Неколку идеи за генијален ручек на море без премногу готвење и миење - Канал 5

Неколку идеи за генијален ручек на море без премногу готвење и миење

За време на летувањето се нарушува рутината, појадокот се одолжува до пладне, враќањето од плажа барем еден час, па прашањето што ќе се јаде се појавува кога сите веќе се гладни. Тогаш ретко кој сака да застане покрај шпорет и да мие тави и садови.

 Неколку идеи за генијален ручек на море без премногу готвење и миење

Добриот летен ручек не мора да биде комплициран, но мора да биде брз, вкусен и доволно практичен за истите состојки да можат да се користат во неколку различни јадења.

Ладни тестенини кои стануваат подобри додека чекаат во фрижидерот

За прв ручек, потребни ви се тортелини тестенини, туна во маслиново масло, мини моцарела, домати и лимон. Тестенините сварете ги пред да се упатите на плажа, исцедете ги и оставете ги да се оладат. Додадете ја исцедената туна, преполовените топчиња моцарела и исечканите домати, и зачинете сè со сок од лимон, маслиново масло, сол и црн пипер. Ако имате лук, маслинки или сушен зачин, слободно додајте ги.

Предноста на овој ручек е што не мора веднаш да го јадете. Ладната тестенина може да се чува во фрижидер неколку часа, а вкусовите уште подобро ќе се поврзат за тој период. Можете да го понесете и на плажа, под услов да го чувате во ладилник.

Пилешко за цело семејство

Ако сепак сакате топол ручек, комбинацијата од пилешки гради, басмати ориз, бебешки спанаќ и обичен јогурт го решава проблемот за дваесет минути. Исечете го пилешкото на мали парчиња и пржете го во тава, потоа додајте го спанаќот и неколку лажици вода. Сервирајте со варен ориз и сос од јогурт, лимон, сол и црн пипер. Ќе добиете комплетен оброк, без долго готвење.

Сите намирници на едно место

Уште една ситуација што дефинитивно сакате да ја избегнете на море е потрагата по намирници. Откако конечно ќе смислите што ќе готвите, постојат две ситуации што можат да го нарушат целиот план. Првата е токму тој производ да не е достапен во продавницата и да мора да одите во друга, па купувањето тогаш може да стане напорно.

Друга ситуација е да се најдете во непозната продавница во сред сезона и вашиот паричник да не е подготвен за неочекуваните трошоци што локалните продавници ги наметнуваат. Во двата случаи, нешто што треба да биде едноставен летен ручек, значително ги комплицира работите и може да го наруши понатамошното планирање на одморот.

Затоа сите намирници ги бараме на едно место.

Ручек кој изгледа како да сте вложиле многу труд

За деновите кога сакате нешто малку поинакво, но едноставно, можете да подготвите филети од лосос со лимон и ориз. Лососот се готви за неколку минути, и пред крајот додавате малку сок од лимон. Сервирајте го со басмати ориз и кратко бланширан спанаќ. Тоа е јадење што изгледа речиси како во ресторан, иако ви треба само една тава и едно тенџере.

Овде можете да ја видите предноста на планирањето на неколку оброци од поврзани намирници. Оризот, лимонот и спанаќот што сте ги купиле за пилешкото може да се користат и со лососот, така што не мора да полните нова кошничка за секој ручек.

Кога готвењето изгледа премногу амбициозно...

Има денови кога готвењето изгледа како премногу амбициозен план. Тогаш на чинија ставете мортадела, полутврдо сирење или моцарела, солени крекери, домат и исечени нектарини. Можете да спремите таков ладен ручек за пет минути, а секој на масата зема што му одговара.

Паметно купување за неколку различни оброци

Најлесниот начин да заштедите пари на одмор не е прескокнување на ручекот, туку да изберете намирници што може да одиграат повеќе улоги. Лимонот може да заврши во салата од тестенини, сос од јогурт и со печен лосос. Моцарелата може да се додаде во тестенина, да се сервира на ладна чинија или да се комбинира со домат за брза вечера. Оризот може да се комбинира со пилешко и риба, додека преостанатиот јогурт може да стане појадок со овошје следното утро.

Пред да одите во продавница, добро е да го погледнете каталогот и да напишете краток список, наместо да донесувате одлуки гладни покрај полиците.

Летниот ручек не треба да изгледа како кулинарски проект. Доволно е да се комбинираат неколку добри состојки, да се осигурате дека можат да се користат повеќе од еднаш и да изберете садови што не бараат часови поминати во кујната. Така не се фрла премногу храна, остануваат помалку садови за миење и, што е најважно, имате повеќе време за она за кое всушност сте отишле на одмор.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Министерството за здравство обезбедува континуитет во снабдувањето со сензори за гликемија

МЗ ја проширува достапноста на современата терапија за лицата со дијабетес.

Министерството за здравство обезбедува континуитет во снабдувањето со сензори за гликемија

Министерството за здравство континуирано работи на унапредување на грижата за лицата со дијабетес, преку обезбедување современа терапија, медицински помагала и подобри услови за следење и контролирање на болеста.

Со последната јавна набавка, сензори за следење гликемија се обезбедени за 800 лица со дијабетес тип 1, согласно Програмата за дијабетес и заклучоците на националната комисија за дијабетес. Јавната набавка, склучена во април, годинава, важи до април 2028 година. Со последната јавна набавка е обезбедена современа инсулинска и антидијабетична терапија со зголемени количини.

Во тек на мај и јуни, годинава, е извршена и замена на сите трансмитери согласно протоколот, а на пациентите вклучени во Програмата им се распределени количини на сензори за шестмесечен период, односно до декември 2026 година. Пациентите ги подигнуваат сензорите во инсулинските аптеки, согласно утврдениот режим.

Со сензори се опфатени лицата со дијабетес тип 1 до 25-годишна возраст, бремени жени со дијабетес тип 1, слепи лица со дијабетес тип 1, како и лица со дијабетес тип 1 кои имаат најтешки компликации и коморбидитети.

На овој начин, согласно расположливите буџетски средства, приоритетно се опфатени најранливите категории пациенти за да се обезбеди континуирано следење на нивото на гликемија и подобро управување со болеста.

Потсетуваме дека сензорите за континуирано следење на гликемијата првпат беа обезбедени во 2023 година за 650 пациенти, додека со јавната набавка во 2026 година бројот на опфатени лица е зголемен на 800.

Министерството за здравство останува отворено за комуникација со пациентските организации и ќе продолжи со напорите за подобрување на грижата за лицата со дијабетес.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Потврдена поддршката на Полска за европскиот пат на Македонија

Денеска во Собранието, Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Полска одржа средба со потпретседателот на полскиот Сејм, Шимон Холовња и делегацијата.

Потврдена поддршката на Полска за европскиот пат на Македонија

На средбата покрај претседателката на Групата, Даниела Николова, присуствуваа и членовите: Оливер Спасовски, Весна Бендевска, Жан Дрвошанов и Драгана Бојковска.

Претседателката на Групата, Николова, им посака добредојде на потпретседателот Холовња и на членовите на полската делегација, изразувајќи задоволство од можноста за средба и размена на мислења. Таа ги истакна добрите и пријателски односи меѓу Република Македонија и Република Полска, нагласувајќи ја потребата од нивно натамошно продлабочување и унапредување.

Потпретседателот на полскиот Сејм, Холовња, се заблагодари за топлото добредојде потврдувајќи ја полската поддршката на патот кон ЕУ. Тој истакна дека земјата има значајно искуство во надминувањето на предизвиците и изнаоѓањето решенија за сложени прашања, изразувајќи надеж дека во блиска иднина ќе се надминат и отворените прашања со Република Бугарија.

Соговорниците ја истакнаа досегашната соработка помеѓу двете земји во областа на економијата, туризмот и образованието, исто така, беше нагласена и потребата од нејзино проширување и продлабочување во повеќе сектори и тоа не само на ниво на билатерална соработка туку и на ниво на работни тела/комисии бидејќи тие се сржта на парламентаризмот.

Томаш Глоговски, претседателот на Пратеничката група за соработка Полска – Балкан во полскиот Парламент, ја потврди поддршката за европските интеграции на Република Македонија. Тој истакна дека ги разбира предизвиците со кои се соочува земјата во моментот на евроинтегративниот пат, изразувајќи надеж дека во блиска иднина ќе се најде заемно прифатливо решение.

На крајот на средбата, соговорниците изразија подготвеност за продолжување на соработката преку интензивирање на меѓусебните контакти и размена на искуства, со цел зајакнување на билатералните односи и продлабочување на пријателските врски меѓу двете земји.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

„Приказни што оживуваат“: Децата го истражуваат надреалистичкиот свет на Салвадор Дали

Креативниот центар „Сончогледи“ продолжува со реализација на циклусот креативни работилници „Приказни што оживуваат – уметност, литература и пантомима за деца“, поддржан од Град Скопје. 

„Приказни што оживуваат“: Децата го истражуваат надреалистичкиот свет на Салвадор Дали

Второто издание од циклусот ќе биде посветено на Салвадор Дали, еден од највпечатливите претставници на надреализмот, чие творештво ја истражува границата меѓу реалноста, соништата и фантазијата.

Работилницата наменета за деца и млади над 6 години ќе се одржи во четврток, 29 октомври, со почеток во 18 часот, во просториите на креативниот центар „Сончогледи“, во Т.Ц. Олимпико, Тафталиџе.

Преку раскажување, набљудување и анализа на уметнички дела, децата и младите ќе се запознаат со животот и творештвото на Дали, неговиот необичен уметнички израз и светот на надреалистичката имагинација. Дел од неговата лична приказна ќе биде претставен преку глума и пантомима, со што литературата, ликовната уметност и сценскиот израз ќе се поврзат во едно интерактивно креативно искуство.

Практичниот дел од работилницата ќе биде посветен на сликањето со акрилни бои. Инспирирани од надреалистичките визии на Дали, учесниците ќе создаваат сопствени дела, експериментирајќи со формите, боите и неочекуваните комбинации. На тој начин, преку непосредно искуство и слободно творештво, ќе имаат можност да ја развиваат својата визуелна перцепција, креативно размислување и личен уметнички израз.

Циклусот „Приказни што оживуваат“ има за цел да им овозможи на децата и младите да ја доживеат уметноста како простор за истражување, прашања, имагинација и сопствено творештво, поврзувајќи ги литературата, ликовната уметност и пантомимата на пристапен и инспиративен начин.

Работилницата ќе ја водат Марина Туфекчиевска, комуниколог и дипломиран филолог по општа и компаративна книжевност; Кристина Таневска, визуелен уметник, ликовен педагог – вајар и магистер по сликарство; и Метo Јанакиевски, историчар на уметност и пантомимичар.

Учеството на работилницата е бесплатно.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер