енергетски заедници стануваат реалност со новиот Закон за обновливи извори на енергија

Новиот Закон за користење на енергијата од обновливи извори (објавен во Службен весник бр. 146/2026) воспоставува правна рамка за системот на производство, користење и поттикнување на обновливите извори на енергија (ОИЕ) во Македонија.

Еко свест: Граѓанските енергетски заедници стануваат реалност со новиот Закон за обновливи извори на енергија

Основната цел на законот е намалување на увозната зависност, подобрување на сигурноста во снабдувањето и исполнување на климатските цели, преку поттикнување на граѓаните и компаниите да произведуваат енергија за сопствени потреби.

Со ова, за првпат се овозможува граѓаните, локалните власти и малите претпријатија заеднички да инвестираат во производство, користење и споделување на зелена енергија, т.е. енергија добиена од обновливи нефосилни извори. Според законот, енергетскатазаедница може: да произведува, складира, користи и продава електрична енергија; да ја распределува произведената енергија меѓу своите членови согласно меѓусебни договори; самостојно или преку агрегатор да учествува на пазарот на енергија; да стекне статус на повластен производител и да користи мерки за поддршка. При тоа, примарната цел на заедниците мора да биде обезбедување еколошки, економски и социјални придобивки за членовите и локалната заедница, а не остварување профит.

Новиот закон ја дефинира енергетската заедница („заедница на обновливи извори на енергија“) како „правно лице основано согласно Законот за задругите, на доброволна основа и отворено учество, самостојно и независно, заеднички поседувано и контролирано од страна на основачите и/или членовите, со живеалиште, престојувалиште или седиште, во географско подрачје во близина на енергетскиот објект за производство на енергија кој е во сопственост или изграден од правното лице.“

Концептот овозможува широко локално учество и членство во енергетските заедници каде членови можат да бидат: физички лица (граѓани), единици на локалната самоуправа, микро, мали и средни претпријатија и јавни установи. Исто така, постои можност за различни комбинации на здружување: општина и група граѓани, станбени заедници (згради), граѓани и мали локални компании, или целосно приватни иницијативи без учество на локалната самоуправа.

Општините можат да бидат клучни двигатели преку заеднички инвестиции во фотоволтаични системи на јавни објекти, училишта или соларни системи за централно греење и ладење.

Иако законот ја поставува правната основа и ги дефинира правата на заедниците, тој не содржи детална процедура (чекор-по-чекор) за нивно основање. Во самиот закон сè уште не се прецизирани тмоделите за распределба и методологијата за пресметка на уделите меѓу членовите, ниту пак административната постапка за регистрација и приклучување. Овие прашања треба да се доуредат со подзаконски акти и прописи на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Регулаторната комисија за енергетика и операторот на дистрибутивниот систем.

„Ја поддржавме месната заедница во Белица со инсталација на фотоволтаични панели на едукативниот центар за развој во Белица. Нашите неодамнешни истражувања на перцепциите и ставовите на населението во општините Новаци и Вевчани за енергетските задруги се позитивни, при што главни мотиватори се еколошките и економските придобивки.

Како клучни фактори при одлуката за основање или пристапување кон енергетска задруга се висината на почетната инвестиција и трошоците, поддршката од државата и општината и очекуваната финансиска корист. Главни пречки за граѓанско учество се финансиските ограничувања, недовербата, недостигот на информации и недоволната институционална поддршка од општините“ – изјави Жарко Конески, Програмски координатор за енергија од Еко-свест.

Во својата работа, Еко-свест се залага за енергетски сектор кој е целосно заснован на децентрализирано одржливо користење на обновливи извори на енергија, со минимално негативно влијание врз животната средина и јавното здравје. Во овој систем граѓаните имаат можност слободно да учествуваат во производството на енергија од обновливи извори и слободно да се здружуваат за производство на енергија.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер