СПАК почна истрага за градоначалникот на Тирана и неговото семејство - Канал 5

СПАК почна истрага за градоначалникот на Тирана и неговото семејство

Албанското Специјално обвинителство против организиран криминал и корупција, СПАК, започна истрага, по анонимна пријава, но со детални информации за градоначалникот на Тирана, Ерјон Велиај и членовите на неговото семејство, објави Ора њуз.

 СПАК почна истрага за градоначалникот на Тирана и неговото семејство

-Пријавата пристигнала до СПАК од засега неидентификувани анонимни лица, но содржи детални информации за економската активност на Ерјон Велиај, неговата сопруга Ајола, брат му Арбр Велиај, мајка му Шќипоња Велиај, родителите на Ајола, како и неговите соработници во Градското собрание на Тирана. Во пријавата се наведени сомнителни банкарски трансакции внатре и надвор од државата, инвестиции во недвижности во Тирана и слично, наведува телевизијата.

Предметниот случај го истражува обвинителот Олси Дадо, кој претходно го водеше досието добиено од Валона за градоначалникот на општина Химара, Јорго Горо, кој потоа, на 23 март годинава беше уапсен.

Веќе се испратени дописи до сите банки од второ ниво во земјата, Националниот деловен центар, Генералната дирекција за даноци, Државната агенција за катастар, Канцеларијата на Декларација за имот и Комората на национални нотари на Албанија.

Според истиот извор некои од централните канцеларии на банките во Тирана веќе испратиле детални информации за семејството Велиај, дополнително и за трите компании со кои управува неговата сопруга и нејзината мајка.

-Истрагата сега е во почетна фаза на прибирање докази. Градоначалникот Велиај, пред извесно време беше повикан во СПАК како лице кое имало сознанија за сомнителни дејствијата

поврзани со инсинераторот за согорување отпад во Тирана. Истрага за неговата имотна состојба е прва и единствена истрага што до сега е отворена против првиот човек на главниот град, констатира Ора њуз.

Со барање за негова оставка, пред градското собрание и денеска ќе се одржи протест свикан од опозицијата, што ќе биде 11. по ред.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

СДСМ: ВМРО-ОКГ врти стара плоча дека наследиле деценски долг а за две години направија нов долг од 4 милијарди евра

ВМРО-ОКГ повторно ја врти истата плоча - тврди дека наследиле долг од изминатите 35 години.

СДСМ: ВМРО-ОКГ врти стара плоча дека наследиле деценски долг а за две години направија нов долг од 4 милијарди евра

А што направија тие за две години?

За само две години Владата на Мицкоски направи околу 4 милијарди евра нов долг.

Тоа е темпо што никој во 35 години независност не го постигнал.

Касата е празна. Се задолжуваат секоја недела.

Каматите скокнаа од 120 на 350 милиони евра годишно.

Парите одат во криминални партиски тендери а не во плати и пензии, не одат кај земјоделците или за стандардот на граѓаните.

ВМРО-ОКГ беше на власт речиси половина од тие 35 години, од Георгиевски, преку 11-те години на Груевски, до Мицкоски денес.

И тие земаа кредити. И тие создаваа обврски.

Сега се прават како да е сè „наследено“ и како да немаат никаква одговорност за новото задолжување.

Бројките за некаков раст не ги полнат фрижидерите.

Граѓаните најдобро ја гледаат вистината во своите паричници, во сметките и во идните обврски што ќе ги плаќаат нивните деца и унуци.

СДСМ земаше кредити за да им даде на граѓаните пари во време на најголема криза, после ковид пандемијата и светската економска криза.

Разликата е јасна:

* 8 милијарди евра долг - тоа е вкупниот долг што го создадоа сите претходни влади, во изминатите децении.

* Мицкоски создаде 4 милијарди евра нов долг за само две години, без конкретни резултати за народот.

Оваа организирана криминална група нема граници.

Ниту во задолжувањето, ниту во префрлањето на одговорноста.

СДСМ ќе продолжи да ги бара одговорите: каде одат парите од новите кредити, зошто касата е празна и до кога ќе се задолжуваат генерациите.

СДСМ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Македонија првпат за светската титула во неаполска пица: Горан Мишевски на Светското првенство на AVPN

Македонија за првпат ќе се бори за светската титула во автентична неаполска пица – главниот пицајоло на Matto Napoletano, Горан Мишевски, ќе настапи на Светското првенство на AVPN.

Македонија првпат за светската титула во неаполска пица: Горан Мишевски на Светското првенство на AVPN

Скопје, септември 2026 – Македонија за првпат ќе има свој претставник на „Vera Pizza Napoletana Champion 2026“, првото Светско првенство организирано од Associazione Verace Pizza Napoletana (AVPN) – најавторитетната светска асоцијација за автентична неаполска пица.

Македонија ќе ја претставува Горан Мишевски, главен пицајоло на Matto Napoletano, кој на 16 и 17 септември во Неапол ќе се натпреварува со 336 AVPN пицајоли од 45 држави и пет континенти во борба за титулата „Vera Pizza Napoletana Champion“.

Зоран Васиљевиќ, еден од сопствениците на Matto Napoletano, и Горан Мишевски, главен пицајоло на Matto Napoletano, со официјалниот AVPN сертификат и ознаката „Vera Pizza Napoletana“.

До финалето се стигна по четиригодишен меѓународен квалификациски циклус на AVPN, спроведен на пет континенти, во кој право на настап обезбедија само најуспешните пицајоли.

Основана во Неапол во 1984 година, AVPN е глобален авторитет за автентичната неаполска пица и еден од иницијаторите за впишување на уметноста на неаполскиот пицајоло на Репрезентативната листа на нематеријално културно наследство на УНЕСКО.

Финалето ќе се одржи во Mostra d’Oltremare во Неапол, каде ќе биде крунисан првиот носител на титулата „Vera Pizza Napoletana Champion“, а на едно место ќе се собере светската елита на AVPN пицајолите.

Пред почетокот на шампионатот, на 15 септември, делегацијата на Matto Napoletano, составена од сопствениците Зоран Васиљевиќ и Дане Кузмановски, како и главниот пицајоло Горан Мишевски, ќе присуствува на свечената церемонија 50 Top Pizza World 2026, на која ќе биде објавена листата на 100-те најдобри пицерии во светот. По овогодишниот пласман на 19. место на престижната листа 50 Top Pizza Europe 2026, Matto Napoletano повторно ќе биде дел од најпрестижниот светски собир на пица индустријата.

Тимот на Matto Napoletano, предводен од главниот пицајоло Горан Мишевски, го одбележува добивањето на сертификатот „Vera Pizza Napoletana“.

„Да се биде дел од првото Светско првенство организирано од AVPN е сон за секој пицајоло. За мене ова е огромна чест, но и голема одговорност. Горд сум што ќе ја претставувам Македонија на ваков престижен натпревар, а воедно ќе бидам дел и од најзначајната светска церемонија во пица индустријата – 50 Top Pizza World 2026. Ќе го дадам својот максимум достоинствено да ги претставам мојата земја и тимот на Matto Napoletano.“

– Горан Мишевски, главен пицајоло на Matto Napoletano

Горан Мишевски, главен пицајоло на Matto Napoletano, со една од автентичните неаполски пици подготвени според AVPN стандардите.

Настапот на Горан Мишевски на Светското првенство и присуството на Matto Napoletano на церемонијата 50 Top Pizza World 2026 претставуваат значаен момент за македонската гастрономија и потврда дека Македонија денес има свое место на светската сцена на автентичната неаполска пица.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Силјан: Македонскиот јазик не е доказ што одново го поднесуваме пред туѓ суд

Примајќи го Орденот „8 Септември“, основачот на „Матица македонска“ порача дека секоја добра книга на македонски јазик е траен чин на суверенитет, а слободата се носи како одговорност.

Силјан: Македонскиот јазик не е доказ што одново го поднесуваме пред туѓ суд

„Македонскиот јазик не е доказ што одново го поднесуваме пред туѓ суд. Тој е нашата куќа во времето: во него зборуваат предците, се огледува совеста на живите и се именува иднината на децата“, порача Раде Силјан во словото по повод примањето на Орденот „8 Септември“, на свеченоста по повод Денот на независноста.

Силјан нагласи дека одликувањето го прима и како признание дека македонското слово учествува во градењето на државата. „Таквата чест не ме издига над другите – ме задолжува пред нив. Песната, критиката и издаваштвото за мене се една служба: словото да се создава, да се промислува и да стигне до читателот“, рече тој.

„Самостојноста и независноста имаат датум. Слободата има секојдневје. Совеста е нејзината мера“, порача Силјан, потсетувајќи дека изборот од 8 септември 1991 година не почнал од празна страница, туку во него се слеале Климентовото слово и Охридската книжевна школа, народната песна и преродбенската книга, илинденскиот непокор и државотворноста на АСНОМ.

Во средиштето на словото беше македонскиот јазик како простор на паметењето, одговорноста и иднината. „Не бара другите јазици да замолкнат. Бара ние да не замолкнеме во него. Јазикот се чува секој ден – во домот, училиштето, науката, театарот, книгата и чесниот јавен збор“, нагласи Силјан.

Тој ја определи книгата како разговор меѓу времињата, а културата како суштинска самосвест на државата. „Без култура, државата може да функционира, но не знае зошто трае. Поетот не е украс на државата. Тој е немир во нејзината совест“, рече Силјан.

Во делот посветен на издаваштвото, Силјан потсети дека петнаесет дена пред референдумот ја основал „Матица македонска“. „Така одговорив на прашањето што може поетот да стори за својата земја: да напише песна и да изгради дом за книгите на другите. Ако песната е мојот глас, ‘Матица македонска’ е мојата грижа да не замолкнат и другите македонски гласови. Секоја добра книга на македонски јазик е тивок, но траен чин на суверенитет“, порача тој.

Говорејќи за јавната одговорност, Силјан нагласи дека суверенитетот не е само право да одлучуваме сами, туку зрелост да владееме со себе. „На избори се добива мандат – не тапија на татковината. Ниту една партија, власт или генерација не е сопственик на Македонија. Ние сме нејзини привремени чувари меѓу оние што ја сонувале и оние што ќе ја наследат“, рече тој.

Во завршниот дел, Силјан го постави прашањето за иднината на младите како една од најтешките мерки на денешната државност. „Држава од која заминуваат децата останува без идно време. На оние што треба да останат по нас не им должиме само историја со која ќе се гордеат. Им должиме сегашност од која нема да мораат да заминат и иднина што ќе сакаат да ја живеат тука“, порача Силјан.

Словото го заврши со пораката: „Орденот се носи на градите. Слободата се носи како одговорност.“

За сите што денес ја продолжуваат работата на „Матица македонска“, одликувањето на нејзиниот основач е момент на искрена радост и гордост, но и потврда на обврската со која издавачката куќа започна пред триесет и пет години – македонското слово да се создава, да се вреднува и да стигнува до читателите.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер