„Силјан Штркот шанца“ - премиера на Македонскиот народен театар - Канал 5

„Силјан Штркот шанца“ - премиера на Македонскиот народен театар

Претставата „Силјан Штркот шанца“ по текст на Дејан Дуковски и во режија на Срѓан Јаниќијевиќ вечер премиерно ќе биде изведена на малата сцена во Македонскиот народен театар. Со оваа претстава МНТ воведува лектирен театар со мото „Театар за секое дете“. Но, иако е работена по мотиви од лектира за основно образование („Силјан Штркот“ на Марко Цепенков), најавена е како претстава и за возрасни, не само за деца и младинци.

„Силјан Штркот шанца“ - премиера на Македонскиот народен театар
Режисерот Јаниќијевиќ на прес-конференција рече дека текстот на Дуковски постојано го имал во глава, уште од праизведбата во 1991 година од српскиот режисер Драгољуб Тодоровиќ кому тој тогаш му бил асистент.

- Затоа што ми е многу важен и, би рекол, донекаде е автобиографски. Затоа што „Силјан Штркот“ е македонска верзија на „Петар Пан“. Има многу конотации коишто мене многу ми значат, рече Јаниќијевиќ, задоволен од процесот на подготовката и од соработката со актерите поради што, како што рече, направил претстава на синергија.

Режисерот го појасни и зборот шанца, кој авторот Дуковски во својот текст го додал на оригиналниот наслов на познатата македонска приказна: - Шанца на штрковски значи танцува. Силјан Штркот танцува - тоа е преводот, додаде Јаниќијевиќ.

Насловниот лик го толкува Александар Михајловски кој првпат игра главна, како што рече, голема улога. - Светот на Силјан е магичен, волшебен, прекрасен, но и многу суров. Мислам дека е многу сличен на светот во кој живееме денес - прекрасен свет кој знае да биде и многу суров, рече Михајловски на прес-конференцијата по повод премиерата.

Покрај него, во актерската екипа се и: Нино Леви, Марија Новак (во алтернација со Магдалена Ризова), Ивица Димитријевиќ, Нина Деан, Александар Ѓорѓиевски (во алтернација со Славиша Кајевски), Висар Вишка, Кире Ѓоревски, Ана Стојановска, Тина Трпковска и Никола Ацески.

Сценографијата и костимографијата се на Илина Ангеловска која за изведбата рече дека е помеѓу претстава за деца и кабаре, со минимална модерна естетика и со реквизити преку кои е зачуван македонскиот фолклор. Кореограф е Александра Кочовска-Начева, а во функција на приказната е и музиката во живо за која е задолжен наменскиот бенд за оваа претстава - инструменталниот тим „Погани штркови“ и вокалниот - „Кокошките од пеколот“.

Уметничкиот директор на МНТ Тони Михајловски рече дека намерите во иднина им се да црпат од лектирите кои се обработуваат во основните и во средните училишта бидејќи децата, како што рече, се неисцрпен извор за публика.

- Ова не значи дека му се мешаме во работата на Театарот за деца и младинци, туку се она што не може да се покрие со еден театар, МНТ се обидува да го направи со ова. Препорачливо е сите театри во својот град да се обидат да го направат затоа што децата се онаа публика што треба да се искали за да се научи на театар, уметност, размислување, на поинаков свет. Доволно ќе биде барем 30 отсто од децата што ќе бидат опфатени со тој проект да останат верни на театарот и уметноста, тоа е добра публика за во иднина, истакна Михајловски и ја најави следната претстава на лектирниот театар - „Аладин“ во режија на Бојан Трифуновски.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Мицкоски: Најдовме купец, АЛТА банка ќе биде спасена до крајот месецот

Премиерот Христијан Мицкоски очекува Алта банка наскоро да добие нов сопственик, нагласувајќи дека веќе има заинтересиран купувач. 

Мицкоски: Најдовме купец, АЛТА банка ќе биде спасена до крајот месецот

Со тоа вели нема да се реализира сценариото за стечај, за кое според него се залагала опозицијата. Мицкоски посочи дека поминал тридневниот рок за известување на српскиот регулатор, а сега тече десетдневниот рок по кој Народната банка треба да ги понуди акциите на продажба преку Македонската берза. Потоа следуваат уште пет дена за лиценцирање на потенцијалните понудувачи. Аукцијата, како што најави Мицкоски се очекува кон крајот на месецов или почетокот на идниот.

- И денеска сум голем оптимист дека, за жал, од опозицијата ќе бидат разочарани, бидејќи нивните црни сценарија и обиди банката да отиде во неизвесност, односно во стечај, нема да се реализираат. Односно, ќе имаме финансиска институција, банка којашто ќе биде сопственик на Алта банка. Значи, ќе ја спасиме банката – тоа е многу важно и за доверителите, но и за луѓето коишто се во, би рекол, некаква релација со Алта банка. А тоа е лоша вест за нашата опозиција којашто се молеше и на дневна основа водеше кампања дека банката ќе банкротира, ќе отиде во стечај итн.,- Христијан Мицкоски – претседател на Влада.

Кој е заинтересираниот купувач не е познато, а претходно, гувернерот Трајко Славески изјави дека интерес покажале шест инвеститори, меѓу нив и две домашни банки.

Во меѓувреме, Алта банка од денеска ги отвори вратите и во Тетово и Струмица, за шалтерска исплата до 20.000 денари за клиентите кои немаат платежни картички. Од денеска, зголемен е и неделниот лимит за користење на картичките и подигнување пари од банкоматите од 15 на 20 илјади денари.Но првиот ден од проширувањето на шалтерската мрежа не помина без проблеми..Слична слика како и во Битола, денеска имаше во експозитурата во Струмица, редици граѓани пред банката и незадоволство. Дел од граѓаните утрово реагираа дека чекале со часови, бидејки на шалтерите ниту во банкоматите немало пари, па се очекувало тие да бидат донесени од Скопје.

- Внатре немаат пари, ниту пак во банкомат има.

- Од 7 саат чекам тука и што да правам болна жена ако ми стане лошо кој ќе одговара?

- Таму нема на шалтерите, чекаат од Скопје да донесат, а кога ќе дојдат не знам.

Од Народната банка попладнево соопштија дека проблемот бил решен и дека исплатите на сите шалтери продолжиле да се одвиваат непречено. Велат дека во експозитурата во Струмица на почетокот на работниот ден имало краткотрајно доцнење поради логистичка организација, по што исплатата продолжи согласно предвидената динамика.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Трамп планира да се сретне со Путин и Си во Кина следната недела

Доналд Трамп, Владимир Путин и Си Џинпинг би можеле да се сретнат во Кина следната недела за да разговараат за завршување на војната во Иран.

Трамп планира да се сретне со Путин и Си во Кина следната недела

Трамп им рече на новинарите дека очекува да се сретне со рускиот и кинескиот лидер на азиско-пацифичкиот самит во Шенжен, Кина, закажан за 18 и 19 ноември.

„Тоа ќе биде интересно. Ќе разговараме за многу работи, вклучително и за денуклеаризација. Се обидуваме да ја завршиме војната во Иран“, кажа Трамп.

Идејата за ваков самит прв ја предложи Путин, кој притоа сакал да се разговара за завршување на војната во Украина. Кремљ на 21 октомври соопшти дека се прават подготовки за ваква средба

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Инфлацијата во октомври 3,3%, соопшти ДЗС

Инфлацијата во октомври според индексот на трошоците на животот бележи зголемување од 3.3  отсто во однос на истито месец лани, додека индексот на цените на мало бележи зголемување од 3.2  отсто, соопшти Државниот завод за статистика.

Инфлацијата во октомври 3,3%, соопшти ДЗС

На годишно ниво најмногу поскапело горивото. Според статистичките податоци, транспортот во октомври годинава е за 9,5 отсто поскап во однос на лани. Трошоците за рекреација, спорт и култура се зголемиле за 8,5 отсто, а за образование над 5 отсто.

На месечно ниво инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во октомври 2026 година, во однос на септември 2026 година, изнесува 0.4 отсто, индексот на цените на мало е повисок за 0,2 отсто.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер