„Преспа што нè поврзува“ - Светскиот ден на езерата одбележан во Ресен - Канал 5

„Преспа што нè поврзува“ - Светскиот ден на езерата одбележан во Ресен

Културата на еден регион е нераскинливо поврзана со природната средина во која се развивал. Таков е и случајот со Преспа - простор каде природата, традицијата и културата со векови се испреплетуваат и создаваат единствен идентитет.

„Преспа што нè поврзува“ - Светскиот ден на езерата одбележан во Ресен

(Ресен, 03.09.2026) Во предвечерјето на Светскиот ден на езерата, кој се одбележува на 27 август, во Ресен се одржа јавната манифестација „Мојот дел од природата“, организирана од Македонското еколошко друштво (МЕД), Општина Ресен и Националниот парк „Галичица“ во рамки на проектот „Иницијатива за зелена и сина Преспа - Зајакнување на заштитата преку истражување, едукација и комуникација“, финансиран од Европската Унија (ЕУ) и кофинансиран преку Фондот за природа „Преспа - Охрид“ (ПОНТ). Замислен како точка на поврзување меѓу институциите, организациите, локалната заедница и сите оние кои се грижат за иднината на Преспа, настанот покажа дека кога ќе се поврзат луѓето, знаењето, природата и културата – Преспа има што да каже пред светот.

Манифестацијата започна со воведни обраќања на градоначалникот на Општина Ресен, Јован Тозиевски, и извршната директорка на Македонското еколошко друштво, Робертина Брајаноска, кои ја истакнаа важноста на заедничкото дејствување за зачувување на природното наследство и создавање услови за одржлив развој на регионот.

Во рамки на настанот беше потпишана и Декларацијата за основање на Прекугранична работна група за шуми, чија цел е создавање заедничка платформа за дијалог, размена на знаења и информации и координирање активности поврзани со зачувувањето, обновувањето и следењето на шумите во поширокиот преспански регион.

Декларацијата првично ја потпишаа Националниот парк „Галичица“, Македонското еколошко друштво, Друштвото за заштита на Преспа (SPP) од Грција и Друштвото за заштита и зачувување на природната средина во Албанија (PPNEA). Со потпишувањето, партнерите ја потврдија својата заложба за зајакнување на регионалната соработка во заштитата, обновувањето и одржливото управување со шумите.

Следуваше панел-дискусијата „Зачувување и одржливо управување со природното наследство на Преспа“, на која се разговараше за состојбите, предизвиците и можностите за заштита на природното богатство и одржливото управување со природните ресурси на регионот. На панелот учествуваа Ајман Ал Малла, раководител на Секторот за животна средина при Општина Ресен; Андон Бојаџи, раководител на Одделението за заштита на природата при ЈУ Национален парк „Галичица“; Драган Арсовски, раководител на Програмата за знаење и наука при Македонското еколошко друштво; и Маријана Милевска, проектна менаџерка во Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) за проектот „ЕУ за Преспа“.

Паралелно со програмата, посетителите имаа можност да ги запознаат локалните производи и природните богатства на Преспа преку штандовска презентација на локални производители, заштитени подрачја и граѓански организации. На овој начин, манифестацијата ги поврза заштитата на природата со локалната економија, традицијата и потенцијалите за одржлив развој.

Посебно внимание беше посветено на најмладите. Во соработка со основните училишта „Мите Богоевски“ и „Гоце Делчев“ од Ресен беше организиран турнир во друштвената игра „Преспа“, преку кој учениците имаа можност на забавен и интерактивен начин да учат за природното наследство на својот регион. Финалето на турнирот се одигра на големо платно пред публиката на градскиот плоштад.

Вечерната програма заврши со музичка прослава на локалната култура. Присутните уживаа во автентичната староградска музика на составот „Персиди“, а потоа и во поп- рок репертоарот на ресенскиот бенд „Пуш Пауза“.

На манифестацијата ѝ претходеа и две теренски посети со граѓанско учество. Дваесетина граѓани од регионот учествуваа во набљудување на птици на локалитетот Сирхан, со поглед кон северното преспанско крајбрежје и Паркот на природата „Езерани“, додека следниот ден беше реализиран мониторинг на желки во околината на селата Љубојно и Долно Дупени. Активностите им овозможија на граѓаните директно да се запознаат со научно-истражувачката и мониторинг работата што се спроведува за подобро разбирање и зачувување на природата на Преспа. Со „Мојот дел од природата“, Преспа уште еднаш се покажа како простор што ги поврзува луѓето и култура. Можеби секој од нас има различен „дел од природата“, но Преспа е заедничка. Нејзиното природно наследство е заедничка одговорност, а нејзината иднина зависи од сите нас - од нашата подготвеност да соработуваме, да се грижиме и заеднички да ја градиме Преспа што ќе ја оставиме на идните генерации.

Манифестацијата се одржа во рамки на проектот „Иницијатива за зелена и сина Преспа - Зајакнување на заштитата преку истражување, едукација и комуникација“, финансиран од Европската Унија (ЕУ) во рамки на програмата „ЕУ за Преспа“ и кофинансиран преку Фондот за природа „Преспа - Охрид“ (ПОНТ). Партнери во имплементацијата на проектот се Македонско еколошко друштво, Општина Ресен, Националниот парк „Галичица“, Друштвото за заштита на Преспа (SPP) од Република Грција и Друштвото за заштита и зачувување на природната средина во Албанија (PPNEA) од Република Албанија. Имплементацијата на проектните активности е поддржана од Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија и Националниот парк „Пелистер“.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Унгарија ги исполни условите на Брисел: Ќе добие 4,2 милијарди евра

Европската комисија одобри исплата на 4,2 милијарди евра од кохезионите фондови за Унгарија и го врати нејзиното учество во програмите „Еразмус+“ и „Хоризонт Европа“. 

Унгарија ги исполни условите на Брисел: Ќе добие 4,2 милијарди евра

Оваа одлука уследи по спроведувањето реформи од страна на владата на премиерот Петер Маѓар – реформи што Брисел ги оцени како доволни за исполнување на барањата поврзани со владеењето на правото, пренесува „Еуроњуз“.

Брисел ги замрзна овие средства во 2022 година поради загриженост во врска со корупцијата и системот за јавни набавки за време на мандатот на поранешниот премиер Виктор Орбан. Денешната одлука го отвора патот Унгарија повторно да се вклучи во програмата за размена на студенти „Еразмус+“ и во иницијативата за финансирање истражувања „Хоризонт Европа“.

Во 2022 година, Европската унија суспендираше 4,2 милијарди евра од кохезионите фондови за Унгарија врз основа на механизмот за условеност. Причините наведени во тоа време вклучуваа недостатоци во системот за борба против корупцијата, судир на интереси и неправилности во јавните набавки.

Премиерот Петер Маѓар, кој ја презеде функцијата во април по убедливата изборна победа, за време на кампањата вети дека ќе ги одблокира средствата од ЕУ што беа замрзнати за време на 16-годишното владеење на Виктор Орбан.

Фон дер Лајен: Реформите даваат резултати

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го поздрави напредокот на Унгарија.

„Унгарија презеде важни чекори за зајакнување на владеењето на правото и заштита на финансиските интереси на Унијата“, изјави таа.

„Денес предлагаме одмрзнување на 4,2 милијарди евра и повторно отворање на вратите кон ’Еразмус+‘ и ’Хоризонт Европа‘ за унгарските студенти и истражувачи. Мило ми е што тие повторно ќе можат целосно да ги искористат можностите што ги создава нашата Унија. Ова покажува дека реформите даваат резултати“, изјави Фон дер Лајен.

Во мај, Маѓар и Фон дер Лајен се договорија за план за исплата на вкупно 16,4 милијарди евра, условен со исполнување на клучни цели поврзани со владеењето на правото. Од Унгарија се бараше да исполни 27 таканаречени „супер-цели“ и над 100 други услови.

Кон крајот на август, Будимпешта објави дека ги исполнила сите услови, вклучително и решавањето на статусот на фондациите за управување со имот од јавен интерес (KEKVA). Ова се однесува на правна структура што владата ја користеше за да преземе контрола врз јавните институции, вклучително и универзитетите. Преостанати предизвици

Покрај одобрените средства, Унгарија бара да се ослободат 10 милијарди евра од фондовите за закрепнување. Европската комисија во моментов го разгледува тоа барање. Уште 2 милијарди евра од кохезионите фондови остануваат блокирани поради загриженоста во врска со унгарскиот систем за азил, законодавството за заштита на децата и академските слободи. Премиерот Маѓар вети дека неговата влада ќе ги реши овие прашања до крајот на годината.

Извор: Индекс.хр

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

СДСМ: Тошковски бара ЕУ да нè гледа како другите - ЕУ гледа банда на власт, тоа не е народот

Министерот за полиција излезе пред амбасадори и рече: време е и за нас да важат истите принципи. 

СДСМ: Тошковски бара ЕУ да нè гледа како другите - ЕУ гледа банда на власт, тоа не е народот

Правда. Правичност. Реципроцитет. Личен пример во полиција, суд, обвинителство.

Тошковски мора да разбере едно. Брисел не го меша народот со ВМРО-ОКГ.

Народот го гледа како народ. Власта ја гледа како организирана криминална група што ги држи институциите.

Затоа извештајот е катастрофален токму за мешање во правосудство. Затоа реформите стојат.

Затоа вториот рок истече. Затоа Македонија чека во место.

Народот не е бандата. Не смее Тошковски да ги изедначува.

ЕУ ги гледа граѓаните исто како граѓаните на другите земји, ама бандата не смее да биде на власт. Бандата не спроведува реформи. Ја узурпира полицијата. Судот. Обвинителството.

Во ЕУ премиерот не поставува обвинител преку телевизор. Не наредува политички прогон од собраниска говорница. Владата не превезува пет тони дрога преку граница. Не поставува луѓе со криминално минато за почесни конзули, па им дава да земаат народни пари за броила.

Нема во ЕУ министерка дваесет години во мрежата на Лазаревиќ што бара извинување наместо регистар. Нема премиер што ходникот го продава како самит.

Тошковски зборува за личен пример во институцијата во која е. Неговата институција хиперхлорираше вода во Гостивар и единаесет недели нема извештај. Неговата институција снима „safe city“ додека 5 тони товар минува преку граница. Неговиот бодигард на шефот на бандата излегува без казна. Тоа е личниот пример.

Принципите што ги бара веќе важат за држави каде што полицијата не е партиска, судот не е на телефон, обвинителот не се именува од екран.

Затоа ЕУ не нè гледа како нив. Гледа банда на клучевите. Народот го гледа зад бандата.

СДСМ е со граѓаните. Патот кон Унијата е слободен суд, слободно обвинителство, граница што одговара, конзул што не ја продава струјата. Не лекција од министер на организирана криминална група.

Кога бандата си оди, ЕУ ќе нè гледа како другите. Дотогаш гледа точно што има: Тошковски, Мицкоски, ВМРО, криминал и корупција, се наведува во партиската реакција.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Обвинителството отвори истрага за насилството врз докторот Дејан Огненовиќ

Вчера Канал 5 објави сторија за насилството врз гинекологот од поликлиниката „Букурешт“, Дејан Огненовиќ. Денеска ОЈО отвори истрага. 

Обвинителството отвори истрага за насилството врз докторот Дејан Огненовиќ

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение за сторено кривично дело – Насилство од член 386 став 6 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Според доказите обезбедени до овој момент, на 16 септември, во приватна ординација во склоп на поликлиниката “Букурешт”, осомничениот извршил грубо насилство врз, лекар-гинеколог кој бил на неговото работно место. Му се заканували физички го нападнал со повеќе удари, а предизвикал чувство на несигурност, загрозеност и страв и кај други присутни во ординацијата.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување повеќе мерки на претпазливост со цел обезбедување на осомничениот и забрана тој да се приближува до оштетениот и ординацијата, се наведува во соопштението на ОЈО.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер