„Трчаме со срце“ - 290 тркачи, едно срце и една повисока цел - Канал 5

„Трчаме со срце“ - 290 тркачи, едно срце и една повисока цел

Градскиот парк во Скопје на 19 септември пулсираше во ритамот на хуманоста, дружењето и спортскиот дух.

„Трчаме со срце“ - 290 тркачи, едно срце и една повисока цел

На јубилејната СОС Хуманитарна трка powered by IT4Charity, 290 тркачи застанаа на стартната линија со една заедничка цел – да трчаат со срце и да дадат свој придонес за децата и младите на кои им е потребна поддршка.

По повод 25 години СОС Детско село, годинешната трка под мотото „Трчаме со срце“ за првпат ги обедини не само компаниите од ИТ-заедницата, туку и индивидуални тркачи. На патеката долга четири километри и во форма на срце трчаа 160 тимски тркачи од 21 ИТ компанија и 130 индивидуални учесници.

Но, трката беше многу повеќе од трчање.

Од раните утрински часови, Градскиот парк беше исполнет со позитивна енергија, поддршка и насмевки. Тркачите се бодреа едни со други, семејствата и пријателите навиваа, а целата атмосфера потсетуваше дека кога се обединуваме околу добра цел, резултатот е многу поголем од кој било пласман.

Посебно место на настанот имаше Детското катче, кое беше исполнето со најмладите посетители. Тие цртаа, твореа и оставаа свои пораки и на тој начин дадоа свој белег на оваа хумана приказна.

Големо внимание привлече и донаторското катче „Мече на грижа“, каде што посетителите донираа и добиваа брендирано СОС меченце. Ова катче стана едно од најпосетените места на настанот и уште еден убав пример дека понекогаш и едно мало добро дело може да носи голема порака.

Сите кои беа дел од трката имаа своја причина да трчаат, но заедничко им беше тоа што дојдоа со срце. Некои трчаа со своите тимови, некои со своите семејства и пријатели, а сите за една повисока цел – ниту едно дете да не расте само.

„Кога ја замислувавме оваа трка во годината во која одбележуваме 25 години, сакавме околу една иста цел да сплотиме што повеќе луѓе. Благодарение на ИТ-компаниите кои повторно застанаа зад нас и на сите индивидуални учесници кои годинава ни се приклучија, на стартот видовме голем број хумани луѓе кои покажаа дека грижата за децата не е само наша мисија, туку нешто околу кое можеме да се обединиме како заедница“, велат од СОС Детско село Македонија.

СОС Хуманитарната трка powered by IT4Charity оваа година е дел од низата настани со кои се одбележуваат 25 години СОС Детско село - 25 години посветени на создавање сигурна и поддржувачка средина за децата и младите и на зајакнување на семејствата кои се соочуваат со сериозни животни предизвици.

Преку своите програми, СОС Детско село Македонија досега има поддржано повеќе од 6.090 деца, млади, згрижувачи и семејства. За некого таа поддршка значела сигурна грижа кога не можел да расте со своите родители, за друго семејство - помош да остане заедно, а за млад човек – поддршка на патот кон самостоен живот.

И токму затоа, на 19 септември не се трчаше само по патеката во Градскиот парк.

Се трчаше за секое дете да има некого покрај себе. Се трчаше за грижа, сигурност и можност за подобра иднина. Се трчаше со срце!

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Мицкоски ќе се обрати во ООН во петок, денеска учествуваше на Самит на мултилатеризмот

Македонија останува на европскиот пат, но евроинтеграцијата не смее да се претвори во процес за менување на македонскиот идентитет, порача премиерот Христијан Мицкоски на самитот „Конкордија“ во Њујорк. 

Мицкоски ќе се обрати во ООН во петок, денеска учествуваше на Самит на мултилатеризмот

На панел дискусија со грузиската заменик премиерка Мака Ботчоришвили, Мицкоски се осврна на долгогодишниот пат на земјава кон ЕУ, исполнет со, како што рече, многу отстапки од една и вештачки пречки од друга страна. Сепак, премиерот нагласува дека се бараат начини за излез од ќорсокакот и оти додека земјава е во чекалната паралелно ги исполнува обврските, се гради и развива.

-Ние го започнавме нашето патување пред речиси две и пол децении. За жал, поради некои вештачки причини и вештачки ограничувања, не успеавме да станеме дел од ЕУ. Веројатно еден ден ќе го постигнеме овој значаен чекор. Во меѓувреме, фрустрацијата кај македонските граѓани е огромна, бидејќи во минатото направивме премногу отстапки во тоа име, за да бидеме дел од ЕУ. Го сменивме државното знаме, го сменивме Уставот неколку пати, дури го сменивме и уставното име, и сето тоа ни изгледа како приказна без крај. Но, како и да е, ние веруваме во европските вредности и ќе продолжиме така, за конечно да најдеме излез од оваа заклучена ситуација.

Мицкоски во обраќањето алармираше дека некои земји членки се обидуваат да го променат македонскиот идентитет, наместо да ги трансформираат македонските инстутиции преку преговарачкиот процес. Тој го посочи неформалниот француско-германски документ презентиран неодамна во Тиват, како позитивен сигнал што би можел да стане официјална политика на ЕУ, но за можниот исход останува воздржан.

-За нас, за мојата генерација, преговорите со ЕУ беа еден вид начин да се променат институциите — не да се промени идентитетот. За жал, има некои земји членки коишто се обидуваат да решат некои билатерални прашања и не да ги променат нашите институции, туку да го променат нашиот идентитет. И ние сме жртва на еден вид малтретирање: или сте внатре или сте надвор, а ако сакате внатре, мора да го проголтате она што го бараме од вас. Но, како и да е, тоа е опцијата и нема подобра опција за мојата земја, изјави Мицкоски.

Непосредно пред почетокот на денешната дебата на Генералното Собрание на ОН, премиерот Мицкоски и министерот Муцунски со останатите лидери учествуваа на Самитот „Партнери за мултилатеризам“, настан кој ги обединува претставниците на државите од целиот свет. „Со гордост ја претставуваме Македонија на местото каде што се носат важни одлуки за светот и каде што се градат партнерства засновани на почит, дијалог и заеднички интереси“, објави премиерот на социјалните мрежи. Мицкоски пред Генералното Собрание ќе се обрати в петок доцна попладне по македонско време.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Гаши: Поддршката за глувите и наглуви лица не треба да се гледа како прашање што и припаѓа само на една заедница

Обраќање на претседателот на Собранието Африм Гаши по повод Меѓународниот ден на знаковните јазици.

Гаши: Поддршката за глувите и наглуви лица не треба да се гледа како прашање што и припаѓа само на една заедница

„Почитувани претставници на Националниот сојуз на глуви и наглуви лица,

Почитувани пратеници,

Почитувани претставници на институциите,

Драги пријатели,

Особено ми е драго што денес, во пресрет на Меѓународниот ден на знаковниот јазик, се собравме овде, во Собранието на Република Северна Македонија – домот на сите граѓани.

Знаковниот јазик не е само начин на комуникација. Тој е јазик на идентитетот, достоинството, еднаквоста и учеството.

Но, овој ден добива значење само тогаш кога ни дава простор да размислиме за она што сè уште недостасува, да застанеме и да видиме каде се наоѓаме како општество и како институции. Овој ден е момент да се слушнеме едни со други и да размислиме за едно важно прашање: што можеме да направиме повеќе за никој да не се чувствува исклучен од институциите.

Затоа сме заедно овде, со уверување и верба дека од оваа сала ќе излеземе со повеќе идеи за подобри решенија.

Поддршката за глувите и наглуви лица не треба да се гледа како прашање што и припаѓа само на една заедница. Тоа е прашање на општество кое сака да биде праведно и инклузивно.

Во таа насока, дозволете ми да истакнам дека во изминатите години направени се значајни чекори во признавањето и користењето на знаковниот јазик, во развојот на услугите за толкување, во пристапот до образование и во поголемото вклучување на глувите и наглувите лица.

И Собранието даде свој придонес, започнувајќи ја промената од самата институција и поддржувајќи ја преку својата законодавна улога.

Од 2023 година, во Собранието се организираат курсеви за изучување на знаковниот јазик за пратениците и собраниската служба. Тоа е навидум мал чекор, но со голема порака: ако сакаме институциите да бидат подостапни, тогаш треба да започнеме со тоа што ќе научиме да комуницираме едни со други.

Исто така, Собранието создаде простор за соработка со здруженијата на глувите лица, поддржа активности кои го приближуваат знаковниот јазик до институционалниот живот и вложи напори вашите искуства и барања да бидат дел од нашите дискусии.

Но, како што истакнав на почетокот, не би сакал денес да зборуваме само за она што е направено. Затоа што знаеме дека правото напишано во закон треба да се претвори во реална можност во секојдневниот живот.

Не е доволно да кажеме дека сме создале механизми. Треба да видиме дали тие функционираат. Не е доволно да кажеме дека институциите се отворени. Треба да се осигуриме дека граѓаните можат да ги користат без бариери.

Затоа особено важно го сметам вашето барање оваа средба да не остане само свечена средба, туку да послужи како почеток на поструктурирана институционална и професионална соработка.

Особено во однос на развојот, стандардизацијата и пошироката употреба на знаковниот јазик, сметам дека потребен ни е континуиран дијалог, во кој институциите, експертите и самата заедница ќе работат заедно.

Вие најдобро од сите знаете каде се пречките и кои се решенијата што можат да функционираат. И овде сакам да кажам нешто што за мене е многу важно: вие не барате привилегија. Барате еднакви можности за комуникација, за добивање информации, за учество и за да бидете слушнати.

Токму затоа сметам дека треба сè повеќе да преминуваме од пристап во кој зборуваме за глувите лица, кон пристап во кој соработуваме и дејствуваме заедно со нив. Затоа што никој не може подобро да ги дефинира потребите на една заедница од самите луѓе кои секојдневно ги доживуваат тие потреби.

Почитувани,

Во мое име и во име на моите колеги пратеници и на Собранието како институција, искрено ве уверувам дека секогаш сме подготвени за соработка, за поддршка и за да ги слушнеме вашите барања.

Верувам дека многу работи можат да се променат кога институциите и граѓаните не стојат едни спроти други, туку седнуваат на иста маса, како денес, и работат заедно. Затоа, оваа средба ја гледам како почеток на уште поредовна и подиректна комуникација.

Собранието е дом на сите граѓани и неговата врата треба да биде отворена во секоја форма и за глувите и наглувите лица.

На крај, дозволете ми да ви честитам вам, како Национален сојуз на глуви и наглуви лица, за вашата работа и секојдневниот ангажман за унапредување на правата и условите на оваа категорија граѓани во нашето општество.

Вие сте инспиративен пример за она што може да се изгради кога постојат љубов, посветеност и меѓусебна почит.

Затоа, со целосна увереност велам дека пораката на овој ден е онаа што треба да ни служи како водилка:

Не ни се потребни зборови и глас, кога срцата и мислите зборуваат на ист јазик.

Ви благодарам за довербата, за соработката и за сè што правите секој ден за збогатување на нашето општество.

Сега е редот да ве слушнеме вас и заедно да разговараме за она што можеме да го направиме понатаму.

Честит 23 Септември – Меѓународниот ден на знаковниот јазик!

Ви благодарам!“- изјави Гаши.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ВМРО-ДПМНЕ: СДС и Филипче да се извинат за седумте изгубени години во земјоделието

​СДС нуди предлози со кои дополнително би се осакатиле македонските земјоделци. 

ВМРО-ДПМНЕ: СДС и Филипче да се извинат за седумте изгубени години во земјоделието

Наместо измислени предлози и политички лекции, СДС и Венко Филипче прво треба да застанат пред земјоделците и да им се извинат за она што го направија во седумте години власт.

Да се извинат што седум години го уназадуваа македонското земјоделство.

Да се извинат што оставаа неисплатени субвенции и долгови кон земјоделците, пари кои оваа Влада мораше да ги исплаќа и да ги расчистува.

Да се извинат што ги крадеа земјоделците.

Да се извинат и за економските политики со кои дополнително го оптоваруваа стопанството, меѓу кои и солидарниот данок што го воведоа. Наместо денес да глумат загрижени за земјоделците и за стандардот на граѓаните, треба да одговорат за сопствените одлуки додека беа на власт.

А Венко Филипче, треба да даде одговори и за случајот со набавката на кинеските вакцини и за јавно објавените сомнежи и обвинувања поврзани со посредници и провизии. Наместо денес да дели лекции, јавноста заслужува прецизни одговори за постапките и одлуките од тој период.

И конечно, наместо СДС денес да кажува како требало да се води земјоделието, нека погледне што покажуваат резултатите.

2024 и 2025 година се години на силен раст на извозот на земјоделски производи, со резултати што се издвојуваат во споредба со извозните остварувања во изминатите 15 години. Во 2025 година извозот на земјоделски производи достигна 416,7 милиони евра, односно околу 85 милиони евра повеќе од 2024 година.

Тоа се бројки. Тоа се резултати.

СДС прво нека се извини за седумте изгубени години во земјоделието, за неисплатените субвенции и за политиките со кои го оптоваруваше стопанството, а потоа нека им дели совети на земјоделците. Земјоделците не живеат од соопштенија – живеат од својот труд, од сигурен пласман, од навремена поддршка и од резултати.

ВМРО-ДПМНЕ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер