„Неми слики – жива музика“ – уникатен концерт во Дебар на Пламенка Трајковска – гудачки квартет - Канал 5

„Неми слики – жива музика“ – уникатен концерт во Дебар на Пламенка Трајковска – гудачки квартет

На 10 јуни (среда), со почеток во 19.00 часот, во Центарот за култура – Дебар ќе се одржи мултимедијалниот концерт „Неми слики – жива музика“ единствен музички проект посветен на уметноста на немиот филм.

„Неми слики – жива музика“ – уникатен концерт во Дебар на Пламенка Трајковска – гудачки квартет

Пред публиката ќе настапи Пламенка Трајковска – гудачки квартет, кој во живо ќе изведува музика синхронизирана со проекција на избрани неми филмови. Концертот претставува ретка можност публиката да го доживее спојот на филмската и музичката уметност, на начин што потсетува на традицијата од почетокот на 20 век, кога музиката изведена во живо била неразделен дел од секоја филмска проекција.

Настанот е во организација на Центарот за култура – Дебар, и е поддржан од Министерството за култура и туризам.

Автор на проектот е Пламенка Трајковска – виолинистка, композитор, членка на Филхармонијата и основач на музичката организација „Пламенка Трајковска – мали камерни состави“. Во својата долгогодишна кариера таа реализира бројни оригинални концертни и мултимедијални проекти, насочени кон доближување на класичната музика до пошироката публика преку современи и иновативни концертни концепти.

Во составот на гудачкиот квартет настапуваат: Пламенка Трајковска – виолина, Милена Гиевска Андоновска – виолина, Љубица Бошкоска – виола и Александра Јаневска – виолончело

На програмата се најпознатите музички теми поврзани со ерата на немиот филм, регтајм композиции, како и авторска музика за нем филм од Пламенка Трајковска, специјално компонирана и аранжирана за гудачки квартет.

Немиот филм претставува едно од најзначајните културни наследства од почетокот на минатиот век, а музиката во него има суштинска драматуршка улога. Изведбата на оригинална и адаптирана музика во живо, во синхронизација со филмската проекција, претставува голем уметнички предизвики истовремено создава ново и автентично концертно искуство.

Проектот „Неми слики – жива музика“ ја афирмира класичната музика во современ контекст и отвора нови можности за нејзино приближување до различни генерации публика, обединувајќи ги филмската уметност, музичката традиција и современата концертна интерпретација.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Синер прв, Ѓоковиќ на 12 местот на листата на АТП

Најтрофејниот светски тенисер во историјата, Новак Ѓоковиќ, го задржа 12-тото место на најновата АТП-листа со 2.980 бода, додека Италијанецот Јаник Синер останува на првото место со 11.500 бода. 

Синер прв, Ѓоковиќ на 12 местот на листата на АТП

Шампионот од Грен слемот во Њујорк, Германецот, Александар Зверев ја држи втората позиција со 9.690 бода, додека Шпанецот Карлос Алкараз е трет со 5.560.

Американецот Бен Шелтон останува четврти во светот, а Канаѓанецот Феликс Оже-Алијасим се наоѓа на петтото место.

Меѓу топ десетте најдобри светски тенисер се и Русинот, Данил Медведев, Италијанецот Флавио Коболи, Американецот Френсис Тиафо, Австралиецот Алекс де Минор и уште еден Американец, Тејлор Фриц.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Разбиена криминална група за шверц на лекови, полициска акција во Скопје, Тетово и Гевгелија

Разбиена криминална група осомничена за шверц на лекови..

Разбиена криминална група за шверц на лекови, полициска акција во Скопје, Тетово и Гевгелија

Во акцијата која се спроведува на повеќе локации во Скопје, Тетово и Гевгелија според првичните и неофицијални информации упасени се шест лица а се трага по уште неколкумина.

Според се уште неофицијалните информации, при претресите во Скопје и Тетово полицијата пронашла магацини со лекови и кај еден правен субјект и машина за екстракција на масло.

Полициската акција од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, под раководство на ОЈО ГОКК ја потврдуваат од МВР но засега само со информација дека е насочена кон сузбивање на криминална група инволвирана во криумчарење на стоки и извршување на коруптивни кривични дела.

Од обвинителството информираат дека акцијата е под раководство на јавен обвинител од специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција и дека во тек се претреси и други истражни дејствија на повеќе локации по што ќе следува детална информација

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Клековски: Што ќе добијат пациентите со дигиталното здравство - податоците го следат пациентот

Што ќе добијат пациентите со дигиталното здравство - податоците го следат пациентот, а пациентот одлучува кој ги гледа.

Клековски: Што ќе добијат пациентите со дигиталното здравство - податоците го следат пациентот

Во организација на Министерството за здравство денес во Свечената сала на Владата беше претставена Стратегијата за дигитално здравство 2026–2030 на лекари, пациентски организации, комори, институции и ИТ експерти. Во центарот на стратегијата е пациентот. Целта е до 2030 година секој граѓанин да има пристап до своите здравствени податоци, а секој лекар да ја има целосната информација во моментот кога го лекува пациентот.

Денес пациентот ја носи својата историја од шалтер до шалтер. Наодот од приватната лабораторија, снимката направена во друга болница и терапијата препишана надвор од упатниот ланец често не се пред лекарот кога тој одлучува. Анализата на која се заснова стратегијата го опишува системот како „функционално оперативен, но структурно фрагментиран“. „Мој термин“, Фондот и регистрите на Институтот за јавно здравје работат, но не разменуваат податоци меѓу себе, истакна министерот за здравство, Сашо Клековски.

Што ќе значи тоа за пациентите и кои се бенефитите:

Податоците го следат пациентот. Податоците ќе одат со пациентот од матичниот лекар до специјалистот, болницата, лабораторијата и аптеката. Пациентот нема да ја раскажува историјата одново, а истите анализи нема да се прават двапати.

Своето досие на интернет. Преку надградениот портал „Мое здравје“ граѓаните ќе имаат пристап до своето здравствено досие, покрај термините и е-рецептите што се достапни денес. Потоа ќе следат и консултации на далечина.

Пациентот одлучува за своите податоци. Здравствените податоци се сметаат за дел од личноста. Секој ќе може да види кој ги отворил неговите податоци, да побара исправка на грешка, да овласти претставник и да даде или повлече согласност. Овие права ќе бидат уредени со закон.

Еднаков пристап за сите. Телемедицината ќе добие правна основа, а хроничните пациенти ќе можат да се следат на далечина, особено во руралните средини без редовен пристап до специјалист. Услугите ќе бидат прилагодени за лица со попреченост, а за постарите лица и за граѓаните што не користат дигитални услуги ќе останат достапни и класичните канали.

Превенција навреме. Благовремените податоци за опфатот со скрининзи и за ризиците ќе овозможат болестите да се откриваат порано, а превенцијата да се насочи таму каде што е најпотребна.

„Стандардите и системите ги правиме ние. Разликата ја чувствува пациентот — или не ја чувствува. Тоа е мерката“, изјави министерот за здравство Сашо Клековски. „Ова не е проект за нови компјутери. Сакаме системите што веќе ги имаме да почнат да работат заедно, за пациентот и за лекарот.“

Стратегијата содржи 5 приоритети, 38 мерки и 152 активности. Во 2026–2027 година се поставуваат основите: законите, институциите и стандардите. Главната имплементација, вклучувајќи го „Мое здравје“, е предвидена за 2028–2029 година. Стратегијата е усогласена со Европскиот простор за здравствени податоци, што ќе им овозможи на граѓаните по пристапувањето во ЕУ нивните податоци да бидат достапни и кога се лекуваат во друга држава-членка.

Стратегијата е изработена во рамки на проектот „Надградба на системот за е-здравство“, финансиран од Европската Унија преку ИПА III. Проектот го спроведуваат консултантските компании Гномон и АСЕЕ. Коментарите од денешната консултација ќе бидат вградени во ревидираната верзија, која ќе биде доставена до Владата на усвојување.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер