Бенџамин Шевера (4) изгледал исплашено и гладно во видеото од јули 2021 година, кое беше прикажано на судењето за злоупотреба на деца на неговиот татко Брендон Шевера.
„Тато, тато, може ли да ми дадеш малку леб“, се слуша како вели момчето.
Момчето, познато како Бенџи, починало неполн месец подоцна, тешко само 12 килограми, пишува „Дејли мејл“. Се вели дека семејството го принудило да пие средство за дезинфекција на раце и да јаде трошки од леб од подот во семејната бања без да ги користи рацете.
На видеото, објавено од КСАТ, се слушаат неговиот татко и маќеата Миранда како ги убедуваат полицајците дека момчето се повредило.
„Ми ги стави прстите во моите очи и во увото“, е снимен Брендон Шевера како ѝ кажува на полицијата.
Во клипот се појавува и Миранда, која претходно оваа година е осудена на 25 години затвор поради злоупотреба на Бенџи.
На некои видеа се гледа како момчето ноќе се обидува да најде храна во фрижидерот, додека на друго видео момчето е жестоко претепувано.
„Има проблеми со однесувањето. Станува навечер и оди во кујна и јаде“, вели маќеата.
Се гледа и газа залепена на едно од ушите на Бенџи. Застрашувачки, момчето било снимено како постојано бара храна од својот татко, а потоа е одбиено.
Бенџи бил единствениот член од неговото семејство кој немал кревет. Го натерале да спие на душек со ќебе натопено во урина.
Момчето било заклучено во својата соба, а фрижидерот и кујнските кабинети во домот исто така биле заклучени за да го спречат да зема храна, објави Сан Антонио-Експрес Њуз.
Само 25 дена подоцна момчето било мртво, два месеци пред неговиот петти роденден. Полицијата и социјалните служби се соочуваат со прашања зошто Бенџи бил оставен да умре.
Брендон Шевера негира дека го повредил детето и се соочува со доживотна затворска казна доколку биде осуден.